Треба ли да се сеќаваме на минатото?
„МОЖАТ ли Евреите да го заборават холокаустот?“ Ова прашање го поставил Вирџил Елизондо, претседател на Мексиканско-американскиот културен центар во Сан Антонио (Тексас). Тоа нѐ потсетува дека ѕверствата кои се доживеани во ова столетие можат да остават неизбришлива лузна врз заедничкото сеќавање. И геноцидот на Ерменците (1915—1923), како и масовните убиства на Камбоџанците (1975—1979), мора да се вбројат во ѕверствата на 20 век. Па сепак, списокот сѐ уште не е завршен.
Во обид да го поттикнат помирувањето помеѓу жртвите и нивните мачители, религиозните и политичките водачи одвреме навреме ги повикувале луѓето да ги заборават претрпените ѕверства. На пример, ова се случило во Атина (Грција) во 403 пр. н. е. Градот штотуку бил сведок на крајот на угнетувачкото диктаторство на Триесетте тирани — една олигархија која ги елиминирала, дури и физички, речиси сите свои непријатели. Новите владетели се обиделе повторно да воспостават хармонија меѓу граѓаните со тоа што наредиле амнестија (од еден грчки збор со значење „заборав“ или „заборавеност“) за оние кои ја поддржувале претходната тиранија.
Да се заборави по наредба?
Може да биде релативно лесно да се направи обид со наредба да се поништи сеќавањето на ѕверствата извршени врз недолжните. Владетелите можат да одлучат да го сторат тоа од практични политички причини, како што било случај во древна Грција и во различни европски земји на крајот на II светска војна. На пример, во Италија во 1946 со една наредба беше објавена амнестија на повеќе од 200.000 граѓани „виновни за учество, на помалку или повеќе впечатливи начини, во злоделата на фашистичкиот режим“, рекол весникот La Repubblica.
Сепак, одлуките на владите или на јавните институции се една работа, а мислењата на поединечните членови на општеството се нешто сосема друго. Не е можно со наредба да се натераат поединечни граѓани — можеби незаштитените жртви на бруталните судири, масакри или други варварства — да ги заборават минатите страдања.
Само во војните на овој век умреле повеќе од сто милиони луѓе, од кои многумина после неописливо страдање. Кога би ги додале и сите оние кои биле убиени во масакрите во време на мир, ѕверствата не би можеле да се избројат. Многу луѓе не се штедат во грижата да не се заборави ниедно од нив.
Оние кои би сакале да го избришат сеќавањето
Оние кои ги тераат жртвите на ѕверствата или, пак, нивните потомци да простат и да заборават, честопати тврдат дека сеќавањата на минатото се само извор на раздор, особено ако поминале децении. Тие велат дека заборавањето обединува, додека сеќавањата не можат да ја вратат назад историјатата, колку и да биле трагични страдањата.
Но, во обидот да ги натераат луѓето да заборават, некои отишле дотаму што ја негирале вистинитоста на најгрозоморните злосторства извршени против човештвото. Поддржани од самонаречените ревизионистички историчари, некои на пример тврдат дека никогаш немало холокауст.a Тие дури организирале и обиколки на поранешните логори на истребување, како што се Аушвиц и Треблинка, и им рекле на посетителите дека на тие места никогаш немало гасни комори — и тоа наспроти многубројните очевидци и огромните докази и документација.
Како можеле таквите невистинити ревизионистички идеи да наидат на успех во извесни кругови? Па, така што некои одлучиле да заборават на сопствената одговорност и на одговорноста на нивниот народ. Зошто? Поради национализмот, нивната сопствена идеологија или, пак, поради антисемитските или други слични чувства. Штом се заборават ѕверствата, резонираат ревизионистите, исчезнува одговорноста. Но, многу луѓе енергично им се спротивставуваат на овие неодговорни ревизионисти, кои еден француски историчар ги нарекол „убијци на сеќавањето“.
Тие не забораваат
Очигледно многу е тешко преживеаните да ги заборават своите сакани кои ги изгубиле во војната или во ѕверствата. Меѓутоа, повеќето од оние кои сакаат да се сеќаваат на масакрите и на геноцидите го прават тоа затоа што се надеваат дека поуките извлечени од нивното страдање и од страдањето на нивните сакани ќе користат да се избегне секакво повторување на таквата бруталност.
Затоа, германската влада одлучила да ја одбележува годишнината од откритието на ужасите што ги извршиле нацистите во концентрациониот логор Аушвиц. Според претседателот на Германија, намерата е „сеќавањето да послужи како предупредување на идните генерации“.
Слично на тоа, на 50-годишнината од крајот на II светска војна, папата Јован Павле II тврдел: „Како што одминуваат годините, сеќавањата на војната не смеат да избледнеат; наместо тоа, тие треба да станат силна лекција за нашата генерација и за генерациите кои допрва доаѓаат“. Сепак, мора да се каже дека Католичката црква не е секогаш доследна кога треба да се сети на ѕверствата и на жртвите од тие години.
Со цел и новите генерации да извлечат поуки и предупредувања од геноцидите на овој и на минатите векови, отворени се повеќе музеи — како што се Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон (ДЦ) и Музејот на толеранцијата Беј Хашоа во Лос Анџелес. Од истата причина се снимени емоционално трогателни документарни и други филмови на оваа тема. Сето тоа е обид да се спречи човештвото да го изгуби сеќавањето на луѓето кои настрадале од рацете на други луѓе.
Зошто да се запомни?
„Оние кои не можат да го запомнат минатото се осудени да го повторат“, напишал шпанско-американскиот филозоф Џорџ Сантајана. За жал, изгледа дека во текот на милениумите човештвото брзо го заборава своето минато, со што се осудува себеси секогаш одново да ги прави истите горки грешки.
Долгата и ѕверска низа масовни убиства извршени од човек нагласува дека човечкото владеење над други луѓе е тотално промашување. Зошто тоа е така? Затоа што луѓето постојано ја повторувале истата основна грешка — го отфрлале Бог и неговите закони (1. Мојсеева 3:1—6; Проповедник 8:9). А денес, токму онака како што е проречено во Библијата, еден „расипан род“ го прави истото и ги жнее последиците (Филипјаните 2:15; Псалм 91:7; 2. Тимотеј 3:1—5, 13).
Бидејќи во нашата дискусија го вмешавме Творецот, Јехова, кое е неговото гледиште? Што заборава, а на што се сеќава тој? Може ли да се надмине болното наследство од ѕверства што ги извршил човекот? Дали ќе „престане злобата на грешниците“? (Псалм 7:9).
[Фуснота]
a За информации дека се невистинити аргументите на ревизионистичките историчари, Ве молиме видете ја статијата „Холокауст — да, тој навистина се случил!“ издадена во Разбудете се! од 8 април 1989, страници 4—8 (англ.).
[Истакната мисла/слики на страница 7]
„Оние кои не можат да го запомнат минатото се осудени да го повторат“ (Џорџ Сантајана).
Крематориумот и печката во концентрациониот логор Аушвиц
[Извор на слика]
Музејот Oświęcim