Сида во Африка — до кој степен е одговорен христијанскиот свет?
Од дописникот на Разбудете се! во Африка
Терминот „христијански свет“, како што се користи во ова списание, се однесува на наводното христијанство за разлика од христијанството според Библијата.
Христијански свет:
„Оние делови од светот каде што поголемиот дел од жителите исповедаат христијанска вера“ (Webster’s New World Dictionary).
СИДА:
„Состојба на стекнат недостиг на имунитет поврзан со инфекција на клетките на имунолошкиот систем преку ретровирус“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary).
СИДА-та е глобална епидемија. Се пресметува дека 17 милиони луѓе веќе се заразени со ХИВ — вирусот кој ја предизвикува СИДА-та — и таа рапидно се шири.
Иако е посветено многу внимание на медицинските, политичките и емоционалните прашања поврзани со оваа епидемија, малку е речено за религиозните прашања кои се вклучени во тоа. Затоа, идејата дека религијата е поврзана со ширењето на СИДА-та може да изгледа неверојатна за некои читатели. Но не е апсурдно кога ќе ја земете предвид ситуацијата која се развила на африканскиот континент.
СИДА-та посебно тешко ја погодила Африка.a Некои велат дека континентот е дом на 67 проценти од случаите на СИДА во светот. Во Чад, бројот на пријавените случаи се зголемил за 100 пати во последниве пет години. Сепак, се пресметува дека е пријавено само една третина од сите случаи. Според еден извештај на Светската банка, СИДА-та станала највообичаена причина за смрт меѓу возрасните во многу африкански урбани центри.
Религијата — Дали одиграла улога?
Секако, христијанството — религијата за која поучувал Исус Христос — не може да се смета одговорно за оваа несреќа. Меѓутоа, како што е покажано подолу, зборот „христијански свет“ ги опфаќа оние земји каде што луѓето тврдат дека се христијани. А христијанскиот свет е очигледно вмешан во ова. Црквите не го создале вирусот на СИДА нити директно го рашириле, но СИДА-та се раширила во Африка првенствено поради промискуитетната хетеросексуална активност.b Според тоа, СИДА-та може да се нарече морален проблем и, како таков, покренува некои вознемирувачки религиозни прашања. Сепак, африканското „христијанство“ било директно пресадување од западните земји. Црковните водачи презеле на себе одговорност да преобраќаат Африканци во нивниот вид религија, тврдејќи дека таа нуди начин на живот кој е подобар од традиционалните африкански навики. Дали влијанието на христијанскиот свет навистина ја подобрило моралноста на неговите нови приврзаници? Кризата со СИДА-та живописно демонстрира дека се случило токму спротивното.
Земете ја за пример нацијата на Чад. Од нејзините четири поголеми градови, три имаат бројно „христијанско“ население. Четвртиот е воглавно муслимански. Сепак, токму во трите „христијански“ градови беснее сега вирусот! Истиот случај се повторува и низ целиот континент. Централна и јужна Африка, кои се номинално христијански, имаат многу повисока стапка на заразеност отколку северна Африка со своето муслиманско мнозинство.
Како Африка станала „христијанска“
Зошто овој вирус се проширил толку брзо меѓу луѓе кои тврдат дека се следбеници на Христос? Во реалноста, иако многу Африканци се нарекуваат себеси христијани, релативно мал број вистински се држат за моралните начела на христијанството кои се изложени во Библијата. Тоа изгледа е директна последица на начинот како мисионерите на христијанскиот свет го извршувале „преобраќањето“ на африканското население.
Во XVIII и XIX век биле нападнати традиционалните верувања на христијанскиот свет. Вишиот критицизам станал популарен, омаловажувајќи ја Библијата во очите на многумина како само едно древно литературно дело. Теоријата на еволуција исто така почнала да се прифаќа, дури и помеѓу свештенството. Било посеано семе на сомнеж. Била доведена во прашање верата во Светото писмо. Во ваква клима, не изненадува тоа што напорите на христијанскиот свет да ги „преобратат“ Африканците примиле непоколеблив световен тон. Црковните мисионери го проповедале социјалното евангелие, ставајќи далеку поголем нагласок на извршувањето на хуманитарни дела отколку на помагањето на преобратениците да се држат за библиските начела за моралот. Можеби без да знаат, мисионерите во суштина помогнале да се поткопа постоечката морална структура.
На пример, полигамијата долго време била обичај во многу африкански цивилизации. Меѓутоа, сексуалниот промискуитет бил редок затоа што повеќето племиња имале строги закони во врска со прељубата. Џозеф Дарнас, пензиониран учител, кој е добро познат во Чад, за Разбудете се! кажал дека, пред пристигнувањето на црковните мисионери, „се мислело дека прељубата носи лоша среќа“. Како резултат на тоа, „виновниците биле строго казнувани затоа што ја ставале заедницата во опасност — честопати со смрт“. Суеверие? Да, но таквите верувања го намалиле промискуитетот.
Настапуваат мисионерите на христијанскиот свет. Тие проповедале против полигамијата но малку сториле за да ги спроведат библиските начела за моралот. Иако Библијата вели дека непокајничките блудници и прељубници треба да бидат исклучени од христијанското собрание, црквите на христијанскиот свет ретко преземаат дисциплински мерки против престапниците (1. Коринтјаните 5:11—13). До ден-денес, многу проминентни африкански политичари се озлогласени поради нивните неморални афери, а сепак остануваат членови на црквата со добар углед. Брачната верност е ретка појава кај номиналните христијани во Африка.
Тука е и лошиот пример на многу членови на самото свештенство. Во оваа семејно ориентирана култура, нормално е да се биде во брак и да се има многу деца. Можеби затоа еден изненадувачки број католички свештеници чувствуваат дека е оправдано да ги згазат своите ветувања за невиност и за целибат. Весникот The New York Times од 3 мај 1980, известил: „Во многу делови од шумата, . . . свештениците и бискупите се полигамисти“.
Се разбира, таквите бракови не се формализирани и „жените“, всушност, се само конкубини. Таквото лошо однесување не може да се отфрли како нешто безначајно. Според Times, „еден проминентен католички свештеник“ признава дека „африканскиот свештеник е симбол на авторитет, личност на моќ, наместо слуга на Исус Христос“. Пораката од овие „авторитативни личности“ како да гласи: „Прави го она што го зборувам, а не она што го правам“.
Инвазија на западната забава
Исто така, не треба да се превиди поплавата од сексуално неморална забава која надошла во Африка во последниве години. Во Чад насекаде изникнале јавни видео-салони без надзор, кои нудат таква забава — во приватни домови, во гаражи и, најчесто, во дворови кога е темно. Ваквите претстави се евтини, често пати коштаат само 25 франка (5 американски центи). Присуствуваат и мали деца. Од каде потекнува овој материјал? Поголем дел од него е од Соединетите Држави — земја која тврди дека е воглавно христијанска!
Но дали оваа инвазија на западната култура имала некакво вистинско влијание врз гледачите? Еден мисионер на Јеховините сведоци, со 14 години искуство во Централна Африка, вели: „Локалните луѓе честопати имаат многу мал контакт со Западниот свет со исклучок на она што го гледаат на видеокасетите. Тие сакаат да бидат како луѓето од Западот кои ги гледаат во овие филмови. Не сум открил никакви документирани проучувања како доказ на ова, но на повеќето луѓе им изгледа јасно дека таквата забава ја поттикнува сексуалната неморалност“.
Иронично е тоа што додека здравствените службеници очајно се обидуваат да го запрат прогресот на една смртоносна сексуално пренослива болест, таканаречените христијански нации испуштаат пропаганда која го унапредува неморалното однесување со висок ризик! Додека црквите направиле малку за да го запрат овој бран — како дома така и во странство — некои африкански влади, како што се Чад и Камерун, се обиделе да го забранат или барем да го ограничат влегувањето на порнографски материјал во нивните земји. Но нивните напори честопати се покажале неуспешни.
Крајниот резултат на сето тоа бил раширениот пад на моралот кај африканските „христијани“. Лошите економски услови, исто така, имале подмолно влијание. Поради тоа што работните места се ретки, мажите честопати се присилени да ги напуштат своите семејства за повеќе месеци со цел да најдат работа. Таквите мажи се очигледна мета на локалните проститутки. Но, проститутките честопати и самите се жртви на сиромаштија. Еден фактор, исто така, се и родителите кои бараат преголема цена за невестата. Многу мажи не се женат затоа што не можат да ги соберат парите кои се неопходни за да се плати цената за невестата. Затоа некои на крајот водат живот со несериозни врски. Во таква морална и економска клима, СИДА-та рапидно се шири.
Решение на кризата
Очигледно, христијанскиот свет не ја сноси целата вина за кризата на СИДА-та во Африка. Но дека го сноси поголемиот дел од неа е јасно, иако горко. Тоа сериозно ги вклучува лицата кои сакаат да бидат меѓу оние кои Исус ги нарекол ‚вистински обожаватели‘ (Јован 4:23, НС).
Покрај вината, што може да се стори за да се запре епидемијата на СИДА? Африканските влади презеле превентивни кампањи против СИДА-та, охрабрувајќи на употреба на презервативи. Но д-р Семјул Бру-Грејвс, претставник на Светската здравствена организација за Нигерија, го дал следново отворено признание: „Поединецот мора да присвои здрав начин на живеење . . ., додека семејството мора . . . да избегнува сексуален промискуитет“.
Долго пред СИДА-та да стане домашен збор, Библијата го осудувала промискуитетот и унапредувала невиност, самосовладување и брачна верност (Изреки 5:18—20; 1. Коринтјаните 6:18). Стотици илјади Јеховини сведоци во Африка можат од прва рака да дадат доказ дека следењето на овие начела нуди прилична заштита од СИДА и од други сексуално преносливи болести. Нивното придржување кон библиските начела е вистинско обвинение за христијанскиот свет. Овие вистински христијани, исто така, ја ставиле својата надеж во претстојниот нов свет во кој „ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). За луѓето од вера, ова е конечното решение за кризата на СИДА-та.
[Фусноти]
a За натамошни информации, видете ја серијата „СИДА-та во Африка — Како ќе заврши?“, во нашето издание од 8 август 1992 (англ.)
b Болеста исто така може да се шири преку трансфузија на крв и со заедничко употребување на шприцеви кои се користат за интравенозно земање дрога. Некои недолжни христијани ја добиле болеста од брачни другари кои извршиле сексуален неморал или кои користеле дрога.
[Истакната мисла на страница 20]
„Во многу делови од шумата, . . . свештениците и бискупите се полигамисти“ (The New York Times).
[Слика на страница 20]
Лошиот пример на свештенството на христијанскиот свет ја стимулирал епидемијата на сексуалниот промискуитет во Африка
[Слика на страница 21]
Младите се изложени на неморална забава увезена од „христијанските“ нации