ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Ноември стр. 8-9
  • Треба ли да престанам да возам?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Треба ли да престанам да возам?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ПРОЦЕНИ ГО ТВОЕТО ВОЗЕЊЕ
  • ДОЗВОЛИ ДА ТЕ ВОДАТ БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА
  • Сообраќајни несреќи — дали сте безбедни?
    Разбудете се! 2002
  • Како да се спречат сообраќајни несреќи
    Разбудете се! 2011
  • Совети за безбедно возење
    Разбудете се! 2009
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Ноември стр. 8-9
Еден постар брат седи до прозорец и гледа во својот автомобил. Тој во својата рака ги држи клучевите од автомобилот и размислува.

Треба ли да престанам да возам?

МОЖЕБИ возиш веќе со децении. Убаво ти е што можеш да имаш свое возило и да одиш каде сакаш и кога сакаш. Но твоето семејство и пријателите се загрижени и би сакале да размислиш дали сѐ уште треба да возиш. Не можеш да сфатиш зошто се загрижени.

Дали и ти се наоѓаш во слична ситуација? Ако да, што може да ти помогне да одлучиш дали треба да продолжиш да возиш?

Во некои земји, кога еден возач ќе достигне одредена возраст и сака да ја обнови својата возачка дозвола, мора да добие одобрување од лекар за да може да продолжи да вози. Христијаните кои живеат во овие земји се послушни на законите и на оние што се овластени од државата да носат одлуки (Рим. 13:1). Но дури и ако нема вакви закони таму каде што живееш, има некои предлози кои ќе ти помогнат да процениш дали е безбедно да возиш.

ПРОЦЕНИ ГО ТВОЕТО ВОЗЕЊЕ

Според Националниот институт за стареење во САД, првото нешто што би можел да го направиш е да си ги поставиш следниве прашања:

  • Дали тешко ги препознавам знаците на патот или дали навечер не гледам толку добро?

  • Дали ја губам флексибилноста, што ми отежнува да ја завртам главата и да погледнам во ретровизорите и во мртвите агли?

  • Дали ми е тешко да реагирам брзо, на пример, кога треба да ја преместам ногата од педалата за гас на педалата за кочење?

  • Дали возам толку бавно што го попречувам сообраќајот?

  • Дали во последно време повеќе пати ми се случило за малку да предизвикам сообраќајка, или дали на моето возило има вдлабнатини и гребнатини поради тоа што сум удрил во нешто?

  • Дали ме има запрено полиција поради моето возење?

  • Дали ми се има случено да задремам додека возам?

  • Дали земам лекови кои би можеле да влијаат на возењето?

  • Дали членовите на моето семејство или пријателите се загрижени поради тоа како возам?

Доколку одговори со „да“ на едно или на две од овие прашања, можеби ќе сакаш да размислиш дали треба да направиш некои промени. На пример, можеби ќе одлучиш да возиш помалку, особено навечер. Редовно прави проценка на твоето возење. Би можел да прашаш некој член на семејството или пријател да ти каже што мисли за тоа како возиш. Исто така, размисли дали би можел да одиш на курс за безбедно возење. Сепак, доколку одговори со „да“ на неколку од прашањата наведени погоре, можеби најдобро би било да престанеш да возиш.a

ДОЗВОЛИ ДА ТЕ ВОДАТ БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА

Можеби не ни е лесно да увидиме дека веќе не сме толку добри возачи како порано. И, идејата да престанеме да возиме можеби е нешто за кое не сакаме ниту да размислуваме ниту да зборуваме. Но, како може библиските начела да ти помогнат да гледаш објективно на твојата ситуација и да донесеш мудра одлука? Да разгледаме две такви начела.

Остани скромен (Изр. 11:2). Како што старееме, нашиот вид, слух, мускули и рефлекси ослабуваат. На пример, како што навлегуваат во години, повеќето луѓе престануваат да играат некои спортови затоа што сфаќаат дека полесно би можеле да се повредат. Нешто слично важи и за возењето. Во одреден момент, едно лице можеби ќе покаже скромност и ќе одлучи да престане да вози поради својата лична безбедност (Изр. 22:3). И, доколку другите му кажат дека се загрижени поради неговото возење, едно скромно лице ќе биде спремно да го земе тоа предвид и да послуша. (Спореди со 2. Самоилова 21:15-17.)

Внимавај да не бидеш виновен за крв (5. Мој. 22:8). Еден автомобил може да биде опасно оружје кога не се управува на безбеден начин. Оној што продолжува да вози и покрај тоа што веќе не е добар возач го изложува на ризик и својот живот и животот на другите. И, доколку предизвика сообраќајна незгода со смртен исход, би можел да биде виновен за крв.

Можеби ти е тешко да донесеш одлука дали да престанеш да возиш. Но, немој да мислиш дека, ако повеќе не возиш, ќе го изгубиш своето достоинство или дека другите нема да те почитуваат. Јехова те сака поради твоите убави особини, меѓу кои се и скромноста, понизноста и грижата за доброто на другите. И, тој ветува дека ќе те поддржува и дека ќе те теши (Иса. 46:4). Јехова никогаш нема да те напушти. Затоа, моли го да ти помогне да се водиш по библиските начела и да постапиш мудро кога одлучуваш дали треба да престанеш да возиш.

Како може да помогнат другите

Членовите на семејството честопати се најсоодветните личности за да зборуваат со постарите во врска со нивното возење. Или, можеби ти си пријател на возачот и слушаш дека другите се загрижени за начинот на кој вози. Обрни внимание на таквите коментари. Дури и би можел да му кажеш на постарото лице да се возиш со него. Доколку е потребно, зборувај со него за возењето. Кога ќе го правиш тоа, стави се на негово место. Биди љубезен, но искрен. Немој да се концентрираш на неговата возраст, туку зборувај за неговите возачки вештини. Наместо да му кажеш: „Ти веќе не возиш безбедно“, кажи му нешто како: „Загрижен сум за твојата безбедност кога возиш“. Потсети го на библиските начела од оваа статија и увери го дека знаеш дека тој сака да биде послушен на она што е запишано во Библијата.

Сите ние треба да се обидеме да си замислиме како се чувствува некој постар кога треба да престане да вози. Тој можеби има чувство дека ги изгубил својата слобода и независност. Како може да му помогнеш? Биди љубезен и понуди му практична помош (Изр. 17:17). Немој да чекаш тој да те праша да го префрлиш некаде бидејќи може да се чувствува дека ќе ти биде на товар. Можеби би можел да му понудиш да направиш распоред за да има секогаш некој што ќе го носи на состаноци, во служба на проповедање, на пазарење, на лекар и слично. Увери го дека сакаш да го правиш тоа за него и дека сакаш да поминуваш време со него (Рим. 1:11, 12).

a За повеќе информации, види во статијата „Сообраќајни несреќи — дали сте безбедни?“, која излезе во Разбудете се! од 22 август 2002.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели