Бог ги почитува жените
КОГА бил на Земјата, Исус совршено ги одразувал особините и постапките на својот небесен Татко. Исус рекол: „Ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото... Секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:28, 29; Колошаните 1:15). Ако обрнеме внимание на кој начин Исус постапувал со жените и каков став имал кон нив, ќе сфатиме како гледа Бог на жените и што очекува од нив.
На темел на она што го пишува во евангелијата, голем број изучувачи признале дека Исус имал сосема поинакво гледиште за жените од гледиштето што владеело во негово време. Во кој поглед? Што е уште поважно, дали неговите учења и денес им даваат поголема слобода на жените?
Како Исус се однесувал со жените
Исус не гледал на жените како на сексуални објекти. Според ставовите на некои еврејски верски водачи, контактот со спротивниот пол можел само да разгори страст. Од страв дека жените можеле да заведат некого, не им било дозволено да зборуваат со мажите во јавност или да излезат надвор без превез. Спротивно на тоа, Исус рекол дека мажите треба да ги контролираат своите телесни желби и да се однесуваат со почит кон жените наместо да им забрануваат да имаат контакти со мажите (Матеј 5:28).
Исус исто така рекол: „Секој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени со друга, прави прељуба спрема првата“ (Марко 10:11, 12). Со тоа покажал дека не се согласува со општоприфатеното рабинско учење според кое мажите имале право да се разведат од своите жени „од која и да било причина“ (Матеј 19:3, 9). Идејата за прељуба спрема својата жена им била туѓа на повеќето Евреи. Нивните рабини учеле дека еден маж никогаш не можел да биде виновен за прељуба — само една жена можела да биде неверна! Според зборовите на еден библиски критичар, „Исус ги издигнал статусот и достоинството на жените со тоа што рекол дека и за мажите и за жените важат истите морални мерила“.
Каков ефект има ова учење денес? На христијанските состаноци на Јеховините сведоци, жените слободно комуницираат со мажите. Меѓутоа, нема потреба да се плашат од непристојни погледи или претерана блискост, бидејќи мажите што се христијани внимаваат да се однесуваат со ‚постарите жени како со мајки, а со помладите жени како со сестри — со сета чистота‘ (1. Тимотеј 5:2).
Исус одвојувал време за да ги поучува жените. Спротивно на гледиштето на рабините, кои сметале дека жените треба да останат необразовани, Исус ги поучувал и ги поттикнувал да си го кажат своето мислење. Со тоа што сакал и Марија да го слуша додека поучувал, Исус покажал дека местото на жената не е само во кујната (Лука 10:38-42). Додека поучувал, често го слушала и Марта, сестрата на Марија, што се гледа од одговорите кои му ги дала на Исус по смртта на Лазар (Јован 11:21-27).
На Исус му било важно мислењето на жените. Во тоа време, повеќето Еврејки сметале дека ќе бидат најсреќни ако имаат син со кој ќе можат да се гордеат, по можност пророк. Кога една жена извикала: „Среќна е утробата што те носела!“, Исус ја искористил приликата да ѝ каже дека има нешто што вреди повеќе од тоа (Лука 11:27, 28). Кога ѝ рекол дека најважно е човек да му служи на Бог, Исус ѝ покажал дека, иако е жена, може да прави повеќе од она што традиционално се сметало за нејзина улога (Јован 8:32).
Каков ефект има ова учење денес? Оние што поучуваат во христијанското собрание, на состаноците со задоволство ги слушаат коментарите дадени од жени. Тие ги ценат зрелите жени, кои во секое време со својот пример „ги поучуваат другите за она што е добро“ (Тит 2:3). Исто така, жените јавно ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство (Псалм 68:11; види ја рамката на 9. страница, „Дали апостол Павле им забранувал на жените да зборуваат?“).
Исус се грижел за жените. Во библиски времиња, ќерките не се ценеле толку колку синовите. Тоа гледиште е изнесено во Талмудот, каде што пишува: „Среќен е оној што има машки деца, а тешко на оној што има женски деца“. Некои родители сметале дека ќерката претставува поголем товар бидејќи требало да ѝ најдат маж и да ѝ дадат мираз. Освен тоа, не можеле да очекуваат од неа да се грижи за нив кога ќе остарат.
Исус покажал дека животот на девојчињата вреди исто колку животот на момчињата — тој ги воскреснал и ќерката на Јаир и синот на вдовицата од Наин (Марко 5:35, 41, 42; Лука 7:11-15). Откако излечил една жена која ‚веќе осумнаесет години била болна‘, Исус ја нарекол „Авраамова ќерка“, израз кој речиси не се ни појавува во еврејската литература (Лука 13:10-16). Со тоа што го употребил овој љубезен израз кој одразува почит, тој не само што покажал дека ја смета за рамноправен член на општеството туку ѝ оддал и признание за нејзината голема вера (Лука 19:9; Галатите 3:7).
Каков ефект има ова учење денес? Една азиска изрека гласи: „Да се чува ќерка е како да се наводнува бавчата на комшијата“. Но, татковците во христијанските семејства воопшто немаат такво гледиште. Напротив, тие добро се грижат за сите свои деца, и синови и ќерки. Родителите кои се христијани им обезбедуваат соодветно образование и здравствена нега на сите свои деца.
Исус имал доверба во жените. Во еврејските судови, сведоштвото на една жена се сметало за рамно на сведоштвото на еден роб. Јосиф, историчар од првиот век, го дал следниов совет: „Доказите изнесени од жени да не се прифаќаат затоа што жените се превртливи и непромислени“.
Сосема спротивно на тоа, Исус избрал жени да посведочат за неговото воскресение (Матеј 28:1, 8-10). Иако овие верни жени биле очевидци на погубувањето и закопот на нивниот Господар, на апостолите им било тешко да поверуваат во она што го рекле тие (Матеј 27:55, 56, 61; Лука 24:10, 11). Меѓутоа, со тоа што прво им се појавил на жени, воскреснатиот Христос покажал дека го смета нивниот збор за исто толку веродостоен колку и зборот на неговите други ученици (Дела 1:8, 14).
Каков ефект има ова учење денес? Во собранијата на Јеховините сведоци, мажите кои имаат одговорности покажуваат обѕир кон жените земајќи го предвид нивното мислење. А сопрузите покажуваат дека ‚ги почитуваат‘ своите сопруги на тој начин што внимателно сослушуваат што имаат да кажат (1. Петрово 3:7; 1. Мојсеева 21:12).
Библиските начела придонесуваат жените да бидат среќни
Кога мажите постапуваат по примерот на Христос, жените ги добиваат почитта и слободата кои им ги дал Бог кога ги создал (1. Мојсеева 1:27, 28). Наместо да го поддржуваат машкиот шовинизам, сопрузите кои се водат според библиските начела придонесуваат нивната сопруга да биде среќна (Ефешаните 5:28, 29).
Да ја спомнеме како пример Елена. Кога почнала да ја проучува Библијата, таа без збор трпела големо малтретирање од својот сопруг. Тој растел во насилна средина, каде што било најнормално да се грабне идната сопруга и физички да се малтретира. „Она што го научив од Библијата ми влеа сила“, вели Елена. „Сфатив дека постои некој што многу ме сака, ме цени и се грижи за мене. Сфатив и дека, ако маж ми почне да ја проучува Библијата, ќе го смени својот став кон мене.“ Нејзината желба се исполнила кога маж ѝ се согласил да ја проучува Библијата и станал Јеховин сведок. „Сега тој е пример за стрпливост и самосовладување“, кажува Елена. „Научивме многу да си простуваме.“ До каков заклучок дошла? „Библиските начела навистина ми помогнаа да се чувствувам ценета и заштитена во бракот“ (Колошаните 3:13, 18, 19).
Случајот на Елена не е единствен. Милиони христијанки денес се среќни затоа што тие и нивните сопрузи заеднички се трудат да ги применуваат библиските начела во нивниот брак. Тие се чувствуваат почитувани, утешени и слободни меѓу своите сохристијани (Јован 13:34, 35).
И мажите и жените што се христијани се свесни дека, како грешни и несовршени луѓе, тие се дел од Божјето создание што е „подложено на ништожност“. Меѓутоа, со тоа што се зближиле со својот грижлив Бог и Татко, Јехова, имаат надеж дека ‚ќе бидат ослободени од робувањето на распадливоста‘ и дека ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“. Колку прекрасна иднина ги очекува и мажите и жените во Божјето Царство! (Римјаните 8:20, 21).