Измачувани од фобии
„Фобиите честопати се предмет на исмејување. Но, тие сигурно не се ‚забавни‘“ (Џерилин Рос, директор на центарот за лекување тегобни растројства).
ЗБОРОТ „фобија“ се однесува на силен, нереален страв од некој предмет, настан или чувство. Но, дефиницијата само по себе не може да го пренесе ужасот и осаменоста кои се обележја на оваа состојба. Реан Думонт, кој се занимава со лечење фобии повеќе од две децении, забележува: „Фобичарите можеби избегнуваат толку многу ситуации што на крајот се врзуваат за домот, или живеат во постојани, непопустливи тегоби или, пак, ги олеснуваат своите тегоби со алкохол, кој само може да предизвика дополнителни проблеми“.
Фобиите се класифицирани во групата заболувања наречени тегобни растројства.a Се проценува дека 12 проценти од возрасното население во Соединетите Држави, кога-тогаш во својот живот ќе се соочи со некоја фобија. Многумина од нив со години тивко ќе страдаат. „За жал“, известува Американското здружение за тегобни растројства, „околу три четвртини од лицата со фобија никогаш нема да добијат помош. Многу луѓе со фобии се колебаат да побараат помош затоа што им е непријатно. Други не сфаќаат што е со нив или не знаат каде да најдат помош, а некои, пак, се плашат и од самото лекување.“
Познати се стотици фобии, но стручњаците обично ги групираат во три категории. Обичните фобии се сосредоточуваат на некој објект или ситуација, како што се инсекти, животни, летање и затворен простор. Агорафобијата обично се јавува во врска со нападите на паника. Заболениот толку се плаши дека ќе има напад на паника што ги избегнува сите места и ситуации во кои се случиле претходните напади. Социјалните фобии се карактеризираат со страв дека ќе се биде засрамен во ситуации во присуство на јавноста, како што е зборувањето пред публика.
Да разгледаме само една од овие три — социјалните фобии. The Washingtonian наведува: „Ставете ги во еден кош сите обични фобии, како што е стравот од змии или од летање, и тие нема да можат ниту оддалеку да се споредат со социјалната фобија како причина за страдање“. Дали тоа е точно? Ако да, зошто? Да видиме.
[Фуснота]
a Други тегобни растројства вклучуваат растројство на паника, опсесивно-компулзивно растројство, посттрауматски стрес и општо тегобно растројство. За повеќе информации, видете Разбудете се! од 8 мај 1996: „Принудно однесување — дали го контролира Вашиот живот?“ и 8 септември 1996: „Соочување со нападите на паника“.