Романските конгреси одржани и покрај противењето
ОД 19 до 21 јули 1996 година било предвидено да се одржи во Букурешт (Романија), Меѓународен конгрес на Јеховините сведоци — „Гласници на божествен мир“. Околу 40.000 делегати, вклучувајќи илјадници од странски земји, планирале да ја посетат оваа убава европска престолнина од два милиона луѓе. Националниот стадион, со капацитет од 60.000 седишта, бил резервиран за оваа прилика. Но потоа, на 24 јуни, дезинформирани романски службеници одбиле да дадат дозвола да се одржи конгресот.
Јеховините сведоци многу се трудеа околу тоа да се поништи одредбата со која се откажал нивниот конгрес, но попусто. Поради тоа, мораа да се променат подготовките со цел неколку илјади странски делегати кои биле поканети од извесен број европски земји, од Северна Америка и од Јапонија да можат да присуствуваат на конгресот во Будимпешта (Унгарија) од 12 до 14 јули. Промените во последната минута доведоа до прилични трошоци, неугодност и разочарување за многумина.
Но, што можело да се среди за локалните романски делегати? Се стапило во контакт со службениците во градовите Клуж Напока и Брашов и на крајот било возможно таму да се одржат конгреси, од 19 до 21 јули. Меѓутоа, многу Романци не можеле да стигнат до Клуж Напока или до Брашов. Затоа, биле одржани уште два конгреса од 13 до 15 септември, едниот во Баја Маре а другиот во Букурешт.
Зошто бил откажан првобитниот конгрес во Букурешт? И што ги натерало некои службеници подоцна да го променат своето гледиште поради кое се одржале конгреси во Романија, вклучувајќи и еден во Букурешт?
Кој стоел зад противењето?
Во текот на меѓународниот конгрес во Будимпешта, унгарскиот весник Színes Vasárnap, во врска со Јеховините сведоци, забележал: „Во почетокот планирале да го одржат својот годишен меѓународен состанок во Букурешт, но поради противењето од православните христијани, романските службеници не им дале дозвола на Јеховините сведоци да го сторат тоа“. Станало нашироко познато дека црквата стоела зад противењето. На пример, Times Union, еден весник од Олбани, Њујорк (САД), известил: „Православниот патријарх Теоктист ги предупреди православните верници да се чуваат од она што тој го нарече ‚еретичките‘ верувања на Јеховините сведоци“.
Дали извештаите за противењето на свештенството во врска со конгресот биле вистинити? Па, во јуни, низ целиот град — на црковниот имот, на ѕидовите и фасадите од зградите и по метроата — жителите на Букурешт почнале да гледаат плакати кои ги клеветеле Јеховините сведоци. Еден со наслов „ДО СИТЕ РОМАНЦИ!“ го поставил прашањето: „Дали на Романија ѝ треба сега еден меѓународен Јеховистички конгрес . . . 19—21 јули? Христијани — ајде да се спротивставиме на овој сатански конгрес!“
Еден друг, кој го носел насловот: „Внимавајте на ЈЕХОВИСТИЧКАТА ОПАСНОСТ!“ тврдел: „Јеховините сведоци се борат против христијанството . . . Тие настојуваат да го поделат нашиот народ и да предизвикаат религиозни кавги . . . СИТЕ ВИЕ РОМАНЦИ, борете се против овој конгрес!“
„ПОВИК ЗА АКЦИЈА“ беше насловот на уште една плаката. „Романското православно братство . . . ги повикува сите православни верници на протестен митинг, кој ќе се одржи в недела на 30 јуни“. Плакатот заклучил: „Ќе ги замолиме властите да го откажат овој конгрес. ДОЈДЕТЕ ЗА ДА ЈА БРАНИМЕ ВЕРАТА НА НАШИТЕ ПРАТАТКОВЦИ. Бог нека ни е на помош!“
Свештенството дури издало и дистрибуирало еден трактат кој тврдел дека Јеховините сведоци се „политичка организација на комунистичката фракција“. Но сето тоа е една дебела лага, и веројатно повеќето Романци се сосема свесни за тоа. Тие знаат дека Јеховините сведоци во изминатите години беа прогонувани и честопати затворани од комунистите.
Како делувало врз ставовите
Бргу се кренаа гласови — како внатре така и надвор од Романија — за возврат на нападите подбуцнати од црквата, па така владините службеници можеа да видат дека е сосема во ред на Сведоците да им се дадат предностите кои им се дадени и на другите. Еден весник од Букурешт, Flagrant, предвидел: „Струјата на противење, непријателство и огорченост против овој прв меѓународен конгрес ќе има парадоксален ефект. Наместо да ги одврати луѓето од Сведоците, акцијата ќе го подбуди нивниот интерес, љубопитство, толеранција и сочувство“.
Колку само вистинито се покажало ова предвидување! Многу членови на Православната црква пишаа или се јавија во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Букурешт и изразија огорченост поради постапките на нивното свештенство. Информираните луѓе знаат дека Јеховините сведоци воопшто не се онакви какви што Православната црква во Романија ги прикажува.
Мариус Мила, кој пишува за романскиот весник Timishoara, од 6 јули 1996, забележал: „Уверен сум дека 99 отсто од оние кои толку жестоко ги обвинија Јеховистите не беа доволно љубопитни да разговараат со нив или да присуствуваат на некој од нивните состаноци“. Тој додал: „Би било многу поизградувачки кога ние, православните верници, би биле позагрижени за гредата во сопственото око, а раската во окото на нашиот ближен да ја оставиме на Божјиот подобар суд“ (Матеј 7:3—5).
Потоа, г-н Мила го цитирал говорот кој познатиот правник од првиот век, Гамалиил, им го одржал на религиозните водачи кои им се спротивставувале на Исусовите следбеници: „Оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога“ (Дела 5:38, 39). Како заклучок, Мила напишал: „Нашиот став е антидемократски, небиблиски и недруштвен“.
Наскоро, критиката поради откажувањето на конгресот почнала да доаѓа од другите делови на Европа и од Соединетите Држави. Романскиот хелсиншки комитет издал еден извештај за печат кој го осудил „јавниот став што го зазел Патријархот Теоктист, претставникот на Романската православна црква, против ‚Јеховините сведоци‘“.
Хилари Клинтон, сопругата на претседателот на САД, во тоа време се погодила да биде во посета на Романија. Амбасадорот на САД во Романија, Алфред Мозез, објаснил зошто таа не сакала да влезе во црквата Крецулеску од XVIII век како што планирала: „Религиозната слобода е начело кое е одобрено со Уставот на Соединетите Американски Држави, како и со Уставот на Романија. Присутноста на плакати на црковниот имот, кои означуваат недостиг на религиозна толеранција, не беше во согласност со духот на демократскиот плурализам и со намерите на посетата на г-ѓа Клинтон на Романија“.
Докази за Божја поддршка
Јеховините сведоци веќе пред тоа имале одржано конгреси во градот Клуж Напока, и службениците таму повторно љубезно ги примиле кога биле одбиени да го користат Националниот стадион во Букурешт. Но, само една седмица пред предвиденото започнување на конгресот бил потпишан договорот за стадионот во Клуж Напока. „Како е можно да се организира еден таков огромен конгрес за толку кратко време?“ сакал да знае еден репортер.
„Ние сме обединета организација“, му било кажано. „Навикнати сме да одржуваме конгреси. Но пред сѐ, Јехова, нашиот Бог, нѐ поддржува.“
Навистина, со помошта и поткрепата од Јехова било постигнато толку многу за толку кратко време. Замислете си, преку 20.000 луѓе три дена собрани заедно за толку краток рок! Највисокиот број на присутни беше 22.004, а крстени беа 799 лица. После конгресот, весникот Adevărul de Cluj известил: „Впечатокот што го оставија овие луѓе е тоа дека секогаш се насмеани и дека сѐ што прават го прават со цела душа. Нивната солидарност беше впечатлива . . . Тие покажаа примерна дисциплина во начинот како се однесуваа и беа извонредно чисти“.
Она што се случи во Брашов беше особено впечатливо, затоа што одобрението да се одржи конгресот беше дадено само неколку дена пред предвиденото започнување на конгресот! Сепак, добија 7.500 сместувања во приватни домови. Кога еден Сведок разговарал со своите соседи, тие сместиле 30 делегати. Едно собрание Сведоци во Брашов имаше 500 делегати кои престојуваа кај нив. Некои делегати беа сместени во шатори во близината на конгресниот терен; и кога врнеше, гостољубивите луѓе од блиските станбени згради дојдоа и ги поканија да одат во нивните станови. (Спореди Дела 28:2.)
Активноста на Јеховините сведоци е ограничена во претежно православната Бугарија, која е јужна граница на Романија. Кога полни автобуси со бугарски Сведоци се упатиле кон Букурешт, некои царински службеници очигледно веќе знаеле за промената на конгресните места. Во Брашов, вкупно 1.056 Бугари уживаа во комплетната програма на својот јазик. Сѐ на сѐ, на конгресот во Брашов присуствуваа 12.862, а се крстија 832 лица, од кои 66 беа Бугари.
Во септември беше возможно да се организираат помали конгреси во Баја Маре и Букурешт за оние кои не можеа да стигнат во Клуж Напока и Брашов. Заедничкиот број на присутни на овие два дополнителни конгреси беше 5.340, од кои се крстија 48 лица. Според тоа, на конгресите „Гласници на божествен мир“ одржани во Романија минатото лето, вкупно беа присутни 40.206 и се крстија 1.679 лица. Се разбира, Јеховиниот благослов е врз оние кои се трудат да му служат во Романија!
Еден претставник на Јеховините сведоци во Букурешт забележал: „Во рок од три седмици добивме толкав публицитет што е еднаков на години сведочење насекаде по земјата. Она што Романската православна црква мислеше дека ќе нѐ спречи, всушност, се покажа за унапредување на добрата вест“.
[Слика на страница 16]
Букурешт е убав, модерен град
[Слика на страница 17]
Плакатите кои ги клеветеле Јеховините сведоци
[Слика на страница 18]
Кандидати за крштавање во Букурешт
[Слика на страница 18]
Во Брашов, каде што беше дадено одобрение да се одржи конгресот само неколку дена порано
[Слика на страница 18]
Највисок број од 22.004 присутни на конгресот во Клуж Напока