СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35
ПЕСНА 121 Да развиваме самосовладување
Како да победиме во борбата против погрешните желби
Да не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате желбите на телото (РИМ. 6:12)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ни помогне 1) да се бориме со обесхрабрувањето и 2) да се спротивставиме на искушенијата.
1. Со што се борат сите несовршени луѓе?
ДАЛИ некогаш си имал силна желба да направиш нешто што Јехова не го одобрува? Ако да, немој да мислиш дека твоето искушение е поголемо од искушенијата на другите. Библијата вели: „Не ве снајде друго искушение освен она што е вообичаено за луѓето“ (1. Кор. 10:13). Ова значи дека сеедно со каква погрешна желба се бориш, и други се соочуваат со истиот проблем. Ти не си оставен сам на себе — со Јеховина помош можеш да победиш во таа борба.
2. Со какви искушенија можеби се борат некои христијани и лица кои ја проучуваат Библијата? (Види ги и сликите.)
2 Библијата исто така вели: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами“ (Јак. 1:14). Она што е искушение за еден, не значи дека е искушение за друг. На пример, некои христијани можеби се на искушение да направат неморал со некој од спротивниот пол, додека други со некој од истиот пол. Оние што престанале да гледаат порнографија, можеби чувствуваат силна желба повторно да се вратат на таа навика. Многумина кои престанале да злоупотребуваат дрога или алкохол се соочуваат со сличен предизвик. Ова се само неколку желби со кои се борат некои христијани и лица кои ја проучуваат Библијата. Понекогаш, секој од нас веројатно се почувствувал како апостол Павле кој напишал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Рим. 7:21).
Искушенијата може да се појават неочекувано —во кое било време и на кое било место (види во пасус 2)c
3. Како може да влијае врз некого тоа што постојано се бори со некоја погрешна желба?
3 Ако постојано се бориш со некоја погрешна желба, можеби се чувствуваш беспомошно и си мислиш дека немаш сила да се спротивставиш на искушението. Можеби се чувствуваш и безнадежно и си мислиш дека Јехова не те прифаќа само затоа што имаш таква погрешна желба. Биди уверен дека ниту една од овие две работи не е точна! За да објасниме зошто, во оваа статија ќе ги разгледаме следниве две прашања: 1) Од каде доаѓаат чувствата на беспомошност и безнадежност? 2) Како можеш да победиш во борбата против погрешните желби?
КАКО САКА „ЗЛОБНИОТ“ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ
4. а) Зошто Сатана сака да се чувствуваме беспомошно? б) Зошто не сме беспомошни во борбата против искушенијата?
4 Сатана сака да се чувствуваме беспомошно кога ќе се најдеме во искушение. Исус јасно кажал дека Сатана ќе се обиде да нѐ искуша кога ги поучил своите следбеници да се молат: „Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот“ (Мат. 6:13). Сатана тврди дека луѓето нема да му бидат послушни на Јехова кога ќе се најдат во искушение (Јов 2:4, 5). Колку е иронично тоа! Сатана е тој што бил измамен од сопствената желба и не сакал да му остане верен на Јехова. Очигледно, тој верува дека и ние сме како него — дека лесно ќе го напуштиме Јехова кога ќе се најдеме во искушение. Сатана мислел дека дури и совршениот Божји Син ќе подлегне на некое искушение! (Мат. 4:8, 9). Но размисли за следново: Дали навистина сме беспомошни во борбата против погрешните желби? Воопшто не! Ние се согласуваме со апостол Павле кој напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13).
5. Од каде знаеме дека Јехова е уверен дека можеме да победиме во борбата против погрешните желби?
5 За разлика од Сатана, Јехова е потполно уверен дека можеме да се спротивставиме на погрешните желби. Од каде го знаеме тоа? Јехова прорекол дека едно големо мноштво луѓе ќе му останат верни и ќе ја преживеат големата неволја. Размисли што значи тоа. Јехова, кој не може да лаже, кажал дека голем број луѓе — не само неколкумина — ќе влезат во рајот „облечени во бели долги облеки“, односно чисти (Отк. 7:9, 13, 14). Ова ни покажува дека Јехова не смета дека сме беспомошни во нашата борба против погрешните желби.
6-7. Зошто Сатана сака да се чувствуваме безнадежно во нашата борба против искушенијата?
6 Сатана би сакал да се чувствуваме не само беспомошно туку и безнадежно — да мислиме дека Јехова ќе нѐ осуди само затоа што имаме погрешни желби. Повторно, помисли колку е тоа иронично! Сатана е оној за кого нема надеж — оној за кого Јехова пресудил дека не заслужува вечен живот (1. Мој. 3:15; Отк. 20:10). Без сомнение, Сатана сака и ние да се чувствуваме безнадежно — особено затоа што ние имаме можност да го добиеме благословот што тој го изгубил. Но, ние не сме во безнадежна ситуација. Всушност, Библијата нѐ уверува дека Јехова сака да ни помогне, а не да нѐ осуди. Тој „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9).
7 Значи, ако се чувствуваме беспомошно или безнадежно во нашата борба против погрешните желби, ние размислуваме онака како што Сатана сака да размислуваме. Тоа што ќе станеме свесни за овој факт може да ни помогне да ја зајакнеме нашата решеност одлучно да му се спротивставиме (1. Пет. 5:8, 9).
КАКО МОЖЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ПОРАДИ НАШАТА ГРЕШНА СОСТОЈБА
8. Освен погрешни постапки, што друго е вклучено во гревот? (Псалм 51:5; види и „Појаснување“.)
8 Освен Сатана, има уште една причина поради која може да се чувствуваме беспомошно и безнадежно во нашата борба против погрешните желби. Што е тоа? Гревот, кој сите ние сме го наследиле од нашите прародителиa (Јов 14:4; прочитај Псалм 51:5).
9-10. а) Како влијаел гревот врз Адам и Ева? (Види ја и сликата.) б) Како влијаат гревот и несовршеноста врз нас?
9 Размисли како влијаел гревот врз Адам и Ева. Откако му згрешиле на Јехова, тие се скриле и се обиделе да си го покријат телото. Во врска со тоа, Увид во Писмото вели: „Откако направиле грев, почнале да чувствуваат вина, загриженост, несигурност, срам“. Тоа било како Адам и Ева да биле заклучени во куќа во која ги има само тие четири соби. Адам и Ева можеле да одат од една соба во друга, но не можеле да излезат надвор од куќата. Тие не можеле да избегаат од својата грешна состојба.
10 Се разбира, ние не сме во потполно иста ситуација како Адам и Ева. Откупнината — која не важи за нив — може да нѐ исчисти од гревот и да ни даде чиста совест (1. Кор. 6:11). Сепак, ние сме наследиле грев и несовршеност. Затоа, не сме изненадени што и ние чувствуваме вина, загриженост, несигурност и срам. Всушност, Библијата вели дека гревот продолжува да го држи човештвото во својот стисок. Тоа е случај дури и со „оние што не [направиле] грев сличен на престапот што го [направил] Адам“ (Рим. 5:14). Колку и да е обесхрабрувачки овој факт, не треба да се чувствуваме беспомошно и безнадежно. Ние можеме да ги отфрлиме ваквите негативни чувства. Како?
Откако направиле грев, Адам и Ева почнале да чувствуваат вина, загриженост, несигурност и срам (види во пасус 9)
11. Како треба да реагираме на чувствата на беспомошност, и зошто? (Римјаните 6:12)
11 Кога се чувствуваме беспомошно — кога мислиме дека не можеме успешно да се бориме со погрешните желби — можеме да гледаме на тоа како да ни „зборува“ нашата грешна состојба, која не треба да ја слушаме. Зошто? Библијата кажува дека можеме да спречиме гревот и понатаму да „царува“ над нас. (Прочитај Римјаните 6:12.) Ова значи дека ние може да избереме да не постапуваме според погрешните желби (Гал. 5:16). Јехова е уверен дека можеме да се спротивставиме на искушенијата. Во спротивно, тој не би го барал тоа од нас (5. Мој. 30:11-14; Рим. 6:6; 1. Сол. 4:3). Јасно е дека не сме беспомошни во борбата против погрешните желби.
12. Како треба да реагираме на чувствата на безнадежност, и зошто?
12 Слично на тоа, кога се чувствуваме безнадежно — кога мислиме дека Јехова ќе нѐ осуди само затоа што имаме погрешни желби — можеме да гледаме на тоа како да ни „зборува“ нашата грешна состојба, која не треба да ја слушаме. Зошто? Библијата кажува дека Јехова разбира дека сме грешни (Пс. 103:13, 14). Тој знае сѐ во врска со нас, вклучувајќи ги и различните начини на кои наследениот грев придонесува да имаме погрешни склоности (1. Јов. 3:19, 20). Сѐ додека не се препуштаме на грешните склоности и не го правиме она што е погрешно, Јехова ќе нѐ смета за чисти. Зошто може да бидеме уверени во тоа?
13-14. Дали самото тоа што имаме погрешни желби значи дека не можеме да бидеме пријатели со Јехова? Објасни.
13 Библијата прави разлика меѓу погрешните постапки (кои може да ги контролираме) и погрешните желби (кои може да се јават неочекувано). На пример, некои од првите христијани во Коринт претходно биле хомосексуалци. Павле напишал: „Такви беа некои од вас“. Дали ова значи дека тие никогаш повторно немале желба за хомосексуални односи? Тоа не би било реално, бидејќи таквите желби честопати се длабоко вкоренети. Но христијаните кои имале самоконтрола и не постапувале според своите желби, Јехова ги прифаќал за свои пријатели. Во негови очи, тие биле „испрани“ (1. Кор. 6:9-11). Истото може да важи и за тебе.
14 Без разлика со какви погрешни желби се бориш, ти можеш да им се спротивставиш. Дури и ако не успееш потполно да ги отстраниш, можеш да покажуваш самоконтрола и да не им угодуваш „на желбите на телото и на умот“ (Еф. 2:3). Како можеш да го правиш тоа и на тој начин да победиш во битката против погрешните желби?
КАКО ДА ПОБЕДИШ
15. Ако сакаме да победиме во борбата против погрешните желби, зошто треба да бидеме искрени со себеси?
15 За да победиш во битката против погрешните желби, треба да бидеш искрен и да си признаеш кои се твоите слабости. Немој да се залажуваш себеси (Јак. 1:22). Ако го минимизираш проблемот — мислејќи „другите пијат повеќе од мене“ или обвинуваш други велејќи „не би бил на искушение да гледам порнографија ако жена ми ми покажува повеќе љубов“ — тоа само ќе придонесе полесно да се препуштиш на искушението. Затоа, немој да го оправдуваш твоето погрешно постапување дури ни во твоите мисли. Преземи одговорност за твоите постапки (Гал. 6:7).
16. Како можеш да ја зајакнеш твојата решеност да го правиш она што е исправно?
16 Освен што ќе бидеш искрен со себеси за своите слабости, потребно е и да ја зајакнеш својата решеност да не им се препуштиш (1. Кор. 9:26, 27; 1. Сол. 4:4; 1. Пет. 1:15, 16). Размисли што те прави ранлив и кога. Тоа можеби е некој вид искушение на кое ти е тешко да одолееш. Или, пак, можеби ти е потешко да му се спротивставиш на искушението во одреден дел од денот, на пример кога си уморен или доцна навечер. Предвиди го искушението и одлучи како ќе постапиш. Најдоброто време да го направиш ова е пред да се појави искушението (Изр. 22:3).
17. Што може да научиме од примерот на Јосиф? (1. Мојсеева 39:7-9; види ги и сликите).
17 Размисли како реагирал Јосиф кога жената на Петефри се обидела да го заведе. Тој реагирал веднаш и решително ја одбил. (Прочитај 1. Мојсеева 39:7-9.) Што покажува ова? Уште пред жената на Петефри да се обиде да го заведе, Јосиф бил решен да го прави она што е исправно. На сличен начин, можеш да ја зајакнеш својата решеност да го правиш она што е исправно уште пред да се најдеш во ситуација во која ќе бидеш ставен на искушение. Така, ќе ти биде полесно да постапиш онака како што веќе си одлучил.
По примерот на Јосиф, веднаш спротивстави се на искушението! (види во пасус 17)
РЕДОВНО ИСПИТУВАЈ СЕ
18. Како можеш да победиш во битката против погрешните желби? (2. Коринќаните 13:5).
18 За да победиш во битката против погрешните желби ќе треба да се испитуваш самиот себе. (Прочитај 2. Коринќаните 13:5.) Редовно преиспитувај се за што размислуваш и како постапуваш, и направи ги потребните промени. На пример, дури и кога ќе успееш да се спротивставиш на некое искушение, би можел да се прашаш: „Колку време ми требаше за да кажам ’не‘?“ Ако сфатиш дека ти требало време за да кажеш „не“, немој да се осудуваш. Наместо тоа, размисли како можеш подобро да постапиш наредниот пат. Би можел да си поставиш прашања како следниве: „Кога ќе ми се појават неисправни мисли, дали би можел побрзо да ги отфрлам? Дали начинот на кој се забавувам ми отежнува да се спротивставам на искушението? Кога ќе се појави некоја неморална сцена, дали веднаш го тргам погледот? Дали сфаќам дека Јеховините мерила секогаш се за мое добро, дури и кога треба да вложам труд за да покажам самоконтрола?“ (Пс. 101:3).
19. Како можат навидум малите немудри одлуки да ни ја отежнат борбата против погрешните желби?
19 Исто така, немој да си бараш изговори за погрешните постапки. Библијата вели: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Ерем. 17:9). Исус рекол дека од него доаѓаат „зли мисли“ (Мат. 15:19). На пример, некој што престанал да гледа порнографија, по некое време може да си мисли дека е „безбедно“ да гледа слики кои разгоруваат сексуални желби само затоа што во нив не е прикажана отворена голотија. Или би можел да си мисли: „Нема ништо погрешно во тоа да фантазирам за неисправни работи сѐ додека не ги правам“. На некој начин, неговото измамливо срце однапред планира како да ги задоволи желбите на телото (Рим. 13:14). Како можеш да не го правиш тоа? Внимавај да не носиш мали немудри одлуки кои ќе те водат до тоа да донесеш големи немудри одлуки, како на пример да се впуштиш во погрешно постапување.b Отфрли ги и сите „зли мисли“ кои можат да те наведат да го оправдуваш погрешното постапување.
20. Што ќе се случи со погрешните желби во иднина, и каква помош имаме уште сега?
20 Како што видовме, со Јеховина помош, ќе имаме сила да се спротивставиме на искушенијата. Исто така, благодарение на неговата милост, имаме надеж за вечен живот во новиот свет. Колку убаво ќе биде да му служиме на Јехова со чист ум и срце! Дотогаш, не сме ниту беспомошни ниту безнадежни во битката против погрешните желби. Со Јеховин благослов, можеме да победиме во таа битка!
ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!
a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во Библијата, зборот „грев“ честопати се однесува на некоја постапка, како на пример крадење, прељуба или убиство (2. Мој. 20:13-15; 1. Кор. 6:18). Но во некои стихови, зборот „грев“ се однесува на состојбата што сме ја наследиле од раѓање иако сѐ уште не сме направиле никаква погрешна постапка.
b Забележи дека младиот човек опишан во Изреки 7:7-23 донел мали немудри одлуки пред да ја донесе големата немудра одлука да направи сексуален неморал.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Лево: Додека седи во една кафетерија, еден млад брат забележува двајца мажи кои си разменуваат изрази на љубов. Десно: Една сестра забележува двајца луѓе кои пушат.