ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g98 8/10 стр. 7-11
  • Контролирање на социјалната фобија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Контролирање на социјалната фобија
  • Разбудете се! 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Справување со симптомите
  • Преиспитајте ги Вашите верувања за фобиите
  • Соочете се со Вашите стравови
  • Луѓе „со чувства како нашите“
  • Кога се чини дека сите очи се вперени во Вас
    Разбудете се! 1998
  • Измачувани од фобии
    Разбудете се! 1998
  • Фрлете ги сите грижи на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
  • Помош за лицата со анксиозни растројства
    Разбудете се! 2012
Повеќе
Разбудете се! 1998
g98 8/10 стр. 7-11

Контролирање на социјалната фобија

„Најважно нешто што треба да го имаат на ум луѓето со фобии е тоа дека фобичните растројства добро реагираат на терапија. Тие не се нешто од што треба постојано да страдаат“ (д-р Крис Слетен).

ЗА СРЕЌА, на многумина од оние кои страдаат од социјална фобија им било помогнато да ја намалат својата вознемиреност, па дури и да се соочат со друштвените околности од кои се плашеле со години. Ако страдате од социјална фобија, бидете уверени дека и Вие можете да научите некои конструктивни начини за справување со ова растројство. За таа цел, ќе треба де се сосредоточите на 1) Вашите физички симптоми, 2) Вашиот став за ситуациите од кои стравувате, како и 3) однесувањето што произлегува од Вашите стравови.

Библиските начела можат да помогнат. Вистина е дека Божјата Реч не е медицински учебник ниту, пак, во него се спомнува изразот „социјална фобија“. Сепак, Библијата може да Ви помогне ‚да ја чувате практичната мудрост и способноста за размислување‘ кога се справувате со Вашите стравови (Изреки 3:21, NW; Исаија 48:17).

Справување со симптомите

Физичките симптоми на социјалната фобија варираат од човек до човек. Како реагира Вашето тело додека Ви претстои ситуацијата од која се плашите? Дали Ви се тресат рацете? Дали срцето Ви чука забрзано? Ви се јавува ли мачнина во стомакот? Дали се препотувате или се вцрвувате или, пак, Ви се суши устата?

Точно е дека воопшто не е пријатна помислата на препотување, пелтечење или треперење пред другите. Но, вознемиреноста поради она што би можело да се случи нема да помогне. Исус соодветно прашал: „Кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот?“ (Матеј 6:27; споредете Изреки 12:25). Всушност, размислувањето за симптомите и за она што би можеле да го мислат другите за нив само ќе ги влоши работите. „Помислата дека другите ја забележуваат нивната трема ги прави луѓето со социјална фобија уште повознемирени“, забележува The Harvard Mental Health Letter. „Почнуваат да ја очекуваат непријатноста што следи и очекуваат лош настап — очекување кое предизвикува понатамошни аларми кога им претстои ситуацијата од која се плашат.

Можеби ќе го намалите интензитетот на симптомите ако вежбате бавно дишење од дијафрагмата. (Видете ја рамката „Внимавајте на дишењето!“) Помага и редовното физичко вежбање и опуштањето на мускулите (1. Тимотеј 4:8). Можеби ќе треба да направите и некои промени во начинот на живеење. На пример, Библијата советува: „Подобро една рака во мир, отколку две со труд и мака во духот“ (Проповедник 4:6). Затоа, погрижете се доволно да се одмарате. Освен тоа, внимавајте на исхраната. Немојте да ги прескокнувате оброците ниту да јадете нередовно. Можеби ќе треба да го скратите кофеинот, кој може да биде главен виновник за предизвикувањето на вознемиреноста.

Над сѐ, бидете стрпливи (Проповедник 7:8). Една екипа лекари известува: „Со текот на времето ќе забележите дека, иако сѐ уште сте склони да чувствувате вознемиреност во извесни ситуации пред друштво, интензитетот на телесните симптоми значително ќе се намали. Што е најважно, со вежбање ќе се зголеми Вашата самодоверба и ќе бидете поподготвени за друштвената ситуација која Ве плаши“.

Преиспитајте ги Вашите верувања за фобиите

Се вели дека не можете да доживеете некое чувство ако претходно не сте доживеале некоја мисла. Изгледа дека ова е случај со социјалната фобија. Затоа, за да ги намалите физичките симптоми, можеби ќе треба да ги преиспитате ‚вознемирувачките мисли‘ кои ги предизвикуваат (Псалм 94:19, NW).

Некои експерти велат дека социјалната фобија, всушност, е страв од неодобрување. На пример, додека некој кој страда од социјална фобија се наоѓа на некој друштвен собир, можеби си вели: ‚Изгледам толку глупаво. Луѓето сигурно забележуваат дека едноставно не се вклопувам. Сигурен сум дека сите ми се потсмеваат‘. Трејси, која страда од социјална фобија, имала такви чувства. Меѓутоа, со текот на времето ги преиспитала своите уверувања. Сфатила дека луѓето имаат попаметна работа отколку да ја анализираат и да ѝ судат. „Дури и ако кажам нешто здодевно“, заклучила Трејси, „зарем треба некој друг да не ме одобри како личност поради тоа?“

Исто како Трејси, можеби ќе треба да го преиспитате искривеното размислување во поглед на веројатноста — и сериозноста — на неодобрувањето од другите во друштвени ситуации. Постои ли навистина цврста причина да верувате дека луѓето ќе Ви се налутат ако се обистинат Вашите најлоши стравови? Дури и ако некои реагираат така, постои ли причина да заклучите дека нема да ја преживеете таа мака? Дали нечие мислење навистина ја менува вредноста на Вашата личност? Библијата мудро советува: „Не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува“ (Проповедник 7:21).

Една екипа лекари кои пишуваат за социјалните фобии навела: „Проблемите се појавуваат тогаш кога луѓето им придаваат преголемо значење и важност на неизбежните одбивања што ги донесува животот. Одбивањето може да биде многу разочарувачко. Тоа навистина може да боли. Но, не мора да Ве уништи. Навистина тоа не е никаква катастрофа освен ако Вие не направите да биде“.

Библијата ни помага реално да гледаме на себеси. Таа признава: „Сите ние многу грешиме“ (Јаков 3:2). Да, никој не е имун на несовршеноста и нејзините понекогаш незгодни манифестации. Ако го сфатиме ова, ќе можеме да преминеме преку слабостите на другите, а тоа ќе ги охрабри другите да покажат исто толкаво разбирање и за нашите слабости. Во секој случај, христијаните знаат дека оној чие одобрување е навистина важно е Јехова Бог — а тој не се сосредоточува на нашите грешки (Псалм 102:13, 14; 129:3).

Соочете се со Вашите стравови

За да ја добиете битката со социјалната фобија, порано или подоцна ќе треба да се соочите со Вашите стравови. На почетокот можеби ќе изгледа застрашувачка и самата помисла на такво нешто. Сѐ досега можеби сте ги избегнувале друштвените околности кои ги поттикнуваат Вашите стравови. Меѓутоа, тоа веројатно само Ви ја поткопало довербата и уште повеќе ги зацврстило стравовите. Со добра причина Библијата наведува: „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи; ќе букне против секаква практична мудрост“ (Изреки 18:1, NW).

Спротивно на тоа, соочувањето со стравовите може да ја намали вознемиреноста.a Д-р Џон Р. Маршал вели: „Честопати ги охрабруваме нашите пациенти со социјална фобија — особено оние чии стравови се релативно ограничени, како што е зборувањето пред јавност — да се присилат да бидат активни во околностите и организациите кои бараат друштвен контакт“.

Соочувањето со ситуациите од кои сте се плашеле ќе Ве увери дека 1) незгодните пропусти најчесто нема да доведат до неодобрување од другите и дека 2) дури и ако сепак доведат до некакво неодобрување, тоа не е катастрофално. Но, не заборавајте да бидете стрпливи во поглед на напредокот. Закрепнувањето не се постигнува преку ноќ ниту, пак, е реално да очекувате да исчезнат сите знаци на социјалната фобија. Според д-р Сали Винстон, целта на лекувањето не е да се ослободите од симптомите, туку да постигнете тие да не Ви бидат толку важни. Ако не Ви се важни, вели таа, тие исчезнуваат или барем се ублажуваат.

Христијаните имаат силна мотивација да ги надвладеат социјалните стравови. Всушност, речено им е ‚да се поттикнуваат кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание‘ (Евреите 10:24, 25). Бидејќи христијанската активност честопати вклучува контакти со другите, трудот вложен во контролирањето на социјалните стравови може многу да помогне во духовниот напредок (Матеј 28:19, 20; Дела 2:42; 1. Солунјаните 5:14). Постојано изнесувај ја работата пред Јехова Бог во молитва, бидејќи тој може да ти ја обезбеди „силата, која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7, NW; 1. Јованово 5:14). Моли го Јехова да ти помогне да стекнеш урамнотежено гледиште за одобрувањето од другите и да ги негуваш потребните вештини за да го правиш она што го бара тој.

Како што е познато, проблемите на секој што страда се посебни. Затоа, секој ќе треба да се соочи со различни препреки и ќе треба да црпи сила од различни јаки страни. Некои постигнале значително подобрување користејќи ги предлозите за кои дискутиравме. Во некои случаи можеби ќе биде потребна дополнителна помош. На пример, на некои им помогнале лекови.b Други побарале помош од некој специјалист за душевно здравје. Разбудете се! не препорачува ниту наметнува некаков посебен вид лекување. Дали некој христијанин ќе побара такво лекување е лична одлука. Меѓутоа, треба да внимава лекувањето што го добива да не биде во спротивност со библиските начела.

Луѓе „со чувства како нашите“

Библијата може да биде големо охрабрување бидејќи содржи примери од вистинскиот живот за луѓе кои ги совладале личните препреки за да го прават она што Бог го барал од нив. Размисли за Илија. Како еден од најистакнатите израелски пророци, тој покажал нешто што би можело да изгледа како натчовечка храброст. Сепак, Библијата нѐ уверува дека ‚Илија бил човек со чувства како нашите‘ (Јаков 5:17, NW). Тој не бил имун на периоди на силен страв и вознемиреност (3. Царства 19:1—4).

Христијанскиот апостол Павле отишол во Коринт „во немоќ, и страв, и во голем трепет“, очигледно со силно сомневање во врска со сопствените способности. Тој навистина наишол на извесно неодобрување. Всушност, некои противници рекле за Павле: „При личното присуство меѓу нас [е] слаб; проповедта негова ништо не вреди“. Сепак, нема никаков показател дека Павле допуштил извртеното мислење на другите да влијае врз неговото гледиште за себе или за неговите способности (1. Коринтјаните 2:3—5; 2. Коринтјаните 10:10).

На Мојсеј му недостигала доверба во својата способност да му пристапи на фараонот и тврдел дека е „бавен на уста и бавен на јазик“ (2. Мојсеева 4:10, NW). Дури и откако Јехова Бог му ветил дека ќе му помогне, Мојсеј молел: „Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш“ (2. Мојсеева 4:13). Мојсеј не можел да ги види своите јаки страни, но Јехова можел. Тој сметал дека Мојсеј е и умствено и физички способен да ја исполни задачата. Сепак, Јехова со љубов му обезбедил помошник на Мојсеј. Не го присилил сам да се соочи со Фараонот (2. Мојсеева 4:14, 15).

И Јеремија е еден извонреден пример во овој поглед. Кога бил именуван за Божји пророк, овој млад човек одговорил: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад“. Силата за да ја изврши својата задача не му била вродена на Јеремија. Сепак, Јехова бил со него. Тој му помогнал да стане „како утврден град, како железен столб и како бакарен ѕид против . . . целата таа земја“ (Јеремија 1:6, 18, 19).

Затоа, ако страдаш поради стравови и вознемиреност, немој да заклучиш дека ти недостига вера или дека Јехова те отфрлил. Напротив, „Јехова е близу до оние кои се скршени во срцето; а ги спасува оние кои се здробени во духот“ (Псалм 34:18, NW).

Всушност, библиските примери спомнати претходно покажуваат дека дури и цврсти луѓе од вера се бореле со чувства на недостаточност. Иако не барал повеќе отколку што секој можел разумно да даде, Јехова им помогнал на Илија, Павле, Тимотеј, Мојсеј и Јеремија да извршат повеќе во нивната служба отколку што можеби очекувале. Бидејќи Јехова „го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“, биди уверен дека тој може да го направи истото и за тебе (Псалм 102:14).

[Фусноти]

a Доколку овој чекор Ви изгледа претежок, некои лекари препорачуваат да вежбате едноставно да се замислувате во околноста од која се плашите. Замислете си ја сцената со колку што е можно повеќе детали. Степенот на Вашата вознемиреност можеби ќе се зголеми; но постојано потсетувајте се дека неодобрувањето од другите не е толку големо ниту толку сериозно колку што мислите Вие, и смислете таков крај на сцената кој ќе го поддржи тоа гледиште.

b Оние кои размислуваат да земаат лекови треба да ги одмерат ризиците и користите. Исто така, треба да размислат дали фобијата е доволно сериозна за да се примени терапија со лекови. Многу стручњаци сметаат дека земањето лекови е најделотворно кога се комбинира со терапија која се сосредоточува на стравовите и однесувањето на фобичарот.

[Рамка на страница 8]

Внимавајте на дишењето

НЕКОИ од оние кои страдаат од социјална фобија можат да го намалат интензитетот на физичките симптоми со тоа што ќе внимаваат на дишењето. На почетокот ова би можело да звучи чудно. Па, секој знае да дише! Но, експертите велат дека многу луѓе кои имаат проблеми на вознемиреност не дишат правилно. Честопати тие дишат премногу плитко, премногу брзо или премногу длабоко од градниот кош.

Вежбајте бавно вдишување и издишување. Дишењето низ нос наместо низ уста ќе ја олесни работата. Исто така, научете да дишете од дијафрагмата, бидејќи дишењето од горниот дел на градниот кош го зголемува ризикот од забрзано дишење. За да се тестирате во овој поглед, кога ќе се исправите, поставете ја едната рака над половината, а другата на средината од градниот кош. Додека дишете, забележете која рака се движи повеќе. Ако е тоа раката на градниот кош, ќе треба да вежбате дишење од дијафрагмата.

Се разбира, не мора да доаѓа од дијафрагмата секој здив. (Нормалниот однос на вдишувањата дијафрагма—граден кош е околу 4 спрема 1, но понекогаш тоа ќе варира.) На место е и едно предупредување: Оние кои имаат хронични заболувања на дишните патишта — како што е емфиземата или астмата — треба да одат на лекар пред да усвојат нови техники на дишење.

[Рамка на страница 9]

Кога стравот води до паника

КАЈ некои луѓе кои страдаат од социјална фобија, вознемиреноста е толку силна што води до напад на паника. Овој ненадеен, неподнослив страв кај жртвата предизвикува забрзано дишење, чувство на истоштеност, како и убеденост дека има срцев напад.

Стручњаците велат дека најдобро е да не се борите против таквиот напад. Наместо тоа, на лицето му се советува да ‚ја пребродува‘ вознемиреноста сѐ додека таа не помине. „Не можете да го запрете тоа штом ќе почне“, вели Џерилин Рос. „Едноставно мора да си оди по својот тек. Постојано велете си дека тоа е страшно, но не и опасно. Ќе помине.“

Мелвин Грин, директор на една установа која лекува агорафобија, го споредува таквиот напад со еден мал бран кој се гледа како се приближува кон плажата. „Тој ги претставува Вашите почетни чувства на вознемиреност“, вели тој. „Додека бранот се приближува кон копното, тој станува сѐ поголем. Ова ги претставува Вашите чувства на вознемиреност кои растат. Наскоро бранот е многу голем и го достигнува својот максимум. Потоа се спушта во сѐ помал бран сѐ додека не се распрсне на плажата. Оваа слика го претставува почетокот и крајот на нападот на вознемиреност.“ Грин вели дека оној што страда не треба да се бори со чувствата, туку да „се бранува“ со нив додека не поминат.

[Слики на страници 8 и 9]

Како помош во олеснувањето на вознемиреноста, внимавајте на исхраната и одморајте се доволно

[Слика на страница 10]

Јехова им помогнал на мажи како Мојсеј да извршат повеќе во нивната служба отколку што можеби очекувале

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели