Кога се чини дека сите очи се вперени во Вас
„Мачење“ е зборот што го користи Џери за да го опише тоа. „Секогаш кога ќе влезев во училницата“, вели тој, „почнував да се препотувам, во устата како да имав памук и мислев дека нема да можам да зборувам — дури и ако животот ми зависеше од тоа. Потоа почнував да ја чувствувам онаа силна врелина како ми надоаѓа по рацете, нозете и лицето и ќе се заруменев — како да ми се вжаруваше целото тело.“
ЏЕРИ страда од социјална фобија, состојба која се карактеризира со силен страв дека другите Ве гледаат и дека ќе бидете јавно понижени. „Лицето кое има социјална фобија мисли дека сите очи се вперени во него“, вели една брошура издадена од американското здружение за тегобни растројства. „Тегобноста може да води до напади на паника кои вклучуваат такви симптоми како што се забрзано чукање на срцето, малаксаност, забрзано дишење и препотување“.
Можеби некои се склони да ги отфрлат стравовите на оние кои страдаат од социјална фобија, велејќи дека тие треба само да се натераат да ја игнорираат срамежливоста и „да излезат и да се сретнат со луѓе“. Точно е дека дел од борбата против социјалната фобија вклучува и соочување со сопствените стравови. Меѓутоа, постои огромна разлика помеѓу срамежливоста и социјалната фобија. „За разлика од обичната срамежливост“, вели Џерилин Рос, „социјалната фобија е толку сериозна што предизвикува пречки во секојдневното дејствување, на работа, на училиште и речиси во сите меѓучовечки односи“.
Истражувањата покажуваат дека животите на милиони луѓе се нарушени од социјална фобија.a Да разгледаме некои стравови кои се поврзани со оваа изнемоштувачка состојба.
Стравовите на социјалната фобија
Зборување пред јавност. Даг се сеќава кога го фатила паника додека изнесувал краток говор пред една локална група граѓани. „Одеднаш ме облеа студена пот“, вели тој. „Срцето силно ми биеше. Се тресев, треперев. Како да имав грутка во грлото, што ми отежнуваше да ги изговарам зборовите.“ Точно е дека речиси секој фаќа трема кога е пред публика. Но, оној што страда од социјална фобија доживува еден толку силен и непопустлив бран на ужас кој не слабее со вежбање. Всушност, дури и најобичната прилика кога зборувал, Даг ја чувствувал како закана за неговиот живот.
Јадење во присуство на другите. Бидејќи оние кои страдаат од социјална фобија мислат дека другите ги посматраат, дури и едноставниот оброк може да стане ноќен кошмар. Се плашат дека рацете ќе им се тресат, дека ќе ја истурат храната или ќе ја промашат устата, па дури и дека ќе им се слоши. Овие стравови можат да станат самоисполнети пророштва. Книгата Dying of Embarrassment забележува: „Колку повеќе се плашите од можноста дека ќе направите нешто непријатно толку повеќе се вознемирувате. Колку повеќе се вознемирувате толку поверојатно вистински ќе почнете да се тресете или да правите нагли, несмасни движења. Овој проблем може да дојде до тој степен што станува тешко да ставите во устата храна или пијалак без да Ви падне или без да го истурите“.
Пишување во присуство на другите. Од страв дека раката ќе им затрепери или дека ќе ги гледаат како шкртаат нечитко, многумина кои страдаат од социјална фобија ги фаќа паника кога мораат да потпишат чек или да извршат каква и да е друга задача при која треба да пишуваат додека другите ги гледаат. На пример, Сем се засрамил кога работодавачот побарал од него да потпишува дневна книга пред чуварот на почетокот на секој работен ден. „Не можев да го правам тоа“, вели Сем. „Раката толку ми се тресеше што морав да ја контролирам со другата рака за да го погодам редот, а потоа не можеше да се прочита што сум напишал.“
Користење телефон. Д-р Џон Р. Маршал вели дека многумина од неговите пациенти признале дека секогаш кога е можно избегнуваат да користат телефон. „Се плашат дека нема да одговорат како што треба“, вели тој. „Други се плашат дека, поради тоа што нема да знаат што да речат, ќе следи непријатен молк и тогаш кога разговорот ќе замре, од вознемиреност гласот ќе им се смени, ќе затрепери или ќе им откаже. Им било страв дека можеби ќе запелтечат, ќе замуцаат или дека на некој друг непријатен начин ќе ја покажат својата растроена состојба.“
Меѓучовечки односи. Некои кои страдаат од социјална фобија се плашат речиси од секоја ситуација во која треба да се помешаат со други луѓе. Особено се плашат да им се сретне погледот со некого. „Луѓето со тешки социјални фобии честопати чувствуваат тегобна несигурност за тоа каде да гледаат и како да реагираат кога другите гледаат во нив“, вели The Harvard Mental Health Letter. „Тие избегнуваат визуелен контакт бидејќи имаат чувство дека не знаат кога да погледнат, а кога да го свртат погледот. Си мислат дека другите погрешно ќе го протолкуваат нивниот поглед.“
Со социјалната фобија се поврзани и други стравови. На пример, многумина се плашат да ги користат јавните клозети. За други е ужасно да пазаруваат под погледот на продавачот. „Толку се посрамувам што честопати дури и не забележувам каде гледам“, вели една жена. „Секогаш очекувам или си замислувам како лицето зад штандот бара да кажам што сакам и да престанам да му го одземам времето“.
Како се обидуваат да излезат на крај?
Оние кои го немаат ова растројство тешко ја сфаќаат болката на социјалната фобија. Еден заболен го опишува своето искуство како „најужасно засрамување што некој може воопшто да си го замисли!“ Друг признава: „Цело време мислам на самоубиство“.
За жал, многумина кои страдаат од социјална фобија се свртуваат кон алкохолот во обид да ја намалат својата тегоба.b Иако тоа може да донесе привремено олеснување, долгорочно гледано злоупотребата на алкохол само ги зголемува проблемите на заболениот. Д-р Џон Р. Маршал забележува: „Повеќемина од моите пациенти со мало искуство во пиењето во друштво се испијаниле во обид да се смират пред или за време на некоја друштвена ситуација, но со тоа само го зголемиле понижувањето во очите на другите од кои толку многу се плашеле“.
Можеби највообичаената стратегија на соочување кај оние што страдаат од социјална фобија е одбегнувањето. Да, многумина едноставно бегаат од ситуациите од кои се плашат. „Избегнував колку што е можно повеќе ситуации, па дури и да зборувам по телефон“, вели Лорен, која страда од социјална фобија. Меѓутоа, со текот на времето, многумина увидуваат дека избегнувањето ги заробува наместо да ги штити. „После некое време“, вели Лорен, „ме обземаат осаменост и здодевност“.
Избегнувањето може да стане „сѐ поголема замка“, предупредува Џерилин Рос. „И секое избегнување“, додава таа, „олеснува да паднеш во замката следниот пат — сѐ додека тоа не стане речиси автоматска реакција.“ Некои рутински ги одбиваат поканите за вечера или ги испуштаат приликите за вработување во кои се вклучени контакти со луѓе. Како резултат на тоа, тие никогаш не можат да научат да се соочат со своите стравови и да ги совладаат. Како што се изразува д-р Ричард Хајмберг, „животот им е исполнет со замислени отфрлања кои никогаш не се остваруваат и замислени пропусти во работните должности кои никогаш не ги почнале затоа што ги избегнале“.
Меѓутоа, има една добра вест за социјалните фобии: Тие можат да се совладаат. Се разбира, невозможно е — дури и непожелно — потполно да се отстрани секој облик на тегоба. Сепак, оние кои страдаат од социјална фобија можат да научат да ги контролираат своите стравови. Библијата содржи практични совети кои можат да помогнат.
[Фусноти]
a Треба да се забележи дека речиси секој има некакви социјални стравови. На пример, многу луѓе се вознемируваат кога ќе помислат дека треба да зборуваат пред публика. Меѓутоа, дијагноза за социјална фобија обично се поставува само за оние чии стравови се толку екстремни што значително го пореметуваат нормалното функционирање.
b Студиите покажуваат дека кај оние кои страдаат од социјална фобија постои висока стапка на алкохолизам и дека меѓу алкохоличарите е висока стапката на оние кои страдаат од социјална фобија. Што доаѓа на прво место? Се тврди дека една третина од алкохоличарите имале историја на растројство на паника или некој облик на социјална фобија пред да почнат да пијат.
[Слики на страница 5]
За оние кои страдаат од социјална фобија, нормалните односи стануваат ноќен кошмар