СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33
ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“
Биди уверен дека Јехова те сака
Те привлеков со својата лојална љубов (ЕРЕМ. 31:3, фус.)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме зошто е важно да се увериме дека Јехова нѐ сака, и што можеме да правиме за уште повеќе да се увериме во тоа.
1. Зошто одлучи да му го заветуваш својот живот на Јехова? (Види ја и сликата.)
ДАЛИ се сеќаваш на моментот кога во молитва му го заветува својот живот на Јехова? Ти ја донесе таа одлука затоа што го запозна и го засака. Му вети дека најважно во животот ќе ти биде да му служиш и дека ќе продолжиш да го сакаш со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила (Мар. 12:30). Оттогаш наваму, твојата љубов кон него станува сѐ посилна. Тогаш, како би одговорил ако некој те праша: „Дали си сигурен дека го сакаш Јехова?“ Без колебање, ќе кажеш: „Го сакам повеќе од сѐ друго!“
Дали се сеќаваш колку голема љубов чувствуваше кон Јехова кога му го заветува својот живот и се крсти? (види во пасус 1)
2-3. Во што сака Јехова да бидеме уверени, и што ќе разгледаме во оваа статија? (Еремија 31:3 и фуснота).
2 Но, како би одговорил ако некој те праша: „Дали си сигурен дека Јехова те сака тебе?“ Дали ќе се колебаш да одговориш бидејќи можеби си мислиш дека не си достоен за Јеховината љубов? Една сестра која не се чувствувала сакано кога била дете, рекла: „Знам дека го сакам Јехова. Воопшто не се сомневам во тоа. Но, она во кое често се сомневам е дали Јехова ме сака мене?“ Што може да ти помогне да дознаеш дали Јехова навистина те сака?
3 Јехова сака да бидеш потполно сигурен дека те сака. (Прочитај Еремија 31:3 и фуснота.) Факт е дека Јехова те привлекол кон себе. И, кога си му го заветувал својот живот и си се крстил, си добил нешто навистина скапоцено — неговата лојална љубов. Тоа значи дека многу те сака и дека нема никогаш да те напушти. Таквата љубов го поттикнува да гледа на своите верни слуги, вклучувајќи те и тебе, како на своја „најмила сопственост“ (Мал. 3:17). Јехова сака да бидеш уверен дека те сака, исто како што бил уверен и апостол Павле. Бидејќи бил сигурен дека Јехова го сака, Павле напишал: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов“ (Рим. 8:38, 39). Во оваа статија ќе видиме зошто е важно да бидеме сигурни дека Јехова нѐ сака, и што можеме да правиме за уште повеќе да се увериме во тоа.
ЗОШТО Е ВАЖНО ДА СЕ УВЕРИМЕ ДЕКА ЈЕХОВА НЀ САКА
4. Како можеме да се бориме против една од најлукавите тактики на Сатана?
4 Ако се увериме дека Јехова нѐ сака, ќе можеме да им се спротивставиме на „Ѓаволовите сплетки“ (Еф. 6:11). Сатана ќе направи сѐ што може за да нѐ спречи да му служиме на Јехова. Една од неговите најлукави тактики е да нѐ наведе да веруваме дека Јехова не нѐ сака. Но, тоа е злобна лага. Библијата го споредува Сатана со лав (1. Пет. 5:8, 9). Лавовите ги напаѓаат животните кога се слаби и не можат да се одбранат. Слично на тоа, Сатана честопати нѐ напаѓа кога сме уморни, слаби или кога сме тажни поради нешто што ни се случило во минатото, поради некои сегашни проблеми или поради неизвесноста во врска со иднината (Изр. 24:10). Сатана се надева дека толку многу ќе нѐ исцрпи што ќе се откажеме од Јехова. Но, ние можеме да им се спротивставиме на Ѓаволот и на неговите лукави тактики така што ќе правиме сѐ што можеме за потполно да се увериме дека Јехова нѐ сака (Јак. 4:7).
5. Зошто е важно да чувствуваме дека Јехова нѐ сака и дека многу нѐ цени?
5 Ако се увериме дека Јехова нѐ сака, тоа ќе ни помогне да станеме уште поблиски со него. Зошто можеме да го кажеме тоа? Јехова нѐ создал со потреба да сакаме и да бидеме сакани. Кога некој ни покажува љубов, природно е да возвратиме со љубов. Затоа, колку повеќе чувствуваме дека Јехова нѐ сака и нѐ цени, толку повеќе расте нашата љубов кон него (1. Јов. 4:19). И, колку посилна станува нашата љубов кон него, толку посилна ќе биде неговата љубов кон нас. Библијата јасно ни кажува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:8). Но, што може да ни помогне да си ја зајакнеме нашата увереност дека Јехова нѐ сака?
ШТО МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ ДА СЕ УВЕРИМЕ ДЕКА ЈЕХОВА НЀ САКА?
6. Што би можел да правиш за да се увериш дека Јехова те сака?
6 Продолжи конкретно да го молиш Јехова да ти помогне да сфатиш зошто те сака (Лука 18:1; Рим. 12:12). Моли го Јехова, ако треба и повеќепати на ден, да ти помогне да се видиш онака како што тој те гледа. Се разбира, ако твоето срце те осудува, можеби нема да биде лесно да го увериш дека Јехова те сака. Но, не заборавај дека Јехова е поголем од твоето срце (1. Јов. 3:19, 20). Тој те познава подобро отколку што ти се познаваш самиот себе. Јехова ги гледа твоите убави особини за кои ти можеби не си ни свесен дека ги имаш (1. Сам. 16:7; 2. Лет. 6:30). Затоа, слободно излевај му ги своите чувства и моли го да ти помогне да се увериш дека те сака (Пс. 62:8). Потоа, постапувај во склад со своите молитви така што ќе ги применуваш следните предлози.
7-8. Како Псалмите ни помагаат да се увериме дека Јехова нѐ сака?
7 Можеш да имаш доверба во она што Јехова го вели во својата Реч. Тој со својот дух ги водел библиските писатели да го опишат токму таков каков што навистина е. Во еден псалм, Давид дал прекрасен опис за тоа како Јехова се грижи за нас. Тој напишал: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Пс. 34:18). Кога се чувствуваш обесхрабрено, можеби си мислиш дека никој не те разбира и дека никој не може да ти помогне. Но Јехова ветува дека во такви моменти е близу до тебе бидејќи гледа дека ти е потребен повеќе од кога и да било порано. Во еден друг псалм, Давид напишал: „Стави ги моите солзи во својата мешина“ (Пс. 56:8). Јехова гледа кога ти е тешко. Тој многу се грижи за тебе и ја чувствува твојата болка. Исто како што секоја капка вода во една мешина е скапоцена за некој кој патува низ пустина, твоите солзи се скапоцени за Јехова и тој се сеќава на секој момент кога си чувствувал болка и си плачел. Давид му рекол на Јехова: „Ти... добро ги познаваш сите мои патишта“ (Пс. 139:3). Јехова гледа сѐ што правиш, но се концентрира на добрите работи (Евр. 6:10). Зошто? Бидејќи тој многу го цени сиот труд што го вложуваш за да го радуваш неговото срце.a
8 Преку таквите утешни стихови кои се запишани во неговата Реч, Јехова како да ти вели: „Сакам да знаеш колку многу те сакам и се грижам за тебе“. Но, како што видовме претходно, целта на Сатана е да поверуваш во лагата дека Јехова не те сака. Затоа, ако понекогаш се сомневаш дека Јехова те сака, застани и прашај се: „Кому ќе му верувам — на таткото на лагата или на Богот на вистината?“ (Јован 8:44; Пс. 31:5).
9. Што им ветува Јехова на оние што го сакаат? (2. Мојсеева 20:5, 6).
9 Размислувај што чувствува Јехова за оние што го сакаат. Да видиме што им кажал тој на Мојсеј и на Израелците. (Прочитај 2. Мојсеева 20:5, 6.) Јехова ветува дека и понатаму ќе им покажува лојална љубов на оние што го сакаат. Бидејќи е верен, можеме да бидеме сигурни дека тој секогаш ќе ги сака оние што го сакаат (Неем. 1:5, фус.). Затоа, ако понекогаш си мислиш дека Јехова не те сака, застани и прашај се: „Дали јас го сакам Јехова?“ Потоа, размисли за следново: Ако ти го сакаш него и даваш сѐ од себе за да му угодиш, можеш да бидеш сигурен дека и тој многу те сака тебе (Дан. 9:4; 1. Кор. 8:3). Со други зборови, ако не се сомневаш дека ти го сакаш Јехова, зошто да се сомневаш дека тој те сака тебе? Можеш да бидеш апсолутно сигурен дека тој секогаш ќе те сака и никогаш нема да те напушти.
10-11. Како сака Јехова да гледаш на откупнината? (Галатите 2:20).
10 Размислувај за откупнината. Откупната жртва на Исус Христос е најголемиот подарок што Јехова му го дал на човештвото (Јован 3:16). Но, дали Јехова го дал својот Син да умре и за тебе? Секако! Да го разгледаме примерот на апостол Павле. Тој направил некои сериозни гревови пред да стане христијанин, а требало и понатаму да се бори со сопствените слабости (Рим. 7:24, 25; 1. Тим. 1:12-14). Сепак, тој почнал да гледа на откупнината како на подарок кој Јехова му го дал нему лично. (Прочитај Галатите 2:20.) Сети се дека Јехова со светиот дух го водел Павле да ги запише тие зборови. А сѐ што е запишано во Библијата е за наша поука (Рим. 15:4). Од зборовите на Павле се гледа како Јехова сака ти да гледаш на откупнината — како на подарок што ти го дал тебе лично. Кога ќе почнеш така да гледаш на откупнината, уште повеќе ќе се увериш дека Јехова те сака тебе.
11 Многу сме му благодарни на Јехова што го испратил Исус на Земјата за да умре за нас. Но, уште една причина поради која Исус дошол на Земјата е да им ја каже на другите вистината за Бог (Јован 18:37). Во таа вистина е вклучено и што чувствува Јехова за неговите деца.
КАКО ИСУС НИ ПОМАГА ДА СЕ УВЕРИМЕ ДЕКА ЈЕХОВА НЀ САКА
12. Зошто можеме да веруваме во она што Исус го кажал за Јехова?
12 Додека бил на Земјата, Исус со задоволство им кажувал на луѓето каква личност е Јехова (Лука 10:22). Ние имаме силни причини да веруваме во она што Исус го кажал за Јехова. Зошто? Бидејќи пред да дојде на Земјата, Исус живеел со Јехова на небото милијарди години (Кол. 1:15). Тој од прва рака знаел колку многу Јехова ги сака своите верни синови и ќерки. Како Исус ни помага да се увериме дека Бог нѐ сака?
13. Како сака Исус да гледаме на Јехова?
13 Исус сака да гледаме на Јехова исто како што тој гледа на него. Во евангелијата, Исус се осврнал на Јехова како на „Татко“ повеќе од 160 пати. А кога разговарал со своите следбеници, користел изрази како „вашиот Татко“ или „вашиот небесен Татко“ (Мат. 5:16; 6:26). Пред Исус да дојде на Земјата, Божјите верни слуги го нарекувале Јехова „Семоќниот Бог“, „Севишниот Бог“, „Величествен Творец“, а користеле и други слични титули. Но, Исус честопати го нарекувал Јехова „наш Татко“. Тој израз покажува дека Јехова сака неговите слуги да се чувствуваат блиски со него, исто како што едно дете се чувствува блиско со својот грижлив татко. Исус нѐ поучува дека Јехова нѐ сака исто како што еден добар татко ги сака своите скапоцени деца. Да разгледаме два примера за тоа како Исус го користел зборот „Татко“.
14. Како Исус покажал дека секој од нас е скапоцен во очите на нашиот небесен Татко? (Матеј 10:29-31; види ја и сликата).
14 Прво, да ги разгледаме зборовите на Исус кои се запишани во Матеј 10:29-31. (Прочитај.) Врапчињата се малечки птици кои никогаш нема да го сакаат Јехова ниту да му служат. Сепак, за нашиот Татко, секое врапче е толку скапоцено што тој знае кога тоа ќе падне на земјата. Ако за Јехова толку многу вреди една малечка птица, можеме да бидеме сигурни дека тој многу повеќе го цени секого од нас бидејќи ние го сакаме и му служиме. Исто така, Исус рекол дека нашиот Татко знае колку влакна има секој од нас на главата. Бидејќи Јехова знае дури и толку ситни работи за нас, можеме да бидеме апсолутно сигурни дека тој многу се грижи за нас. Јасно е дека Исус сака да бидеме уверени дека секој од нас е скапоцен во очите на нашиот небесен Татко.
За Јехова секое врапче е толку скапоцено што тој знае кога тоа паѓа на земјата. Ако за Јехова толку многу вреди една малечка птица, можеш да бидеш сигурен дека тој многу повеќе те цени тебе бидејќи ти го сакаш и му служиш. (види во пасус 14)
15. Што дознаваш за твојот небесен Татко од зборовите на Исус кои се запишани во Јован 6:44?
15 Да разгледаме уште еден пример како Исус го користел изразот „Татко“. (Прочитај Јован 6:44.) Лично Јехова, твојот небесен Татко, те привлекол кон вистината. Зошто го направил тоа? Бидејќи видел дека во твоето срце има убави особини (Дела 13:48). Кога ги кажал зборовите што се запишани во Јован 6:44, Исус можеби мислел на зборовите на Јехова кои се запишани во Еремија 31:3. Таму Јехова рекол: „Те привлеков со својата лојална љубов“ (Ерем. 31:3, фус.; спореди со Осија 11:4). Размисли што значи тоа. Нашиот небесен Татко, кој е полн со љубов, продолжува да ги гледа твоите добри особини кои можеби ти самиот не ги гледаш.
16. а) Што всушност ни кажува Исус, и зошто треба да му веруваме? б) Како можеш да си ја зајакнеш увереноста дека Јехова е најдобриот Татко што постои? (Види ја рамката „Најдобриот Татко што постои“.)
16 Со тоа што го опишал Јехова како наш Татко, Исус, всушност, ни вели: „Јехова не е само мој Татко, тој е и твој Татко. И те уверувам дека тој многу те сака и се грижи за тебе како поединец“. Затоа, ако некогаш не си сигурен дека Јехова те сака, застани и прашај се: „Зарем не треба да му верувам на она што го кажал Исус — оној кој најдобро го познава Таткото и кој секогаш ја зборува вистината?“ (1. Пет. 2:22).
ПРОДОЛЖИ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНУВАШ УВЕРЕНОСТА ДЕКА ЈЕХОВА ТЕ САКА
17. Зошто мора да продолжиме да си ја зајакнуваме увереноста дека Јехова нѐ сака?
17 Треба да продолжиме да си ја зајакнуваме увереноста дека Јехова нѐ сака. Како што видовме претходно, нашиот лукав непријател Сатана ќе направи сѐ за да нѐ натера да престанеме да му служиме на Јехова. За да ни ја ослабне решеноста да му служиме на Јехова, Сатана ќе продолжи да се обидува да ни ја поткопа увереноста дека Бог нѐ сака. Не смееме да му дозволиме на Сатана да победи! (Јов 27:5).
18. Како можеш да си ја зајакнеш увереноста дека Јехова те сака?
18 За да си ја зајакнеш увереноста дека Јехова те сака, и понатаму моли го да ти помогне да се гледаш себеси онака како што тој те гледа. Длабоко размислувај за библиските стихови во кои е опишана Јеховината лојална љубов. Не заборавај дека Јехова секогаш ќе ги сака оние кои го сакаат. Размислувај зошто можеш да гледаш на откупнината како на подарок кој Јехова ти го дал тебе лично и имај доверба во зборовите на Исус дека Јехова е твој небесен Татко. Тогаш, ако некој те праша: „Дали си сигурен дека Јехова те сака?“, со увереност ќе му одговориш: „Да, сигурен сум во тоа! И секој ден правам сѐ што можам за да му покажам дека го сакам!“
ПЕСНА 154 Љубов без крај