Русија ја напаѓа Украина
Рано наутро на 24 февруари 2022, Русија започна воена инвазија во Украина и покрај обидите на светските водачи да се избегне војна. Како би можел овој воен судир да влијае врз светот? Пред неколку дена, Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави: „Не можеме ни да си ги замислиме страдањето и уништувањето што би ги предизвикал овој судир, и како тој би влијаел врз безбедноста на Европа и на целиот свет“.
Какво значење имаат ваквите настани според Библијата?
Исус претскажал дека ќе дојде време кога „ќе се крене народ против народ и царство против царство“ (Матеј 24:7). Од Библијата се гледа дека војните кои се случуваат денес се исполнување на ова пророштвото на Исус. За да дознаеш нешто повеќе за тоа, прочитај ја статијата „Од каде знаеме дека живееме во ’последните денови‘?“.
Во библиската книга Откровение, војните се претставени со јавач на „коњ со пламена боја“, на кој му е дадено „да го одземе мирот од земјата“ (Откровение 6:4). За да дознаеш како ова пророштво се однесува на војните денес, прочитај ја статијата „Што претставуваат четирите јавачи?“.
Во библиската книга Даниел е проречено дека ќе има соперништво помеѓу „царот на северот“ и „царот на југот“ (Даниел 11:25-45). Гледај го видеоклипот Исполнети пророштва — Даниел поглавје 11 за да дознаеш зошто може да се каже дека царот на северот ги претставува Русија и нејзините сојузници.a
Во книгата Откровение пишува и за „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14, 16). Меѓутоа, оваа војна не се однесува на некој судир помеѓу спротивставени народи, како што е тоа случај сега во Украина. За повеќе информации околу таа идна војна за која зборува Библијата, прочитај ја статијата „Што е Армагедон?“
Зошто можеме сепак да се надеваме на убава иднина?
Библијата вели дека Бог ќе ги прекине „војните до крајот на земјата“ (Псалм 46:9). Во статијата „Што навистина ни носи иднината?“ можеш да прочиташ нешто повеќе за тоа каква иднина ни ветува Бог.
Исус ги поучил своите следбеници да се молат да дојде Божјето Царство (Матеј 6:9, 10). Тоа Царство е небесна влада која ќе се погрижи Божјата волја да се изврши на Земјата. Меѓу другото, Божја волја е да има мир низ целиот свет. Гледај го видеоклипот Што е Божјето Царство? за да дознаеш какви промени ќе направи тоа Царство и како тоа може да ти користи тебе.
Во Украина живеат повеќе од 129.000 Јеховини сведоци. Како и во секоја друга земја, Сведоците таму го следат примерот на Исус со тоа што остануваат неутрални, односно не се мешаат во политика и не учествуваат во војна (Јован 18:36). Низ целиот свет, Јеховините сведоци објавуваат дека Божјето Царство е решението за проблемите на луѓето, вклучувајќи ги и војните. Те поттикнуваме да контактираш со нас за да можеш да дознаеш повеќе за оваа „добра вест за царството“ и за тоа каква надеж ни дава Библијата (Матеј 24:14).
a За подетално објаснување на ова пророштво, види ги статиите „Северниот цар во времето на крајот“ и „“Кој е северниот цар денес?“