Што треба да знаат жените за ракот на дојката
БРОЈОТ на случаите на рак на дојката на секој континент се зголемува. Според некои проценки, до 2000 година, секоја година низ светот ќе бидат дијагнозирани околу еден милион нови случаи на рак на дојката.
Дали некоја жена е поштедена од оваа болест? Може ли нешто да се стори за да се спречи? И каква утеха и поддршка им е потребна на оние кои се соочуваат со оваа болест?
Повеќето случаи на рак на кожата се предизвикани од ултравиолетовите зраци од сонцето. Поголемиот број заболувања од рак на белите дробови се предизвикани од пушењето, но за рак на дојката не е утврдена ниту една причина.
Меѓутоа, според најновите истражувања, генетските, хормоналните и факторите на околината можат да придонесат за појавата на ракот на дојката. Кај жените кои се изложени на овие фактори ризикот е поголем.
Семејна историја
Ако во фамилијата на жената некој член има рак на дојката, на пример мајка, сестра, па дури и тетка или баба од страна на мајката, веројатноста да се појави болеста е зголемена. Доколку повеќе од нив ја имале оваа болест, нејзиниот ризик е поголем.
Д-р Патриша Кели, генетичар од САД, за Разбудете се! вели дека, иако наследните фактори играат улога во тоа, тие можат да бидат одговорни за само 5 до 10 отсто од сите случаи на рак на дојката. „Ние мислиме“, објаснува таа, „дека неодреден број заболувања од рак на дојката се должат на фактори кои не се толку силни како наследните, а кои функционираат во комбинација со околината“. Членовите на семејството кои имаат исти гени, имаат тенденција да ја делат и истата средина.
Фактори на околината
Во коментарот за журналот Science (Наука) еден научник, Девра Дејвис, рече: „Јасно е дека постојат фактори на средината за кои нашироко се мисли дека се одговорни“ за предизвикувањето на болеста. Бидејќи дојката е едно од најрадиосензитивните делови на телото, кај жените кои се изложени на радијација на јони е зголемена опасноста од рак на дојката. Истото е случај и кај оние жени кои се изложени на токсични хемикалии.
Друг фактор на околината е исхраната. Некои сметаат дека ракот на дојката може да биде болест поради недостиг на витамини и дека може да укажува на недостиг на витамин Д. Овој витамин му помага на телото да апсорбира калциум, кој пак, од друга страна, може да помогне да се спречи неконтролираното растење на клетките.
Други проучувања ја вклучуваат маста во исхраната, не како причина, туку како нешто што придонесува да се развие ракот на дојката. Списанието FDA Consumer навело дека стапката на смртност од рак на дојката била највисока во земјите како што се САД, каде што стапката на конзумирање на масти и животински протеини е висока. Било наведено: „Историски гледано, јапонките имаат мал ризик од рак на дојката, но тој ризик алармантно се зголемува, напоредно со ‚западнизирање‘ на навиките на исхрана; односно, од нискокалорична во висококалорична исхрана“.
Едно неодамнешно проучување наведе дека големиот број калории конзумирани со висококалоричната исхрана можат да претставуваат вистински ризик. Science News навело: „Секој вишок калории ја зголемува опасноста од рак на дојката, а вишокот калории добиени од маст претставува 67 отсто поголема опасност отколку калориите од други извори“. Вишокот калории натрупуваат вишок килограми, а за жените кои имаат прекумерна тежина, особено жените после менопауза, се мисли дека се изложени на трипати поголем ризик да добијат рак на дојката. Маста на телото создава естроген, женски хормон, кој може негативно да влијае врз ткивото на градите што доведува до рак.
Личната историја и хормоните
Дојката се состои од една богата хормонална средина која предизвикува промени во дојката во текот на целиот живот на жената. Во списанието Australian Dr Weekly (Австралиски седмичен доктор) д-р Пол Кри, хируршки онколог, пишува: „Сепак кај некои жени, изложеноста на ткивото на дојката на продолжена хормонална стимулација . . . предизвикува серија цитолошки промени кои на крајот доведуваат до малигна [канцерогена] преобразба“. Од таа причина, се смета дека жените кои имаат рана менарха, до 12-годишна возраст, или кои имаат задоцнета менопауза, во средината на своите 50-ти години, се изложени на поголем ризик“.
Естрогените хормони добиени од ЕРТ (терапија за замена на естроген) како можна врска со ракот на дојката е тема на многу полемики. Додека некои проучувања покажуваат дека ЕРТ не создава зголемена опасност, други проучувања покажуваат значајна опасност за долгорочните приматели. Земајќи ги предвид прегледаните проучувања, списанието British Medical Bulletin од 1992 навело дека постои можност „неконтрацептивниот естроген да ја зголеми опасноста од рак на дојката за 30-50%“ после долгорочна употреба.
Извештаите во врска со односот помеѓу оралните контрацептивни средства и ракот на дојката укажуваат на мала опасност од нивната употреба. Меѓутоа, се појавува една подгрупа жени кои се наоѓаат во поголема опасност. Помлади жени, жени кои никогаш немале деца и жени кои долго време користеле пилули за контрацепција се изложени на 20 отсто поголем ризик да добијат рак на дојката.
Сепак, три од секои четири жени со рак на дојката не можат да укажат на нешто конкретно кое придонело за појавата на болеста. Затоа се поставува прашањето: Треба ли некоја жена да се смета имуна на рак на дојката? FDA Consumer известува: „Од гледна точка на лекарот, сите жени треба да бидат третирани како да се наоѓаат во прилична опасност од рак на дојката“.
Според тоа, жените, особено оние во подоцнежни години, се подложни на оваа болест. Д-р Кели коментира дека, иако постојат разновидни причини за рак на дојката, ‚таа претпоставува дека некои од нив се само последица на стареењето и неправилната поделба на клетките‘.
Зошто подложна
Ако се испита составот на дојката, ќе се утврди зошто е толку подложна на рак. Таа се состои од канали, ситни премини, кои го пренесуваат млекото од ќесичките каде што се создава до брадавицата. Каналите се обложени со клетки кои се делат и постојано се менуваат во зависност од месечниот циклус на жената, подготвувајќи ја за бременост, лактација и грижа за нејзиното новороденче. Токму во овие канали се развива голем дел рак на дојката.
Во книгата Alternatives: New Developments in the War on Breast Cancer (Алтернативи: Нови откритија во борбата против ракот на дојката), истражувачот Роуз Кушнер објаснува: „Секоја рутина која постојано е вознемирена поради една или друга пречка — па дури и да е сосема природна . . . — е подложна на поголема опасност да се направат грешки“. Таа понатаму наведува: „Преморената клетка на дојката секогаш се капе во некаков хормон кој наредува: ‚Престани со тоа. Прави го ова‘. Не изненадува фактот што многуте нови клетки полудуваат“.
Ракот на дојката започнува тогаш кога една неправилна клетка се дели, губи контрола над својот механизам за растење и почнува да се множи. Таквите клетки не престануваат да се репродуцираат и, со текот на времето, го затрупуваат околното здраво ткиво така што го претвораат од здрав во болен орган.
Метастаза
Кога ракот е само во дојката, малигниот тумор може да се отстрани. Ако тој се прошири до оддалечените делови од телото, се нарекува метастатичен рак на дојката. Тоа е главната причина за смрт на пациентките со рак на дојката. Додека клетките на ракот се размножуваат во дојката и туморот расте по големина, клетките на ракот можат тивко и потајно да го напуштат првобитното место на туморот и да навлезат во ѕидовите на крвните садови и лимфните јазли.
Во овој стадиум, туморните клетки можат да патуваат до оддалечени делови од телото. Ако ги избегнат имунолошките одбранбени сили на телото, во кои спаѓаат природните клетки за убивање на штетни клетки кои циркулираат преку крвта и лимфата, овие малигни клетки можат да се населат во витални органи како што се црниот дроб, белите дробови и мозокот. Таму можат да се размножуваат и повторно да се шират, претворајќи ги тие органи во канцерогени. Штом метастазата еднаш ќе започне, животот на жената е во опасност.
Според тоа, клучот за преживување е ракот на дојката да се открие доволно рано во неговиот развој, пред да му се даде можност да се прошири. Што може да стори секоја жена за да придонесе за рано откривање? Може ли нешто да се стори на почетокот за да се спречи ракот на дојката?
[Истакната мисла на страница 4]
Три од секои четири жени со рак на дојката не можат да укажат на нешто конкретно кое придонело за појавата на болеста.