ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g98 8/7 стр. 7-11
  • Да се ценат жените и нивната работа

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да се ценат жените и нивната работа
  • Разбудете се! 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Жените како хранителки
  • Мајки и учителки
  • Очајнички потребно сочувство
  • „Дајте ѝ ја наградата што ја заслужила“
  • ”Жени кои се трудат во Господ“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Бог ги почитува жените
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Што им носи иднината на жените?
    Разбудете се! 1998
  • Улогата на жената во Библијата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
Повеќе
Разбудете се! 1998
g98 8/7 стр. 7-11

Да се ценат жените и нивната работа

ПРЕД три илјади години, еден човек по име Лемуил забележал еден живописен опис на една способна жена. Тој е запишан во Библијата во Изреки 31. поглавје. Жената чии доблести тој ги воздигнал сигурно била работлива. Се грижела за своето семејство, тргувала на пазарот, купувала и продавала земја, шиела облека за своето домаќинство и работела на полињата.

Оваа жена не била сфатена здраво за готово. ‚Нејзините деца ја нарекуваат благословена и нејзиниот сопруг ја фали.‘ Таквата жена е богатство. Библијата вели: „Таа и од дијаманти е поскапоцена“ (Изреки 31:10—28, Радосна вест).

Од времето на Лемуил, работата на жената станала, ако не друго, покомплицирана. Нејзината улога во 20-тиот век честопати бара да биде сопруга, мајка, негувателка, учителка, хранителка и земјоделец — сѐ во исто време. Безброј жени прават херојски жртви само за да обезбедат нивните деца да имаат доволно за јадење. Зарем сите тие жени не заслужуваат ценење и фалба?

Жените како хранителки

Денес, повеќе жени од кога и да било порано мораат да работат надвор од домот за да помогнат во прехранувањето на своите семејства или, пак, тие се единствените хранители на семејството. Книгата Women and the World Economic Crisis изнесува еден извештај кој гласи: „Домашната работа не е единствената работа што ја извршуваат жените. Постојат релативно малку жени во кој и да е дел од светот кои можат да тврдат дека се ‚само домаќинки‘“. А работата на жената ретко е блескава. Иако списанијата или телевизиските сапунски опери можеби ги прикажуваат жените како функционерки во раскошни канцеларии, реалноста обично е многу поинаква. Мнозинството жени во светот ринтаат долги часови за скудна материјална отплата.

Стотици милиони жени работат на земјиштето, одгледувајќи посеви, грижејќи се за мали семејни имоти или, пак, грижејќи се за стоката. Овој труд — обично недоволно платен или воопшто неплатен — храни една половина од светот. „Во Африка, 70 проценти од храната ја одгледуваат жени, во Азија цифрата е 50—60 проценти и во Латинска Америка 30 проценти“, известува книгата Women and the Environment.

Дури и тогаш кога жените имаат платено вработување, тие обично заработуваат помалку од вработените мажи, едноставно затоа што се жени. Оваа дискриминација особено тешко ги погодува мајките кои се единствените хранители на семејството — улога која станува сѐ повообичаена. Еден извештај од Обединетите нации проценува дека помеѓу 30 и 50 проценти од сите домаќинства во Африка, на Карибите и во Латинска Америка зависат од жена како нивен главен снабдувач. Па дури и во поразвиените земји, сѐ поголем број жени морале да станат главен снабдувач.

Сиромаштијата по селата низ голем дел од светот во развој го забрзува овој тренд. Сопругот, кој води постојана борба за да го прехрани своето семејство, можеби ќе одлучи да се пресели во некој близок град, па дури и во друга земја за да добие работа. Тој ја остава жена си да се грижи за семејството. Ако го послужи среќа да најде работа, тој испраќа дома пари. Но и покрај неговите добри намери, ова честопати не останува така. Семејството што го оставил зад себе можеби тоне сѐ подлабоко во сиромаштија и сега нивната благосостојба зависи од мајката.

Овој кобен круг, вешто опишан како „феминизација на сиромаштијата“, фрла огромен товар врз милиони жени. „Домаќинствата со кои управуваат жени, а се проценува дека се една третина од сите во светот, имаат многупати поголема веројатност да бидат сиромашни отколку оние со кои управуваат мажи, и бројот на таквите домаќинства се зголемува“, објаснува книгата Women and Health. Но, колку и да е тоа тешко, обезбедувањето храна за оброк не е единствениот предизвик со кој се соочуваат жените.

Мајки и учителки

Мајката треба да се грижи и за емоционалното добро на своите деца. Таа игра витална улога во помагањето на детето да учи за љубов и наклоност — лекции кои може да бидат исто толку важни како и задоволувањето на неговите физички потреби. За да се развие во добро урамнотежен возрасен човек, на детето му е потребна срдечна, сигурна средина додека расте. И овојпат, мајката игра пресудна улога.

Во книгата The Developing Child, Хелен Би пишува: „Срдечниот родител се грижи за детето, изразува наклоност, често или редовно ги става на прво место потребите на детето, покажува воодушевување за активностите на детето и реагира чувствително и со соживување кон чувствата на детето“. Децата на кои им била пружена таква срдечност од грижливата мајка, сигурно треба да ѝ го покажат своето ценење (Изреки 23:22).

Преку доењето, многу мајки му обезбедуваат срдечна атмосфера на своето дете уште од раѓањето. Особено во сиромашните домаќинства, мајчиното млеко е непроценлив подарок што таа може да му го даде на своето новороденче. (Видете ја рамката на страници 10, 11.) Интересно е тоа што Библијата ни кажува дека апостол Павле ја споредил својата срдечна наклоност кон христијаните во Солун со наклоноста на една ‚доилка‘ која ‚нежно се однесува кон своите деца‘ (1. Солунјаните 2:7, 8).

Освен тоа што ги храни и ги негува своите деца, честопати мајката е нивни главен учител. „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“, советува Библијата, алудирајќи на обемната улога што ја играат мајките во воспитувањето на своите деца (Изреки 1:8). Главно мајката или бабата трпеливо го поучуваат детето да зборува, да оди и да ги извршува домашните задачи и безбројните други работи.

Очајнички потребно сочувство

Еден од најголемите подароци што жените можат да им го дадат на своите семејства е сочувството. Кога ќе се разболи некој член на семејството, мајката ја презема улогата на негувателка, иако сѐ уште се грижи за сите други свои одговорности. „Жените навистина го обезбедуваат поголемиот дел од здравствената грижа во светот“, објаснува книгата Women and Health.

Сочувството може да ја мотивира мајката дури и самата да јаде помалку за нејзините деца да не останат без храна. Истражувачите откриле дека некои жени сметаат дека храната што ја примаат е доволна дури и ако тие се недоволно исхранети. Толку се навикнати да им го даваат поголемиот дел на своите сопрузи и деца што, сѐ додека можат да работат, тие се сметаат за доволно исхранети.

Понекогаш сочувството на жената доаѓа до израз во нејзината грижа за локалната природна средина. Таа природна средина ѝ е важна, бидејќи и таа страда кога сушата, ширењето на пустините и ископачувањето на шумите ја осиромашуваат земјата. Во еден град во Индија, жените биле разгневени кога дознале дека една дрвна компанија ќе исече околу 2.500 дрвја во блиската шума. На жените им биле потребни тие дрвја за храна, огрев и сточна храна. Кога пристигнале дрвосечачите, жените веќе биле на местото, фатени за раце, заштитнички опкружувајќи ги дрвјата. ‚Ќе мора да ни ги исечете главите доколку сакате да ги исечете дрвјата‘, им рекле жените на дрвосечачите. Шумата била спасена.

„Дајте ѝ ја наградата што ја заслужила“

Без оглед на тоа дали е во улога на хранителка, мајка, учителка или непресушен извор на сочувство, жената е достојна за почит и признание, а исто така и нејзината работа. Мудриот човек Лемуил, кој толку возвишено зборувал за способната жена, ги ценел и работата на жената и нејзиниот совет. Всушност, Библијата објаснува дека неговата порака во голема мерка произлегувала од поуката што му ја дала мајка му (Изреки 31:1). Лемуил бил уверен дека совесната сопруга и мајка не треба да се сфати здраво за готово. „Дајте ѝ ја наградата што ја заслужила“, напишал тој. „Нејзините дела ѝ донесуваат фалба“ (Изреки 31:31, New International Version).

Меѓутоа, кога Лемуил ги запишал овие гледишта, тие не биле само одраз на човечко размислување. Тие се запишани во Библијата, која е Божја Реч. „Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16). Овие погледи го одразуваат гледиштето што Семоќниот Бог го има за жените, бидејќи Бог ги инспирирал тие стихови во Библијата за наша поука.

Понатаму, Божјата инспирирана Реч изјавува дека сопрузите треба да ‚ги почитуваат [своите сопруги]‘ (1. Петрово 3:7). А во Ефесјаните 5:33, на сопругот му е речено: „Секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе“. Всушност, Ефесјаните 5:25 вели: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“. Да, Христос изразил таква љубов кон своите следбеници што бил спремен да умре за нив. Колку само добар, несебичен пример им оставил на сопрузите! А мерилата за кои поучувал Исус и по кои живеел, ги одразувале Божјите мерила кои се запишани во Библијата за наша корист.

Сепак, и покрај нивната напорна работа на толку многу полиња, на многу жени ретко им се припишува заслуга за она што го прават. Како можат уште сега да ја подобрат својата судба во животот? Исто така, постои ли некаква шанса да се променат ставовите кон нив? Какви се идните изгледи за жените?

[Рамка/слика на страници 10 и 11]

Три начини на кои жената може да ја подобри својата судба

Образование. Во светот има околу 600 милиони неписмени жени — од кои повеќето никогаш немале прилика да одат на училиште. Можеби и Вие лично имате ниско образование, но тоа не значи дека не можете самите да го стекнете. Тоа не е лесно, но многу жени успеале. „Религиозните причини можат да играат важна улога во мотивирањето на возрасните да стекнат писменост“, објаснува книгата Women and Literacy. Да можете сама да ја читате Библијата е една добра награда од тоа што ќе научите да читате. Но, има и многу други предности.

Не само што писмената мајка има поголеми економски можности туку таа може да научи и добри здравствени практики. Индиската држава Керала драматично ги илустрира користите од писменоста. Иако овој регион е под просекот што се однесува до приходот, 87 проценти од нејзиното женско население е писмено. Интересно е тоа што во истата држава, смртноста на бебињата е пет пати пониска отколку во останатиот дел на Индија; во просек, жените живеат 15 години подолго и сите девојчиња одат на училиште.

Се разбира, писмената мајка го стимулира процесот на учење кај своето дете — што не е толку мал подвиг. Образованието на девојчињата е одлична инвестиција. Ништо друго нема таква моќ да го подобри здравјето на семејството и да ги подобри животите на самите жени, забележува публикацијата The State of the World’s Children 1991 на Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ). Не постои никакво сомневање, вештините на читање и пишување ќе Ви помогнат да бидете подобра мајка и подобар снабдувач.a

Здравје. Како мајка, треба да се грижите за себе, особено ако сте бремена или доите. Можете ли да ја подобрите својата исхрана? Речиси две третини од бремените жени во Африка, како и во јужна и западна Азија, се клинички анемични. Освен тоа што Ви ја исцрпува енергијата, анемијата ги зголемува ризиците поврзани со породувањето и Ве прави поподложни на напад од маларија. Иако месото или рибата можеби ги нема доволно или се скапи, би можело да се дојде до јајца и овошје или зеленчук кои се богати со железо. Не дозволувајте суеверието да Ве спречи да јадете хранливи производи и не дозволувајте локалните обичаи да Ве лишат од Вашиот дел од исхраната на семејството.b

Доењето е добро и за Вас и за Вашето дете. Мајчиното млеко е поефтино, похигиенско и похранливо од секаква замена. УНИЦЕФ пресметува дека секоја година би можеле да се избегнат еден милион смртни случаи кај децата доколку мајките ги доеле своите бебиња првите четири до шест месеци од нивниот живот. Се разбира, ако мајката има некоја заразна болест за која се знае дека ќе се пренесе преку мајчиното млеко, ќе треба да се користи некоја безбедна алтернатива на хранење.

Погрижете се да има исправна вентилација доколку готвите внатре во домот на отворен оган. „Изложеноста на чад и отровни гасови од готвењето можеби е најсериозен професионален здравствен ризик за кој се знае денес“, предупредува книгата Women and Health.

Не пушете тутун, без оглед на тоа под колкав притисок сте. Распространетото рекламирање на цигари во светот во развој ги има на нишан жените, обидувајќи се да ги убеди дека пушењето е софистицирано. Ништо друго не би можело да биде подалеку од вистината. Пушењето им штети на Вашите деца и може да Ве убие. Пресметано е дека на крајот, една четвртина од сите пушачи умираат поради нивната зависност од тутун. Освен тоа, стручњаците предупредуваат дека шансите еден почетник во пушење цигари да стане зависник од тутун се крајно големи.

Хигиена. Вашиот пример и Вашиот совет во врска со хигиената се битни за здравјето на Вашето семејство. Публикацијата Facts for Life ги изнесува следниве основни чекори за добра хигиена:

• Измијте си ги рацете со сапун и вода после секаков контакт со измет и пред да допирате храна. Погрижете се Вашите деца да си ги мијат рацете пред јадење.

• Користете клозет и одржувајте го чист и покриен. Ако тоа не е можно, одете во WC колку што е можно подалеку од Вашата куќа и веднаш закопајте го изметот. (Споредете 5. Мојсеева 23:12, 13.)

• Настојувајте да користите чиста вода за Вашето домаќинство. За таа цел, бунарите чувајте ги затворени и користете чисти садови за носење вода.

• Ако немате пристап до безбедна вода за пиење, зовријте ја водата и потоа оставете ја да се излади пред да се пие. Иако невриената вода може да изгледа чиста, таа сепак може да биде контаминирана.

• Запомнете дека незготвената храна има поголема веројатност да пренесе инфекција. Храната што треба да се јаде сирова треба да се измие пред да се јаде и потоа да се консумира колку што е можно поскоро. И секоја друга храна треба потполно да се свари, особено месото и пилетината.

• Храната чувајте ја чиста и покриена за да не можат да ја контаминираат инсекти или животни.

• Запалете го или закопајте го животинскиот измет.c

[Фусноти]

a Јеховините сведоци организираат бесплатни класови за описменување како дел од нивната опширна програма на библиско образование.

b Во некои земји, според суеверието, жените не треба да јадат риба, јајца или пилешко за време на бременоста, од страв дека ќе му се наштети на нероденото дете. Понекогаш обичајот бара жената да го изеде она што преостанало откако мажите и момчињата завршиле со јадењето.

c За повеќе детали видете Разбудете се! од 8 јули 1995, страници 6—11 (срп.).

[Слика на страница 8]

Многу жени во западниот свет работат во канцеларии

[Слика на страници 8 и 9]

Многу жени мора да работат во мизерни услови

[Извор на слика]

Godo-Foto

[Слика на страница 9]

Мајките се учителки во домот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели