„Нивниот глас отиде по целата земја“
Овие зборови на апостол Павле соодветно го опишуваат резултатот од посебната акција во Македонија пролетта 2007 год. (Рим. 10:18). Беше дадено огромно сведоштво благодарение на големиот број ревносни објавители на Царството од други земји. Според досегашните податоци, беа дадени повеќе од 25.000 книги и брошури, како и над 40.000 списанија. Добрата вест беше проповедана во преку 200 места низ цела Македонија, во кои живеат околу 400.000 луѓе.
Многу од нив за првпат во животот ја слушнаа нашата порака и покажаа големо ценење за неа. Една сестра од странство започнала библиска студија со некоја жена што добро напредувала во духовен поглед. Дента кога сестрата требало да си замине во својата земја, жената му рекла на својот сопруг да појде во домот каде што била сместена сестрата. Таа не била таму, па тој чекал подолго од 2 часа само за да се поздрави со неа. Многу ѝ се заблагодарил и рекол дека му е благодарен на Бог за тоа што запознале луѓе што имаат толку голема љубов и силна вера.
Радосни сме што Водечкото тело повторно одобри една посебна акција во Македонија што ќе започне овој месец! Што можеме да направиме за да ја поддржиме оваа посебна активност?
Да бидеме гостољубиви: Минатата година, многумина од нас имаа убава можност да укажат гостопримство на браќата и сестрите од други земји и да им излезат во пресрет кога ќе им затреба нешто. Тоа е за пофалба! (Рим. 16:2; Фил. 2:29). Се склопија многу нови пријателства. Дури и кога браќата не се разбираа многу поради различните јазици, сепак заемно се охрабрија. Можеш ли да примиш еден или двајца такви гости да престојуваат кај тебе? Благословите што ќе ги добиеш се многу поголеми од привремените промени што ќе мораш да ги направиш додека се сместени кај тебе (Мат. 10:41, 42). Можеш ли да поканиш некои од браќата од странство на кафе или на ручек? Тогаш од прва рака ќе ја почувствуваш радоста што доаѓа кога покажуваме дека ‚ги сакаме странците‘, што е буквалното значење на грчкиот збор за гостољубивост.
Да им помагаме и да ги зајакнуваме: Апостол Павле им бил многу благодарен на своите „соработници во службата за Божјето царство“, кои ‚му помагале и го зајакнувале‘ (Кол. 4:11). Можеш ли да им помогнеш на браќата од странство да ги најдат своите подрачја и да одиш со нив во служба од куќа до куќа? Минатата година, за да ги поддржат помошниците од странство, многу собранија одржуваа состаноци за проповедање секој ден. Можеш ли и ти да бидеш поактивен тој период? Замисли колку ќе се охрабрат кога ќе видат какви жртви правиш за да служиш како помошен пионер во месеците додека трае акцијата! Исто така, ако проповедаш со нив, ќе имаш можност да го залеваш она што тие ќе го посадат и ќе можеш да продолжиш да се грижиш за многуте повторни посети кај луѓето што искрено се интересирале за Божјата реч (1. Кор. 3:6, 7).
Сите да се трудиме со цело срце да ја поддржиме посебната акција во 2008 год. за да може ‚вечната добра вест‘ за Божјето Царство да се пренесе до сите делови од нашата земја и да ја чујат луѓе од сите народи и јазици (Мат. 24:14; Отк. 14:6, 7).