СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
Како да останеш радосен додека се грижиш за некој близок
Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со радосен восклик (ПС. 126:5)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како може оние што се грижат за некој близок да се справат со специфичните предизвици што ги носи таквата ситуација и да останат радосни.
1-2. Како гледа Јехова на оние што се грижат за некој близок? (Изреки 19:17; види ги и сликите).
„ЈАС и жена ми сме во брак повеќе од 32 години“, вели еден брат од Кореја по име Џин Јол. „Последниве пет години, ѝ пружам постојана грижа. Таа страда од Паркинсонова болест и многу тешко се движи. Ја сакам и ја ценам и со задоволство се грижам за неа. Секоја ноќ, таа спие во болнички кревет во нашиот дом. Јас лежам до неа, и се држиме за рака додека спиеме.“
2 Дали се грижиш за некој што го сакаш, на пример за родител, сопружник, дете или пријател? Ако да, веројатно ја цениш посебната можност што ја имаш да му помагаш на таков начин. И, со тоа што се грижиш за него, покажуваш дека си му оддаден на Јехова (1. Тим. 5:4, 8; Јак. 1:27). Сепак, ти се соочуваш со тешкотии кои другите често не ги забележуваат. Понекогаш, можеби дури и имаш чувство дека ти си единствениот што страда. Можеби се трудиш да бидеш насмеан пред другите, но кога си сам, не можеш да ги задржиш солзите (Пс. 6:6). Иако другите можеби не се свесни низ што минуваш, Јехова е секогаш свесен. (Спореди со 2. Мојсеева 3:7.) Твоите солзи и жртви се скапоцени за него (Пс. 56:8; 126:5). Тој забележува сѐ што правиш за да му помогнеш на твојот близок. За Јехова, тоа е како да има долг кон тебе и ветува дека ќе ти го плати. (Прочитај Изреки 19:17.)
Дали му пружаш грижа на некој твој близок? (види во пасус 2)
3. Со какви тешкотии можеби се соочиле Авраам и Сара додека се грижеле за Тара?
3 Во Библијата има многу извештаи за мажи и жени кои се грижеле за свој близок, како на пример Авраам и Сара. Кога го напуштиле Ур, нивниот татко, Тара, имал околу 200 години. Сепак, и тој тргнал со нив. Патувале околу 960 километри до Харан (1. Мој. 11:31, 32). Нема сомнеж дека Авраам и Сара го сакале Тара, но сигурно не им било лесно да се грижат за него, особено додека патувале. Тие, веројатно, патувале на камили или на магариња, што можеби било многу тешко за остарениот Тара. Веројатно, понекогаш се чувствувале многу уморно, можеби дури и исцрпено. Како и да било, Јехова сигурно им ја давал потребната сила. Исто како што ги поддржувал Авраам и Сара, Јехова и тебе ќе те поддржува и ќе те зајакнува (Пс. 55:22).
4. Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Радоста може да ти помогне да истраеш додека пружаш грижа некому (Изр. 15:13). Една радосна личност може да остане среќна и покрај околностите (Јак. 1:2, 3). Како може да стекнеш таква радост? Еден начин е така што ќе се потпираш на Јехова во молитва и ќе го молиш да ти помогне да задржиш позитивен став. Во оваа статија ќе разгледаме уште некои работи кои можат да им помогнат на оние кои се грижат за некој близок да останат радосни. А ќе разгледаме и како може другите да им помагаат. Прво, да видиме зошто е неопходно оние што пружаат грижа да ја зачуваат својата радост и кои работи би можеле да им ја одземат радоста.
КАКО ГРИЖАТА ЗА НЕКОЈ БЛИЗОК МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА ТВОЈАТА РАДОСТ
5. Зошто е неопходно оние што се грижат за некој близок да ја зачуваат радоста?
5 Ако оној што пружа грижа ја изгуби радоста, лесно може да се измори (Изр. 24:10). А, ако се измори, би можел да стане понељубезен и да не биде во можност да пружи помош колку што би сакал. Што може да им ја одземе радоста на оние што се грижат за некој близок?
6. Зошто некои што пружаат грижа страдаат од синдром на прегорување?
6 Оние што пружаат грижа може да страдаат од синдром на прегорување. Една сестра по име Лија вели: „Грижата за близок емоционално те исцрпува дури и во добрите денови. На крајот од денот, често чувствувам дека повеќе немам сила за ништо. Понекогаш, дури и немам сили да одговорам на порака“. Други, пак, не можат доволно да спијат или да се одморат, нешто што, всушност, им е многу потребно. Една сестра по име Инес вели: „Не спијам доволно. Честопати, ноќе станувам на секои два часа за да се грижам за мојата свекрва. И, јас и мојот сопруг веќе со години не сме биле на одмор“. Некои што пружаат грижа мора да одбиваат покани за дружења, па дури и теократски задачи бидејќи на нивниот близок му е потребна постојана нега. Поради тоа, може да имаат чувство дека се осамени и дека се жртва на своите околности.
7. Зошто некои што се грижат за свој близок се борат со чувства на вина или тага?
7 Оние што пружаат грижа може да се мачат со силни чувства на вина или тага. Една сестра по име Џесика вели: „Се борам со свои ограничувања. Кога си одвојувам време за себе, имам чувство на вина и мислам дека сум себична“. Некои лица кои се грижат за свој близок чувствуваат вина бидејќи понекогаш ги фрустрира тоа што се наоѓаат во таква ситуација. Други се мачат со мислата дека не прават доволно за да им помогнат на своите блиски. Трети чувствуваат вина бидејќи, кога биле изнервирани, кажале нешто со што го повредиле лицето на кое му помагаат (Јак. 3:2). Некои се тажни кога гледаат дека лицето за кое се грижат станува сѐ поболно и ја губи виталноста. Една сестра по име Барбара вели: „Една од најтешките работи ми е кога гледам како лицето што го сакам од ден на ден сѐ повеќе пропаѓа“.
8. Раскажи искуство за тоа како само неколку изрази на ценење може да влијаат врз некој што пружа грижа.
8 Некои кои пружаат грижа можеби имаат чувство дека не се ценети. Зошто? Бидејќи ретко кој им се заблагодарува или ги пофалува за напорната работа и за жртвите што ги прават. Само неколку изрази на благодарност може да постигнат многу (1. Сол. 5:18). Една сестра по име Мелиса вели: „Понекогаш, плачам бидејќи сум изморена и обесхрабрена. Но, кога оние за кои се грижам ќе ми кажат: ’Фала за сѐ што правиш за мене‘, се чувствувам многу подобро. Ваквите коментари ми помагаат следниот ден да се разбудам со нови сили и со желба повторно да се грижам за нив“. Еден брат по име Амаду објаснува како влијаат врз него изразите на благодарност. Тој и жена му се грижат за нивната мала внука која живее со нив и која страда од епилептични напади. Тој вели: „Иако таа можеби не разбира во потполност колку многу жртви правиме за да се грижиме за неа, срцето ми се полни со радост кога таа ни изразува ценење или се обидува да ги напише зборовите ’Те сакам‘”.
КАКО ДА ОСТАНЕШ РАДОСЕН
9. Како може некој што се грижи за свој близок да биде скромен?
9 Биди скромен (Изр. 11:2). Сите ние имаме ограничено време и сила. Затоа, ќе треба да си поставиш граници за тоа што можеш и што не можеш да правиш, и понекогаш ќе треба да кажеш „не“. И, тоа е сосема во ред. Тоа покажува дека си скромен. Ако другите ти понудат помош, со задоволство прифати ја. Еден брат по име Џеј вели: „Не можеме да направиме сѐ одеднаш. Тоа што ќе сфатиш кои се твоите граници и нема да одиш преку нив ќе ти помогне да си ја зачуваш радоста“.
10. Зошто е важно оној што пружа грижа да има разбирање? (Изреки 19:11).
10 Имај разбирање. (Прочитај Изреки 19:11.) Ако имаш разбирање, поверојатно е дека ќе останеш смирен кога некој ќе те испровоцира. Оној што има разбирање се труди да сфати зошто некој постапува на одреден начин. Се разбира, некои хронични заболувања може да предизвикаат едно лице да се однесува неразумно (Проп. 7:7). На пример, некој што обично е љубезен и промислува што ќе каже би можел да почне да се расправа. Или, би можел да очекува премногу од другите, да негодува или да дава чувство дека не може да му се угоди. Ако му пружаш нега на некој што има сериозно заболување, може да ти помогне тоа што ќе дознаеш нешто повеќе за неговата болест. Колку повеќе ја разбираш болеста, толку поверојатно е дека ќе сфатиш дека неговото однесување е резултат на неговата состојба, а не на тоа каква личност е (Изр. 14:29).
11. За кои важни работи треба да си одвојуваат време секој ден оние што пружаат грижа? (Псалм 132:4, 5).
11 Одвојувај време за да си го зајакнеш пријателството со Јехова. Понекогаш, ќе треба да ставиш некои активности во втор план за да имаш време за она „што е најважно“ (Фил. 1:10). Една од најважните работи е да си го зајакнуваш пријателството со Јехова. На цар Давид најважно му било да го обожава Јехова. (Прочитај Псалм 132:4, 5.) Слично како него, важно е секој ден да си одвојуваш време за да ја читаш Библијата и за да се молиш. Една сестра по име Илајша вели: „Успевам да ја зачувам радоста така што се молам и длабоко размислувам за утешни псалми. Молитвата ми е како јаже за спасување. Низ денот, често му се молам на Јехова за да останам смирена“.
12. Зошто оние што пружаат нега треба да одвојуваат време за да се грижат за своето здравје?
12 Одвојувај време за да се грижиш за своето физичко здравје. На луѓето што се зафатени, како оние што се грижат за некој, може да им биде тешко да се хранат здраво бидејќи немаат многу време да пазаруваат свежа храна и да подготвуваат хранливи оброци. Здравиот начин на исхрана и редовното вежбање се неопходни за твоето физичко и ментално здравје. Затоа, труди се добро да го искористиш ограниченото време што го имаш така што ќе се храниш здраво и редовно ќе вежбаш (Еф. 5:15, 16). Исто така, труди се да спиеш доволно (Проп. 4:6). Истражувањата покажуваат дека спиењето помага во отстранувањето на токсините од мозокот. Во една медицинска статија пишува дека доволното спиење може и да ја намали анксиозноста и да ни помогне полесно да се справиме со стресот. Освен тоа, треба да си одвојуваш време и за рекреација (Проп. 8:15). Една сестра која пружа грижа кажува што ѝ помага за да остане радосна. Таа вели: „Кога времето е убаво, гледам да излезам надвор и да уживам на сонце. И, барем еднаш месечно, планирам да правам нешто забавно со некоја пријателка“.
13. Зошто смеењето е здраво? (Изреки 17:22).
13 Задржи смисла за хумор. (Прочитај Изреки 17:22; Проп. 3:1, 4.) Смеењето е добро за твоето физичко и ментално здравје. Кога се грижиш за некого, работите ретко излегуваат онака како што си планирал. Но, ако можеш да задржиш смисла за хумор во тешки ситуации, веројатно, полесно ќе ти биде да се носиш со нив. И, тоа што ќе се смеете заедно со лицето за кое се грижиш може уште повеќе да ве зближи.
14. Како може да ти помогне тоа што ќе зборуваш со некој пријател во кој имаш доверба?
14 Зборувај со некој пријател во кој имаш доверба. И покрај сѐ што правиш за да останеш радосен, понекогаш сепак ќе се чувствуваш преоптоварено. Во тие моменти, може да ти биде од помош тоа што ќе му ги кажеш своите чувства на некој добар пријател — некој што нема да те осудува или нема да направи да се чувствуваш лошо поради она што си го кажал (Изр. 17:17). Тоа што ќе те сослуша и ќе ти каже нешто охрабрувачко може да биде токму она што ти е потребно за да останеш радосен (Изр. 12:25).
15. Како тоа што ќе размислуваш за надежта ќе ти носи радост?
15 Замислувај си го животот со тоа лице во рајот. Не заборавај дека тоа што се грижиш за некого е само привремено. Јехова немал намера луѓето да го прават тоа (2. Кор. 4:16-18). „Вистинскиот живот“ допрва доаѓа (1. Тим. 6:19). Веројатно ќе чувствуваш голема радост ако зборуваш со твојот близок за тоа што ќе правите заедно во рајот (Иса. 33:24; 65:21). Една сестра по име Хедер вели: „Честопати им кажувам на оние за кои се грижам дека наскоро заедно ќе шиеме, ќе трчаме и ќе возиме велосипед. Ќе печеме леб и ќе готвиме оброци за нашите сакани кои ќе воскреснат. Заедно, му благодариме на Јехова за нашата надеж“.
КАКО МОЖЕ ДРУГИТЕ ДА ПОМОГНАТ
16. Како би можеле да му помогнеме на некој соверник од собранието кој се грижи за некого? (Види ја и сликата.)
16 Помогни им на оние што се грижат за некого да имаат време за себе. Браќата и сестрите може да понудат помош околу грижата. Така, лицето што пружа грижа ќе може за кратко да ги тргне мислите од својата ситуација и да заврши други работи (Гал. 6:2). Некои објавители направиле распоред кој да помага секоја седмица. Една сестра по име Наталија, која се грижи за својот парализиран сопруг, вели: „Еден брат од собранието доаѓа еднаш или двапати седмично за да биде со мојот сопруг. Сведочат заедно, си разговараат, па дури и гледаат филмови. Маж ми многу ги цени тие моменти, а и јас имам време да се погрижам за некои мои потреби, како на пример да отидам на прошетка“. Во некои случаи, можеби ќе понудиш да останеш преку ноќ со лицето на кое му е потребна нега за да може оној што му пружа грижа добро да се одмори.
Како може да му помогнеш на некој од собранието што се грижи за свој близок? (види во пасус 16)a
17. Како може да им помагаме за време на состаноците на оние што пружаат грижа?
17 Помагај им за време на собраниските состаноци на оние што пружаат грижа. Тие можеби не извлекуваат голема корист од состаноците, собирите и конгресите бидејќи се зафатени околу грижата за својот близок. Другите од собранието може да понудат да седат со лицето на кое му е потребна грижа за време на состанок или на дел од него. Доколку таквото лице не може да излегува од дома, би можел да понудиш да одиш во неговиот дом и заедно да се вклучите на состанок за да може оној што пружа грижа да присуствува на состанок во живо.
18. Што друго може да правиме за оние кои се грижат за свој близок?
18 Пофалувај ги лицата кои се грижат за свој близок и моли се за нив. Старешините треба редовно да покажуваат пастирска грижа кон оние кои пружаат нега некому (Изр. 27:23). И, без оглед на нашите околности, сите можеме редовно и од срце да ги пофалуваме ваквите лица. Исто така, може да го молиме Јехова да продолжи да ги зајакнува и да им помага да ја зачуваат радоста (2. Кор. 1:11).
19. Кои работи со нетрпение ги чекаме?
19 Наскоро, Јехова ќе ги избрише сите солзи предизвикани од болка. Повеќе нема да има ни болести ни смрт (Отк. 21:3, 4). „Сакатиот ќе скока како елен“ (Иса. 35:5, 6). Тешкотиите што ги носи староста и болката што ја носи грижата за некој близок што е болен ќе бидат дел од она што веќе „нема да доаѓа во сеќавање“ (Иса. 65:17). Дури и денес, додека чекаме да се исполни нашата прекрасна надеж, Јехова нема да нѐ напушти. Ако продолжиме да се потпираме на него за сила, тој ќе ни помогне потполно да истраеме со стрпливост и радост (Кол. 1:11).
ПЕСНА 155 Радост бескрајна
a ОПИС НА СЛИКАТА: Две млади сестри остануваат со една постара сестра за да може сестрата што се грижи за неа да отиде на прошетка.