Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
© 2022 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
6-12 МАРТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 1. ЛЕТОПИСИ 23 — 26
„Службата во храмот била многу добро организирана“
it-2-E 241
Левити
Во времето на Давид, левитите биле многу добро организирани. Тој поставил надгледници, управители, судии, вратари и ризничари. Исто така, поставил и голем број луѓе што ќе им помагаат на свештениците во храмот, во дворовите и во трпезариите. Тие требало да помагаат околу жртвите, да ги чистат светите работи, да помагаат околу сѐ што требало да се измери и да служат како чувари. Слично како свештениците, и левитите кои служеле како музичари биле организирани во 24 групи и служеле наизменично. Задачите се одредувале со фрлање ждрепка. Истото било и со вратарите — кој на која порта ќе стои, се одредувало со фрлање ждрепка (1Ле 23; 25; 26; 2Ле 35:3-5, 10).
it-2-E 686
Свештеник
Управителите ја надгледувале службата на свештениците во храмот. Некои задачи се одредувале со фрлање ждрепка. На секоја од 24-те групи ѝ се паѓало да служи во храмот по една седмица, двапати во годината. Очигледно, за време на празниците, сите свештеници служеле во храмот затоа што тогаш се принесувале илјадници жртви, а исто било и при посветувањето на храмот (1Ле 24:1-18, 31; 2Ле 5:11; спореди со 2Ле 29:31-35; 30:23-25; 35:10-19). Еден свештеник можел да служи и во друго време, сѐ додека не ја попречувал службата на свештениците кои во тој момент, по распоред служеле во храмот. Според рабинските традиции, додека Исус бил на Земјата, имало голем број свештеници, па така седмичната служба била поделена на семејствата од една свештеничка група, при што секое семејство служело еден или повеќе денови, во зависност од тоа колку било големо семејството.
it-2-E 451-452
Музика
При подготовките за храмот, Давид одредил 4.000 левити да служат како музичари во храмот (1Ле 23:4, 5). Меѓу нив 288 биле „извежбани и вешти во пеењето песни во чест на Јехова“ (1Ле 25:7). Службата на овие 4.000 души ја надгледувале тројца докажани музичари: Асаф, Еман и Једутун (познат и како Етан). Секој од нив бил потомок на еден од трите синови на Леви — Асаф на Гирсон, Еман на Кат и Једутун на Мерариј. Така, овие три истакнати левитски семејства имале свој претставник кој бил задолжен да ги организира оние што го славеле Јехова со музички инструменти во храмот (1Ле 6:16, 31-33, 39-44; 25:1-6). Овие тројца мажи имале вкупно 24 сина и сите тие биле во групата составена од 288 вешти музичари. Со ждрепка се одредувало кој син ќе биде на чело на која група музичари. Секој од тие 24 сина бил поставен над 11 други вешти музичари меѓу кои биле и некои од нивните синови, како и други левити. Па така, тие 288 ([1 + 11] × 24 = 288) вешти музичари биле поделени во 24 групи, исто како свештениците. Ако на истиот начин биле поделени и останатите 3.712 мажи кои учеле од вештите музичари, тоа би значело дека во секоја од 24-те групи во просек имало уште околу 155 мажи. Така, секој вешт музичар под своја надлежност имал околу 13 левити со различно музичко образование (1Ле 25:1-31). Бидејќи трубачите биле свештеници, и тие биле дел од левитите што служеле како музичари (2Ле 5:12; спореди со 4Мо 10:8).
it-1-E 898
Вратар
Во храмот. Кратко пред да умре, цар Давид темелно ги организирал левитите и храмските слуги, од кои 4.000 биле вратари. Тие биле организирани во групи и секоја група служела по седум дена во храмот. Нивната задача била да го чуваат Јеховиниот дом и да се погрижат портите навреме да бидат отворени и затворени (1Ле 9:23-27; 23:1-6). Освен оваа задача, некои од нив ги собирале прилозите што луѓето ги носеле за потребите на храмот (2Ца 12:9; 22:4). Подоцна, кога првосвештеникот Јодај го помазал Јоас за цар, била формирана посебна телесна стража која стоела на вратите од храмот за да го штити младиот Јоас од царицата Готолија која претходно го презела престолот (2Ца 11:4-8). Кога цар Јосија ја исчистил земјата од лажното обожавање, вратарите помагале да се отстранат од храмот садовите што биле користени во обожавањето на Ваал. Потоа, тие садови биле изгорени надвор од градот (2Ца 23:4).
20-26 МАРТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 2. ЛЕТОПИСИ 1 — 4
„Цар Соломон донел немудра одлука“
it-1-E 174, пас. 5
Војска
Во времето на Соломон, израелската војска доживеала значителен напредок. За време на неговото владеење имало мир, а сепак тој набавил голем број коњи и бојни коли. Повеќето коњи биле купени и донесени од Египет. За да се обезбеди место за сета оваа нова воена сила, требало да се изградат градови низ целата земја (1Ца 4:26; 9:19; 10:26, 29; 2Ле 1:14-17). Меѓутоа, Јехова не го благословил овој потфат на Соломон. Така, кога Соломон починал и кога царството се поделило, почнала да се распаѓа и израелската војска. Исаија подоцна напишал: „Тешко на оние што слегуваат во Египет за помош, кои се потпираат на коњите и имаат доверба во бојните коли, зашто се многубројни, и на бојните коњи, зашто се силни, а не гледаат на Израеловиот Светец, не го бараат Јехова!“ (Иса 31:1).
it-1-E 427
Бојна кола
До времето на Соломон, израелската војска речиси немала бојни коли. Главната причина било тоа што Бог ги предупредил царевите да не поседуваат многу коњи, за да не почнат да си мислат дека коњите ќе ја осигураат безбедноста на народот. Тоа значело дека не требало да користат ни бојни коли, зашто нив ги влечеле коњи (5Мо 17:16). Самоил предупредил дека со тоа царот би му наметнал товар на народот. Тој рекол: „Ќе ги зема вашите синови за да ги стави во своите коли“ (1Са 8:11). Кога се обиделе да го преземат престолот, и Авесалом и Адонија наредиле да им се направи бојна кола пред која трчале 50 мажи (2Са 15:1; 1Ца 1:5). Кога Давид го поразил царот на Сова, задржал за себе 100 бојни коли (2Са 8:3, 4; 10:18).
Кога ја реформирал војската, цар Соломон го зголемил бројот на бојните коли на 1.400 (1Ца 10:26, 29; 2Ле 1:14, 17). Освен во Ерусалим, и во други градови, познати како градови за бојни коли, имало посебни објекти за одржување на оваа воена опрема (1Ца 9:19, 22; 2Ле 8:6, 9; 9:25).
27 МАРТ — 2 АПРИЛ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 2. ЛЕТОПИСИ 5 — 7
„Овде секогаш ќе бидат моите очи и моето срце“
it-2-E 1077-1078
Храм
Историја. Овој храм постоел сѐ до 607 год. пр.н.е., кога бил уништен од вавилонската војска предводена од цар Навуходоносор (2Ца 25:9; 2Ле 36:19; Ере 52:13). Кога Израелците ќе почнеле да обожаваат лажни богови, Јехова дозволувал околните народи да ги угнетуваат Јуда и Ерусалим, а понекогаш дозволувал и да го ограбат богатството од храмот. Имало и периоди кога храмот бил запуштен. За време на царувањето на Ровоам, синот на Соломон, египетскиот цар Сисак го опљачкал сето храмско богатство (993 пр.н.е.), само 33 години по посветувањето на храмот (1Ца 14:25, 26; 2Ле 12:9). Цар Аса (977-937 пр.н.е.) имал длабока почит кон Јеховиниот дом, но сакајќи да го заштити Ерусалим, немудро ги зел среброто и златото од храмската ризница и му ги испратил на сирискиот цар Вен-Адад I како поткуп за да го раскине сојузот со израелскиот цар Васа (1Ца 15:18, 19; 2Ле 15:17, 18; 16:2, 3).
10-16 АПРИЛ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 2. ЛЕТОПИСИ 8 — 9
Духовни бисери
it-2-E 1097
Престол
Во Библијата пишува: „Покрај потпирачите стоеја два лава. Дванаесет лава стоеја од двете страни на шесте скалила“ (2Ле 9:17-19). Лавот е соодветен симбол за царска власт (1Мо 49:9, 10; От 5:5). По сѐ изгледа, 12-те лавови ги претставувале 12-те племиња на Израел, и можно е тоа да било симбол дека му се подложни и дека го поддржуваат царот што седи на тој престол.
17-23 АПРИЛ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 2. ЛЕТОПИСИ 10 — 12
Духовни бисери
it-1-E 966-967
Демон со јарешки лик
Од Исус Навин 24:14 се гледа дека, додека живееле во Египет, врз Израелците во извесна мера влијаело египетското лажно обожавање, а Езекиел укажува дека и долго потоа тие продолжиле со таквите пагански обичаи (Езе 23:8, 21). Во пустината, Бог им дал на Израелците заповед да не „принесуваат [жртви] на демоните со јарешки лик“ (3Мо 17:1-7, види ја и фуснотата за стих 7). Подоцна, пак, Јеровоам поставил „свештеници за обредните височинки, за да ги почитуваат демоните со јарешки лик“ (2Ле 11:15). На темел на овие два стиха, некои изучувачи сметаат дека во Израел имало некаков облик на обожавање на јарешки лик, кое било доста популарно во Египет. Херодот (II, 46) тврди дека од тоа египетско обожавање влече корени верувањето на Грците во Пан, како и во сатири и шумски божества, кои подоцна биле прикажувани со рогови, јарешка опашка и јарешки нозе. Некои сметаат дека од тие пагански божества прикажани како полуживотно потекнува и обичајот Сатана да се прикажува со опашка, рогови и копита, обичај што бил многу распространет меѓу христијаните во средниот век.
Не е кажано што точно биле тие демони со јарешки лик. Некои сметаат дека биле дословни јарци или идоли со лик на јарец, но во Библијата нема никаква потврда за тоа. Овој израз можеби едноставно значи дека оние што ги обожавале си ги замислувале таквите лажни богови како рунтави јарци. А можно е и дека во овие стихови зборот „јарешки“ се користи само за да се изрази гадење кон сите идоли општо, исто како што во многу стихови се користи изразот „лепешкави идоли“, што не значи дека идолите буквално биле направени од лепешки (3Мо 26:30; 5Мо 29:17).