Младите прашуваат . . .
Дали Бог одговара на моите молитви?
„САКАМ да знам дали Јехова одговара на моите молитви“, вели 11-годишната Сандра, „затоа што не сум баш сигурна дека е така. А познавам и многу млади кои го имаат истиот проблем.“ Петнаесетгодишната Алиса некогаш имала сличен проблем со молитвата. „Често чувствував дека си зборувам самата со себе“, признава таа.
Според една Галупова анкета од 1988, во Соединетите Држави 87 отсто од тинејџерите се молеле повремено, но помалку од половината го правеле тоа редовно. Очигледно, некои сметаат дека нивните молитви напросто не се одговорени. Понекогаш, можеби и ти помислуваш дека никој не ги слуша твоите молитви. Меѓутоа, Библијата нѐ уверува дека, ако му се молиме искрено и со вера, ‚Слушачот на молитвата‘ (NW) навистина слуша (Псалми 64:2). Но, како знаеш дека тој не е само пасивен слушач кој учтиво слуша и само малку или воопшто не реагира?
Откако псалмистот го нарекол Бог Слушач на молитва, рекол: „Со работи кои влеваат стравопочитување ќе ни одговориш во праведност, о Боже на нашето спасение“ (Псалми 65:5, NW; спореди Псалми 65:19, 20). Тогаш, зошто некои сметаат дека нивните молитви се неодговорени?
Што ја спречува молитвата
Причината за тоа може да биде недостиг на вистински однос со Бог. Некои млади се сомневаат во самото негово постоење. Други веруваат во него, но го сметаат за далечно, апстрактно битие. Молитвите стануваат како кочница во случај на опасност — последно средство кон кое прибегнуваат во опасна ситуација. „Верувам во Бог“, тврди еден млад католик. „Кога сум во неволја, кога ми треба помош, секогаш ја барам Неговата помош.“ Друга младинка без заобиколување вели: „Понекогаш се молам само кога барам нешто од Бог“.
Меѓутоа, молитвата треба да биде израз на вера, почитување, оддаденост и доверба — не само израз на очај или себична желба. И не е доволно да се молиш на Бог затоа што претпоставуваш дека Бог постои. „Оние, кои доаѓаат при Бога,“ вели Библијата, „треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Лицата кои се сомневаат не добиваат одговор на своите молитви (Јаков 1:6-8). Јехова ги слуша молитвите на оние кои го запознале и го љубат; тие не се молат само кога се наоѓаат во итни ситуации. Како што опоменува 1. Солунјаните 5:17, тие ‚се молат постојано‘, или како што вели An American Translation, ‚никогаш не се откажуваат од молитвата‘.
Жалосно е да се каже дека некои млади христијани го запознале Јехова, но не развиле вистински пријателски однос со него (Псалми 24:14). Се молат ретко. Нивните молитви се безлични и на крајот неодговорени. Можно ли е тоа да се однесува и на твоите молитви? Ако е така, ‚приближи се кон Бог‘ така што ќе го запознаеш (Јаков 4:8). Младата Алиса, што ја споменавме на почетокот, се сомневала во Јехова. Но, преку личното проучување на Библијата постепено ги избришала сомнежите и ѝ било помогнато да развие доверлив однос со Бог.
Нашиот став и начинот на однесување можат исто така да бидат голема пречка за молитвата. Псалмистот рекол: „Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши“ (Псалми 65:18; Соломонови изреки 15:29). Дали би било разумно да очекуваш Бог да одговори на твоите молитви ако правиш работи кои го лутат — ако употребуваш дрога, ако пушиш, слушаш деградирачка музика или се впушташ во сексуален неморал? Сигурно не. Затоа, Јехова ги отфрла молитвите на оние кои водат дволичен живот и лицемерно ‚кријат што се‘ (Псалми 26:4, NW). Тој го слуша само оној што „оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина“ (Псалми 14:1, 2). Затоа, ако си почнал да чувствуваш дека си зборуваш сам на себеси кога се молиш, внимателно испитај го својот живот. Можеби е потребно да направиш некои промени.
Злоупотребување на молитвата
За што можеме да го молиме Бог? Исус нѐ уверил: „Што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде“ (Јован 16:23). Што мислел Исус со зборовите: што и да посакате? Дали тоа значи дека Бог послушно ти стои на располагање како некој надчовечки слуга? Ќе го исполни ли секое твое барање, па дури и лекомислените? Исус ги изрекол овие зборови само неколку часа пред својата мачна смрт. Сигурно немал на ум бесмислени работи! Затоа, Јаков 4:3 нѐ предупредува на злоупотребувањето на молитвата. Таму стои: „Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти“.
Денес, многумина ја злоупотребуваат предноста на молитвата. Еден школски кошаркарски тим клекнувал среде игралиштето и изговарал молитва после секоја игра. Но, дали навистина мислиш дека Бог е кошаркарски навивач или дека би се понизил за да се вмеша во некаква натпреварувачка игра? (Спореди Галатјаните 5:26.) Или, што е со жената за која се вели дека се моли за чевли? „Понекогаш во некоја продавница за чевли може да останале само едно или две рала чевли по мој број“, рекла таа, „и ако немам пари во тој момент, го молам Бог да ми направи да бидат таму кога ќе се вратам по нив.“ Значи, едно е да молиш за нешто потребно — а сосем друго да очекуваш Бог да се погрижи за нашето купување.
Под слични околности, би било неприкладно — и залудно — да се молиш Бог да те поштеди од заслужената казна или укор (Евреите 12:7, 8, 11). Исто така воопшто не би ти користело да го молиш Бог да ти даде добра оцена на некој тест за кој само малку или воопшто не си се подготвувал. (Спореди Галатјаните 6:7.)
Молитви „по Неговата волја“
Апостолот Јован објаснил една значајна мисла во врска со молитвата: „И тоа е слободата [довербата, NW], која ја имате пред Него, дека ако просиме [молиме, NW] нешто по Неговата волја, Он нѐ послушува“ (1. Јованово 5:14). Исусовата примерна молитва (Оче наш) разјаснува што би можела да вклучи една таква молитва. Тој молел 1) да се свети Божјето име, 2) да дојде Божјето царство, 3) да се врши Божјата волја, 4) да бидат задоволени телесните и духовните потреби и 5) за помош да се избегнуваат Сатановите замки (Матеј 6:9-13).
Во овие рамки има многу за што можеш да се молиш. Всушност, 1. Петрово 5:7 ги поттикнува христијаните ‚да ги остават сите нивни грижи на Него, зашто Он се грижи за нив‘. Тоа значи дека во молитвата можеш да му изнесеш работи од секој аспект на твојот живот. Дали треба да донесеш одлука, како на пример, која насока во школувањето да ја избереш? Моли за божествена мудрост (Јаков 1:5). Си направил некои лекоумни грешки? Тогаш моли го Бог за простување (Исаија 55:7; 1. Јованово 1:9).
Но, ти мораш и да постапуваш во склад со својата молитва. Размисли за младиот Клинт, кој станал полновремен проповедник по матурата. Со месеци не нашол некого кој би се интересирал за студирање на Библијата. Затоа, тоа му станало предмет на молитва. Меѓутоа, не чекал да му падне од небо некој заинтересиран. Марливо продолжил да чука на вратите и со текот на времето нашол повеќе лица кои биле спремни да ја проучуваат Библијата.
Како Бог одговара на молитвите
Понекогаш, самото молење е една помош. Младата Санди се борела со проблемот на мастурбација. Таа вели: „Молењето и повикувањето на Јехова ми помогна, бидејќи знаев дека не можам од една страна да барам од него да ми помогне да ја надминам мојата слабост, а од друга страна пак да попуштам“.
Сепак, понекогаш се чини дека Бог влијае на некои настани како одговор на молитвата. Еднаш, младиот Кен требало да стигне во Царската сала на Јеховините сведоци за да одржи кратко библиско предавање кое му било доделено. За несреќа, никој не бил во можност да го превезе. Горливо се молел за таа работа. Неколку минути подоцна, пристигнала сестра му, која ретко ги посетувала. Иако не била заинтересирана за неговата религија, таа го превезла до Царската сала. Директен одговор на неговата молитва? Можеби. Во секој случај, секогаш е прикладно да му заблагодариме на Бог кога работите ќе завршат во наша корист. Павле нѐ подбудува: „Благодарете за сѐ“ (1. Солунјаните 5:18).
Сепак, не очекувај Бог да одговори на твоите молитви на некој драматичен начин. Ниту треба секоја ситница што ќе ти се случи да ја толкуваш како манифестација на Божјата волја. Нашите молитви се обично одговорени на едвај забележливи начини: Ќе прочиташ нешто во Библијата или во библиската литература; или пак родителот или некој сохристијанин ќе ти пружи здрав совет. Како што е познато, потребна е способност на распознавање за точно да се одреди која е Божјата волја со тебе. Работата, обично, се решава со текот на времето.
Да, со текот на времето! Не очекувај Бог да ти одговори тогаш кога ти сметаш дека треба. „Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господа [Јехова,NW]“, напишал Јеремија (Плач Јеремиин 3:26). Освен тоа, нема никаква гаранција за тоа дека твојата молба ќе се исполни на начин како што ти повеќе би сакал. Апостолот Павле трипати го молел Бог да го отстрани неговиот проблем кој го нарекол ‚трн . . . во телото‘. Божјиот одговор бил не (2. Коринтјаните 12:7-9). Меѓутоа, Павле не го изгубил ценењето за дарот на молитвата, туку продолжил и понатаму во Јеховината служба. Дури и напишал: „Бидете постојани во молитвата“ (Колосјаните 4:2). Затоа, и понатаму „сакајте . . . барајте . . . чукајте“ (Матеј 7:7). На тој начин уште повеќе ќе му се приближиш на Бог и можеш да се надеваш дека ќе добиеш одговор на твоите молитви.
[Слики на страница 13]
Молитвите не треба да бидат молби за исполнување на лекомислени материјални желби