Букурешт — град со две лица
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РОМАНИЈА
НА ПРВ ПОГЛЕД, може да изгледа дека од цел Букурешт најмногу паѓа в очи само една зграда — Палатата на парламентот (1), која за време на комунизмот беше позната како Народен дом. Ова едноставно здание, кое се вбројува меѓу најголемите градби во светот, е една од најважните знаменитости на градот.
На некој начин, оваа огромна зграда е симбол на современата архитектура на Букурешт. Меѓутоа, жителите на градот имаат поделени ставови околу неа. Тие се надеваат дека посетителите ќе уживаат и во другото лице на градот — односно, убавата стара архитектура.
Престолнина со славен почеток
Во 1862 год., Букурешт станал престолнина на Романија и, во втората половина од 19 век, почнал забрзано да се шири. Покрај дрворедите на градските авении почнале да никнуваат големи, но истовремено и елегантни јавни објекти кои ги проектирале француски архитекти. Поради многуте паркови, градини и плоштади, Букурешт бил наречен „град на градините“. Тој бил еден од првите градови кои добиле ноќно осветлување со газиени ламби. Во 1935 год., на прекрасната авенија Киселев била подигната Триумфалната капија (2) по примерот на истоимената капија на булеварот Шанзелизе во Париз. Букурешт толку многу наликувал на овој француски град што станал познат како „источниот мал Париз“.
По Втората светска војна, Букурешт се најде под комунистичка власт и претрпе големи промени. Отприлика една третина од центарот, во кој имаше многу згради со историска вредност, беше разурнат за да се направи место за нови станбени блокови. Само во 1960 и 1961 год. беа изградени околу 23.000 станови. Во 1980 год., почнаа подготовките околу изградбата на Народниот дом, кој на крајот го красеа стотици лустери. Но, во него беше направено и засолниште од бомбашки напади на 90 метри под земјата. Оваа зграда на 12 ката со 1.100 простории, и со вкупна површина од над 360.000 квадратни метри, е трипати поголема од Версајската палата во Франција. Пред изградбата на палатата и на величествениот булевар, кој води директно до неа и е поширок од Шанзелизе, беше расчистен голем дел од стариот град. Градот толку се смени што жителите кои знаеја каков беше порано речиси не можеа да го препознаат.
За многу од граѓаните, наметливото присуство на оваа зграда е непријатно потсетување за нејзиниот градител — покојниот диктатор Николае Чаушеску. Сакајќи да подигне споменик за себе, тој ангажира речиси 700 архитекти и десетици илјади работници кои работеа без престан во три смени. Кога неговиот режим беше срушен во 1989 год., зградата сѐ уште не беше довршена, иако на неа веќе беа потрошени повеќе од милијарда долари.
Шармот на старата архитектура
Стариот дел од Букурешт, кој ги преживеа овие промени, има сосема поинаков изглед. Таму сѐ уште можеш да се одушевуваш на неговата елегантна архитектура. А Селскиот музеј (3), кој е еден од многуте во овој град, ја доловува атмосферата на разноликиот селски живот во Романија. Оваа извонредна збирка од 50 селски куќи и други градби кои беа макотрпно собирани, е сместена во еден тивок парк со езерце. Секоја куќа си е музеј за себе, во кој може да се види со каков занает се занимавале луѓето, кои алати ги користеле и колку поинаку изгледале порано куќите во Романија — сосема различно од куќите во денешниот Букурешт.
Во Букурешт не постои видлива граница помеѓу старите и новите делови на градот. Не е необично да се видат една до друга градби од сосема различни епохи (4). Затоа, со право може да се каже дека во секое катче на Букурешт се гледаат двете негови лица. Тоа навистина е град во кој минатото се испреплетува со сегашноста!
[Слики на страница 10]
1 Палатата на парламентот
2 Триумфалната капија
3 Селскиот музеј
4 Градби од сосема различни епохи
[Извор на слика]
© Sari Gustafsson/hehkuva/age fotostock