Читателите прашуваат
Зошто Бог не одговара на некои молитви?
Бог е многу пристаплив. Исто како што на еден грижлив татко му е мило кога неговите деца отворено зборуваат со него, така и Јехова Бог сака да му се обраќаме во молитва. Сепак, како и секој друг мудар татко, Бог има причини зошто не исполнува некои барања на луѓето. Дали ги крие тие причини или, пак, ни открива нешто за нив во Библијата?
Апостол Јован објаснува: „Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Она што го бараме од Бог мора да биде во склад со неговата волја. Некои се молат за работи што е сосема очигледно дека не се по Божјата волја — да добијат на лотарија или на спортска прогноза. Други се молат од погрешни мотиви. Ученикот Јаков опоменува да не се злоупотребува молитвата на таков начин, и вели: „Барате, а не примате, бидејќи барате со зла намера, за да го потрошите тоа на своите себични желби“ (Јаков 4:3).
На пример, да речеме дека двете екипи во еден фудбалски натпревар се молат да победат. Зарем е логично да очекуваме Бог да одговори на тие две сосема спротивни молитви? Истото важи и кога завојуваните страни во денешните војни се молат за победа.
Оние што го кршат Божјиот закон напразно се молат. Еднаш Јехова морал да им каже на луѓето што лицемерно му служеле: „Кажувате многу молитви, но јас не слушам — рацете ви се полни со крв“ (Исаија 1:15). Во Библијата пишува: „Кој го одвраќа увото за да не го слуша законот, и молитвата негова е одвратна“ (Изреки 28:9).
Од друга страна, пак, Јехова секогаш ги слуша искрените молитви на оние што даваат сѐ од себе за да му служат во склад со неговата волја. Но, дали тоа значи дека ќе им даде сѐ што ќе побараат? Не. Да разгледаме неколку примери од Библијата.
Мојсеј бил многу близок пријател со Бог, па сепак, и тој морал да се моли „во склад со [Божјата] волја“. Спротивно на Божјата намера, Мојсеј молел да влезе во ханаанската земја: „Те молам, дозволи ми да преминам онаму и да ја видам онаа добра земја преку Јордан“. Но, Бог пред тоа му кажал на Мојсеј дека нема да влезе во таа земја затоа што направил грев. Затоа сега, наместо да му ја исполни желбата на Мојсеј, Јехова му рекол: „Доста! Не зборувај ми повеќе за тоа“ (5. Мојсеева 3:25, 26; 32:51).
Апостол Павле се молел Бог да му го тргне она што го нарекол „трн во телото“ (2. Коринќаните 12:7). Можеби овој „трн“ се однесувал на некоја хронична болест на очите или на постојаното малтретирање што го трпел од противниците и од ‚лажните браќа‘ (2. Коринќаните 11:26; Галатите 4:14, 15). Павле напишал: „Трипати го молев Господарот да го отстрани тоа од мене“. Меѓутоа, Бог знаел дека, ако Павле продолжел да проповеда и покрај тоа што го мачел „трн во телото“, јасно ќе се видела Божјата сила и ќе се видело дека Павле има цврста доверба во Него. Затоа, наместо да го исполни барањето на Павле, Бог му рекол: „Мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“ (2. Коринќаните 12:8, 9).
Да, Бог знае повеќе од нас дали е најдобро да ни исполни некое барање. Јехова секогаш одговара за наше добро, во склад со своите прекрасни намери што се запишани во Библијата.