Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
© 2022 Christian Congregation of Jehovah’s Witnesses
16-22 ЈАНУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 1. ЛЕТОПИСИ 1 — 3
Духовни бисери
it-1-Е 911, пас. 3-4
Родословија
Имиња на жени. Понекогаш, кога имало историска причина, во родословијата се спомнувале имиња на жени. Во 1. Мојсеева 11:29, 30 се спомнува Сараја (Сара), очигледно затоа што ветеното потомство требало да дојде преку неа, а не преку друга жена на Авраам. Во истиот стих се спомнува и Мелха, можеби затоа што таа ѝ била баба на Ревека, жената на Исак. Од тоа се гледа дека Ревека потекнувала од роднините на Авраам, што е важно да се знае бидејќи Исак не требало да земе жена од другите народи (1Мо 22:20-23; 24:2-4). Во 1. Мојсеева 25:1 е запишано името на друга жена на Авраам, Хетура. Ова покажува дека Авраам повторно се оженил по смртта на Сара и дека сѐ уште можел да има деца и покрај тоа што поминале повеќе од 40 години откако Јехова со чудо му ја вратил таа способност во поодминати години (Ри 4:19; 1Мо 24:67; 25:20). Исто така, ова ни ја открива поврзаноста на Мадијамците и на други арапски племиња со Израелците.
Во родословијата се запишани Лија, Рахела, наложниците на Јаков, како и синовите кои ги родиле (1Мо 35:21-26). Ова ни помага да го разбереме начинот на кој Бог постапувал со тие синови подоцна. Од слични причини, во родословијата се запишани и имињата на други жени. Кога наследството се пренесувало преку нив, се случувало тие да бидат спомнати по име (4Мо 26:33). Се разбира, во родословијата се запишани имињата на Тамара, Раав и Рут. Секоја од овие жени на впечатлив начин станала дел од семејната лоза од која дошол Месијата, Исус Христос (1Мо 38; Рут 1:3-5; 4:13-15; Мт 1:1-5). Имиња на жени се спомнуваат и во други родословија во Библијата, меѓудругото и во 1. Летописи 2:35, 48, 49; 3:1-3, 5.
6-12 ФЕВРУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 1. ЛЕТОПИСИ 10 — 12
Духовни бисери
it-1-E 1058, пас. 5-6
Срце
Да се служи со „потполно оддадено срце“. Дословното срце мора да биде цело за да работи нормално, но симболичното срце може да се случи да биде поделено. Давид му се молел на Јехова со следниве зборови: „Дај ми неподелено срце“, и со тоа укажал дека срцето на едно лице може да биде поделено кога станува збор за неговите склоности и стравови (Пс 86:11). Таквото лице може да не му служи на Бог со цело срце (Пс 119:113; От 3:16). Исто така, некој може да има „дволично срце“ или „двојно срце“ (буквално, да биде со срце и со срце), односно да се обидува да им служи на двајца господари или да ги лаже другите така што ќе кажува едно, а мисли друго (1Ле 12:33; Пс 12:2, фус.). Исус строго го осудил таквото лицемерство (Мт 15:7, 8).
Оној што сака да му угоди на Бог не смее да има поделено срце ниту двојно срце, туку мора да му служи со цело, односно со потполно оддадено срце (1Ле 28:9). За ова е потребно да се вложи голем труд бидејќи срцето е готово на сѐ и склоно е кон зло (Ере 17:9, 10; 1Мо 8:21). За да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце, треба: сесрдно да му се молиме (Пс 119:145; Пл 3:41), редовно да ја проучуваме Божјата Реч (Езр 7:10; Из 15:28), ревносно да ја проповедаме добрата вест (спореди со Ере 20:9) и да се дружиме со оние чие срце му е потполно оддадено на Јехова (спореди со 2Ца 10:15, 16).