Писмо од Водечкото тело
Драги браќа и сестри,
Многу ни е мило што можеме да ви го пратиме ова писмо. Сега има над седум милиони верни слуги на Јехова. Сигурни сме дека кога ќе се сретнете со соверник од друг дел на светот, веднаш се чувствувате блиски со него (Јован 13:34, 35). Уверени сме дека таа силна врска ќе ја почувствувате и кога во Годишникот за 2012 ќе читате за верата и лојалноста на нашите браќа и сестри од разни земји.
Извештаите од целиот свет покажуваат дека голем број од вас сериозно ја сфаќаат Семејната вечер и редовно ја одржуваат. Многу е убаво што вие, кои имате мали деца, успевате да најдете начини да им ја направите таа вечер интересна (Еф. 6:4). Сопружниците стануваат уште поблиски кога заедно истражуваат и дискутираат за духовни теми (Еф. 5:28-33). Семејната вечер ни дава можност да се задлабочиме во Божјата Реч и многу ни користи на сите — и како поединци и како семејства (Ис. Нав. 1:8, 9).
Сочувствуваме со сите вас што ве погодија неодамнешните природни катастрофи. Ја користиме оваа прилика да им се заблагодариме на сите што во тие тешки периоди без колебање се приклучија на акциите за помош (Дела 11:28-30; Гал. 6:9, 10). Освен тоа, во секое собрание има браќа што забележуваат дека на соверниците им треба материјална помош и дискретно им помагаат. Како Дорка, и вие ‚правите добри дела и им помагате на сиромасите‘ (Дела 9:36). Бидете сигурни дека Јехова го гледа тоа и дека ќе ви возврати (Мат. 6:3, 4).
Во некои земји, вашите права ги кршат луѓе кои манипулираат со законот за да ‚ви создаваат проблеми‘ (Пс. 94:20-22). Знаете дека Исус прорекол такво прогонство и храбро истрајувате и се потпирате на Јехова (Јован 15:19, 20). Бидете уверени дека постојано се молиме за сите вас кои ја браните вистината „пред секој што од вас бара да ја образложите надежта која е во вас“ (1. Пет. 3:13-15).
Милиони од вас од година во година водат битка да останат морално чисти и покрај безмилосните обиди на Сатана да ве расипе со своите подмолни методи, и сакаме од срце да ве пофалиме за тоа. Во ова време кога моралните мерила во светот паѓаат сѐ пониско и пониско, вие ‚јакнете во Господарот и во неговата голема сила‘ (Еф. 6:10). Вие ‚сте ја облекле сета Божја воена опрема‘ и затоа можете одлучно да се спротивставите на „Ѓаволовите сплетки“ (Еф. 6:11, 12). Секогаш имајте на ум дека Јехова ве посочува вас за да одговори на подбивањата на Сатана! (Изр. 27:11).
Многу се израдувавме кога чувме дека во 2011 год., на Спомен-свеченоста присуствуваа 19.374.737 лица. Оваа импресивна бројка делумно е резултат на тоа што голем број од вас служеа како помошни пионери во април минатата година. Милиони жители на Земјата можеа да чујат како верните слуги на Јехова обединето му оддаваат слава! (Рим. 10:18). Без разлика дали бевте меѓу сите 2.657.377 објавители што служеа како помошни пионери тој месец или ја зголемивте службата на некој друг начин, се гордееме со вас затоа што покажавте спремност и ревност за делото (Пс. 110:3; Кол. 3:23).
Минатата година се крстија 263.131 лице. Благодарноста за тоа му ја должиме на Јехова и вам кои заедно со нас ја упатувате поканата: „,Дојди!‘ И секој што слуша, нека рече: ‚Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Отк. 22:17). Откако на обласниот конгрес во 2011 год. подобро ги разбравме обележјата на Божјето Царство, сега со уште поголемо одушевување велиме: „Нека дојде Божјето Царство!“ Охрабрени од зборовите на Исус: „Доаѓам брзо“, ние со сета душа се согласуваме со одговорот на апостол Јован: „Амин! Дојди, Господару Исусе!“ (Отк. 22:20).
Додека будно го исчекувате тој величествен настан, знајте дека ве сакаме сите вас, драги браќа и сестри, кои ја покажувате својата љубов кон Јехова „со дела и со вистина“! (1. Јов. 3:18).
Вашите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци