Теши ги другите со утехата што ни ја дава Бог
Како несовршени луѓе, сите ние некогаш сме биле болни, а некои биле погодени и од тешка болест. Што може да ни помогне да не паднеме во очај ако ни се случи такво нешто?
Една работа што може да ни биде од голема помош е утехата што ја добиваме од семејството, пријателите и соверниците.
Утешните и љубезни зборови што ќе ни ги каже некој пријател може да бидат како мелем за душата, кој ќе ни ја ублажи болката и ќе нѐ закрепне (Изр. 16:24; 18:24; 25:11). Но, вистинските христијани нѐ сакаат само да примаат утеха туку и се трудат ‚да ги тешат оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог ги теши нив самите‘ (2. Кор. 1:4; Лука 6:31). Да видиме што научил во врска со ова Антонио, кој служи како областен надгледник во Мексико.
Кога лекарите му кажале дека има лимфом, еден вид рак на крвта, Антонио се чувствувал скршено. Сепак, не дозволил да го совладаат негативните чувства. Што му помогнало да не падне во очај? Се трудел да запамти некои теократски песни и да си ги пее за да може да размислува за стиховите. Исто така, црпел голема утеха од тоа што ја читал Библијата и се молел на глас.
Но, една работа што најмногу му помогнала на Антонио била утехата што ја добил од своите соверници. Тој вели: „Кога ни беше многу тешко, јас и жена ми ќе викневме некој наш роднина кој служи како старешина да дојде и да се моли заедно со нас. Тоа ни беше извор на голема утеха и мир. Всушност, благодарение на поддршката од нашето семејство и од нашите духовни браќа, успеавме да се избориме со негативните чувства за релативно кратко време“. Тој е многу благодарен што има толку грижливи пријатели кои се полни со љубов.
Друго нешто кое може да ни помогне во тешки времиња е светиот дух. Апостол Петар рекол дека светиот дух што го ветил Бог е ‚бесплатен дар‘ (Дела 2:38). Тој им го дал овој дар на многумина кога ги помазал на Педесетница 33 год. од н.е. Но, освен на помазаниците, Бог е спремен да ни го даде светиот дух и на сите нас. Бидејќи Јехова е неисцрпен извор на свет дух, зошто да не го молиме да ни го даде во изобилство? (Иса. 40:28-31).
ПОКАЖИ ИСКРЕН ИНТЕРЕС ЗА ОНИЕ ШТО СТРАДААТ
Апостол Павле претрпел многу неволји, а понекогаш се наоѓал и во смртна опасност (2. Кор. 1:8-10). Сепак, не се плашел претерано за својот живот. За него било многу утешно тоа што знаел дека може да се потпре на Бог. Тој напишал: „Нека е благословен Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Кор. 1:3, 4). Павле не се препуштил на самосожалување. Напротив, неволјите што ги доживеал му помогнале да биде уште посочувствителен и да им дава утеха на другите кога им била потребна.
Кога закрепнал од својата болест, Антонио продолжил да служи како патувачки надгледник. Тој и неговата жена и порано се грижеле за своите соверници, но откако се вратиле во патувачката служба особено се труделе да ги посетуваат и да ги храбрат болните. На пример, кога посетиле еден брат кој се борел со тешка болест, тој им кажал дека не сака да оди на состаноци. „Причината не беше дека не ги сака Јехова или браќата“, објаснува Антонио. „Но, толку беше потиштен од болеста што се чувствуваше бескорисно.“
Кога неодамна биле собрани на едно дружење, Антонио сакал да го охрабри овој брат, и затоа го замолил да каже молитва. Иако малку му било непријатно, братот сепак се согласил. Антонио раскажува: „Тој кажа многу убава молитва, и потоа беше како нов човек. Повторно се почувствува корисен“.
Сите ние, во помала или поголема мера, сме претрпеле некаква неволја. Но, како што рекол Павле, тоа може да ни помогне да ги тешиме другите кога ќе се најдат на мака. Затоа, да покажеме разбирање за оние што страдаат и да се угледаме на нашиот Бог, Јехова, така што ќе им бидеме извор на вистинска утеха.