СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27
ПЕСНА 73 Дај ни храброст!
Биди храбар како Садок
Садок беше храбар јунак (1. ЛЕТ. 12:28)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како примерот на Садок може да ни помогне да бидеме храбри.
1-2. Кој бил Садок? (1. Летописи 12:22, 26-28).
ЗАМИСЛИ СИ едно мноштво од над 340.000 мажи кои се собрале за да го постават Давид за цар над Израел. Цели три дена, тие биле во планинските ридови близу Хеврон, каде што од срце се смееле, си разговарале и радосно пееле песни за фалба на Јехова (1. Лет. 12:39). Во тоа мноштво бил и младиот Садок. Многумина не би го забележале. Но, Јехова го забележал и се погрижил и ние да знаеме дека тој бил таму. (Прочитај 1. Летописи 12:22, 26-28.) Кој бил Садок?
2 Садок бил свештеник кој тесно соработувал со првосвештеникот Авијатар. Исто така, Садок бил јасновидец кому Јехова му дал голема мудрост и способност да ја разбере неговата волја (2. Сам. 15:27). Луѓето му се обраќале на Садок кога им бил потребен мудар совет. Исто така, тој бил храбар човек. Во оваа статија ќе зборуваме токму за оваа негова особина.
3. а) Зошто Јеховините слуги треба да бидат храбри? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во текот на овие последни денови, Сатана сѐ повеќе го напаѓа Божјиот народ (1. Пет. 5:8). Затоа, треба да бидеме храбри додека чекаме Јехова да им стави крај на Сатана и на неговиот злобен свет (Пс. 31:24). Да разгледаме три начини на кои можеме да бидеме храбри како Садок.
ПОДДРЖУВАЈ ГО БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
4. Зошто на Јеховините слуги им е потребна храброст за да го поддржуваат Божјето Царство? (Види ја и сликата.)
4 Како слуги на Јехова, ние со сета душа го поддржуваме Божјето Царство, но за тоа честопати ни е потребна храброст (Мат. 6:33). На пример, во овој злобен свет, потребна ни е храброст за да живееме според Божјите мерила и за да ја проповедаме добрата вест (1. Сол. 2:2). И, честопати ни е потребна храброст да останеме политички неутрални во овој свет кој сѐ повеќе и повеќе станува поделен (Јован 18:36). Многумина меѓу Божјиот народ доживеале економски проблеми, биле физички малтретирани или биле ставени во затвор бидејќи одбиле да се мешаат во политика или да одат во војска.
Како ќе постапиш кога другите ќе заземат страна во некое политичко прашање? (види во пасус 4)
5. Зошто на Садок му била потребна храброст за да може да го поддржи Давид?
5 Садок не отишол во Хеврон само за да го прослави поставувањето на Давид за цар. Тој отишол таму вооружен и подготвен за битка (1. Лет. 12:38). Садок бил спремен да оди со Давид во битка и да ги брани Израелците од нивните непријатели. Можеби му недостигало искуство како воин, но сигурно не му недостигала храброст.
6. Како Давид му оставил добар пример за храброст на Садок? (Псалм 138:3).
6 Што му помогнало на еден свештеник како Садок да биде толку храбар? Тој познавал многу мажи кои биле силни и храбри. Без сомнение, тој учел од нивниот пример. Меѓу нив бил и Давид. Тоа што Давид храбро го водел „Израел во воени походи“, го поттикнало целиот народ да го поддржува со сета душа (1. Лет. 11:1, 2). Давид секогаш се потпирал на Јехова за помош кога се борел со своите непријатели (Пс. 28:7; прочитај Псалм 138:3). Садок учел и од други храбри мажи како што биле Јодај и неговиот син Венај, кој бил воин, како и од 22 други заповедници кои биле на страната на Давид (1. Лет. 11:22-25; 12:26-28). Сите овие мажи биле решени да го поддржат Давид како цар и да го штитат.
7. а) Од кои современи примери за храброст можеме да учиме? б) Што учиш од примерот на брат Нсилу, кој е прикажан во видеоклипот?
7 Кога размислуваме како другите покажале храброст за да му останат верни на Јехова и на неговото Царство, и ние сме поттикнати да бидеме храбри. Нашиот цар, Исус Христос, решително одбил да биде дел од политичкиот систем во светот на Сатана (Мат. 4:8-11; Јован 6:14, 15). Тој секогаш го молел Јехова да му ја дава потребната храброст. Во поново време исто така има голем број примери на млади браќа кои одбиле да одат во војска или да учествуваат во политички активности. На jw.org би можел да прочиташ некои од нивните искуства.a
ПОМАГАЈ ИМ НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ
8. Кога можеби на старешините ќе им треба храброст за да им помогнат на браќата и сестрите?
8 Јеховините слуги сакаат да си помагаат еден на друг (2. Кор. 8:4). Но, понекогаш за тоа е потребна храброст. На пример, кога ќе избувне војна, локалните старешини сфаќаат дека на браќата и сестрите им се потребни охрабрување и поддршка. Освен тоа, сфаќаат дека можеби ќе треба да се погрижат соверниците да имаат пристап до Библијата и до библиските публикации, како и да им обезбедат храна, облека и покрив над главата. Поттикнати од љубов кон соверниците, старешините се грижат за нивните потреби дури и кога тоа е многу опасно (Јован 15:12, 13). Во овој поглед, тие го следат примерот на храбриот Садок.
9. Според 2. Самоилова 15:27-29, што му кажал Давид на Садок да прави? (Види ја и сликата.)
9 Размисли за тоа како Садок им помогнал на своите браќа во еден опасен период. Авесалом сакал да го убие својот татко Давид за да го преземе неговиот престол (2. Сам. 15:12, 13). Давид морал веднаш да го напушти Ерусалим! Затоа им рекол на своите слуги: „Станете! Да бегаме, зашто инаку нема спас од Авесалом!“ (2. Сам. 15:14). Додека слугите си заминувале, Давид сфатил дека некој ќе треба да остане во Ерусалим за да го информира за идните планови на Авесалом. Затоа, го испратил Садок заедно со други свештеници назад во градот за да му ги даваат потребните информации. (Прочитај 2. Самоилова 15:27-29.) Тие требало да бидат многу претпазливи. Она што Давид им рекол на овие свештеници да го направат било многу ризично, па дури и животот им бил во опасност. Авесалом бил насилен и себичен човек кој го предал својот сопствен татко. Замисли што би им направил тој на Садок и на другите свештеници доколку би открил дека тие го шпионираат за да го заштитат Давид!
Давид го испратил Садок на една опасна задача (види во пасус 9)
10. Како Садок и оние со него го заштитиле Давид?
10 Давид смислил план во кој биле вклучени Садок и Хусај, еден друг верен пријател на Давид (2. Сам. 15:32-37). Следејќи го планот, Хусај ја стекнал довербата на Авесалом и му предложил една воена стратегија со која Давид ќе имал време да се подготви за напад. Потоа, Хусај им кажал на Садок и на Авијатар што планира да направи Авесалом (2. Сам. 17:8-16). А тие двајца потоа му го пренеле тоа на Давид (2. Сам. 17:17). Со Јеховина помош, Садок и другите свештеници многу придонеле да се заштити животот на Давид (2. Сам. 17:21, 22).
11. Како можеме да бидеме храбри како Садок кога им помагаме на браќата и сестрите?
11 Ако сме замолени да им помогнеме на браќата и сестрите кога се во опасност, како можеме да покажеме храброст како Садок? 1) Следи упатства. Во такви околности важно е да останеме обединети. Биди им послушен на упатствата од твојата подружница (Евр. 13:17). Старешините треба редовно да ги разгледуваат локалните упатства за тоа како да се подготват за катастрофа, како и упатствата од организацијата во врска со тоа што да прават за време на катастрофа (1. Кор. 14:33, 40). 2) Биди храбар, но претпазлив (Изр. 22:3). Размислувај пред да направиш нешто. Не се изложувај на непотребни ризици. 3) Потпирај се на Јехова. Не заборавај дека Јехова сака ти и твоите браќа да бидете безбедни. Тој може да ти помогне да им ја пружиш потребната помош на твоите браќа на безбеден начин.
12-13. Што учиш од Виктор и Виталиј? (Види ја и сликата.)
12 Размисли за Виктор и Виталиј, двајца старешини кои им доставувале храна и вода на соверниците во Украина. Виктор вели: „Насекаде баравме храна. Честопати, можевме да чуеме како се пука околу нас. Еден брат донираше храна од неговото складиште. Од таа донација многу објавители го добија она што им е потребно за да преживеат некое време. Додека ги стававме работите во нашето камионче, на 20 метри од нас падна бомба. Во текот на целиот ден, го молев Јехова да ми ја дава потребната храброст за да продолжам да им помагам на браќата и на сестрите“.
13 „Ни беше потребна голема храброст“, вели Виталиј. „Моето прво патување траеше 12 часа. Цело време му се молев на Јехова.“ Виталиј бил храбар, но бил и претпазлив. Тој додава: „Постојано го молев Јехова да ми помогне да бидам мудар и скромен. Возев само на оние патишта што беа одобрени од властите. Мојата вера се зајакна кога видов како браќата и сестрите соработуваат заедно. Тие ги расчистуваа пречките од патот, собираа и товареа хуманитарна помош и се грижеа јас и Виктор да имаме храна и место каде што ќе се одмориме“.
Кога им помагаш на соверниците во некоја опасна ситуација, биди храбар, но претпазлив (види во пасуси 12-13)
ОСТАНИ МУ ВЕРЕН НА ЈЕХОВА
14. Како може да влијае врз нас ако некој што го сакаме го напушти Јехова?
14 Една од најтешките работи што може да ни се случи е ако некој член на семејството или близок пријател го напушти Јехова (Пс. 78:40; Изр. 24:10). Колку поблиски сме со таа личност, толку потешко може да ни биде да истраеме во таа ситуација. Ако и ти си доживеал такво болно искуство, примерот на верниот Садок може да те зајакне.
15. Зошто на Садок му била потребна храброст за да му остане верен на Јехова? (1. Царевите 1:5-8).
15 Садок му останал верен на Јехова кога неговиот близок пријател Авијатар одлучил да му биде неверен на Бог. Ова се случило на крајот од владеењето на Давид. Додека тој лежел на смртна постела, неговиот син Адонија се обидел да го преземе престолот за кој Јехова ветил дека ќе го наследи Соломон (1. Лет. 22:9, 10). Авијатар одлучил да го поддржи Адонија. (Прочитај 1. Царевите 1:5-8.) Со тоа, Авијатар не му бил неверен само на Давид туку и на Јехова! Можеш ли да си замислиш колку бил тажен и разочаран Садок? Повеќе од 40 години, тој и Авијатар соработувале како свештеници (2. Сам. 8:17). Тие заедно се грижеле за „ковчегот на вистинскиот Бог“ (2. Сам. 15:29). На почетокот, и двајцата го поддржувале Давид како цар и правеле многу други работи во службата за Јехова (2. Сам. 19:11-14).
16. Што можеби му помогнало на Садок да остане верен?
16 Садок му останал верен на Јехова и покрај одлуката на Авијатар. Давид знаел дека секогаш може да има доверба во Садок. Кога планот на Адонија бил разоткриен, Давид им доверил задача на Садок, Натан и Венај да го помазаат Соломон за цар (1. Цар. 1:32-34). Садок сигурно бил многу охрабрен од примерот на други слуги на Јехова, како што бил Натан кој исто така му бил верен на Јехова и го поддржувал цар Давид (1. Цар. 1:38, 39). Кога Соломон станал цар, на местото на Авијатар го поставил свештеникот Садок (1. Цар. 2:35).
17. Како можеш да го следиш примерот на Садок ако некој што го сакаш го напушти Јехова?
17 Како можеш да го следиш примерот на Садок? Ако некој што го сакаш одлучи да го напушти Јехова, покажи дека ти си одлучен да му останеш верен на Бог (Ис. Нав. 24:15). Јехова ќе ти ги даде силата и храброста што ти се потребни. Потпирај се на Јехова така што ќе му се молиш и ќе останеш близок со оние што верно му служат. Јехова многу ја цени твојата верност и ќе те награди за тоа (2. Сам. 22:26).
18. Што учиш од искуството на Марко и на Сидсе?
18 Размисли за примерот на Марко и неговата сопруга Сидсе, чии две возрасни ќерки одлучиле да ја напуштат вистината. Марко вели: „Уште од првиот ден кога твоите деца ќе се родат, ти многу ги сакаш. Ќе направиш сѐ за ништо да не им наштети. Затоа, срцето ти се кине ако одлучат да го напуштат Јехова“. Понатаму тој вели: „Но Јехова секогаш е покрај нас. Тој ни помага мојата жена да биде силна кога јас сум слаб, а јас да бидам силен кога таа е слаба“. Сидсе вели: „Немаше да истраеме ако Јехова не ни ја даваше силата што ни беше потребна. Се измачував со чувството дека јас сум виновна, и затоа му кажав на Јехова како се чувствувам. По кратко време, една сестра што ја немав видено со години ми пријде, ги стави нејзините раце на моите раменици, ме погледна во очи и ми рече: ’Запомни Сидсе — не е твоја вина!‘ Со Јеховина помош, успеав да останам радосна додека му служам“.
19. Што си решен да правиш?
19 Јехова сака сите негови слуги да бидат храбри како Садок (2. Тим. 1:7). Сепак, тој не сака да се потпираме на нашата сопствена сила. Јехова сака да се потпираме на него. Затоа, кога ќе бидеш во ситуација во која ќе ти биде потребна храброст, барај помош од Јехова. Можеш да бидеш сигурен дека тој ќе ти помогне да бидеш храбар исто како што бил Садок (1. Пет. 5:10).
ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!
a На jw.org, гледај го видеоклипот Зошто на вистинските христијани им треба храброст... да бидат неутрални.