Прашања од читателите
Во Неемија 8:10, на Евреите им било кажано да јадат „мрсно“ (Превод на МПЦ), иако во Законот во 3. Мојсеева 3:17 стоело: „Не смеете да јадете каков и да е лој“. Како можат да се усогласат овие две изјави?
На изворниот јазик, зборовите што се преведени со „мрсно“ во Неемија 8:10 и со „лој“ во 3. Мојсеева 3:17 се различни. Хебрејскиот збор ке́лев, кој во 3. Мојсеева 3:17 е преведен со „лој“, се однесува на лојот кај животните или на салото кај луѓето (3. Мој. 3:3; Суд. 3:22). Контекстот на стих 17 покажува дека Израелците не смееле да го јадат лојот што ги покривал цревата и бубрезите на животинските жртви ниту лојот од слабините бидејќи ‚сиот лој му припаѓал на Јехова‘ (3. Мој. 3:14-16). Значи, не смеел да се јаде лојот од животното што требало да му се принесе на Јехова.
Од друга страна, зборот што е преведен со „мрсно“ во Неемија 8:10 е машмани́м, и овој збор се појавува само на тоа место во Хебрејските списи. Изведен е од глаголот шаме́н, што значи „се дебелее, се здебелува“. Изгледа дека основното значење на зборовите што го содржат овој глагол е напредок и благосостојба. (Спореди со Исаија 25:6.) Еден од најчесто користените зборови изведени од овој глагол е именката ше́мен, која честопати се преведува со „масло“ (5. Мој. 8:8; 3. Мој. 24:2). Според контекстот во Неемија 8:10, се чини дека машмани́м значи храна подготвена со големо количество масло, а може да се однесува и на месо кое има малку мрсно, но не цел слој од чисто животинско сало.
Иако на Израелците им било забрането да јадат животински лој, тие можеле да јадат мрсна, вкусна храна. Некои јадења како, на пример, колачите од фино брашно, биле пржени, но не на животинска маст, туку на растително масло, честопати маслиново (3. Мој. 2:7). Затоа, Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures) објаснува дека изразот „мрсно“ овде „се однесува на мрсна храна, на храна што не била сува и посна, туку сочна, и вклучувала вкусни јадења што се подготвувале со растително масло“.
Се разбира, христијаните знаат дека забраната да се јаде лој била дел од Мојсеевиот закон. Тие не се под тој Закон, што значи дека за нив не важат и барањата што се однесувале на принесувањето животински жртви (Рим. 3:20; 7:4, 6; 10:4; Кол. 2:16, 17).