Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
© 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
2-8 ЈУНИ
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО СЛУЖБАТА
ijwbv-E статија 40
Значењето на Изреки 16:3
Оваа изрека ги уверува оние кои му служат на вистинскиот Бог дека нивните намери, односно планови, ќе успеат ако имаат доверба во него така што ќе го бараат и ќе го следат неговото водство.
„Довери му ги своите дела на Јехова.“ Пред да донесат некоја одлука, оние што го обожаваат Јехова понизно бараат водство од него (Јаков 1:5). Зошто? Една причина е тоа што луѓето честопати имаат мала или немаат никаква контрола над настаните кои влијаат врз нивниот живот (Проповедник 9:11; Јаков 4:13-15). Освен тоа, можеби им недостасува мудрост за да ги спроведат своите планови. Поради овие причини, многумина постапуваат мудро со тоа што му ги доверуваат своите планови на Бог. Тие го прават тоа така што го молат за водство и постапуваат во склад со неговата волја која е запишана во неговата Реч, Библијата (Изреки 3:5, 6; 2. Тимотеј 3:16, 17).
Изјавата „довери му ги своите дела на Јехова“ дословно значи „отркалај му ги своите дела на Јехова“. Според едно стручно дело, оваа изјава создава слика на „еден човек кој го префрла товарот од својот грб на некој што е посилен од него и кој може полесно да го носи“. Оние кои понизно се потпираат на Бог, можат да бидат сигурни дека тој ќе им помага и ќе ги поддржува (Псалм 37:5; 55:22).
Изразот „своите дела“ не значи дека Бог ќе го одобри или ќе го благослови секој план што луѓето можеби го имаат. За да го добијат Јеховиниот благослов, нивните планови мора да бидат во склад со неговите мерила и со неговата волја (Псалм 127:1; 1. Јованово 5:14). Бог нема да ја благослови непослушноста. Всушност, во Библијата за Бог пишува: „Патот на злите го искривува“ (Псалм 146:9). Од друга страна, тој ги поддржува оние кои му се послушни така што живеат според мерилата кои тој ги дал во Библијата (Псалм 37:23).
„И твоите намери ќе успеат.“ Во некои преводи, овој израз гласи „твоите планови ќе бидат зацврстени“. Во Хебрејските списи, кои се нарекуваат и Стар завет, хебрејскиот збор кој обично се преведува со „зацврсти“ ја пренесува мислата за поставување темел и честопати укажува на стабилноста на она што Бог го создал (Изреки 3:19; Еремија 10:12). На сличен начин, Бог ќе ги зацврсти плановите на оние што го прават она што е исправно во негови очи помагајќи им да имаат посигурен, постабилен и посреќен живот (Псалм 20:4; Изреки 12:3).
9-15 ЈУНИ
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО СЛУЖБАТА
ijwbv-E статија 60
Значењето на Изреки 17:17
Вистински пријател е пријател во кого можеш да имаш доверба и на кого можеш да се потпреш. Исто како еден телесен брат или една телесна сестра, вистинскиот пријател е верен и покажува грижа, особено во тешки времиња.
„Вистинскиот пријател сака во секое време.“ Овие зборови може да се преведат и како „пријателите секогаш ја покажуваат својата љубов“. Хебрејскиот збор за „љубов“ кој се користи во оваа фраза вклучува повеќе од тоа да се има некакво чувство кон некого. Станува збор за несебична љубов која се покажува кон другите со постапки (1. Коринќаните 13:4-7). Пријателите кои ги поврзува таква љубов остануваат блиски кога нивното пријателство е ставено на испит, можеби поради недоразбирања или други проблеми во животот. Освен тоа, тие спремно си простуваат (Изреки 10:12). Пријателите не си завидуваат еден на друг, туку се радуваат кога на другиот му се случуваат убави работи (Римјаните 12:15).
„Вистинскиот пријател... брат станува во неволја.“ Оваа изрека укажува на фактот дека телесните браќа или сестри може да бидат особено блиски. Затоа, кога даваме сѐ од себе за да бидеме покрај некој пријател кој минува низ тежок период во животот, ние постапуваме исто како што би постапил еден брат или една сестра. Освен тоа, врската што ги поврзува таквите пријатели не ослабнува кога ќе се најде на испит. Напротив, таа се зајакнува благодарение на сѐ поголемата љубов и почит.
16-22 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 18
Охрабри ги оние кои се соочуваат со здравствени проблеми
mrt-E статија 19, рамка
Како да се справиш со некоја неочекувана болест
Можеш да покажеш личен интерес кон својот пријател така што ќе дознаеш нешто повеќе за болеста што ја има. Тој веројатно ќе го цени трудот што го вложуваш за да разбереш низ што поминува, а твоите зборови ќе имаат поголема тежина (Изреки 18:13). Сепак, внимавај да не му даваш совет ако не го побарал тоа од тебе.
23-29 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 19
Духовни бисери
it-1-E 515
Совет, советник
Јехова поседува мудрост во апсолутна смисла на зборот. Нему не му е потребен совет од никого (Иса 40:13; Ри 11:34). Неговиот Син може да дејствува како „Прекрасен Советник“ што дава водство и упатства бидејќи тој добивал и следел совети од својот Татко и го има Божјиот свет дух (Иса 9:6; 11:2; Јвн 5:19, 30). Ова истакнува дека, за еден совет да биде корисен, мора да се земат предвид гледиштето на Јехова и неговата волја. Секој совет што е против Севишниот е бескорисен. Таквиот совет не може да се смета за совет (Из 19:21; 21:30).
30 ЈУНИ — 6 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 20
Духовни бисери
it-2-E 196, пас. 7
Светилка
Според Изреки 20:27, „здивот на човекот е Јеховина светилка, која испитува сѐ до дното на утробата“. Со она што го „издишува“, односно со она што излегува од неговата уста, без разлика дали тоа се добри или лоши зборови, едно лице фрла светлина врз својата личност, односно открива каков е длабоко одвнатре. (Спореди со Де 9:1.)