Време за духовна гозба и радост
1. Како се грижи Јехова за духовните потреби на своите слуги?
1 Јехова со љубов се грижи за духовните потреби на своите слуги. Додека повеќето луѓе во светот духовно гладуваат, ние навистина сме добро нахранети (Иса. 65:13). Нашите обласни конгреси се еден начин на кој Јехова духовно нѐ храни. Дали правиш подготовки да присуствуваш сите три дена на претстојниот Обласен конгрес „Нека те води Божјиот дух“? Приготвена е вкусна и хранлива духовна гозба.
2. Какви подготовки треба да направиме пред конгресот?
2 Планирај однапред: „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изр. 21:5). Затоа, додека правиш подготовки да бидеш присутен сите три дена на конгресот, не одложувај да зборуваш со својот шеф ако треба да земеш слободен ден од работа. Ако ти треба сместување, дали веќе си се погрижил за тоа? Добро е да планираш да си понесеш нешто за јадење за да не мора да излегуваш на паузата, туку да можеш да останеш со браќата. Планирај да доаѓаш доволно рано за да можеш секој ден да си најдеш место и да бидеш присутен на уводната песна и молитва.
3. На што треба да обрнеме внимание во врска со облеката?
3 Нашата облека треба да биде скромна и уредна (1. Тим. 2:9, 10). Обласните конгреси се одлична прилика да им сведочиме на оние што ќе ги сретнеме. Додека сме во конгресниот град, со достоинствениот изглед и со конгресните значки се издвојуваме од другите и им оставаме добар впечаток на оние што нѐ набљудуваат.
4. Како ние и нашето семејство ќе извлечеме најголема користи од програмата?
4 Слушај внимателно: Сигурно не сакаме да испуштиме ниту една ронка од оваа духовна гозба! (Изр. 22:17, 18). За да внимаваме подобро и да не ни бегаат мислите, добро е да следиме во Библијата кога се читаат стиховите и да правиме кратки белешки. Тие ќе ни помогнат истата вечер да се потсетиме на некои интересни мисли за кои би можеле да разговараме со другите. Во последниве години, забележано е дека некои млади седат заедно и си зборуваат за време на програмата или си праќаат СМС пораки. Ако имаме деца, дури и ако се тинејџери, ќе биде добро да седат заедно со нас и да ја слушаме програмата како семејство наместо да им дозволиме да седат со останатите млади.
5. Како ќе ја зголемиме својата радост на конгресот?
5 Дружи се: Како што јадењето е повкусно кога ќе го поделиме со пријатели така и дружењето со нашите браќа и сестри ни ја зголемува радоста на конгресот (Изр. 15:17). Затоа, за време на паузата, навистина е многу убаво да се запознаеме со другите и да се дружиме! (Пс. 133:1). Пред да почне музиката, кога претседавачот љубезно ќе нѐ замоли да ги заземеме своите места, треба да завршиме со разговорите и да седнеме пред да почне програмата.
6. Раскажи лично искуство од кое се гледа како би можеле да сведочиме во конгресниот град.
6 Сведочи во секоја прилика: Конгресите обично ни даваат одлична можност да сведочиме. Честопати луѓето ги прашуваат конгресните делегати што значи натписот на конгресните значки. Така се започнуваат разговори и се дава убаво сведоштво за вистината. Некои од тие луѓе потоа доаѓаат на конгресот.
7. Зошто треба да присуствуваме на претстојниот обласен конгрес?
7 Илјадници часови се трошат за да се подготви програмата, да се уреди конгресниот објект, да се организираат конгресните одделенија и да се подготват говорите. Целиот тој труд што со љубов е вложен во подготовката на оваа духовна гозба покажува колку добро се грижи Јехова за својот народ. Да бидеме сите присутни и да се храниме со уживање! На тој начин, за разлика од светот, ние ‚ќе воскликнуваме од радост во срцето‘ (Иса. 65:14).
[Рамка на страница 4]
Потсетувања за обласниот конгрес
◼ Програмски термини: Секој ден програмата започнува во 9.20 часот. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Кога ќе биде пуштена музика, сите треба да седнеме на своите места за да може програмата да почне на достоинствен начин. Во петок и во сабота програмата ќе заврши во 16.55 часот, а во недела во 16.00 часот.
◼ Чување седишта: Може да чуваш седишта само за оние со кои патуваш во ист автомобил, за своето семејство или за своите гости.
◼ Пауза за ручек: Ве молиме, подобро донесете си нешто за јадење наместо да ја напуштате конгресната локација за време на паузата за да купите храна. Можете да ја понесете во помало фрижидерче за излет што ќе го ставите под седиштето. Во конгресниот објект не се дозволени големи фрижидерчиња, стаклени садови и алкохолни пијалаци.
◼ Прилози: Нашето ценење за конгресот можеме да го покажеме ако пуштиме доброволен прилог во кутиите за меѓународното дело во Салата на Царството или на конгресот.
◼ Несреќи и итни случаи: Ако на конгресната локација се појави потреба од итна медицинска помош, те молиме кажи му за тоа на некој редар, кој веднаш ќе го извести Одделот за прва помош. Таму има медицински оспособена екипа која ќе процени колку е сериозен проблемот и ќе може да помогне.
◼ Парфеми: Повеќето конгреси се одржуваат во затворени простории. Затоа, би било љубезно од наша страна да не користиме јаки парфеми, колонски води и дезодоранси кои можат да им пречат на оние што имаат тешкотии со дишењето или други слични проблеми (1. Кор. 10:24).
◼ Формулари за да се посетат заинтересираните: На формуларот Те молиме, посети го ова лице (Ѕ-43) треба да се внесат основните податоци за секое лице што покажало интерес кога сме му сведочеле неформално за време на конгресот. Објавителите треба да си носат со себе на конгресот по два-три вакви формулари. Пополнетите формулари можете да ги предадете во Одделот за литература или да му ги дадете на секретарот во вашето собрание кога ќе се вратите од конгресот. (Види во Нашата служба за Царството од февруари 2005, стр. 6.)
◼ Хотели и студентски домови: 1) Те молиме, не резервирај повеќе соби отколку што ти се потребни, а во собата не треба да ноќеваат повеќе луѓе отколку што е дозволено. 2) Ако мораш да ја откажеш резервацијата, веднаш јави се во хотелот. 3) Немој да готвиш во собите ако тоа не е дозволено. 4) Умерено користи ги бесплатниот појадок и кафето што се обезбедени за гостите во хотелот или студентскиот дом. 5) Секогаш кога му се обраќаш на хотелскиот персонал, покажувај ги плодовите на духот. 6) Ако се појави некој проблем околу хотелската соба, извести го за тоа Одделот за сместување кога ќе дојдеш на конгресот.