Нијагарините Водопади — вечен скапоцен камен на Америките
Од дописникот на Разбудете се! од Канада
„ЕДНА од најчудесните, најубавите и најколосалните сцени коишто природните сили некогаш ги поставиле!“ — изјавил лорд Даферин, генерален гувернер на Канада, во говорот што го одржал во Торонто пред Друштвото на уметниците на Онтарио во 1878 година, кога се зазел за основање на јавен парк за заштита и зачување на „особеностите“ на Нијагарините Водопади „кои влеваат стравопочитување“.
Величественоста на ова раскошно природно чудо тешко може да се опише. Колку восхитувачка глетка! Луѓе од сите делови на светот се привлечени да го видат овој вечен скапоцен камен на Америките.
Од историјата дознаваме дека Европејците први дознале за овие „громогласни води“, за Нијагарините Водопади, пред повеќе од три века. Во 1644, францускиот лекар Ле Сјер Жендрон, директно ја споменал оваа привлечна глетка во писмата што им ги испратил на пријателите во Франција. Подоцна, мисионери, трговци и истражувачи го разгорувале интересот и фантазијата на другите преку своите извештаи за големите грмотевични водопади помеѓу езерата Ири и Онтарио.
Нијагарините Водопади всушност се состојат од два водопада сместени на границата помеѓу Канада и Соединетите Американски Држави. Потковичестиот водопад е на канадската страна, а Американскиот водопад на страната на САД. За да го видат овој прочуен скапоцен камен на Америките, раните патници морале да се искачуваат преку мочурливи водени текови и по стрмни патеки што ги пробиле Индијанците, изделкани покрај стрмниот карпест кањон којшто реката со милениуми го засекувала.
Искрена загриженост
Потоа дошле претприемачите кои се погрижиле за мноштво туристички атракции. Неконтролираниот комерцијализам кој се појавил околу ваквото сензационално природно чудо ги вознемирувал многумина. Тие сакале да преземат чекори да го заштитат овој вечен Нијагарин скапоцен камен. Пејзажистот Ф. Е. Черч сметал дека комерцијализмот го одвлекувал вниманието и затоа бил непожелен. Во 1847, еден посетител се жалел: „Сега блиската околина на големото чудо е преплавена со секаков вид одвратни работи како печурки — невкусноста зема се поголем замав“.
Во 1832 година, Е. Т. Кук бил поттикнат да напише: „Штета е што таквото земјиште не се прогласи за свето засекогаш; што на шумските дрвја не им е допуштено да растат бујно во сета нивна дива и некултивирана убавина, каде што човековите дела секогаш ќе изгледаат бедно“. Остроумните луѓе предвиделе дека комерцијализмот овде може да фати корен и да го уништи восхитувачкиот природен живописен предел што го окружува ова чудо на Јеховиното создавање.
Денес, благодарение на напорите на лорд Даферин и другите далекувидни поединци, прекрасни паркови ги красат обете страни на Нијагара, почнувајќи од водопадите па се до речните брзаци низводно. Живописната убавина на ова чудо на создавањето е заштитена од грдиот комерцијализам. Така, туристичките атракции се сместени далеку од водопадите, во улиците на пограничните градови. Поголема грижа на оние што се занимаваат со проблемите на човековата природа е таа што овој скапоцен камен на Америките може да биде осуден на заборав поради непрестајната ерозија. (Види ја рамката за ерозија.)
Истражување на вечниот скапоцен камен
Откривме дека ова спектакуларно светско чудо без пречки може да се истражува и да се разгледува од секоја страна. На пример, возбудливата панорама на водопадите, што може да се види од една од високите набљудувачки кули или од хелихоптер што лебди директно над нив, го одзема здивот. Или, можеби ти е попримамливо да шеташ или да се возиш низ парковите на Нијагара. Речните брзаци се наоѓаат на само мала оддалеченост од водопадите по течението на реката, и навистина вреди да се посетат.
Патот нѐ води низ стрмните карпи и низ повеќе тунели нѐ доведува „зад кулисите“, зад водопадите. Оттаму ѕиркаме преку водениот превез којшто го прави Потковичестиот водопад толку привлечен и славен. Грмежот на водопадите е заглушувачки. За храбрите и авантуристите, погледот од палубата на еден од туристичките бродови кои редовно ги сечат немирните води близу подножјето на водопадите, е назаборавен. При паѓањето на грмежливите водени маси во реката се крева магла која создава прекрасно виножито. Со секој нов облак од капки се формира ново виножито. Од оваа поволна положба практично можеме да ја вкусиме водата и да ја почувствуваме маглата што се спушта по нашата заштитна облека.
Во еден проспект за парковите на Нијагара се наведува: „Да се видат Водопадите на Нијагара ноќе е како да си сосем буден во Царството на соништата“. Затоа не сакаме да пропуштиме да ги видеме водопадите ноќе, кога се осветлени со силни, разнобојни светла. Во 1860 година, кога Принцот од Велс за првпат ги видел осветлените Водопади, Николас А. Вудз, репортер на лондонскиот The Times, ја опишал величествената глетка со следните зборови: „За миг, целата водена маса, живописно сјаејќи како да беше усвитена од јаката светлина, се чинеше како да се претвора во растопено сребро. Од зад Водопадите светлото светеше со таква блескава брилјантност што водите кои беа непосредно пред него изгледаа како плоча од кристално стакло, како каскада од дијаманти; од секоја капка и од секој зрак зрачеше сјаен блесок. Целата сцена личеше на река од фосфор“.
Зимски пејзаж од сказните
Влагата што ја мирисаме и чувствуваме во летниот воздух доаѓа од водопадите и придонесува за свежиот и здрав изглед на цвеќињата, грмушките и дрвјата што ги окружуваат водопадите. Но во зима, истата таа магла, носена од постојаните ветриња, ги обвиткува со мраз дрвјата и билките долж бреговите на реката. Сѐ се прелева и светка во својата проѕирна ледена покривка. Во сончевите денови, се вклопуваат во снежниот пејзаж и ја урамуваат брилјантноста на водопадите во блескава, разиграна глетка на блескава сончева светлина.
Зимата исто така донесува големи санти мраз во тесната клисура на Нијагара. Во изминатите години, клисурата честопати беше затрупана со сантите мраз од езерото Ири. Мразот на езерото ќе се откршеше, ќе се спуштеше во Нијагара, ќе се слизнеше преку водопадите на спектакуларен начин и на крајот ќе се натрупаше во тесната клисура. Сантите од мраз создаваа планини од мраз и снег така што се формираа ледени мостови кои потполно ја премостуваа реката. За да се спречи големо натрупување на мраз во последниве години, на излезот на реката Нијагара од езерото Ири се поставени препреки од челични јажиња и трупци.
Нијагариниот полуостров
Надополнение на водопадите е плодниот Нијагарин полуостров, тесно парче земја сместено помеѓу езерата Онтарио и Ири и Нијагарината стрмнина. Заштитничкиот релјеф и езерата создаваат микроклима типична за полуостровот.
Воздухот кој постојано циркулира меѓу стрмнината и езерата, ја ублажува климата и зиме и лете. На овој заштитен, живописен полуостров успеваат овоштарници со вкусни јаболки, црешни, круши, сливи и праски, и има лозја со различни видови грозје. Визбите и фабриките за сок од грозје, сместени во прекрасните мали гратчиња, го преработуваат грозјето и придонесуваат за посебноста на овој регион во Онтарио. Сето ова ги прави излетите во овој крај многу привлечни, особено во расцутената пролет или во есенските сезони на берба.
Скапоцен камен во секое годишно време
Овој славен скапоцен камен на Америките е величествен подарок од Бог. (Спореди Псалми 113:24.) За сите кои го виделе, тој претставува вистински празник за очите.
Посетителите можат да дојдат во било кое годишно време од годината и да се одушевуваат на разноликоста на ова уметничко дело од творештвото на Јехова. Можеш да ја помирисаш освежувачката арома на пролетните цветови на овоштарниците, да вкусиш од разновидните вкусни плодови и да ја видиш нежната рака на нашиот Творец во безбројните, живописни бои на мноштвото летни цвеќиња кои се добро наводнети од моќните водопади. Или, можеш да ги видиш прекрасните есенски бои на црвените јавори меѓу многуте други златно и портокалово обоени дрвја кои се својствени за јужен Онтарио.
Други пак уживаат во сјајот на Нијагарините Водопади во зима, кога во подножјето на водопадите се натрупуваат планини од мраз и снег, а дрвјата и грмушките се покриени со чист, бел снег или обвиени со мраз, светкајќи на зимското сонце како прекрасен кристал.
Нијагариниот полуостров и импозантните водопади овозможуваат секое годишно време да се покаже во својата најдобра светлина и ја продлабочуваат нашата благодарност кон Јехова, кој пред илјади години ветил: „Сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите“ (1. Мојсеева 8:22).
[Рамка на страница 16]
Ерозија на водопадите — како се контролира?
Како што минува времето, ерозијата ги осудува водопадите на непостоење. Во последниве години, ерозијата беше одржувана колку што е можно на пониско ниво; кај Потковичестиот водопад годишно изнесуваше 8 сантиметри, а кај Американскиот само 2,5. Тоа беше постигнато главно на два начина: 1) со продлабочување на речното корито и со контролирање на насоката на водите кои истекуваат од централниот канал и 2) со свртување на големи количества вода преку хидроелектричните генератори, намалувајќи го така количеството на водата што се прелива преку водопадите. Ова се контролира со еден насип во горниот тек, кој се состои од 18 врати. Сега само во екот на туристичката сезона се пушта водата потполно да се излива низ водопадите.
Проценето е дека Потковичестиот водопад е висок 53 ‚ а широк 792 метри. Американскиот водопад, од другата страна на реката, е висок 55 ‚ а широк 305 метри. Вкупното количество на вода кое непречено паѓа низ двата водопада се проценува на околу 7,6 милиони литри во секунда.
[Рамка/слика на страница 18]
Играчи на јаже и егзибиционисти
Двајцата најславни играчи на јаже, кои многупати ја преминале клисурата на Нијагара, биле Блондин и Фарини.
Најспектакуларната егзибиција на Блондин се состоела од лимен шпорет што го донел и поставил на јажето, седнал, запалил оган и зготвил омлет. Го исекол омлетот на мали парчиња кои на крајот им ги спуштал на патниците кои чекале долу на палубата на туристичкиот брод Девојка на маглата.
Фарини, кој не сакал да биде надминат, изнел на јажето машина за перење, ја поставил, со ведро извлекол вода од реката и испрал неколку женски шамивчиња. Потоа ги извадил и ги закачил на машината да се сушат, па се вратил со шамивчињата кои се лелееле на ветрето.
Егзибиционисти го предизвикувале Потковичестиот водопад, така што се затворале во буриња, топки и други садови за да поминат низ водопадите. Иако некои преживеале со повреди, многумина се загушиле, се удавиле или се распарчиле од карпите во подножјето на водопадот. Таквите егзибиции повеќе не се дозволени.
[Извор на слика]
H. Armstrong Roberts
[Слики на страници 16 и 17]
Погледот на грмежливиот Потковичест водопад од туристички брод (во преден план), е незаборавен
Американскиот водопад долу и Потковичестиот водопад горе во сета нивна убавина која го одзема здивот
В зима водопадите ги опкружува блескава покривка од мраз и снег
[Извор на слика]
Со дозвола на Niagara Parks Commission
Слика на Фредерик Черч од 1857 на која се гледа виножито
[Извор на слика]
Frederic Edwin Church: NIAGARA/Corcoran Gallery of Art. Museum Purchase, 76.15