Зошто толку многу омраза?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА
„ЗОШТО“ — краток збор, а сепак збор кој бара одговор. На пример, се гледал на една картичка меѓу купишта цвеќиња и мечиња положени пред едно училиште во Данблејн (Шкотска), во март 1996. Само неколку дена пред тоа, еден човек се стрчал внатре, застрелал и убил 16 дечиња и нивната учителка. Ранил и неколку други, а потоа пушката ја свртел кон себеси. Очигледно, бил исполнет со омраза — спрема себеси, спрема другите и спрема општеството воопшто. Ожалостени родители и пријатели, како и милиони луѓе по целиот свет го делат истото прашање: ‚Зошто? Зошто невини деца умираат на овој начин?‘
Тоа што светот е исполнет со слепа и необјаснива омраза најверојатно не успеало да побегне и од Вашето внимание. Всушност, од една или друга причина, можеби и самите сте биле жртва на омразата. Веројатно и Вие сте се прашале: ‚Зошто?‘ — можеби не само еднаш.
Позитивни и негативни видови омраза
„Мразењето и омразата“ се дефинирани како „силно непријателство и одвратност“. Се разбира, корисно е да се има „силно непријателство и одвратност“ спрема работите кои се штетни или кои би можеле да бидат штетни за личните односи. Кога секој би имал таков вид омраза, светот навистина би бил поубаво место за живеење. Меѓутоа, за жал, несовршените луѓе имаат склоност да ги мразат погрешните работи од погрешни причини.
Деструктивната омраза, според една дефиниција, се темели на предрасуди, незнаење или дезинформираност и обично е предизвикана од „страв, лутина или чувство на повреда“. Поради тоа што нема исправна основа, таа омраза води до зло и секогаш одново го покренува прашањето: ‚Зошто?‘
Сите ние знаеме луѓе чии карактеристики или навики може понекогаш да нѐ иритираат и со кои ни е тешко взаемно да општиме. Но иритирањето е една работа, а желбата на луѓето да им се нанесе телесна штета е нешто друго. Според тоа, можеби ни е тешко да сфатиме како едно лице може да негува чувства на омраза спрема цела група луѓе, честопати луѓе кои не ги ни познава. Можеби не се согласуваат со неговите политички гледишта, припаѓаат на различна религија или се од друга етничка група, но дали тоа е причина да ги мрази?
Сепак, таквата омраза постои! Во Африка, омразата ги довела племињата Хуту и Тутси до меѓусебен колеж во Руанда во 1994, предизвикувајќи една репортерка да праша: „Како се акумулирало толку многу омраза во толку мала земја?“ На Средниот Исток, омразата била одговорна за терористичките напади од страна на Арапи и израелски зелоти. Во Европа, омразата довела до распарчување на поранешна Југославија. И според еден новински извештај, само во Соединетите Држави „отприлика 250 групи на омраза“ шират расистички идеи. Зошто толку многу омраза? Зошто?
Омразата е толку длабоко вкоренета што останува дури и кога конфликтите кои таа ги произвела ќе се решат. Како можеме на друг начин да ја објасниме тешкотијата да се одржува мир и прекин на огнот во земјите растргнати од војна и измачувани од тероризам? Како можеме на друг начин да објасниме што се случило откако бил потпишан мировниот договор кон крајот на 1995 во Париз со кој било пропишано градот Сараево повторно да се обедини под хрватско-босанската федерација? Повеќето Срби кои живееле таму почнале да бегаат од градот и неговите предградија поради страв од репресалии. Известувајќи дека луѓето ги пљачкале и гореле зградите кои ги оставале зад себе, Time заклучил: „Сараево повторно е обединето; но неговиот народ не е“.
Мир меѓу луѓе кои се мразат еден со друг, во најмала рака, е фалсификуван мир, толку безвреден колку и фалсификуваните пари. Без да го поткрепи нешто со вистинска вредност, тој може да се сруши при најмал притисок. Но, во светот постои толку многу омраза, а толку малку љубов. Зошто?
[Истакната мисла на страница 4]
Деструктивната омраза се темели на предрасуди, незнаење или дезинформираност