„Мразени од сите народи“
1 Во последниве години, сите ние се радуваме кога слушаме возбудливи извештаи за чудесните благослови што ги доживува Јеховиниот народ ширум светот. Легализацијата на делото во Малави, после 26 години брутално угнетување, нѐ трогна до солзи радосници. Ни олесни кога со свои очи го видовме пропаѓањето на безбожниот комунизам во Источна Европа, што предизвика ослободување на дословно илјадници браќа од неговиот угнетувачки јарем. Напнато посматравме што ќе се случи кога беше доведена во прашање нашата слобода на обожавање во Грција; бевме восхитени кога ја добивме победата пред највисокиот суд во Европа. Бевме воодушевени кога слушнавме извештаи дека подружниците на Друштвото се шират во голема мера што овозможува продукција на многу големи количества литература за трагачите по вистината. Не можеме а да не се радуваме што повеќе од 7.400 беа крстени на конгресот во Киев (Украина). Да, овој возбудлив напредок на делото на Царството ја зголеми нашата радост!
2 Иако нашата причина за радост е голема, мораме да внимаваме да не станеме горделиви. Сериите поволни извештаи можат да нѐ наведат да заклучиме дека противењето на добрата вест се крши и дека Јеховиниот народ наидува на одобрување ширум светот. Таквото размислување може да биде измамливо. Иако имаме добиено некои задоволувачки победи и сме постигнале извесна мера на успех во намалувањето на пречките на добрата вест во некои земји, не смееме да заборавиме дека нашиот основен однос со светот останува непроменет. Како следбеници на Исус ‚не сме од светот‘. Како такви, сигурни сме дека ќе бидеме „мразени од сите народи“ (Јован 15:19; Мат. 24:9). Сѐ додека постои овој систем на ствари, ништо нема да го измени основното правило дека „сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тим. 3:12).
3 Страниците на историјата ја потврдуваат вистинитоста на ова предупредување. Иако Исус, Основачот на христијанството, дал извонредно сведоштво пред моќни владетели и нивните поданици, секојдневно поднесувал навреди и бил во постојана опасност да биде убиен. Макар што неговите апостоли им помогнале на многумина да станат ученици, учествувале во пишувањето на Христијанските Грчки списи и манифестирале чудесни дарови на духот, исто така биле мразени и малтретирани. И покрај нивното добро однесување и љубов кон ближниот, повеќето луѓе гледале на сите христијани како на срамно „учење [секта, НС]“ на кое „насекаде [му] се противречи“ (Дела 28:22). Иако Јехова на чудесен начин го користи денешното светско христијанско собрание за да ја изврши својата волја, тоа насекаде наидува на противење и е оцрнувано од секој елемент од овој зол систем на ствари. Нема причина да се очекува противењето да престане.
4 Во првиот век, Сатана ги прогонувал Исусовите ученици на различни начини. Противниците исполнети со омраза кажувале отворени лаги кои ги прикажувале погрешно (Дела 14:2). Имало и злобни закани во обид да ги заплашат (Дела 4:17, 18). Разлутени толпи се обиделе да ги замолчат (Дела 19:29-34). Биле затворени без оправдана причина (Дела 12:4, 5). Прогонителите често се служеле со физичко насилство (Дела 14:19). Во некои случаи, невини поединци биле намерно убиени (Дела 7:54-60). Апостол Павле лично ги искусил дословно сите овие форми на малтретирање (2. Кор. 11:23-27). Противниците биле спремни да ја искористат секоја прилика за да се вмешаат во делото на проповедање и да им нанесат страдања на овие верни работници.
5 Денес, Сатана користи слични тактики. Кажани се вистински лаги, погрешно сме опишани како заведена секта или култ. Во некои земји, властите оцениле дека нашата литература внесува раздор и ја забраниле. Нашето почитување за светоста на крвта јавно е исмејувано и доведено во прашање. Во 1940-тите, разгневени толпи, распалени поради спорното прашање за поздравување на знаме, ги нападнале нашите браќа, им нанеле повреди и им го уништиле имотот. Илјадници биле испратени во затвор поради спорното прашање за неутралност. Во тоталитаристичките земји нашите браќа биле лажно обвинети дека се превратнички настроени поради што стотици биле брутално тортурирани и убиени во затвори и концентрациони логори. Притисокот бил немилосрден, што покажало јасно дека биле мразени без оправдана причина. (Види Објавители, погл. 29.)
6 Што носи иднината? Иако Јеховиниот народ можеби одвреме навреме се пробива за да се ослободи од притисокот во некои делови од светот, општата ситуација останува иста. Ѓаволот и понатаму е гневен поради понижувањето од 1914. Знае дека времето му е кратко. Неговиот бес сигурно ќе се зголеми како што се приближува големата неволја. Тој е тотално предаден на својата војна против устоличениот Цар, Христос Исус, и е решен да се бори до крајот. Тој и неговите демони можат да го искалат својот бес само на Јеховиниот народ што е овде на Земјата, кој верно ‚ги пази Божјите заповеди и го има сведоштвото на Исуса Христа‘ (Откр. 12:12, 17).
7 Затоа, додека гледаме на иднината, треба да бидеме реални во она што го очекуваме. Нема причина да мислиме дека Ѓаволот ќе се повлече или ќе се откаже. Омразата спрема нас што ја всадил во светов може да се распламти во секое време и на секое место. Во многу земји нашата слобода на проповедање била постигната само после долга борба. Таа слобода може да биде мошне нестабилна, да ја одржува само некој моментален сочувствителен владетел или некој неомилен закон. Преку ноќ може да се случат драматични пресврти, да внесат хаос и немилосрдно да ги прекршат човековите права.
8 Моменталниот напредок и слобода кои ги уживаме во некои земји може нагло да се изменат и да ги изложат браќата на истите малтретирања што ги поднесувале во минатото. Не смееме да си дозволиме да потонеме во духот на апатија и незаинтересираност со мислата дека нашите противници се совладани. Омразата на светот нема секогаш во потполност да се покаже, но останува силна. Сѐ што е во Божјата Реч покажува дека колку што се приближува крајот толку противењето на светот ќе се засили наместо да се намали. Затоа мора да сме на штрек и да бидеме „мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Мат. 10:16). Треба да сфатиме дека ќе ‚се бориме‘ до самиот крај, а истрајноста е клучот за нашето преживување (Јуда 3; Мат. 24:13).
9 Таму каде што живееме, делото можеби напредува без некаква видлива пречка од страна на противниците. Ова може да нѐ наведе да мислиме дека не постои некоја причина за сериозна загриженост. Сепак, треба да бидеме претпазливи. Околностите може да се променат брзо. Без предупредување, противниците можат да искористат некое спорно прашање и да го употребат против нас. Отпадниците постојано бараат причини за приговор. Гневното свештенство кое се смета загрозено од нашето дело може јавно да нѐ осуди. Плановите да изградиме Сала на Царството во нашето место може да поттикнат расправија која може да го возменири целото соседство. Подбуцнувачки изјави може да се јават во печатот и да фрлат на нас лошо светло. Угледни личности во местото можат намерно да нѐ претставуваат погрешно и да предизвикаат соседите да бидат непријателски расположени кога им доаѓаме на врата. Дури и оние кои ги сакаме во нашето сопствено домаќинство можат да се налутат и да нѐ прогонуваат. Затоа е потребно да бидеме на штрек и да сфатиме дека непријателството на светот е мошне живо и може да излезе на површина во секое време.
10 Како треба тоа да влијае на нас? Сето тоа со право влијае на нашето размислување и изгледот за иднината. На кој начин? Треба ли ова да нѐ загрижи и да не исплаши од она што можеби ќе мораме да го поднесеме? Треба ли да забавиме во нашето дело на проповедање само за да не се вознемират некои во нашето место? Постои ли оправдана причина да бидеме потресени кога неправедно нѐ омаловажуваат? Дали е неизбежно тоа грубо постапување да нѐ лиши од радоста во службата за Јехова? Постои ли било каква неизвесност во поглед на исходот? Не, никогаш! Зошто не?
11 Никогаш не смееме да го изгубиме од вид фактот дека пораката што ја објавуваме не потекнува од нас, туку од Јехова (Ерем. 1:9). Под обврска сме да се придржуваме кон советот: „Повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови . . . по целата земја“ (Иса. 12:4, 5). Тој го толерира погрешното постапување со неговиот народ со посебна намера, имено, ‚да биде проповедано името Негово по целата земја‘ (2. Мој. 9:16). Вршиме дело што го одредил Јехова и тој е оној кој ни ја дава храброста да зборуваме смело (Дела 4:29-31). Ова е најважното, најкорисното и најитното дело што може да се изврши во овие последни денови на стариот систем.
12 Ова спознание ни ја дава храброста да заземеме цврст став во директното противење на Сатана и неговиот свет (1. Петр. 5:8, 9). Спознанието дека Јехова е со нас нѐ прави да бидеме „цврсти и храбри“ и да ја растераме секоја причина за страв од прогонства (5. Мој. 31:6; Евр. 13:6). Иако секогаш ќе се обидуваме да бидеме тактични, разумни и внимателни кога ни се закануваат противници, јасно ќе покажеме дека сме решени кога е во прашање нашето обожавање ‚повеќе да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето‘ (Дела 5:29). Кога постои разумна прилика да зборуваме во своја одбрана, ќе го сториме тоа (1. Петр. 3:15). Меѓутоа, нема да губиме време во препирање со закоравени противници кои се заинтересирани само да нѐ озлогласат. Наместо да се разбесниме или да се обидеме да вратиме кога нѐ малтретираат или лажно нѐ обвинуваат, едноставно ‚да ги оставиме‘ (Мат. 15:14).
13 Нашата истрајност низ искушенија му е угодна на Јехова (1. Петр. 2:19). Која е цената за тоа одобрување? Мораме ли да допуштиме да служиме без радост само затоа што сме омразени и ни се противат? Далеку од тоа! Јехова ветува дека нашата послушност ќе ја награди со „радост и мир“ (Рим. 15:13). И покрај силните страдања, Исус останал среќен „поради Неговата идна радост“ (Евр. 12:2). Истото е случај и со нас. Бидејќи наградата за нашата истрајност е толку голема, поттикнати сме ‚да се радуваме и да се веселиме‘ иако поднесуваме жалосни искушенија (Мат. 5:11, 12). Дури и во време на противење, оваа радост е, самата по себе, причина да му оддаваме слава и чест на Јехова со поддржување на пораката на Царството.
14 Постои ли некаква неизвесност околу конечниот исход, што би ни дало причина да бидеме загрижени или неодлучни? Не, исходот на конфликтот помеѓу Јеховината организација и Сатановиот свет е одреден уште многу одамна (1. Јов. 2:15-17). Без оглед на јачината, односно величината на противењето, Јехова ќе ни ја даде победата (Иса. 54:17; Рим. 8:31, 37). Дури и ако сме потполно изложени на испит, ништо не може да нѐ спречи да ја добиеме наградата. Нема причина да се ‚грижиме‘ бидејќи Јехова нѐ обдарил со мир како одговор на нашите преколнувања (Фил. 4:6, 7).
15 Затоа, секојпат му благодариме на Јехова кога ќе слушнеме извештаи дека нашите браќа се ослободени од прогонства или им е дадена слобода да проповедаат во подрачја во кои порано биле ограничени. Се радуваме кога променетите околности отвораат нови прилики за илјадници искрени луѓе да дојдат во контакт со пораката на Царството. Навистина сме благодарни кога Јехова ќе се одлучи да ни ја даде победата кога сме соочени со противници полни со омраза. Знаеме дека тој ќе ја благослови и ќе ја унапреди нашата работа на било кој начин кој е потребен за да се возвиши неговиот дом на вистинско обожавање и да им се даде прилика на „пожелните“ поединци од сите народи да влезат (Агеј 2:7, НС; Иса. 2:2-4).
16 Во исто време, потполно сме свесни дека нашиот непријател, Сатана, е мошне моќен и има намера да ни се противи енергично сѐ до крајот. Неговите напади може да бидат отворени и јасни или подмолни и измамливи. Прогонствата може да избијат ненадејно таму каде што порано сме знаеле само за мир. Злите противници може да бидат злобни и непопустливи во напорите да нѐ притиснат неправедно. Во свое време ќе стане јасно дека сите такви се „борци против Бога“, а тој ќе ги уништи (Дела 5:38, 39; 2. Сол. 1:6-9). Во меѓувреме, без оглед што мораме да поднесеме, решени сме да останеме непоколебливи во лојалното служење на Јехова и во проповедањето на пораката на Царството. Ние сме најсреќните луѓе на Земјата кои знаат дека ‚откако ќе бидат испитани, ќе добијат венец на животот‘ (Јак. 1:12).