СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36
ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог
Побарај помош од старешините
Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика старешините од собранието (ЈАК. 5:14)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме зошто е важно да побараме помош од старешините кога тоа ни е потребно.
1. Како Јехова покажал дека неговите овчички се скапоцени за него?
ЈЕХОВА ги сака своите овчички. Тие се скапоцени за него. Тој ги купил со крвта на Исус и во собранијата поставил старешини за да се грижат за Неговото стадо (Дела 20:28). Јехова сака старешините да постапуваат нежно со неговите овчички. Старешините го следат водството на Исус така што ги охрабруваат соверниците, и им помагаат да му останат верни на Јехова (Иса. 32:1, 2).
2. За кого Јехова особено се грижи? (Езекиел 34:15, 16).
2 Јехова многу се грижи за сите свои слуги, но особено за оние што страдаат. Некои можеби страдаат затоа што направиле грешки, и Јехова ги користи старешините за да им помогне. (Прочитај Езекиел 34:15, 16.) Сепак, тој сака ние да побараме помош кога тоа ни е потребно. Во такви ситуации, освен што сесрдно ќе му се молиме на Бог да ни помогне, треба да побараме помош од оние што се „пастири и учители“ во собранието (Еф. 4:11, 12).
3. Како може на сите да ни користи тоа што ќе ја разгледаме улогата на старешините?
3 Во оваа статија ќе дознаеме повеќе за тоа како Јехова ги користи старешините за да им помогне на оние чие пријателство со него ослабнало. Ќе добиеме одговор на следниве прашања: Кога треба да побараме помош од старешините? Зошто треба да го правиме тоа? И, како старешините ни помагаат? Дури и ако во моментов нашето пријателство со Јехова е многу цврсто, одговорот на овие прашања ќе ни ја зголеми благодарноста за начинот на кој Јехова ги користи старешините и ќе ни помогне да дознаеме што треба да правиме кога ќе ни биде потребна нивната помош.
КОГА ТРЕБА ДА ГИ ПОВИКАМЕ СТАРЕШИНИТЕ?
4. Од каде знаеме дека стиховите од Јаков 5:14-16, 19, 20 се однесуваат на болест во духовен поглед? (Види ги и сликите.)
4 Ученикот Јаков објаснил како Јехова ги користи старешините за да ни помогне. Јаков напишал: „Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика старешините од собранието“. (Прочитај Јаков 5:14-16, 19, 20.) Контекстот покажува дека Јаков зборува за болест во духовен поглед. На пример, тој рекол дека болниот треба за помош да ги повика старешините од собранието, а не некој лекар. Исто така, Јаков објаснил дека болниот ќе оздрави кога гревовите ќе му бидат простени. Чекорите кои се потребни за да се излекува некоја болест во духовен поглед се слични со оние што се потребни за болест во физички поглед. Кога ќе се разболиме, обично одиме на лекар, му ги објаснуваме нашите симптоми и ги следиме неговите упатства. Слично на тоа, кога сме болни во духовен поглед, треба да одиме кај некој старешина, да му ја објасниме нашата ситуација и да постапиме според библиските совети што ќе ги добиеме.
Кога сме болни во физички поглед, одиме на лекар; кога сме болни во духовен поглед, бараме помош од старешините (види во пасус 4)
5. Како би можеле да знаеме дали сме ослабнале во духовен поглед?
5 Во Јаков поглавје 5, сме поттикнати да зборуваме со старешините секогаш кога чувствуваме дека ни треба помош во духовен поглед. Но, особено е важно да добиеме помош пред да си го нарушиме пријателството со Бог! Мора да бидеме искрени со себеси. Библијата нѐ предупредува дека би можеле да се залажуваме во поглед на нашата духовна состојба (Јак. 1:22). Тоа им се случило на некои христијани во Сард, но Исус им рекол дека повеќе не му се по волја на Јехова (Отк. 3:1, 2). Еден начин на кој можеме да си ја провериме духовната состојба е така што ќе споредиме какви чувства имавме за Јехова кога се крстивме, а какви чувства имаме за него сега (Отк. 2:4, 5). Би можеле да се прашаме: „Дали сѐ уште со задоволство ја читам Библијата и длабоко размислувам за прочитаното? Дали присуствувам на сите состаноци и дали редовно се подготвувам за нив? Дали ревноста за службата ми спласнала? Дали сега повеќе време трошам за материјални работи и задоволства, и дали повеќе размислувам за нив од порано?“ Ако одговорот на некои од овие прашања е да, тоа би можело да биде знак за духовна слабост и веројатно состојбата ќе се влоши ако не преземеме нешто. Ако не можеме сами да си ја подобриме духовната состојба или ако веќе сме прекршиле некои Божји мерила, треба да побараме помош од старешините.
6. Што треба да прават оние кои направиле сериозен грев?
6 Се разбира, оние кои направиле сериозен грев поради кој би можеле да бидат отстранети од собранието, треба да зборуваат со некој старешина (1. Кор. 5:11-13). На секој што прави сериозен грев му е потребна помош за да си го поправи пријателството со Јехова. За да добиеме простување од Јехова преку откупнината, мора да правиме „дела кои одговараат на покајанието“ (Дела 26:20). Во тие дела спаѓа да им кажеме на старешините ако сме направиле сериозен грев.
7. На кој друг му е потребна помош од старешините?
7 Старешините сакаат да им помогнат и на оние на кои им е многу тешко да им се спротивстават на погрешните желби (Дела 20:35). На пример, можеби таа борба ти е особено тешка ако пред да ја дознаеш вистината си бил зависник од дрога, си гледал порнографија или си водел неморален начин на живот. Немој да мислиш дека треба сам да се бориш со овие искушенија. Можеш да зборуваш со некој старешина во кого можеш да имаш доверба дека ќе те сослуша, ќе ти даде практични совети и ќе те увери дека Јехова многу ќе се радува ако и понатаму се бориш против погрешните желби (Проп. 4:12). Доколку си разочаран поради тоа што сѐ уште имаш погрешни желби, старешините ќе те потсетат дека Јехова се радува бидејќи си побарал помош. Тоа покажува дека ти е важно пријателството со Бог и дека не си самоуверен (1. Кор. 10:12).
8. Дали треба да разговараме со старешините за секоја грешка што ќе ја направиме? Објасни.
8 Не треба да одиме кај старешините за секоја грешка што ќе ја направиме. На пример, да претпоставиме дека си навредил некој соверник или можеби дури и си избувнал во таа прилика. Наместо да одиш кај некој старешина, би можел да го примениш советот на Исус и да се помириш со соверникот (Мат. 5:23, 24). Би можел да истражуваш за особините благост, стрпливост и самосовладување за да ги покажуваш во уште поголема мера во иднина. Но, се разбира, ако сѐ уште не си успеал да го решиш проблемот, би можел да побараш помош од некој старешина. Кога Еводија и Синтихија не можеле да го решат недоразбирањето меѓу нив, апостол Павле замолил еден брат од собранието да им помогне. На сличен начин, може да ти помогне и некој старешина од твоето собрание (Фил. 4:2, 3).
ЗОШТО ТРЕБА ДА ГИ ПОВИКАМЕ СТАРЕШИНИТЕ?
9. Зошто не треба да дозволиме срамот да нѐ спречи да ги повикаме старешините? (Изреки 28:13).
9 Потребни ни се вера и храброст за да побараме помош кога сме направиле сериозен грев или кога чувствуваме дека не можеме да им се спротивставиме на погрешните желби. Не треба да дозволиме срамот да нѐ спречи да ги повикаме старешините. Зошто? Бидејќи Јехова ни ги дал старешините за да ни помогнат и понатаму да имаме цврсто пријателство со него. Значи, кога зборуваме со старешините, покажуваме дека имаме доверба во Јехова и дека сме му послушни. Свесни сме дека ни е потребна помош за да продолжиме да го правиме она што е исправно (Пс. 94:18). Но, ако сме направиле грев, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни прости ако им го кажеме тоа на старешините и ако престанеме да го правиме она што е погрешно. (Прочитај Изреки 28:13.)
10. Што може да се случи ако се обидуваме да ги сокриеме нашите гревови?
10 За разлика од благословите што ги добиваме кога зборуваме со некој старешина кога ни е потребна помош, ако се обидуваме да ги скриеме нашите гревови можеме само да си ја влошиме ситуацијата. Кога цар Давид се обидел да ги скрие своите гревови, страдал во духовен, во емоционален, па дури и во физички поглед (Пс. 32:3-5). Како што една повреда или болест во физички поглед честопати може да се влоши ако не преземеме нешто, истото може да се случи ако имаме проблем и во духовен поглед. Јехова не сака да се случи тоа, и затоа тој нѐ поттикнува „да расчистиме“ со него така што ќе зборуваме со старешините кои тој ги користи за да ни помогне да закрепнеме во духовен поглед (Иса. 1:5, 6, 18).
11. Како би можело да влијае врз другите ако не им кажеме на старешините за некој сериозен грев?
11 Ако криеме дека сме направиле сериозен грев, тоа може лошо да влијае врз другите. Јехова би можел да престане да го благословува собранието со својот свет дух, а би можел да биде загрозен и мирот во собранието (Еф. 4:30). Од друга страна, ако дознаеме дека некој од собранието направил сериозен грев, треба да го поттикнеме да зборува со старешините за тоа. Ако не го направи тоа во разумен временски период, тогаш ние треба да им кажеме на старешините. Во спротивно, и ние ќе бидеме виновни пред Јехова (3. Мој. 5:1). Љубовта и верноста кон Јехова треба да нѐ поттикнат да им ја кажеме вистината на старешините. Така помагаме собранието да остане чисто, а на оној што направил грев му помагаме да си го обнови пријателството со Јехова.
КАКО НИ ПОМАГААТ СТАРЕШИНИТЕ?
12. Како старешините им помагаат на оние кои се слаби во духовен поглед?
12 Библијата ги поттикнува старешините да им помагаат на оние кои се слаби во духовен поглед (1. Сол. 5:14). Ако си направил некаков грев, старешините можеби ќе ти постават проникливи прашања за да сфатат како се чувствуваш и како размислуваш (Изр. 20:5). Можеби нема да ти биде лесно да зборуваш со нив бидејќи си срамежлив или ти е непријатно поради она што се случило. Но, можеш да им помогнеш ако отворено им кажеш со што се бориш. Немој да се плашиш дека твоите зборови можеби ќе звучат непромислено (Јов 6:3). Наместо брзо да донесат некаков заклучок, старешините ќе се трудат внимателно да те слушаат и да добијат целосна слика пред да ти дадат совет (Изр. 18:13). Тие се свесни дека пастирската грижа бара време. Затоа знаат дека понекогаш ќе треба да разговараат со тебе повеќе пати за да ти помогнат.
13. Како старешините можат да ни помогнат со своите молитви и со советите од Библијата? (Види ги и сликите.)
13 Кога ќе ги повикаш старешините, тие ќе се трудат да не предизвикаат кај тебе уште поголема вина за она што си го направил. Наместо тоа, ќе се молат за тебе. Можеби пријатно ќе се изненадиш колку „голема сила“ може да имаат нивните молитви. Нивната помош вклучува и да те „намачкаат со масло во името на Јехова“ (Јак. 5:14-16). Ова „масло“ е вистината од Божјата Реч. Со тоа што вешто ќе ја користат Библијата, старешините можат да те смират, да те утешат и да ти помогнат повторно да имаш добар однос со Јехова (Иса. 57:18). Библиските совети што ќе ти ги дадат, можат да ти ја зајакнат решеноста и понатаму да го правиш она што Јехова го смета за исправно. Преку нив, можеш да го слушнеш гласот на Јехова како ти вели: „Тоа е патот, одете по него!“ (Иса. 30:21).
Старешините ја користат Библијата за да нѐ смират и за да нѐ утешат (види во пасуси 13-14)
14. Според Галатите 6:1, како старешините помагаат некому што направил погрешен чекор? (Види ги и сликите.)
14 Прочитај Галатите 6:1. Зборот кој во овој стих е преведен со „згреши“ може да се однесува на некоја немудра одлука или на некој сериозен грев. Бидејќи го сакаат соверникот кој згрешил, старешините се трудат да го исправаат „во дух на благост“. Грчкиот збор преведен со „исправа“ се користел за да се опише начинот на кој еден лекар исправал скршена коска за таа правилно да заздрави. Еден вешт лекар е многу внимателен кога се обидува да ја исправи коската за да не предизвика уште поголема болка. На сличен начин, кога се обидуваат да исправат еден брат кој направил погрешен чекор, старешините не сакаат да му предизвикаат уште поголема болка. Напротив, тие прават сѐ што можат за да му дадат совет на љубезен начин. Исто така, Библијата им вели на старешините да го прават тоа „внимавајќи на себе“. Додека му помагаат некому да го примени библискиот совет, старешините секогаш имаат на ум дека и тие се несовршени и прават грешки. Наместо да мислат дека се поправедни од лицето на кое се обидуваат да му помогнат, старешините се трудат да бидат понизни и да покажат сочувство (1. Пет. 3:8).
15. Што би можеле да правиме ако имаме некој проблем?
15 Можеме да имаме доверба во старешините од нашето собрание. Тие се обучени да не ги откриваат работите кои сме им ги кажале во доверба, да ги темелат советите на Библијата наместо на своето лично мислење и да продолжат да ни помагаат да се справиме со проблемите (Изр. 11:13; Гал. 6:2). Старешините се разликуваат во поглед на особините и искуството, но можеме да разговараме со кој и да било старешина кога имаме некој проблем. Секако, ние нема да одиме од еден до друг старешина за да бараме совет, надевајќи се дека ќе најдеме некој што ќе ни го каже она што сакаме да го чуеме. Ако го правиме тоа, ќе бидеме како оние кои повеќе сакаат другите да им го „зборуваат она што им годи на ушите“, отколку „здравото учење“ од Божјата Реч (2. Тим. 4:3). Кога ќе зборуваме за некаков проблем со некој старешина, можеби тој ќе нѐ праша дали веќе сме разговарале со други старешини за тоа и каков совет ни дале. А скромноста можеби ќе го поттикне да побара совет од друг старешина (Изр. 13:10).
НАША ЛИЧНА ОДГОВОРНОСТ
16. Каква лична одговорност имаме?
16 Иако се грижат за нас како за Божји овчички, старешините не ни кажуваат што да правиме. Ние имаме лична одговорност со начинот на живот да покажеме дека сме му оддадени на Бог. Секој од нас ќе положи сметка пред Бог за своите зборови и постапки, а тој ќе ни помогне да носиме мудри одлуки и да му останеме верни (Рим. 14:12). Затоа, наместо да ни кажуваат што да правиме, старешините ја користат Библијата за да ни помогнат да сфатиме како гледа Јехова на некоја работа, а потоа оставаат самите да донесеме лична одлука. Кога размислуваме за библиските совети што ни ги даваат и ги применуваме, ние ја вежбаме нашата „моќ на согледување“ за да носиме мудри одлуки (Евр. 5:14).
17. На што треба да бидеме решени?
17 Многу сме му благодарни на Јехова за тоа што нежно се грижи за нас како што еден добар пастир се грижи за своите овци! Јехова го испратил Исус, „добриот пастир“, да ја плати откупнината за нас за да можеме да живееме вечно (Јован 10:11). Исто така, Јехова ни дал старешини во собранијата кои се грижат за нас, токму како што ветил: „Ќе ви дадам пастири според моето срце, и тие ќе ве пасат со знаење и со разборитост“ (Ерем. 3:15). Затоа, кога сме слаби или болни во духовен поглед, не треба да се колебаме да побараме помош од старешините. Да бидеме решени да ја искористиме во потполност помошта што Јехова ни ја дава преку собраниските старешини.
ПЕСНА 31 Да одиме со Бог!