Повикај ги другите да го следат Најголемиот човек
1 Како што е забележано во Матеј 5:14, на своите ученици Исус им рекол: „Вие сте светлината на светот“. Следбениците на Исус требало на сите луѓе да им кажат за Јеховиното Царство и за Неговите полни со љубов подготовки за спасение преку Исус. Со тој налог на ум, со нетрпение очекуваме во декември да ја нудиме книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. Еве неколку предлози што можеби ќе сакаш да ги употребиш.
2 Откако ќе се претставиш, со свои зборови можеш да го кажеш следново:
◼ „Многумина се прашале каков бил Исус кога живеел како човек на Земјата. Што мислите, по што се разликувал од другите? [Дозволи одговор.] Оваа прекрасна книга, Најголемиот човек кој некогаш живеел, раскажува за главните настани од неговиот живот и служба, и дава увид во тоа каков човек бил тој. Откако ја прочитале, некои се чувствувале како да имале прилика лично да се дружат со него, да ги делат страдањата и одблиску да ја набљудуваат неговата служба.“ Покажи ја првата илустрација во книгата која го содржи и насловот. Потоа сврти кај уводот и прочитај го вториот пасус од поднасловот „Корист од учењето за него“. Ако има поволна реакција, понуди ја книгата.
3 Или, можеш да речеш нешто слично на ова:
◼ „Во празничниов период луѓето мислат на Исус. Меѓутоа, поради тоа што низ светот се случуваат толку многу лоши работи, некои можеби се прашуваат дали Исус навистина се грижи за нас. Што мислите Вие за тоа?“ Дозволи одговор. Сврти на 24. поглавје од книгата Најголемиот човек и кратко дискутирај за тоа зошто дошол Исус на Земјата. Потоа прочитај Јован 15:13, нагласувајќи ја Исусовата сесрдна љубов кон другите. Не заборави да понесеш некое од најновите списанија, некоја брошура или соодветен трактат што можеш да го понудиш ако книгата не е прифатена.
4 Еве уште еден предлог:
◼ „Повеќето млади луѓе си бараат личности кои ќе ги имитираат, но добри примери тешко се наоѓаат. Исус Христос служи како совршен пример за секого. [Прочитај 1. Петрово 2:21.] Целиот негов живот бил сосредоточен на обожавањето на неговиот небесен Татко. Што мислите, како би изгледало кога повеќето луѓе би се обидувале да го имитираат?“ Дозволи одговор. Осврни се на третиот пасус на претпоследната страница од книгата, кој ги опишува неговите посебни особини. Објасни како може книгата Најголемиот човек да ни помогне на сите нас да станеме подобри христијани.
5 Можеби ќе сакаш да кажеш нешто како ова:
◼ „Кога некој ќе го спомене Исус Христос, многу луѓе си го замислуваат или како бебе или како страдалник на умирање. Нивната претстава за Исус ги опфаќа само неговото раѓање и неговата смрт. Чудесните работи што ги кажал и ги направил во текот на неговиот живот честопати поминуваат незабележено. Она што тој го постигнал влијае врз сите луѓе кои некогаш живееле на Земјата. Токму затоа е животоважно да научиме што е можно повеќе за чудесните работи што тој ги направил во наша корист.“ Прочитај Јован 17:3. Сврти на првата страница од уводот во книгата Најголемиот човек и прочитај го четвртиот пасус. Објасни како може книгата да се добие и да се користи за лична студија.
6 Не заборави да го бележиш интересот и она што го оставаш за да можеш да го следиш преку повторни посети. Додека има уште време, ревно да ги бараме искрените луѓе и да им помагаме да станат следбеници на нашиот Спасител, Исус Христос (Мат. 16:24).