Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
© 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
4-10 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 25
Духовни бисери
it-2-E 399
Оној што е благ има вера и внатрешна сила. Тој умее да се контролира и не го губи лесно здравото расудување. Недостигот на благост честопати се должи на несигурност, фрустрација, недостиг на вера и надеж, па дури и очај. Оној што не покажува благост е опишан со следнава изрека: „Како еден град разурнат и без ѕидови, таков е човекот кој не владее со себеси“ (Из 25:28). Исто како што еден град без ѕидови лесно може да се совлада, така и еден човек кој не е благ лесно може да го совладаат погрешни мисли кои можат да го наведат да постапува неисправно.
11-17 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 26
Држи се настрана од „безумникот“
it-2-E 729, пас. 6
Дожд
Годишни времиња. Двете главни годишни времиња во Ветената земја, лето и зима, со право можат да се наречат сушна и дождовна сезона. (Спореди со Пс 32:4; Пнп 2:11). Од средината на април до средината на октомври паѓа многу малку дожд. Тој период е време на жетва и речиси нема дожд. Изреки 26:1 покажува дека дождот во време на жетва се сметал за невообичаена и чудна појава. (Спореди со 1Са 12:17-19.) За време на дождовната сезона, дождот не паѓа без прекин; има и ведри денови. Бидејќи тоа е и зимски период, ако некој е надвор додека врне дожд, може да му биде многу ладно (Езр 10:9, 13). Затоа, едно соодветно засолниште е од голема помош (Иса 4:6; 25:4; 32:2; Јов 24:8).
w87-E 1/10 19, пас. 12
12 Според Изреки 26:3, за некои луѓе можеби се потребни подрастични мерки: „Камшикот е за коњот, уздата за магарето, а прачката за плеќите на безумниците“. Понекогаш, Јехова дозволувал израелскиот народ да го снајдат неволји кои тие самите си ги предизвикале: „Се бунеа против Божјите зборови и ги презираа советите од Севишниот, тој им го покори срцето со неволја; се сопнаа, а немаше кој да им помогне. И почнаа да го повикуваат Јехова да им помогне во нивната неволја, а тој како и порано ги спаси од нивните маки“ (Псалм 107:11-13). Но, некои безумни луѓе се толку тврдокорни што не прифаќаат никаков совет или укор кој би им бил од помош: „Човекот кој е повеќе пати укоруван, но останува тврдоглав, одеднаш ќе се скрши, и ќе му нема лек“ (Изреки 29:1).
it-2-E 191, пас. 4
Мудриот цар Соломон рекол: „Кој доверува нешто во рацете на безумник, тој е како човек што си ги пресечува нозете, како човек што самиот себе си прави зло“. Навистина, оној што ќе му довери каква и да било работа на безумник, ќе си наштети на самиот себеси. На крајот, тој ќе мора да се соочи со фактот дека работата нема да биде завршена и дека ќе претрпи штета (Изреки 26:6).
Духовни бисери
it-1-E 846
Со тоа што му одговараме на безумник „според неговата глупост“, односно се спуштаме на негово ниво, всушност покажуваме дека го одобруваме неговиот неразумен начин на размислување и постапување. За да не бидеме како безумникот во овој поглед, треба да го послушаме следниов совет: „Не одговарај му на безумникот според неговата глупост“. Од друга страна, Изреки 26:4, 5 покажува дека понекогаш може да биде корисно ако му одговориме „според неговата глупост“ во таа смисла што ќе ги анализираме неговите аргументи, и ќе покажеме дека се бесмислени и дека водат до сосема поинакви заклучоци од она што го тврди тој.
18-24 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 27
Зошто е добро да имаме вистински пријатели
it-2-E 491, пас. 3
Во книгата Изреки сме поттикнати да имаме доверба во некој пријател и да му се обратиме за помош кога тоа ќе ни биде потребно. Таму пишува: „Не напуштај го ниту својот пријател ниту татковиот пријател, и не влегувај во куќата на брата си во денот на својата несреќа. Подобар е соседот што е близу отколку братот што е далеку“ (Из 27:10). Со овие зборови, писателот по сѐ изгледа сакал да каже дека треба да го цениме блискиот семеен пријател и да му се обратиме за помош нему, наместо на некој близок роднина, како на пример брат, кој живее далеку и можеби не би бил толку спремен или во можност да ни помогне.
25-31 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ИЗРЕКИ 28
Која е разликата помеѓу праведниот и злиот
it-2-E 1139, пас. 3
Оној што почнува да прави грев, престанува да мисли на Бог кога носи одлуки и прави планови (Јов 34:27). Таквиот човек дозволува да биде заслепен од своето срце, и затоа не сфаќа дека постапува погрешно и не може исправно да расудува (Пс 36:1-4). Иако тврди дека му служи на Бог, тој ги става човечките мерила над Божјите и повеќе сака да постапува според нив (Иса 29:13, 14). Тој го оправдува своето распуштено однесување и си бара изговор за него велејќи дека тоа го прави само за забава (Из 10:23) и почнува да размислува на изопачен, неразумен и глупав начин до таа мера што си мисли дека невидливиот Бог не ги гледа неговите погрешни постапки — како Бог да не може да види што се случува (Пс 94:4-10; Иса 29:15, 16; Ере 10:21). Со својот начин на живот и со своите постапки, тој всушност вели: „Не постои Јехова!“ (Пс 14:1-3) и со тоа потполно го исклучува Бог од својот живот. Бидејќи не се води според Божјите начела, тој не може исправно да расудува, не може добро да ги процени работите и не може да носи исправни одлуки (Из 28:5).
it-1-E 1211, пас. 4
Човек може да остане непорочен, не поради својата морална сила, туку поради силната вера и доверба што ги има во Јехова и во Неговата моќ да спасува (Пс 25:21). Бог ветил дека ќе им биде „штит“ и „заштита“ на оние што живеат непорочно и дека ќе го чува нивниот пат (Из 2:6-8; 10:29; Пс 41:12). Тоа што тие постојано се трудат да го стекнат Јеховиното одобрување, им дава стабилност и нивната праведност им го израмнува патот (Пс 26:1-3; Из 11:5; 28:18). Точно е дека, како што самиот Јов забележал, непорочните понекогаш страдаат поради владеењето на злите, па дури и умираат заедно со нив. Сепак, Јехова нѐ уверува дека тој го гледа животот на праведните и им ветува дека нивното наследство ќе трае довека, дека нивната иднина ќе биде мирна и дека ќе го наследат она што е добро (Јов 9:20-22; Пс 37:18, 19, 37; 84:11; Из 28:10). Како што било случај и со Јов, она што има вистинска вредност и го прави човекот достоен за почит е непорочноста, а не богатството (Из 19:1; 28:6). Децата што имаат таков родител се среќни (Из 20:7) бидејќи од него наследиле добар пример, добро име и почит.