Како организираниот криминал влијае врз вас
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
Донот (водачот) на една мафијашка фамилија го боцка прстот на новакот. Врз сликата од еден „светец“ капе крв. Потоа, оган ја уништува сликата. ‚Ако одадеш некоја од тајните на организацијата, твојата душа ќе гори како овој светец‘, му вели донот на младиот човек.
ПРАВИЛОТО на молчење — на италијански омерта̀ — многу години го држело организираниот криминал воглавно во подземјето. Меѓутоа, денес, криминалните банди насекаде ги создаваат ударните наслови затоа што некои членови на бандите стануваат кодоши. Најпроминентната фигура обвинета од овие пентити, односно мафијашки превртливци, беше Џулио Андреоти кој седумпати беше премиер на Италија и на кого сега му се суди поради неговите врски со мафијата.
Криминалните организации насекаде ги рашириле своите пипки во сите кругови на општеството: мафијата во Италија и во Соединетите Држави, каде што е наречена и Коза ностра; картелите со дрога во Јужна Америка; Тријадите на Кина; јакузата во Јапонија. Нивните злобни активности влијаат врз сите нас и го прават животот поскап.
Се вели дека во Соединетите Држави мафијата го дели градот Њујорк на пет фамилии, заработувајќи милијарди преку изнудувања, рекет заштита, лихварство, коцкање, трговија со дрога и проституција. Се тврди дека мафијашките фамилии имаат цврст стисок врз работничките синдикати во работите поврзани со превоз на ѓубре, превезување со камиони, градежништво, дистрибуција на храна и со текстилната индустрија. Со моќта која ја имаат над работничките синдикати, можат да ги израмнат работничките спорови или, пак, да саботираат некој проект. На градилиште, на пример, едниот ден булдожерот нема да мрдне, другиот ден кочниците на багерот нема да работат, а механичарите „го влечкаат“ проектот — овие и уште многу други инциденти траат сѐ додека градителот не се согласи да се покори на барањата на бандата, без разлика дали се тоа некакви исплати или работни договори. Всушност, „исплатите на бандата можат да им осигураат на бизнисмените навремени испораки, работнички мир и можност да користат поевтини работници“, известува списанието Time.
Во Колумбија, меѓусебно се натпреварувале два картела на дрога сѐ додека Пабло Ескобар, главата на картелот Меделин, не бил застрелан во 1993. После тоа, картелот Кали држел монопол над светската трговија со кокаин. Заработувајќи 7 милијарди долари во 1994 само во Соединетите Држави, стана веројатно најголемиот синдикат на организираниот криминал во светот. Но, бил нанесен удар врз картелот кога во 1995 година бил уапсен неговиот „мозок“, Хозе Сантакруз Лондоњо. Меѓутоа, секогаш постои спремен наследник кој чека да ја преземе власта како следен бос.
Со распарувањето на железната завеса на парчиња, руската мафија го направи своето деби на меѓународната сцена. Како резултат на тоа, „секој бизнис во Русија мора да се справува со мафијата“, вели еден банкар кој е цитиран во Newsweek. Дури и во Брајтон Бич, Њујорк, се известува дека руската мафија печали од профитите на комплицираните измамнички сплетки во врска со бензинот. На крајот, сопствениците на автомобилите се тие кои ја плаќаат сметката, додека владата ги губи даноците. Руските банди, исто така, управуваат со кругови за проституција во Источна Европа. Од повеќето свои криминални дела се извлекуваат неказнети. Кој се осмелува да се соочи со тешко наоружаните поранешни спортисти и ветерани од авганистанската војна?
Состојбата не е поинаква ни на Ориентот. Оние кои се во шоубизнисот во Јапонија мораат да очекуваат секаков вид неволји ако не ѝ оддаваат почит на локалната јакуза група и ако не ѝ плаќаат данок. И овде се бараат пари за заштита од баровите, па дури и од уличарките. Освен тоа, јакузите се пробиле длабоко во јапонската економија, организирајќи свои компании, изнудувајќи пари од големите претпријатија и поврзувајќи се со криминалните синдикати во странство.
Криминалните организации основани во Хонг Конг и на Тајван, исто така, ја шират мрежата по целиот свет. Освен нивното име, Тријади, малку се знае за тоа како се организирани. Нивната историја датира уште од XVII век, кога кинеските калуѓери се здружиле против Манџурите кои ја презеле Кина. Иако бројот на нивните членови изнесува десетици илјади, се вели дека Тријадите во Хонг Конг формираат привремени синдикати за одреден криминал или серија криминали, со што ѝ отежнуваат на полицијата да го открие нивниот идентитет. Заработуваат милијарди долари продавајќи хероин и претворајќи го Хонг Конг во центар за фалсификување кредитни картички.
Во својата книга The New Ethnic Mobs, Вилијам Клајнкнехт пишува за криминалот во Соединетите Држави: „Во новиот свет на организираниот криминал, ниедни други етнички гангстери немаат поголема иднина од Кинезите . . . Кинеските криминални групи рапидно стекнуваат моќ во градовите по целата држава . . . Тие се на второ место, веднаш после мафијата во Њујорк“.
Во врска со еден друг облик илегална трговија кој потекнува од Хонг Конг, еден службеник од Министерството за правда на САД вели: „Шверцувањето странци е една манифестација на организираниот криминал“. Некои службеници пресметуваат дека секоја година 100.000 Кинези влегуваат во Соединетите Држави илегално. Типичниот прошверцуван имигрант мора да плати најмалку 15.000 долари за неговиот пат до некоја богата држава, од кои поголемиот дел го отплатува откако ќе стигне на своето одредиште. Според тоа, за многу имигранти животот во земјата на нивните соништа станува кошмар на присилна работа во експлоататорски претпријатија и бордели.
Поради тоа што не сте вклучени во криминални активности, можеби сметате дека Вас не Ве погодува организираниот криминал. Но, дали тоа е навистина така? Многу зависници од дрога, кои живеат на неколку континенти, прибегнуваат кон криминал за да ја платат дрогата која е снабдена од картелите со дрога од Јужна Америка. Организираниот криминал се грижи за тоа договорите за јавните служби да бидат доделени на фирми кои се поврзани со него; како резултат на тоа, граѓаните плаќаат повеќе. Претседателската Комисија за организиран криминал еднаш изјавила дека во Соединетите Држави, „организираниот криминал ги искривува трошоците преку кражба, изнудување, подмитување, фиксирање цени и ограничување на трговијата“ и дека потрошувачите се присилени да ѝ го плаќаат на мафијата „она што се нарекува доплата“. Значи, никој не ги избегнува последиците од криминалот. Сите ние ја плаќаме сметката.
Но, зошто организираниот криминал денес напредува?
[Рамка на страница 5]
Мафијата — нејзиното потекло
„Мафијата се појавила на Сицилија во текот на доцниот среден век, каде што можеби започнала како тајна организација која била посветена на соборувањето на владата на разни странски освојувачи на островот — на пр. Сарацените, Норманците и Шпанците. Мафијата води свое потекло и добивала свои членови од многуте мали приватни војски, односно мафие, кои ги изнајмувале отсутните земјопоседници за да ги заштитат своите земјишни имоти од бандити во беззаконите услови кои низ вековите преовладувале во поголемиот дел од Сицилија. Во текот на XVIII и XIX век, енергичните грубијани во овие приватни војски сами се организирале и станале толку силни што се свртиле против земјопоседниците и станале единствен закон на многуте имоти, изнудувајќи пари од земјопоседниците како возврат за заштитата на приносот од овие вториве“ (The New Encyclopædia Britannica). Изнудувањето пари поради заштита станало нивни модус операнди. Своите методи ги однеле во Соединетите Држави, каде што навлегле во коцкањето, рекетирањето на трудот, лихварството, продавањето дрога и во проституцијата.