Дали водиш делотворни разговори на темел на Писмото?
1 Колку е драгоцена Божјата Реч! Таа одговара на важни прашања на кои не можеме на ниедно друго место да најдеме одговор. Библијата не пружа било какво гледиште за животот; таа ја содржи вистината. Преку својата Реч, Јехова ни кажува што тој бара од нас, а сите негови барања се за наше добро (Пс. 18:7-11; Иса. 48:17).
2 Бидејќи Јеховините сведоци се уверени дека Библијата навистина потекнува од Бог и дека нејзината содржина има моќ да влијае врз луѓето на добро, тие искрено им ја препорачуваат на другите нејзината содржина (Евр. 4:12). Сакаат при јавното сведочење да им покажат на луѓето дека веста што ја објавуваат не потекнува од нив туку од Божјата реч. Затоа ја употребуваат Библијата читајќи им на другите директно од неа секогаш кога е можно. Дали ти лично ја употребуваш Библијата на ваков начин? Можеш ли со искрените луѓе да водиш разговори на темел на Библијата на начин на кој ќе им се помогне да ја разберат и прифатат науката што е содржана во неа? (2. Тим. 2:15).
3 Во времето на пророкот Јеремија било нагласено колку е важно на луѓето да им се кажува она што Бог го вели, а не лично мислење. Тој историски период има пророчка важност за нашето време. Повеќето пророци во Ерусалим во тоа време давале свои изјави кои според нивното мислење им одговарале на луѓето, а не ја објавувале лојално Јеховината реч. Јехова рекол за таквите: „Кажуваат измислени работи од своето срце, а не она што доаѓа од устата Господова“. Потоа енергично додал: „А во кого е словото Мое, нека го каже верно словото Мое“ (Ерем. 23:16-28).
4 Јеремија ‚верно го кажувал словото Јеховино‘. И ние мораме да чувствуваме обврска тесно да се придржуваме за Библијата кога ги поучуваме другите. Ние не сакаме луѓето да бидат наши ученици. Сакаме да бидат обожаватели на Јехова, да одат по стапките на Исус Христос и да ја ценат организацијата преку која Јехова ги води своите слуги денес. (Спореди 1. Кор. 1:11-13; 3:5-7.)
5 Исус самиот рекол: „Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати; и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Сам од Себе зборувам. Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава“ (Јован 7:16-18). Дури и совршениот Божји Син внимателно избегнувал да говори сам од себе. Колку повеќе ние мораме да внимаваме! Затоа, колку е прикладно што старешините мораат „цврсто да се држат за доверливата реч“ во нивната уметност на поучување! (Тит 1:9, НС ). Колку е пригоден и советот од 2. Тимотеј 4:2: „Проповедај го словото“! Тоа е мерилото на кое се придржуваме било во собранието или кога учествуваме во службата на проповедање надвор.
6 Тоа не значи дека само треба да ги прочитаме стиховите од Библијата и да не кажеме ништо повеќе. За да го разберат полното значење на стиховите, важно е луѓето да ја сфатат нивната примена. Така било и со етиопскиот евнух за кој се говори во Дела 8:26-38. Тој човек го читал пророштвото од Исаија но не разбрал што тоа значи. Но, штом му било одговорено на неговите прашања, кога го сфатил значењето на она што го прочитал и разбрал како тоа се однесува на него лично, станал христијанин. И денес треба на сличен начин да им помагаме на оние кои ја бараат вистината и секогаш да внимаваме исправно да ракуваме со речта на вистината.
7 Како Исус се служел со Писмото: Исус Христос го дал најдобриот пример за делотворна употреба на Писмото (Мат. 7:28, 29; Јован 7:45, 46). Ако го анализираме неговиот начин на поучување, тоа ќе ни помогне да ја подобриме нашата способност да водиме разговори на темел на Писмото. Разгледај ги следниве примери.
8 Во 10. глава од Евангелието по Лука, стихови 25-28, читаме за „еден законик“ кој сакал да го искуша Исус, прашувајќи: „Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?“ Како би одговорил ти? Како постапил Исус? Тој можел веднаш едноставно да одговори на прашањето, но сфатил дека човекот веќе имал одредено гледиште за тоа. Затоа Исус го прашал како тој би одговорил на прашањето, велејќи: „Што е напишано во Законот? Како [ти] читаш?“ Човекот одговорил: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ Исус одговорил: „Добро одговори“, а потоа, парафразирајќи еден дел од 3. Мојсеева 18:5, рекол: „Тоа прави го и ќе бидеш жив“. Во една друга пригода Исус ги цитирал тие две заповеди како одговор на прашање (Мар. 12:28-31). Но во овој случај човекот со кого разговарал го познавал Мојсеевиот Закон и очигледно сакал да утврди дали Исус е согласен со тоа што го научил. Исус му пружил на човекот задоволство сам да одговори.
9 Но, тој човек не го разбрал полното значење на стиховите што ги цитирал. Затоа, „сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: ‚А кој е мојот ближен?‘“ Како одговор, Исус не продолжил да цитира уште библиски стихови. Ниту дал некаква дефиниција на која човекот би можел да ѝ приговори. Наместо тоа, употребил една споредба — прекрасна споредба што навистина одговарала на потребите на тој човек и која би му помогнала да размислува за значењето на стихот. Исус раскажал за некојси љубезен Самарјанин кој бил спремен да му помогне на еден ограбен и претепан патник, додека свештеникот и Левитот не му помогнале. Оваа споредба му помогнала на човекот како никогаш пред тоа да го сфати значењето на изразот „ближен“, а тоа го сторил така со цел да го достигне срцето. Потоа на крајот, Исус поставил едно прашање за да се увери дали човекот ја сфатил поентата, и го поттикнал да го примени во својот живот она за што зборувале (Лука 10:29-37).
10 Што можеме да научиме од овој пример на поучување? Дали го забележа следново? 1) Одговарајќи на уводното прашање на овој човек, Исус го свртел вниманието на Писмото. 2) Исус го повикал човекот сам да се изјасни, а кога овој дал прониклив коментар, срдечно го пофалил. 3) Како што е покажано во 28. стих, Исус се погрижил во средишната точка да остане врската меѓу прашањето и библискиот стих. 4) Употребил споредба која го трогнала срцето за да се погрижи човекот да го сфати вистинското значење на одговорот. Ако го следиме овој пример, тоа ќе ни помогне со другите да водиме делотворни разговори на темел на Библијата.
11 „Учителе, добро рече“: Во 20. глава од Евангелието по Лука, од 27-40. стих, забележен е друг истакнат пример на делотворна употреба на Божјата Реч. Некои садукеи му пристапиле на Исус со едно прашање. Му опишале една ситуација која според нивното мислење покажувала колку е лудо да се верува дека мртвите повторно ќе живеат. Раскажале за некоја жена која била сопруга на седуммина сопрузи едноподруго. „При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена?“ — прашале. Тие воопшто не го очекувале одговорот што им го дал Исус. Очевидно, никогаш не размислувале за можноста дека тие воскреснати нема да се женат туку во тој поглед ќе бидат како ангелите. Сепак, било потребно повеќе за одговорот да биде уверлив.
12 Исус сфатил дека вистинскиот проблем на садукеите лежи во нивното неверување во воскресение. Затоа им свртел посебно внимание на тоа. Неговиот аргумент потекнувал од Мојсеевите списи, од 2. Мојсеева 3:6, во кои садукеите наводно верувале. Тој резонирал: „А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа — Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов“. Но дали можеле садукеите да разберат дека овие зборови алудираат на воскресение? Не додека Исус не додал: „А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него сите се живи“. Тоа било јасно: Мртвите предмети, како и луѓето, можат да имаат Творец, но само живите луѓе можат да имаат Бог, некој Кој е предмет на нивната предаденост и обожавање. Ако Авраам, Исак и Јаков само умреле и биле закопани без натамошен изглед за живот, Јехова можел да му рече на Мојсеј: ‚Јас бев нивни Бог‘. Но, тој не рекол така. Затоа не е чудно што некои книжници, откако Исус им докажал на темел на списите, рекле: „Учителе, добро рече!“
13 Како можеш да ја стекнеш или понатаму да ја развиваш таквата способност да водиш разговори на темел на Писмото? За тоа се важни неколку работи: 1) Мораш да имаш добро спознание за Библијата. Редовното лично проучување и посетувањето на состаноците се важни фактори за постигнување на тоа спознание. 2) Треба да си одвоиш време за медитирање и умствено да ги истражуваш вистините од различни гледни точки и да развиваш ценење за тоа. 3) Кога проучуваш, не го барај само објаснението на стиховите туку и библиските причини за тие објасненија. Забележувај си ги покрај стиховите за коишто сакаш да дискутираш. 4) Размислувај како би им ги објаснил стиховите на различни видови луѓе. 5) Размислувај како можеш да илустрираш одредени точки. Сево ова е важно ако сакаме да ја негуваме способноста да разговараме со други на темел на Библијата.