ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Од срамежлива личност до мисионер
КАКО дете бев многу срамежлива и се плашев од луѓе. Но со текот на времето, Јехова ми помогна да ги засакам луѓето и да станам мисионер. Како? Најпрво, преку помошта од татко ми. Потоа, преку прекрасниот пример на една 16-годишна сестра. На крајот, преку љубезните и мудри зборови на мојот сопруг. Да ви ја раскажам мојата приказна.
Родена сум во 1951 год., во Виена (Австрија), во католичко семејство. Бев срамежлива, но верував во Бог и често се молев. Кога имав девет години, татко ми почна да проучува со Јеховините сведоци, а мајка ми му се придружи малку подоцна.
Со сестра ми Елизабет (лево)
По кратко време, станавме дел од собранието Деблинг во Виена. Како семејство, многу работи правевме заедно. Ја читавме и ја проучувавме Библијата, одевме на собраниските состаноци и служевме како доброволци на собирите. Уште како дете, мојот татко ми всади длабока љубов кон Јехова. Всушност, татко ми се молеше јас и сестра ми да служиме како пионери. Но тогаш, тоа не беше моја цел.
ЗАПОЧНУВАМ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА
Се крстив во 1965 год., кога имав 14 години. Но, ми беше тешко да им сведочам на луѓе кои не ги познавам. Исто така, се борев со чувства на ниска вредност и очајно сакав да бидам прифатена од врсниците. Затоа, кратко по моето крштавање, почнав да се дружам со некои кои не му служеа на Јехова. И покрај тоа што ми се допаѓаше нивното друштво, совеста ме измачуваше бидејќи поминував премногу време со лица кои не беа Сведоци. Но немав сила да направам промена. Што ми помогна?
Многу научив од Дороти (лево)
Во тоа време, во нашето собрание почна да доаѓа една 16-годишна девојка по име Дороти. Нејзината ревност за службата од куќа до куќа многу ме воодушеви. Јас бев малку постара од неа, но не бев многу активна во службата. Си мислев: „Моите родители се Сведоци, а во семејството на Дороти никој не е во вистината. Таа живее со нејзината болна мајка, а сепак секогаш е во служба“. Нејзиниот пример ме поттикна да правам повеќе за Јехова. По кратко време, Дороти и јас почнавме заедно да служиме како пионери. Најпрво како помошни, а потоа како општи. Ревноста на Дороти беше заразна. Таа ми помогна да го започнам мојот прв библиски курс. Со текот на времето, ми стана полесно да им сведочам на луѓето на врата, на улица и на други места.
За време на мојата прва година како општ пионер, еден брат по име Хајнц, дојде во нашето собрание. Тој ја дознал вистината во Канада додека бил на гости кај својот брат кој бил Сведок. Хајнц беше доделен во нашето собрание во Виена како специјален пионер. Веднаш ми се допадна. Но тој сакаше да стане мисионер, а јас немав таква желба. Затоа, на почеток ги криев чувствата што ги имав кон него. Сепак, подоцна јас и Хајнц почнавме врска, се венчавме и заедно почнавме да служиме како пионери во Австрија.
МИСИОНЕРСКАТА СЛУЖБА КАКО ЦЕЛ
Хајнц често ми зборуваше за неговата желба да стане мисионер. Иако никогаш не ми вршеше притисок, тој ме поттикнуваше кон таа цел така што ми поставуваше прашања, како на пример: „Бидејќи немаме деца, дали би можеле да правиме повеќе во службата за Јехова?“ Јас бев срамежлива и се плашев да бидам мисионер. Точно е дека бев пионер, но мисионерската служба ми изгледаше претешка. Сепак, Хајнц беше стрплив и не се откажа од таа цел. Исто така, тој ме поттикнуваше повеќе да се концентрирам на луѓето отколку на себе. Неговиот совет навистина ми помогна.
Хајнц го води проучувањето на Стражарска кула во едно мало југословенско собрание во Салцбург (Австрија, 1974)
Постепено развив желба за мисионерска служба, па затоа дадовме молба за школата Гилеад. Но братот кој тогаш беше одговорен за подружницата ми предложи најпрво да го подобрам мојот англиски јазик. Откако три години се трудев да го подобрам англискиот, бевме изненадени кога добивме задача да служиме во југословенско собрание во Салцбург (Австрија). На тоа подрачје служевме следните седум години, од кои една година во покраинското дело. Српско-хрватскиот јазик беше тежок, но имавме многу библиски курсеви.
Потоа, во 1979 год., бевме замолени да одиме „на одмор“ во Бугарија. Проповедничкото дело таму беше забрането. Затоа, воопшто не сведочевме на тој „одмор“. Но скришно внесовме минијатурна литература во земјата за петте сестри кои живееја во главниот град Софија. Бев преплашена, но Јехова ми помогна со таа возбудлива задача. Храброста на тие сестри и радоста што ја чувствуваа и покрај ризикот да бидат затворени ме поттикнаа да го дадам моето најдобро во секоја задача што Јеховината организација ќе ми ја довери.
Во меѓувреме, повторно поднесовме молба за Гилеад, и овојпат нѐ поканија. Мислевме дека ќе присуствуваме на Школата во САД на англиски јазик. Но, во ноември 1981 год., во подружницата во Визбаден (Германија) започна Подрачната школа Гилеад. Така можевме да ја следиме програмата на германски јазик, а за мене тоа беше полесно. Каде нѐ испратија?
СЛУЖИМЕ ВО ЗЕМЈА СО НАСИЛНИ КОНФЛИКТИ
Добивме задача да служиме во Кенија! Но подружницата во Кенија нѐ замоли да одиме да служиме во соседната земја, Уганда. Десет години претходно, генералот Иди Амин ја презел власта во Уганда со државен удар. Во следните години, под неговата диктатура илјадници луѓе умреле, а милиони страдале. Потоа, во 1979 год., владата во Уганда повторно била принудно сменета. Можете да сфатите зошто ми беше толку страв да одам во земја со толку многу насилство. Но Гилеад нѐ подготви да имаме доверба во Јехова. И затоа, ја прифативме задачата.
Ситуацијата во Уганда беше хаотична. Во Годишникот за 2010, Хајнц го опиша тоа вака: „Многу работи, како што се снабдувањето со вода и телекомуникацијата, не функционираа... Често имаше пукање и кражби, особено ноќе... Сите остануваа дома, надевајќи се — и често молејќи се — ноќта да помине без непоканети гости“. И покрај овие тешкотии, локалните браќа беа цврсти во верата!
Подготвуваме оброк во домот на семејството Воисво
Во 1982 год., јас и Хајнц пристигнавме во Кампала, главниот град на Уганда. Првите пет месеци престојувавме во домот на Сем и Кристина Воисво, заедно со нивните пет деца и четворица роднини. Брат и сестра Воисво и нивното семејство често имаа само по еден оброк дневно. Но, спремно го делеа со нас и тоа малку што го имаа. Додека бевме со ова семејство, јас и Хајнц научивме многу практични работи што ни помогнаа во мисионерскиот живот. На пример, научивме како да штедиме вода така што се капевме со само неколку литри, а потоа таа вода ја користевме кога одевме во тоалет. Во 1983 год., јас и Хајнц најдовме место за живеење во побезбеден дел од Кампала.
Вистински уживавме во службата. Се сеќавам дека во еден месец дадовме повеќе од 4.000 списанија! Но најдобриот дел од службата беа луѓето. Тие имаа почит кон Бог и сакаа да зборуваат за Библијата. И јас и Хајнц обично водевме по 10 до 15 библиски курсеви. Многу научивме од нашите интересенти. На пример, иако секоја седмица требаше да пешачат за да присуствуваат на состаноците, тие никогаш не се жалеа и секогаш беа насмеани.
Во 1985 и 1986 год., во Уганда имаше уште два воени конфликти. Честопати гледавме деца со пушки. Тие беа користени како војници и стоеја на контролните пунктови на патиштата. Во тој период, го молевме Јехова да бидеме проникливи и смирени додека ги бараме заинтересираните лица во служба. И Јехова одговори на нашите молитви. Кога ќе сретневме некој што беше заинтересиран за пораката за Царството, честопати заборававме на нашите стравови.
Јас и Хајнц со Татјана (во средина)
Исто така, уживавме да им сведочиме на луѓе од други земји кои живееја во Уганда. На пример, проучувавме со Мурат и Дилбар Ибатулин, брачен пар од Татарстан (Средна Русија). Мурат беше лекар. Овој брачен пар ја прифати вистината и сѐ уште верно му служи на Јехова. Подоцна, ја запознав Татјана Вилејска, една жена од Украина, која сакаше да се самоубие. Откако се крсти, Татјана се врати во Украина и подоцна помагаше со преведувањето на нашите публикации.a
НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ
Во 1991 год., додека со Хајнц бевме на одмор во Австрија, нѐ контактираа од локалната подружница и ни кажаа дека нѐ испраќаат на нова задача во Бугарија. По падот на комунизмот во Источна Европа делото на Јеховините сведоци во Бугарија беше законски признато. Како што спомнав, јас и Хајнц претходно скришно внесовме литература во земјата додека делото беше забрането. Но, сега таму бевме испратени за да проповедаме.
Браќата ни кажаа да не се враќаме во Уганда. Затоа, без да се вратиме во нашиот мисионерски дом за да си ги спакуваме работите и да се збогуваме со пријателите, отидовме во Бетелот во Германија каде што добивме кола и отпатувавме за Бугарија. Добивме задача да служиме во Софија, во една група со околу 20 објавители.
Во Бугарија се соочивме со неколку нови тешкотии. Прво, не го знаевме јазикот. Освен тоа, единствените публикации на бугарски јазик беа Вистина која води до вечен живот и Мојата книга со библиски приказни. Исто така, ни беше тешко да започнеме библиски курсеви. И покрај овие тешкотии, нашата мала група ревносно проповедаше. Православната црква го забележа тоа и тогаш започнаа вистинските проблеми.
Во 1994 год., владата им го одзеде на Јеховините сведоци правото на законски призната религија и многу луѓе нѐ сметаа за опасна секта. Некои браќа беа уапсени. Медиумите ширеа ужасни лаги за нас тврдејќи дека Јеховините сведоци си ги убиваат децата и ги убедуваат другите Сведоци да извршат самоубиство. Мене и на Хајнц ни беше многу тешко да проповедаме. Честопати наидуваме на агресивни луѓе кои ни се дереа, ни викаа полиција, па дури и фрлаа со предмети по нас. Не беше возможно да се внесе литература во земјата, а да се изнајми сала за состаноци беше многу тешко. Полицијата дури и прекина еден од нашите конгреси. Ние двајца не бевме навикнати на таква омраза. Тоа беше многу поразлично од Уганда каде што луѓето беа пријателски настроени и сакаа да ја проучуваат Библијата. Што ни помогна да ја поднесеме таа промена?
Дружењето со браќата и сестрите ни носеше радост. Тие беа среќни што ја дознале вистината и ја ценеа помошта што им ја дававме. Бевме блиски еден со друг и си помагавме. Од тие искуства научивме дека можеме да бидеме среќни на која и да било задача ако и понатаму ги сакаме луѓето.
Во подружницата во Бугарија (2007)
По некое време, работите се подобрија. Во 1998 год., нашата организација повторно беше регистрирана и за кратко време многу публикации беа преведени на бугарски. Потоа, во 2004 год., нов објект на подружницата му беше посветен на Јехова. Денес, во Бугарија има 2.953 објавители во 57 собранија. Во 2024 год., на Спомен-свеченоста присуствуваа 6.475 лица. Иако едно време имаше само пет сестри во Софија, сега има девет собранија! Навистина видовме како „од малиот [станува] илјада“ (Иса. 60:22).
СЕ СООЧУВАМ СО ЛИЧНИ ПРОБЛЕМИ
Низ годините, имав многу здравствени проблеми. Неколку пати ми беа пронајдени тумори, од кои еден во главата. Примав терапија со зрачење, а потоа отидов во Индија на операција која траеше 12 часа за да го отстранат поголемиот дел од туморот. По операцијата, останавме во Бетелот во Индија додека се опоравив, а потоа се вративме на нашата задача во Бугарија.
Во меѓувреме, Хајнц почна да развива ретка наследна состојба наречена Хантингтонова болест. Му беше тешко да оди, да зборува и да ги контролира движењата. Како што напредуваше болеста, стануваше сѐ позависен од мене. Понекогаш, бев многу уморна и бев загрижена дали ќе имам сила и понатаму да му ја пружам потребната помош. Но, еден млад брат по име Боби, редовно го канеше Хајнц заедно да одат во служба. На Боби не му беше незгодно од начинот на кој Хајнц зборуваше ниту од неговите неконтролирани движења. Секогаш можев да се потпрам на Боби кога не бев во состојба да му помогнам на Хајнц. Иако со Хајнц решивме да немаме деца во овој свет, чувствувавме дека Јехова ни го даде Боби како син! (Мар. 10:29, 30).
Хајнц се бореше и со рак. За жал, мојот мил сопруг почина во 2015 год. По неговата смрт се чувствував многу несигурно; не ми се веруваше дека повеќе го нема. Но, во моите мисли тој сѐ уште е жив! (Лука 20:38). Честопати во текот на денот се потсетувам на неговите љубезни зборови и мудри совети. Многу сум благодарна за годините што заедно ги поминавме во службата за Јехова.
БЛАГОДАРНА СУМ ЗА ПОМОШТА ОД ЈЕХОВА
Јехова беше со мене во сите мои неволји. Тој исто така ми помогна да ја надминам мојата срамежливост и да станам мисионер кој ги сака луѓето (2. Тим. 1:7). Благодарение на Јехова, јас и мојата помлада сестра сме во полновремена служба. Денес, таа и нејзиниот сопруг служат во покраина на српски јазик во Европа. Јехова одговори на молитвите на татко ми!
Проучувањето на Библијата ми дава внатрешен мир. Во тешки моменти, се научив да се молам „уште посесрдно“ како што се молел Исус (Лука 22:44). Еден начин на кој Јехова одговара на моите молитви е преку љубовта и љубезноста на браќата и сестрите од моето собрание Софија-Надежда. Тие ме канат на дружење и често ми покажуваат дека ме ценат, а тоа ме прави многу среќна.
Често размислувам за воскресението. Си ги замислувам моите родители пред нашата куќа, млади и убави како на денот кога се венчале. Си ја замислувам и сестра ми како подготвува јадење. А Хајнц си го замислувам како стои до неговиот коњ. Таквите слики во мислите ми помагаат да ги тргнам негативните чувства и го полнат моето срце со благодарност кон Јехова.
Кога размислувам за мојот живот и за иднината, со цело срце се согласувам со зборовите на Давид, запишани во Псалм 27:13, 14: „Да не верував дека ќе ја видам Јеховината доброта во земјата на живите, каде ќе бев сега? Надевај се на Јехова, биди храбар, и твоето срце нека биде цврсто! Надевај се на Јехова!“
a Види ја животната приказна на Татјана Вилејска, која излезе во Разбудете се! од 8 април 2001, стр. 22-26.