Спремно да се понудиме за секое добро дело
1 Една световна публикација се осврнала на Јеховините сведоци со зборовите: „Би било тешко да се најдат членови на некоја друга група, освен Сведоците, кои работат толку напорно во својата религија“. Зошто Јеховините сведоци работат толку напорно и со таков спремен дух?
2 Една причина е тоа што се обземени од чувството на итност. Исус се согласил дека времето што го има за извршување на делото на Земјата му е ограничено (Јован 9:4). Иако прославениот Син Божји сега владее среде своите непријатели, Јеховиниот народ сфаќа дека времето за извршување на делото му е ограничено. Затоа, тие спремно се нудат за света служба (Пс. 110:1-3, НС). Бидејќи е потребно да се донесат нови работници на жетвата, тие не попуштаат во своите напори (Мат. 9:37, 38). Затоа настојуваат да го имитираат Исус кој дал совршен пример за спремност и марливост во своето дело (Јован 5:17).
3 Друга причина што Јеховините сведоци работат со цела душа за Јехова, е нивната светска организација која се разликува од сите други групи. За световните религиозни организации е типично од своите приврзаници да бараат само минимум време и напори. Верувањата на тие приврзаници вршат мало или никакво влијание врз нивниот секојдневен живот, врз постапките со другите и врз нивните преокупации во животот. Без мотивирачката моќ на вистинската вера, тие упорно бараат од своите пастири да им ‚говорат ласкаво‘ и да ги уверуваат дека симболичните напори што ги вложуваат се доволни (Иса. 30:10). Свештениците се замолени „да им ги скокоткаат ушите“, при што внесуваат дух на рамнодушност и на духовна мрзливост (2. Тим. 4:3, НС).
4 Колку само е поинаку тоа кај Јеховиниот народ! Сѐ што е поврзано со нашето обожавање бара работа, труд и напори. Секој ден и во сѐ што правиме, ние го спроведуваме она што го веруваме. Иако вистината ни носи многу радости, таа изискува и „голем труд“ за да го исполниме она што го бара. (Спореди 1. Солунјаните 2:2.) Само извршувањето на секојдневните одговорности е доволно за да ги направи повеќето луѓе да бидат зафатени. Меѓутоа, ние не дозволуваме овие грижи да нѐ спречат да ги ставиме на прво место интересите на Царството (Мат. 6:33).
5 Она што ни е дадено да го вршиме во Јеховината служба е толку корисно и итно што сме поттикнати да ‚откупиме‘ време од другите преокупации и да го употребиме на многу покорисен начин — за духовни работи (Ефеш. 5:16, НС). Знаејќи дека нашата божествена оддаденост и спремниот дух му се угодни на Јехова, го имаме најголемиот потстрек да продолжиме напорно да работиме. Бидејќи добиваме богати благослови уште сега, а имаме и изгледи за живот во иднината, решени сме да продолжиме ‚да работиме напорно и да се напрегаме‘ во корист на интересите на Царството (1. Тим. 4:10, НС).
6 Оддаденост и дух на самопожртвуваност: Повеќето луѓе денес ги ставаат материјалните потреби и интереси пред сѐ друго. Сметаат дека е сосем оправдано да се концентрираат на јадењето, пиењето или на облекувањето (Мат. 6:31). Незадоволни со неопходните работи, тие се мотивирани да живеат во крајно удопство сега, ‚да имаат многу добра, приготвени за многу години; да јадат, пијат и да се веселат‘ (Лука 12:19). Еден типичен посетител на некоја црква смета дека со секој напор што го бара неговата религија од него, таа му ги загрозува личните права. Помислата да ги напуштат или барем да скратат од некои материјалистички преокупации, како и да се откажат од работи што им причинуваат задоволство, за нив е одбивна. Покрај таквото себично размислување, негувањето на самопожртвуван дух е нереално и непрактично.
7 На сето ова ние гледаме поинаку. Божјата Реч го возвишува нашето размислување со тоа што размислуваме како Бог, а не како луѓето (Иса. 55:8, 9). Во животот имаме цели кои ги надминуваат телесните преокупации. Оправдувањето на Јеховината сувереност и посветувањето на неговото име се најважните спорни прашања во целата вселена. Важноста на овие прашања е толку голема што, ако се споредат, „сите народи пред Него се како ништо“ (Иса. 40:17). Секој обид да се живее на начин кој ја занемарува Божјата волја, мора да се гледа како лудост (1. Кор. 3:19).
8 Затоа, согледуваме дека некои материјални работи, иако се потребни или корисни за извршувањето на нашите активности за Царството, сепак не се „поважните работи“ (Фил. 1:10, НС). Ние се придржуваме кон духот од 1. Тимотеј 6:8 кога ги ограничуваме нашите тежнеења кон материјалните интереси и истовремено мудро настојуваме да ги сосредоточуваме срцата на ‚невидливото кое е вечно‘ (2. Кор. 4:18).
9 Колку повеќе размислуваме како Бог толку помалку сме загрижени за материјалните работи. Кога разгледуваме што досега направил Јехова за нас и какви благослови ни ветил за иднината, спремни сме да ја дадеме секоја жртва што тој ја бара од нас (Марко 10:29, 30). Ние му го должиме нему самото наше постоење. Да не е неговата милосрдност и љубов не би живееле сега ниту, пак, во иднината. Се чувствуваме обврзани да му се понудиме бидејќи сѐ што правиме во неговата служба, ‚должни сме да го извршиме‘ (Лука 17:10). Од сѐ што ќе се побара од нас да му го вратиме на Јехова, се откажуваме радосно, знаејќи дека ‚богато ќе пожнееме‘ (2. Кор. 9:6, 7).
10 Сега се потребни спремни работници: На самиот свој почеток, христијанското собрание влегло во период на засилена активност. Морало да се даде темелно сведоштво пред да биде урнат Ерусалим во 70 година н.е. Во тој период, Исусовите ученици биле „интензивно зафатени со речта“ (Дела 18:5, НС). Поради брзото ширење, неопходно било да се оспособат повеќе евангелизатори и вешти пастири и да се смета на нивната помош. Биле потребни мажи искусни во односите со световните авторитети, како и мажи кои биле способни да го надгледуваат собирањето и распределувањето на материјалните работи (Дела 6:1-6; Ефеш. 4:11). Додека неколкумина служеле на истакнати положби, повеќето останале во позадина. Но, сите тие ‚силно се напрегале‘, срдечно работејќи во заедништво за да се заврши делото (Лука 13:24, НС).
11 И покрај тоа што постоела релативно мала потреба од интензивна активност во светски размери во текот на многуте векови што следеле, во 1914 година, кога Исус ја презел својата царска моќ, започнало големо обновување на активноста за Царството. Отпрво, малкумина увиделе дека потребата од работници кои ќе работат за интересите на Царството, ќе стане толку голема што ќе изискува помош од милиони спремни поединци во земјите по целиот свет.
12 Денес организацијата е многу ангажирана во голем број различни проекти кои максимално ги користат средствата што ги имаме. Активностите на Царството брзо се прошируваат. Итноста на времињата нѐ наведува да се напрегаме и да го користиме секое средство што ни е на располагање за да го извршиме делото што треба да се изврши. Бидејќи крајот на целиот зол систем на ствари се приближува, очекуваме уште позасилена активност во времето што е пред нас. Секој предаден слуга на Јехова е повикан спремно да се понуди во итното дело на собирање.
13 Што треба да се направи? Со право можеме да речеме дека има ‚изобилно работа во делото Господово‘ (1. Кор. 15:58, НС). На многу подрачја треба да се жнее, но има малку работници. Повикани сме да го дадеме нашиот дел не само со поголема темелност во сведочењето на нашето подрачје туку и со прифаќање на предизвикот да се служи таму каде што потребата е поголема.
14 Пофално е да се види како Сведоците во сите делови на светот спремно се нудат за другите активности. Тие активности се движат од доброволна работа при изградбата на места за обожавање, преку служење на конгреси и помагање околу хуманитарна помош во време на несреќа, до редовно чистење на локалната Сала на Царството. Во врска со последната активност, потребно е секогаш да се погрижиме Салата на Царството да остане чиста и уредна после секој состанок. Извршувањето на работи кои може да се сметаат за ниски, одразува исправно разбирање на Исусовите зборови од Лука 16:10: „Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив“.
■ Да се поддржат активностите на собранието: Иако функционира како дел од целата организација и добива упатства од „верниот и разумен роб“, секое собрание е составено од поединечни објвители на Царството (Мат. 24:45, НС). Неговите постигнувања во голем обем зависат од тоа колку секој Сведок е спремен и колку може да стори. Собранието се сосредоточува на проповедањето на добрата вест на неговото подрачје, на правење нови ученици, а потоа и на нивно духовно зајакнување. Секој од нас може да учествува во ова дело. Исто така, можеме да си поставиме цели во личната студија, во осмисленото учество на состаноците и во помагањето на оние од собранието кои имаат потреба. Овие активности ни даваат добри прилики да ја покажеме својата спремност.
■ Преземање на водство во надгледничка служба: Надгледувањето на секое собрание поединечно, Јехова им го доверил на наименуваните старешини (Дела 20:28). Ова се мажи кои тежнееле да ги исполнат условите за оваа предност (1. Тим. 3:1). Практично секој брат во собранието има некаков потенцијал да ги исполни условите за поголеми одговорности. Многу браќа се развиваат духовно и имаат потреба да растат под водството и љубезната помош на собраниските старешини. Овие мажи треба да бидат марливи проучувачи на Библијата и на нашите публикации. Тие можат да покажат спремност со тоа што ќе бидат подложни на старешините кои се наименувани со дух, имитирајќи ја нивната вера и негувајќи ги особините што се бараат кај надгледниците (Евр. 13:7, 17).
■ Прифаќање на полновремената служба: Собранието функционира првенствено за да ја проповеда добрата вест (Мат. 24:14). Каков само благослов е тоа кога ревните поединци ги засилуваат своите напори, пријавувајќи се за пионери! Ова обично вклучува правење одредени промени во личниот живот. Додатни промени може да се бараат од нив за да продолжат на ова посебно поле на службата. Но оние кои се држат за оваа предност,не откажувајќи се после година и нешто поради некои привремени обесхрабрувања, сигурно ќе доживеат богати благослови од Јехова. Љубезните старешини и другите зрели поединци можат да придонесат за успехот на пионерите, охрабрувајќи ги со зборови и со дела. Каков само прекрасен дух покажуваат младите кои веднаш по завршувањето на училиштето, започнуваат со пионерска служба. Истото се однесува и на возрасните кои се пријавуваат за општи пионери веднаш штом ќе се намалат нивните световни должности. Какво само задоволство му донесува тоа на еден предаден христијанин кога на таков начин соработува со Јеховиното забрзување на делото на собирање! (Иса. 60:22).
■ Учествување во изградбата и во одржувањето на местата за состанување: Изградени се дословно стотици современи Сали на Царството, како и многу Конгресни сали. Прекрасно е тоа што скоро сета работа е извршена од страна на нашите браќа и сестри кои спремно и доброволно го ставиле на располагање своето време и вештините (1. Лет. 28:21). Илјадници спремни работници ги одржуваат овие објекти во добра состојба, работејќи сѐ што е потребно (2. Лет. 34:8). Бидејќи оваа работа е еден аспект на светата служба, оние што помагаат се нудат спремно и не бараат надоместок за својата служба, исто како што не би барале да им се плати за тоа што проповедаат од куќа до куќа, што одржуваат јавни предавања во собранието или што помагаат на собирите или на конгресите. Овие доброволци спремно ги нудат своите услуги за планирање и за изградба на местата за обожавање, сѐ на Јеховина фалба. Тие ревносно помагаат околу работите како што се комплетирањето на правни документи, сметководството, склучувањето договори и пресметувањето на количината потребен материјал. Овие лојални слуги на Јехова не бараат деловен надоместок ниту бараат некаков материјален профит за своите услуги, било директно или индиректно, затоа што сите нивни таленти и средства му се посветени на Јехова. (Види Наша служба за Царството од февруари 1992, стр. 4, пас. 10.) Оваа активност бара марливи работници кои ќе ги прават своите услуги „од душата, како за Господа“ (Кол. 3:23).
15 Сепак, што ја прави единствена спремноста на Јеховиниот народ? Тоа е духот на давање. Нивното великодушно давање вклучува повеќе отколку само пари или материјални работи — тие ‚спремно се понудуваат‘ себеси (Пс. 110:3, НС). Ова е суштината на нашето предание на Јехова. Наградени сме на посебен начин. ‚Повеќе сме усреќени‘ и ‚богато жнееме‘ бидејќи другите го ценат она што го правиме и ни возвраќаат (Дела 20:35, НС; 2. Кор. 9:6; Лука 6:38). Нашиот најголем Добротвор е нашиот небесен Татко Јехова, кој „го љуби оној што од срце дава“ (2. Кор. 9:7). Тој ќе ни врати стократно, со благослови кои ќе траат засекогаш (Мал. 3:10; Рим. 6:23). Затоа, кога ти се нудат предности во Јеховината служба, дали спремно ќе се понудиш себеси и ќе одговориш како Исаија: „Еве ме мене, испрати ме мене“? (Иса. 6:8).