Отворена е голема врата за активност
1 Како ревен проповедник на добрата вест, Павле желно барал подрачја каде што имало поголема потреба, од кои едно бил градот Ефес. Тој имал толку добар успех додека проповедал таму што на сохристијаните им напишал: „За мене се отвори голема и за работа [активност, НС] погодна врата“ (1. Кор. 16:9). Павле продолжил да служи на тоа подрачје и на многу ефесјани им помогнал да станат верници (Дела 19:1—20, 26).
2 Денес, нам ни е отворена голема врата која води во активност. Имаме покана да им помагаме на оние собранија кои не можат темелно да го обработуваат сето свое подрачје секоја година. Така, нашите напори можат да ја надоместат потребата која постои во извесни места. (Спореди 2. Коринтјаните 8:13—15.)
3 Можеш ли да служиш онаму каде што има поголема потреба? Дали молитвено си ја разгледал можноста да служиш на друго место? Можеби дури и ќе можеш да му помогнеш на некое собрание во твојот сопствен град. Зошто не разговараш со покраинскиот надгледник за таа работа и да видиш што предлага тој? Или, пак, можеби во рамките на твоето собраниско подрачје има голем дел од населението кое е глуво или зборува странски јазик, така што никој не може да се грижи за нив. За да биде задоволена оваа потреба, дали би можел да се напрегаш да го научиш нивниот јазик? Понатаму, можеби во близина веќе постои група или собрание на друг јазик кои го ‚молат Господарот за повеќе работници за Царството‘ (Мат. 9:37, 38). Ако е така, дали можеш да излезеш во пресрет?
4 Во изминативе децении, илјадници христијански семејства се преселиле во други земји за да имаат поцелосен удел во делото на жетвата. Една двојка која го сторила тоа, рекла: „Сакавме да му служиме на Јехова онаму каде би можеле да правиме добро во најголема мера“. Доколку и ти ја имаш таа желба и увидуваш дека е можно да се преселиш на друго место во земјава или доколку се квалификуваш да служиш во друга земја, најпрвин дискутирај за твоите изгледи со старешините од твоето собрание.
5 Доколку сакаш да се распрашаш кај Заедницата за тоа каде постои потреба, на Службениот одбор на собранието дај му писмо кое ја истакнува твојата специфична желба. Тој ќе додаде свои коментари и ќе го испрати до Заедницата. Во секој случај, сѐ додека големата врата за активност останува отворена, нека сите ние и понатаму да бидеме зафатени во Јеховината служба (1. Кор. 15:58).