Старателство на деца — урамнотежено гледиште
ЧЕСТОПАТИ вистинскиот предизвик доаѓа после разводот, во борбата за наклоност и контрола над детето. Изреката: „Потребни се двајца за карање“, не е секогаш вистинита. Можеби е потребно само еден доминантен родител кој сака да биде по негово или по нејзино. Една семејна адвокатка во Торонто (Канада), забележала: „Во семејното право, сѐ е многу емоционално набиено и блиску до срцето“.
Наместо да размислуваат за најдобрите интереси на детето, некои родители го продолжуваат спорот поднесувајќи молби за споредни прашања. На пример, некои се обиделе да докажат дека старателството треба да се промени затоа што другиот родител е Јеховин сведок и ќе го лиши детето од еден ‚нормален живот‘.
Оној кој не е Сведок може да направи спорно прашање од славењето родендени, Божиќ или дури и Ноќта на вештерките. Некои може да се жалат дека друштвото на детето и друштвеното приспособување би биле ограничени кога детето би одлучило да не го поздравува знамето. Или, некои може да сугерираат дека детето би било психички оштетено ако го придружува родителот да разговара со другите за Библијата. Некои родители кои не се Сведоци дури тврделе дека животот на детето би бил загрозен затоа што родителот Сведок не би дал согласност тоа да добие трансфузија на крв.
Како христијанинот се пресретнува со предизвикот на таквите емоционално набиени аргументи? Нема да биде делотворна емоционалната реакција — „клин со клин се избива“. Ако предметот се однесе пред судија, секој родител ќе има прилика да биде ислушан. Многу е важно да се има на ум библискиот совет: „Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи. Не дозволувај праведниот човек да пострада“ (Псалм 54:22). Медитирајќи за тоа и применувајќи ги библиските начела, со Јеховина помош родителите можат да излезат на крај со секоја можност во која е вклучено старателството на деца (Изреки 15:28, NW).
Разумност
Најдобрите интереси на детето се клучното прашање. Ако премногу бара, родителот може да изгуби старателство и дури да увиди дека неговите права на посетување се ограничени. Мудриот родител се однесува на еден мирољубив начин, имајќи го на ум библискиот совет: ‚И никому не враќајте зло за зло . . . дајте му место на . . . гневот . . . Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро‘ (Римјаните 12:17—21). Без разлика дали во судот, во адвокатската канцеларија или со проценувач за старателство на деца, потребно е родителите да дозволат ‚нивната разумност да им биде позната на сите луѓе‘ (Филипјаните 4:5, NW).
Понекогаш, отуѓениот брачен другар ќе се обиде да ги излаже другите воведувајќи заведувачки и шпекулативни проблеми. Мудро е да се бориме против човечката тенденција прекумерно да реагираме на тие вербални напади. Здравјето, религијата и образованието се омилени теми кои отуѓените брачни другари ги користат за да измислат пакост при сослушувањето во спор поради старателство (Изреки 14:22).
Разумноста ја вклучува способноста да се земат предвид фактите и да се склопи еден справедлив договор. Ниеден родител не треба да заборави дека дури и после разводот, детето сѐ уште има двајца родители. Родителите се развеле еден од друг, но не се развеле од детето. Според тоа, освен во екстремни околности, секој родител треба да има слобода да постапува како родител кога тој или таа го има детето. Секој би требало да ја има слободата да ги изразува неговите или нејзините чувства и вредности и да може детето да учествува во законските активности на родителот — религиозни или од друг вид.
Ајде да ги погледнеме можните исходи од едно сослушување: 1) заедничко старателство, 2) единствено старателство и 3) ограничувања на правата на посетување. Која е разликата помеѓу заедничкото и единственото старателство? Како можете да излезете на крај кога ќе го изгубите старателството? Што ако едниот родител е исклучен?
Заедничко старателство
Некои судии чувствуваат дека е важно да се одржи контактот помеѓу детето и обата родитела. Нивното резонирање се темели на истражувачки студии кои покажуваат дека децата може да претрпат помал стрес и емоционална штета после разводот ако родителите се во можност да го споделат старателството. Наместо да се чувствува напуштено од едниот родител, детето ќе има чувство дека е сакано од обата родитела и дека е вклучено во обете домаќинства. „Заедничкото старателство е начин обата родитела да бидат вклучени“, вели еден адвокат по семејно право.
Меѓутоа, д-р Џудит Валерстајн, извршен директор при Центарот за семејство во преоден период во Корт Мадера (Калифорнија), предупредува дека за да биде заедничкото старателство делотворно, потребни се родители кои соработуваат и дете кое е флексибилно и добро се сложува со луѓето. Тие особини се битни затоа што во заедничкото старателство обата родитела го задржуваат законското право да учествуваат во донесувањето одлуки во врска со главните спорни прашања во кои се вклучени здравјето, образованието, религиозното одгледување и друштвениот живот на нивното дете. Но, тоа делува само кога обата родитела остануваат разумни земајќи го предвид она што е во најдобар интерес за нивното дете наместо што е во нивни личен интерес.
Единствено старателство
Судот може да му додели единствено старателство на родителот кој, според негово мислење, подобро е опремен да се грижи за потребите на детето. Судијата може да одлучи родителот кој го има старателството да биде единствениот кој ќе донесува одлуки во врска со важните прашања кои се однесуваат на благосостојбата на детето. Судот честопати доаѓа до одлука откако ќе ги сослуша наодите на проценувачите — тоа се обично психолози, психијатри или социјални работници.
Поборниците на единственото старателство мислат дека спогодбата му дава на детето повеќе стабилност. Кога родителите не се во можност или постои веројатност дека нема делотворно да комуницираат еден со друг, на многу првостепени судии повеќе им се допаѓа таа старателска спогодба. Се разбира, родителот кој нема старателство не е отсечен од животот на детето. Правата на посетување обично му се доделуваат на родителот кој нема старателство, но и обата родитела можат да продолжат да му даваат на детето потребно водство, љубов и наклоност.
Права на посетување
Не е реалистично родителите да сметаат дека во старателството на деца има „победник“ и „губитник“. Родителите се успешни и „победуваат“ кога гледаат како нивните деца растат во зрели, способни и почитувани возрасни луѓе. Успехот во одгледувањето деца не е директно поврзан со законското старателство. Внимавајќи на условите под налог на судот во работите со старателството на деца, па дури и кога изгледаат неправедни, христијанинот покажува ‚потчинетост на претпоставените власти‘ (Римјаните 13:1). Исто така, важно е да запомнете дека тоа не е време за натпревар по наклоноста или лојалноста на вашите деца, омаловажувајќи го другиот родител во обидот да го уништите неговиот или нејзиниот однос со нив.
Има и библиски примери на богобојазливи родители кои, од разновидни причини, биле одвоени од своите деца. На пример, Амрам и Јохаведа, родителите на Мојсеј, постапувајќи во склад со најдобрите интереси на своето дете, го ставиле во една мала пловечка арка „во трската крај реката“. Кога фараоновата ќерка го вратила детето, тие ја задржале својата доверба во Јехова. Тие мудри и верни родители биле наградени со великодушни права на „посетување“ кои ги искористиле делотворно за да го обучат момчето во Јеховините патишта. Мојсеј пораснал во извонреден слуга на вистинскиот Бог (2. Мојсеева 2:1—10; 6:20).
Но, што ако еден од родителите е исклучен? Дали треба христијанскиот родител да допушти детето да биде достапно за посетување? Процедурата на исклучување од собранието само го менува духовниот однос помеѓу поединецот и христијанското собрание. Всушност, ги пресекува духовните врски. Но односот родител—дете останува неоштетен. Родителот кој има старателство мора да ги почитува правата на посетување на исклучениот родител. Меѓутоа, ако родителот кој нема старателство задава непосредна и значителна закана за физичката или емоционалната благосостојба на детето, тогаш судот (не родителот кој има старателство) може да се договори посетувањето на детето да биде под надзор на трета странка.
Никогаш не сте сами
Разводната постапка и натамошните спорови за старателство на деца се емоционално исцрпувачки искуства. Една заедница која започнала толку надежно, разбиена е заедно со соништата, плановите и очекувањата на двојката. На пример, неверноста или претераната злоупотреба може да принуди една лојална сопруга да побара законска заштита за себеси и за своето дете. Сепак, чувствата на вина и неспособност можат да потраат додека размислува за тоа што тргнало наопаку или како можело поделотворно да се постапи со работата. Многу двојки се грижат за реакцијата на своите деца на семејниот распад. Судската борба за старателство може да стане емоционално возење на тобоган кој не само што испитува нечиј интегритет како грижлив родител туку испитува и нечија вера и доверба во Јехова. (Спореди Псалм 33:15, 18, 19, 22.)
Кога невиниот брачен другар избира да преземе акција поради злоупотреба на дете или претерана злоупотреба на сопружникот или, пак, за да го заштити неговото или нејзиното здравје од ризикот на сексуално преносливи болести од неверниот сопружник, нема потреба невиниот брачен другар да се чувствува виновен или да се чувствува напуштен од Јехова (Псалм 36:28). Неверниот сопружник или оној кој навредува е тој кој ја прекршил светата спогодба на бракот и ‚постапил вероломно‘ со неговиот или нејзиниот другар (Малахија 2:14).
И понатаму „имајте добра совест“ пред човек и пред Јехова применувајќи ги библиските начела, постапувајќи чесно со Вашиот отуѓен сопружник и покажувајќи флексибилност во Вашите договори за старателство. „Ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате, кога вршите добро, отколку — кога вршите лошо“ (1. Петрово 3:16, 17).
Што се однесува до децата, потребно им е уверување дека распадот на семејството не е по нивна вина. Понекогаш работите едноставно не излегуваат онака како што се планираат. Но, примената на библиските начела може да го ублажи ударот на разводот охрабрувајќи на отворен дијалог, полн со разбирање, помеѓу родителите и децата. На пример, тоа може да се стори допуштајќи им на децата да имаат активен удел во планирањето на постразводниот семеен живот. Ако бидете стрпливи, љубезни и заинтересирани за чувствата на децата и ако ги слушате нивните изрази, ќе направите многу помагајќи им да се приспособат на новиот распоред и договор за живеење.
Другите можат да помогнат
Родителите не се единствените кои можат да му помогнат на детето кое го доживува распадот на семејството. Членовите на семејството, наставниците и пријателите можат многу да направат за да ги поддржуваат и успокојуваат децата на разводот. Особено бабата и дедото можат многу да придонесат за стабилноста и емоционалната благосостојба на децата.
Бабата и дедото кои се христијани можат да им дадат на децата духовна поука и здрави активности, но мора да ги почитуваат одлуките на родителите во врска со религиозното обучување, зашто родителите, а не бабата и дедото, се тие кои имаат морална и законска власт да ги донесуваат тие одлуки (Ефесјаните 6:2—4).
Со таквата поддршка, децата на развод можат да го преживеат распадот на бракот на своите родители. И можат да продолжат со радост да ги исчекуваат благословите на Божјиот нов свет, каде што сите семејства ќе бидат ослободени од „ропството на распаѓање при славното ослободување на синовите Божји“ (Римјаните 8:21; 2. Петрово 3:13).
[Рамка на страница 11]
Исправање на недоразбирањата
„На мудрите јазикот добри знаења искажува“, а христијанскиот родител има прекрасна прилика да ги исправа недоразбирањата или полувистините (Изреки 15:2). На пример, во врска со здравствената грижа на своите деца, „Јеховините сведоци прифаќаат медицинско и хируршко лекување“, но кога е одреден како родител кој има старателство, Сведокот го задржува правото на информирана согласност за секоја процедураa (The Journal of the American Medical Association).
Јеховините сведоци сериозно ја сфаќаат својата религија, која се темели на Божјата Реч, Библијата. Ова придонесува за тоа да бидат подобри татковци, мајки, деца, пријатели, соседи и граѓани. Христијанските родители применуваат стега со љубов, градејќи почитување спрема авторитетот и опремувајќи ги своите деца со збирка здрави вредности за живототb (Изреки 13:18, NW).
Световното образование е важен дел од одгледувањето на детето, а Јеховините сведоци сакаат нивните деца да го имаат најдоброто кое е на располагањеc (Изреки 13:21).
[Фусноти]
a Видете ја брошурата Како може крвта да ти го спаси животот? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Видете ја книгата Тајната на семејната среќа, поглавја 5—7 и 9, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
c Видете ја брошурата Јеховините сведоци и образованието, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 10]
Родителот кој има старателство треба стрпливо да слуша кога детето кажува за неговата посета кај родителот кој нема старателство