Да се прости и да се заборави — можно ли е тоа?
ПОМИНА повеќе од половина век откако во 1945 заврши II светска војна. Таа глобална војна беше далеку најсурова и најскапа војна во целата човечка историја.
II светска војна траеше шест години и ги одзеде животите на околу 50 милиони луѓе, вклучувајќи и цивили. Безброј други беа осакатени физички, ментално и емоционално. За многумина кои ги преживеаја тие несреќни воени години, болните сеќавања на извршените ѕверства и на саканите кои ги изгубиле сѐ уште не се избледени.
Тука се и сеќавањата на ѕверствата кои ги извршиле нацистите во холокаустот, со милионите масакрирани недолжни жртви. И во Европа и во Азија, многу ѕверства беа извршени од освојувачките армии кои убиваа, силуваа, ограбуваа и тероризираа цивили. Исто така, многу луѓе беа жртви на воздушните напади кои сееја пустош, рани и смрт на неброени недолжни мажи, жени и деца. Тешки искуства претрпеа и милиони борци на различни бојни полиња во светот.
Ментални и емоционални рани
Многу од менталните и емоционалните рани претрпени како резултат на ужасните настани кои се случуваа во текот на II светска војна, неизбришливо остануваат во мислите на голем број луѓе кои живееле во тоа време и кои сѐ уште се живи денес. Тие би сакале да ги избришат сите оние страшни, горки сеќавања. Но, не можат да го сторат тоа. Кај некои, сликите од таквите ужаси се враќаат да ги измачуваат како ноќен кошмар кој постојано им се јавува.
Меѓутоа, други не сакаат да заборават — или поради тоа што сакаат да се одмаздат или, пак, поради желбата да го почитуваат споменот на загинатите. Освен тоа, општо раширено е мислењето дека минатите ѕверства треба живо да се зачуваат во заедничкото сеќавање на човечкото семејство со надеж дека нема да се повторат никогаш повеќе.
Пред неколку години, во текот на 1994/95, атмосферата во која се прославуваа 50-годишнините на Денот Д (истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија во јуни 1944) и крајот на европската етапа на Втората светска војна (во мај 1945) покажа дека на многу очевидци на тие настани им е тешко да простат и да заборават. Честопати е исклучен секаков гест на помирување меѓу поранешните непријатели. Така, британските ветерани одбија да повикаат германски претставници на прославите на истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија.
Во врска со ѕверствата кои ги извршиле нацистите во II светска војна и во врска со тоа што тешко се простува и се заборава, писателот Владимир Јанкелевич се изразил на следниов начин: „Со оглед на едно такво гнасно злосторство, природна реакција . . . е човек да биде разгневен и разбеснето да се бори да не заборави и да ги гони злосторниците до крајот на Земјата — како што ветија судиите на сојузничкиот Нирнбершки процес“. Истиот писател продолжил: „Спремно би рекле, кажувајќи ги обратно термините на молитвата што Исус му ја упатил на Бог во Евангелието според Свети Лука: Господи, не им простувај затоа што тие знаат што прават“. (Споредете Лука 23:34.)
За жал, од 1945 па сѐ до денешно време, безброј други ѕверства — во Камбоџа, Руанда, Босна — да спомнеме само неколку — продолжија да ја валкаат Земјата со крв. Овие ѕверства оставија како последица милиони мртви, како и огромен број преживеани вдовици и сирачиња, уништени животи и морничави сеќавања.
Без сомнение, овој 20 век беше време на беспримерна суровост. Ситуацијата е токму онаква како што прорекло библиското пророштво многу одамна за нашево време — луѓето се „нескротливи“ и „недоброљупци“ (2. Тимотеј 3:1—5; Откровение 6:4—8).
Што треба да сториме
Соочени со такво варварство, луѓето реагираат различно. Но, како е со нас? Треба ли да се сеќаваме или, пак, да заборавиме? Дали тоа што човек ќе се сеќава значи да негува горка, длабоко всадена омраза кон своите поранешни непријатели, одбивајќи да прости? Од друга страна, пак, дали простувањето значи човек да заборави во смисла потполно да ги избрише лошите сеќавања?
Што мисли Творецот на човештвото, Јехова Бог, за ужасните злосторства кои се извршени во наше време и во минатото? Ќе им прости ли на извршителите? И зарем не е предоцна Бог да им надомести на жртвите кои биле убиени во ѕверствата? Постои ли некаква цврста надеж дека некогаш ќе им дојде крај на ѕверствата, со оглед на тоа што се случуваат веќе илјадници години? Како точно Семоќниот Бог ќе ги исправи овие комплицирани работи?
[Слика на страница 4]
Децата на жртвите од масакр се собираат во логор за бегалци
[Извор на слика]
Фотографија на ОН 186797/J. Isaac
[Извор на слика на страница 3]
U.S. Navy photo