Зошто организираниот криминал напредува?
АЛ КАПОНЕ, озлогласениот гангстер од времето на Ерата на забраната во САД (1920—1933), тврдел дека бил само бизнисмен кој го задоволува законот — законот на понуда и побарувачка. Еден адвокат на најголемиот јакуза синдикат во Јапонија, рекол: „Не можете да негирате дека постои силна побарувачка за активностите на [сексот, дрогата и коцкањето]“. Таквата побарувачка го потхранува организираниот криминал. Иако никој не сака да биде жртва на криминалот, некои можат да прибегнат кон криминални организации и да ги користат нивните услуги.
Земете ја, на пример, рекет заштитата која членовите на бандите ја користат во многу земји како извор на приходи. Иако понекогаш мета им се чесните сопственици на продавници, тие обично демнат на оние кои водат сомнителни трговии. Еден сопственик на казино во Шинјуку, Токио, кој го води својот бизнис под плаштот на салон за игри, рекол: „Еден продавач беше прободен со нож и му ограбија 2 милиони [јени (20.000 долари)]. Но, не сакавме да ја викнеме полицијата“. Зошто не? „Затоа што сме вклучени во една илегална активност (коцкање), па не сакаме да имаме никаква врска со полицијата. Кога во нашата продавница некој муштерија ќе стане груб, ја повикуваме јакузата.“ Овој управувач на казино ѝ плаќа на јакузата 4.000 долари месечно, мал износ во споредба со профитот од 300.000 долари што го спечалува преку неговата илегална работа во текот на тоа време. Од каде доаѓаат тие пари? Од џебот на оние кои уживаат во илегалното коцкање.
Истото важи и за угледните претпријатија кои сакаат да избегнат проблеми. Еден њујоршки стручњак пресметал дека еден молерски преговарач кој заработува 15 милиони долари годишно заштедил 3,8 милиони долари плаќајќи им на гангстерите. Тоа му овозможило на преговарачот да користи ниско платена работна сила и да избегне конфронтации со синдикатот кој е контролиран од бандата. Во Јапонија, во текот на еден период на економски просперитет, финансиерите ги вложиле своите пари во недвижнини и ги разурнале старите куќи и продавници за да направат место за екстравагантни згради. Кога станарите не сакале да се иселат или да ја продадат својата земја, инвеститорите ги повикале џиагејата, компании кои во најголем дел се поврзани со јакузата, за да ги протераат.
Кога јакузата видела колку е лесно да се позајмат и заработат пари во текот на 80-тите години, оформила компании и се впуштила во шпекулации со недвижнини и со акции. Банките и финансиските институции вложиле пари во тие компании, очигледно сконцентрирани на сопствените профити. Но, кога балончето конечно пукнало, банките откриле дека е многу тешко да си ги повратат парите. Зборувајќи за долготрајната рецесија во Јапонија, еден поранешен полициски службеник за Newsweek рекол: „Вистинската причина зошто проблемите околу лошите заеми не можат бргу да се решат е тоа што еден значителен дел од нив е поврзан со организираниот криминал“.
Навистина, организираниот криминал фаќа корен и напредува онаму каде што луѓето се желни да ги задоволат своите страсти, без разлика на кои начини. Алчноста за задоволства, секс и пари нуди плодно тло за препродавање дрога, за проституција, коцкање и лихварство. Вклученоста во таквите активности обично значи да се храни и гои бандата. Колку само е вистинито тоа дека организираниот криминал ги задоволува барањата на оние кои се склони да ги задоволат сопствените телесни желби!
Лажен фамилијарен систем
Покрај побарувачката за недозволени дејности, денес постои една друга потреба врз која се развива организираниот криминал. Покојната глава на еден од најголемите синдикати на јакузата во Јапонија упорно тврдел дека тој ги прибирал одметниците и се грижел за нив, спречувајќи ги на тој начин да станат лоши. Тој тврдел дека им бил татко на членовите на бандите. Повеќето криминални синдикати, без разлика на националноста, своите организации ги градат на такви лажни фамилијарни односи.
Земете го, на пример, Чи Сунa кој дошол од едно сиромашно семејство во Хонгконг. Татко му честопати насилнички го тепал за безначајни работи. Младиот Чи Сун станал бунтовен и завршил на таков начин што на 12-годишна возраст им се придружил на озлогласените Тријади. Во криминалната организација нашол место каде што се чувствувал дека „припаѓа“. Поради неговата смелост во вооружено тепање, за кратко бил унапреден до положба на која имал неколкумина луѓе под своја команда. На крајот, кога имал само 17 години, бил испратен в затвор.
Многумина како Чи Сун се свртуваат кон криминалните организации за да ја најдат фамилијарната поврзаност која отсуствувала дома. Членовите тврдат дека се грижливи, но помладите честопати се разочарани кога откриваат дека секој член воглавно е заинтересиран за себеси.
Ангел на светлината
Кога најголемиот криминален синдикат во Јапонија бил означен како насилна група врз основа на еден нов закон против бандите донесен во 1992, еден од неговите водачи тврдел дека групата се сметала себеси за „витешка“, борејќи се против злото. Кога во 1995 ужасен земјотрес го погоди Кобе, истата банда им дистрибуирала на соседите храна, вода и други средства за итна помош. „Таквата дарежливост“, извести Asahi Evening News, „најверојатно ќе ја зајакне трајната слика на јакузата во Јапонија како одметници со чест.“
Босовите на криминалните синдикати честопати се обидувале да задржат една фасада на доброта. Пабло Ескобар, озлогласената глава на колумбискиот картел на дрога Меделин, за жителите на гетата на неговиот град бил „митска личност — делумно Месија, делумно Робин Худ, делумно Кум во скоро феудалната смисла на патро́нот, бос“, напишала Ана Кариган во Newsweek. Тој изградил лизгалишта за децата и пристојни куќи за сиромашните и им дал работа на децата од улица. Тој бил херој за оние кои извлекувале корист од неговата великодушност.
Но, криминалците кои навидум безбедно се кријат зад своите синдикати се само пиони на еден универзален мајсторски криминалец. Библијата открива кој е тој. „Самиот сатана се преобразува во ангел на светлината; та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни“ (2. Коринтјаните 11:14, 15). Денес, повеќето луѓе не веруваат дека Сатана е вистинска личност. Еден француски поет од XIX век рекол: „Најитриот трик на Ѓаволот е да те убеди дека не постои“. Тој демне зад сцената и манипулира со она што се случува, не само во криминалните синдикати туку и низ целиот свет. „Целиот свет лежи во власта на злобниот“, објаснува Библијата. Исус го опишал Сатана како „човекоубиец од почетокот . . . лажец и татко на лагата“ (1. Јованово 5:19, НС; Јован 8:44).
Библиските пророштва откриваат дека Сатана Ѓаволот особено е активен од 1914 година. Од таа година наваму, тој ги мобилизира своите орди во една сеопшта војна против Божјиот народ. Тој го вшмукува човештвото во еден вртлог на хаос. Тој е првенствената причина поради која криминалот и криминалните организации денес напредуваат (Откровение 12:9—12).
Дали „мозокот“ што стои зад земските криминални организации некогаш ќе биде отстранет? Дали човештвото некогаш ќе ужива мир и ред? Дали Вие можете да се ослободите од злобната империја која ја изградил Сатана на Земјата денес?
[Фуснота]
a Некои имиња се изменети поради безбедноста на оние кои се вклучени.
[Рамка на страница 7]
Како да го заштитите Вашето семејство
НЕДОСТИГОТ на топла и обединета семејна атмосфера може да ги направи младите лесен плен на криминалните синдикати. Се известува дека во Соединетите Држави повеќето младинци кои се вмешани во убиства на бандите доаѓаат од понесреќните или распаднати семејства. „Поради тоа што се обесправени“, вели еден службеник на еден центар за притвор во Северна Каролина, „лесно ги трогнува јаката врска помеѓу босот и следбениците и чувството на единственост како член на една организација, кое го доживуваат првпат во својот живот.“
Слично на тоа, еден млад јакуза на Ориентот, кој е спремен да биде жив штит за својот бос, вели: „Дома цело време бев сам. Иако бевме семејство, никогаш не почувствував дека можеме да имаме еден отворен разговор . . . Но сега можам отворено да разговарам со момците“. Осамените младинци чувствуваат благодарност спрема членовите на некоја криминална организација кои ги привлекуваат во еден систем налик на семејство.
„Луѓето од јакузата се многу, многу грижливи“, вели водачот на една женска мотористичка група во Окинава. „Можеби тоа им е трик; но знаете, тоа нѐ трогнува бидејќи никогаш со нас не се постапувало нежно.“ Надзорникот на една установа за деликвентни девојки потврдува дека гангстерите се „навистина добри во освојувањето на срцата на девојките“. Кога осамените девојки ќе ги повикаат среде ноќ, гангстерите дотрчуваат и слушаат што девојките имаат да кажат, без некакво задолжително сексуално додворување.
Нивниот грижлив став трае само дотогаш додека потполно не ги пленат младите кои ги ловат. Кога младите еднаш ќе бидат фатени во стапицата, им се цеди крвта — девојките во круговите на проституција, а момчињата во криминалната машинерија.
Како можете да ги заштите Вашите љубени?
„Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!“ опоменува Библијата (Колосјаните 3:21). Тоа не ги охрабрува родителите да бидат попустливи. Една библиска изрека вели: „Момче, оставено без грижа, ги посрамува своите родители“ (Изреки 29:15). Напротив, Библијата ги охрабрува татковците — а и мајките — да бидат разумни во постапувањето со своите деца, да ги сослушуваат и да имаат отворени линии на комуникација со нив. Тогаш, децата ќе бидат мотивирани да им се доверуваат на своите родители кога ќе се најдат во голема неволја.
Покрај отворената комуникација, потребно е родителите да им дадат на своите деца и мерила во животот. Каде може таткото да најде такви смерници? Библијата вели: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4). Одвојувајте време да ја разгледувате Библијата со Вашите деца со помош на часови за семејна библиска студија. И всадете им во нивните срца здрав страв од Јехова за да можат секогаш да го следат Јеховиното водство во нивна корист (Исаија 48:17).