ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w07 15/9 стр. 8-10
  • Учете ги децата од срце да го сакаат Бог

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Учете ги децата од срце да го сакаат Бог
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Отворено разговарајте
  • Дајте добар пример
  • Помогнете им на децата да го запознаат Бог
  • Помогнете им во изборот на друштво
  • Одете со нив во служба
  • Родители — помогнете им на своите деца да го сакаат Јехова
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Да се изгради духовно јако семејство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Воспитувај го своето дете уште од најраното детство
    Тајната на семејната среќа
  • Како да ги воспитувате децата
    Твоето семејство може да биде среќно
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
w07 15/9 стр. 8-10

Учете ги децата од срце да го сакаат Бог

ДЕНЕСКА, никому не му е лесно да задржи близок однос со Јехова Бог (Псалм 16:8). Како што е проречено, живееме во „особено тешки времиња“. Луѓето ‚повеќе ги сакаат уживањата отколку Бог‘ (2. Тимотеј 3:1-5). Затоа, веќе ретко се наоѓа човек што вистински го сака Бог.

Ако имаме желба нашите деца од срце да го сакаат Бог, мора да вложиме многу време и труд. Мора да им помогнеме да го засакаат Јехова. Како?

Отворено разговарајте

Основен услов за да им помогнеме на децата да го засакаат Бог е самите ние од сѐ срце да го сакаме (Лука 6:40). Тоа се гледа од следниве зборови во Библијата: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила. И овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца“ (5. Мојсеева 6:4-7).

Како да му помогнеме на своето дете искрено да го засака Бог? Прво, мора да согледаме што лежи во срцето на нашето дете. Второ, тоа треба да види што лежи во нашето срце.

Кога одел кон селото Емаус со двајца свои ученици, Исус Христос прво ги поттикнал да се искажат на што се надеваат и што ги загрижува. Дури откако внимателно ислушал сѐ што имале да кажат Исус ги поправил таму каде што грешеле, објаснувајќи им го Светото писмо. Подоцна тие рекле: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше?“ Овој пример покажува што вклучува еден отворен разговор (Лука 24:15-32). Како да согледаме што чувствува нашето дете?

Неодамна замоливме неколку родители, чии деца се полнолетни или набрзо ќе станат полнолетни и служат за пример во духовноста, да ни кажат нешто околу тоа. Еден од тие родители е Глен, кој живее во Мексико и има четири возрасни деца.a Тој ни рече: „До отворена комуникација меѓу родителите и децата не доаѓа автоматски. Јас и жена ми одлучивме да го сведеме на минимум времето што ќе го трошиме на поневажни работи за да ни остане повеќе време за нашите деца. Кога беа тинејџери, се случуваше по цела вечер да си зборуваме за сѐ што ќе им текнеше. Исто и кога јадевме, внимателно ќе слушавме околу што им се вртат разговорите за да увидиме каде имаат проблем со размислувањето или со однесувањето, а потоа љубезно ќе им помогневме да си го исправат ставот, често дури и без самите да се свесни за тоа“.

Отворено да се разговара со децата значи и да им помогнеме да видат што лежи во нашето срце. Исус рекол: „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро,.. бидејќи неговата уста го зборува она со кое му е полно срцето“ (Лука 6:45). Тошики од Јапонија, татко на три деца што се во полновремена служба, вели: „Којзнае колку пати им имам раскажано како и зошто ја прифатив вистината — зошто цврсто верувам дека Јехова постои и кои работи што ги поминав во животот ме уверија дека сѐ што пишува во Библијата е точно и дека е најпаметно да сме им послушни на советите во неа“. Синди од Мексико кажува: „Маж ми редовно се молеше со децата. Кога слушаа како од срце му зборува на Јехова, знаеја дека тој не е измислен бог“.

Дајте добар пример

Уште посилно од она што го зборуваме, врз нашите деца влијае она што го правиме, зашто тоа им покажува на дело колку вистински го сакаме Бог. Во времето на Исус, луѓето заклучиле дека тој многу го сака Јехова откако виделе колку му е послушен. Самиот Исус рекол: „Јас правам така како што ми заповеда Таткото, за да знае светот дека го сакам Таткото“ (Јован 14:31).

Во врска со тоа Герет, Јеховин сведок од Велс, рече: „Децата мора со свои очи да видат дека го сакаме Јехова и дека вистински се трудиме да постапуваме како што кажува тој. На пример, моите деца гледаат дека јас секогаш си ги признавам грешките, затоа што сум свесен дека Јехова го очекува тоа од мене. Сега гледам дека и тие се трудат да го прават истото“.

Грег од Австралија вели: „Сакаме децата да видат дека вистината ни е најважното нешто во животот. Што и да планираме, било за работа било за разонода, секогаш прво гледаме како ќе се одрази тоа врз нашите христијански обврски. Сега забележуваме дека и ќерката, која има 19 години, го прави истото додека служи како помошен пионер, и многу ни е мило што е така“.

Помогнете им на децата да го запознаат Бог

Не можеме да го сакаме или да имаме доверба во некого што не го познаваме. За да ги поттикне христијаните во Филипи уште повеќе да го сакаат Јехова, апостол Павле им напишал: „И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да расте во доброто познавање и во потполното сфаќање на Божјата волја“ (Филипјаните 1:9). Фалконерио од Перу, татко на четири деца, кажува: „Децата ќе си ја зајакнат верата само ако редовно им читаме и ја проучуваме Библијата со нив. Понекогаш ќе престанев да проучувам со нив, и само по кратко време ќе забележев дека им се лади љубовта кон Јехова“. Гери од Австралија вели: „Често им кажувам работи што се доказ дека се исполнува она што е проречено во Библијата. Им објаснувам зошто и како им користи тоа што се придржуваат за библиските мерила. Но сметам дека верата на нашите деца најмногу им се зајакнува кога редовно заедно ја проучуваме Библијата“.

Проучувањето со децата ќе има најголем ефект ако владее опуштена, но сепак достоинствена атмосфера (Јаков 3:18). „Кога проучувавме, гледавме да не им преречуваме за сенешто на децата, дури и ако беа малку немирни“, кажуваат Шон и Паулин од Британија, кои имаат четири деца. „Секојпат ќе најдевме некој нов начин да учат. Некогаш ќе им речевме самите да си изберат тема. Другпат ќе гледавме некоја од видеокасетите на Јеховината организација. Некои сцени ги стававме на пауза или повторно ги пуштавме за да може да позборуваме за нив“. Една друга мајка од Британија, по име Ким, рече: „Секогаш пред да проучуваме, добро размислувам какви прашања да им поставам на децата за да ги поттикнам да мислат. Сите едвај чекаме да проучуваме заедно. И многу се смееме“.

Помогнете им во изборот на друштво

Децата најлесно ќе го засакаат Јехова и ќе научат да ја ценат својата религија ако се често во друштво на луѓе што се блиски со Бог. Точно е дека не е лесно да се најде време и начин децата да можат да разговараат и да си играат со такви луѓе. Но трудот се исплаќа! Освен тоа, многу е добро да создаваме прилики нашите деца да се дружат со Јеховини сведоци кои го посветиле својот живот на полновремената служба. Многу од нив биле поттикнати да станат пионери токму затоа што се дружеле со други ревносни слуги на Бог. Една сестра што е мисионер вели: „Мајка ми и татко ми многу често викаа на гости пионери. Гледав колку среќни беа пионерите што се во полновремена служба, и посакав и јас да му служам на Бог исто како нив“.

Се разбира, свесни сме дека врз нашите деца влијаат како добрите така и лошите примери. Децата многу лесно може да фатат лошо друштво. А кога постои таква опасност, се гледа колку сме вешти како родители (1. Коринќаните 15:33). Вистинско мајсторство е да се научат младите да не се спријателуваат со оние што ниту го сакаат ниту го познаваат Јехова (Изреки 13:20). Шон, кого веќе го спомнавме, кажува: „Ги учевме децата да се однесуваат другарски кон другите деца на училиште, но да не стануваат блиски другари со нив. Увидоа и зошто не е паметно да се вклучат во вонучилишните активности или во некој од училиштните спортски тимови“.

Одете со нив во служба

Ако ги учиме децата слободно да разговараат со другите за своите верувања, со текот на времето ќе им причинува задоволство на тој начин да ја изразат својата љубов кон Бог. Марк, кој живее во Соединетите Држави, вели: „Сакавме да ги научиме нашите синови да разговараат со другите за своите верувања секогаш кога ќе им се укаже прилика, а не само кога сме во служба. Затоа, и во слободно време, на пример кога сме во парк или на плажа или на планина, со нас ги носиме Библиите и литература, и разговараме со луѓето што ги сретнуваме. На децата им е многу убаво кога заедно неформално сведочиме. Се вклучуваат во разговорот и објаснуваат што веруваат“.

Апостол Јован им помогнал на многу луѓе да го засакаат Бог. На постари години, тој напишал: „За мене нема поголема радост од тоа да чујам дека моите [духовни] деца живеат според вистината“ (3. Јованово 4). Ако ги научиме нашите деца од срце да го сакаат Бог, сигурно и ние ќе се чувствуваме исто како него.

[Фуснота]

a Некои имиња се сменети.

[Слики на страница 9]

До отворен разговор околу верата не доаѓа случајно

[Слика на страница 10]

Учи ги децата да ја изразат својата љубов кон Бог

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Green Chimneys Farm

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели