Традиционална градина со несекојдневна убавина
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ГВАДАЛУПЕ
ЖИВЕЕЛЕ на многу убаво место, но не можеле да уживаат во убавината. Од 17 век наваму, токму ваква судбина ги снашла илјадниците јадни Африканци кои биле оттргнати од своите земји и однесени на Гвадалупе и на Мартиник. Речиси секој ден до крајот на животот го минале во ропска работа на полињата со шеќерна трска на овие карипски острови.
Повеќето сопственици на плантажи на островите ги оставале робовите сами да се снаоѓаат за храна, па затоа робовите почнале да садат градини. Иако ова значело и дополнителна работа за нив, барем можеле да си одгледуваат храна каква што сакаат. Одгледувале маниока, сладок компир и друга храна што била повкусна и похранлива од сето друго што би го добиле од господарите. Саделе и лековити билки, како и зачини за готвење.
Во 1848 година, француската влада го укинала ропството на островите, но овие граѓани, кои сега биле слободни, продолжиле да си ги обработуваат градините. Денес, жителите на Гвадалупе и Мартиник — голем број од нив потомци на истите тие вредни Африканци — и понатаму одгледуваат градини, кои се познати како креолски градини.
Минијатурна дождовна шума
Семејствата на робовите обично имале два вида градини. Зеленчуковите градини обично биле малку подалеку од куќата. „Домашните градини“ (или jardin de case, како што се познати на островите) биле веднаш до куќата, и вакви се денешните типични креолски градини. Во нив има најразновидни цвеќиња, треви, дрвја и грмушки кои можат да бидат исто толку бујни колку и жбуновите во дождовните шуми. Бидејќи секој слободен простор е исполнет со растенија, кога првпат ќе видиш една ваква градина, можеби ќе си помислиш: ‚Колку прекрасен неред‘. Но, всушност, градината е добро средена и поделена на делови. По тесните патеки, градинарот има пристап до секоја своја билкичка.
Градината се протега од задниот до предниот дел на куќата, и служи како некој величествен приемен салон. Кога некој ќе дојде, семејството го пречекува среде разнобојните кротони, аламанди и среде живите бои на листовите на бугенвилијата и иксората.
Во другите делови од креолската градина, обично оние врз кои фрла сенка куќата, се посадени лековитите билки. Босилекот, циметот, седмолистот, ловоровиот лист и конопницата спаѓаат во традиционалните билни лекови на островите. Во градината расте и лимонска трева. Ако се запалат исушени листови од оваа трева, ќе можете да се заштитите од комарци.
Многу жители на островите го сметаат за скапоцено своето познавање на лековитите билки. Во минатото, кога некој ќе се разболел или ќе се повредел, лекарот обично бил многу далеку. Така, со билките од креолската градина луѓето можеле сами да се лекуваат. Овие билки сѐ уште се користат како лекови, но може да биде опасно ако се лекуваш на своја рака. Ако билката не се користи како што треба, наместо да го излекува болниот, може уште повеќе да му ја влоши состојбата. Затоа денешните жители на овие острови обично бараат медицинска помош од оние што се обучени за тоа.
Главниот дел од креолската градина, кој се наоѓа зад куќата, е резервиран за растенијата за јадење. Тука има сладок компир, модри патлиџани, штир, марула и други растенија, а веднаш до нив растат и зачините со кои обично се приготвуваат. Понекогаш има и банани, а може да се видат и лебни дрвја, авокадо, гуава или манго.
Почувствувај ја убавината
Ако поминеш покрај една креолска градина, веројатно ќе посакаш од поблизу да се насладуваш на нејзината убавина. Кога ќе влезеш, веднаш ќе те плени убавината на цветовите и лисјата чиишто бои се прелеваат на сонцето, додека ветрето ги меша мирисите со кои не може да се рамни ниеден парфем. Да, уживаш во градината, иако си само на минување. Замисли си колку ужива сопственикот кој ја засадил и кој секој ден се насладува на неа!
Дали креолската градина ќе продолжи да постои? Некои островјани се жалат дека помладите не се заинтересирани да ја сочуваат оваа убава и корисна традиција. Сепак, голем број млади, како и постари, ја ценат убавината на градината и нејзиното културно значење. Секоја креолска градина е потсетување за тоа како африканските робови успеале и во тешки околности сепак да создадат нешто прекрасно.
[Рамка на страница 27]
ШТО ЗНАЧИ ЗБОРОТ „КРЕОЛСКИ“?
Зборот „креолски“ прво се користел за луѓето од европско потекло кои биле родени во новиот свет, но со текот на времето добил и многу други значења. Некои жители на Хаити го користат зборот „креолски“ за да опишат нешто многу убаво или многу квалитетно. Некои јазици што се зборуваат на Јамајка, на Хаити и на други места се наречени креолски. Во суштина, креолскиот е јазик што се развил со мешање на повеќе јазици, но со текот на времето станал мајчин јазик на одредена група луѓе.
„Креолски“ означува и одреден начин на живот, односно ја означува староседелската култура што се развила на многу карипски острови. Сродниот шпански збор criollo има вакво значење во Порторико и во Доминиканската Република. На Карибите, со текот на вековите потомците на староседелците, Африканците, и Европејците се измешале и стапувале во брак едни со други, а како резултат на тоа се раѓале убави деца и интересни традиции. Токму од овие традиции потекнува и името на креолската градина на Гвадалупе и на Мартиник.
[Слики на страница 26]
Вметнати фотографии (од најгоре): алпинија, бибер, ананас, какао и кафе