Ѕверства — кое е Божјето решение?
КАКО можат да се спречат ѕверствата? Кое е решението? Кога ја изучуваме историјата, станува очигледно дека човечките решенија не успеале. Всушност, има една голема доза на противречност, ако не и целосна лицемерност, во начинот на кој човечките водачи ѝ пристапувале на таа тема.
На пример, да размислиме за 1995 година. Таа ја означи 50-годишнината од крајот на нацистичкиот холокауст, на II светска војна и на експлозијата на атомската бомба. Таа година во многу делови од светот се одржаа комеморативни прослави на кои присуствуваа светските водачи. Зошто? За да изразат чувство на одвратност кон тие ѕверства со цел никогаш да не се повторат. Сепак, некои набљудувачи забележале голема доза на противречност во таквите прослави.
Лицемерство
Во овие надалеку разгласувани церемонии, сите религиозни и владини претставници сакаа да бидат сметани за добротвори или барем да избегнат да бидат сметани за злосторници. Сепак, нациите кои ги осудиле минатите ѕверства натрупале арсенали оружје, одвојувајќи огромни суми пари за таа цел. Во исто време, тие не ги решиле таквите животни проблеми, како што се сиромаштијата, моралниот пад и загадувањето, честопати под изговор дека немаат доволно средства.
Светската религија настојува да напише историја која ќе го прикрие нејзиното долго молчење за ѕверствата на диктаторствата и ќе ја скрие нејзината соработка со нив. Овие религии не направиле ништо за да ги спречат луѓето од иста религија да се убиваат едни со други. На пример, во II светска војна, католиците убивале католици, а протестантите убивале протестанти затоа што биле од различни националности и на спротивни страни. Обете страни тврделе дека се христијански, но го практикувале она што било сосема спротивно на Исусовите учења (Матеј 26:52; Јован 13:34, 35; 1. Јованово 3:10—12; 4:20, 21). И други религии го правеле истото. Денес, во различни делови од светот, членовите на овие религии сѐ уште извршуваат ѕверства.
Во времето на Исус, религиозните водачи биле лицемери. Исус ги разобличил, велејќи: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните, па велите: ‚Ако живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘ А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние, што ги убиле пророците“ (Матеј 23:29—31). Тие религиозни водачи тврделе дека се побожни, но биле лицемери кои го прогонувале Исус и неговите ученици.
Поуки што ги дава Библијата
Од световната историја можат да се извлечат поуки, но Библијата е извор на најкорисни поуки. Задачата да се протолкува историјата таа не ја доверува на човечкото просудување или предрасуди. Библијата ја објаснува историјата и иднината во светло на Божјиот начин на размислување (Исаија 55:8, 9).
Писмото зборува за добри и лоши настани, како и за добри и лоши луѓе. Од овие извештаи честопати може да се извлече исправна поука, поука во склад со Божјата волја. Откако спомнал повеќе настани во историјата на древните Израелци, апостол Павле заклучил: „Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука на нас“ (1. Коринтјаните 10:11). Самиот Исус извлекол поука од историјата кога им рекол на своите ученици: „Сеќавајте се на Лотовата жена“ (Лука 17:32).
Што памти, а што заборава Бог
Од Библијата учиме дека Бог ги памти или ги заборава луѓето на темел на нивните постапки. На оние кои грешат но покажуваат покајание, Бог им простува „во голема мера“ (Исаија 55:7, NW). Ако некој злобен се покае и „се откаже од гревовите свои, па врши суд и правда . . . ниеден од неговите гревови . . . нема да му се спомнат“ (Језекиил 33:14—16).
Павле напишал дека „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“ (Евреите 6:10). Значи, Јехова ќе ги награди оние кои ги памти по добро. Верниот Јов се молел: „О, да беше ме сокрил и криел во пеколот [општиот гроб на целото човештво] . . . да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене!“ (Јов 14:13).
Спротивно на тоа, Бог ќе постапува со непокајничкиот злосторник во склад со зборовите што му ги рекол на Мојсеј: „Ќе го избришам од книгата Моја“ (2. Мојсеева 32:33). Да, Бог засекогаш ќе ги заборави злобните.
Конечниот Судија
Бог е конечниот Судија во историјата (1. Мојсеева 18:25; Исаија 14:24, 27; 46:9—11; 55:11). Според неговото врховно судење, тој нема да ги заборави бројните ѕверства извршени против човештвото. Во денот на неговиот праведен гнев, тој ќе им суди на сите одговорни лица и институции (Откровение, 18. и 19. поглавје).
Меѓу нив ќе се најде и целиот систем на лажната религија, на која во Писмото ѝ е дадено симболичното име ‚Големиот Вавилон‘. За неа е напишано: „Гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини“ (Откровение 18:2, 5).
Овие религии требало да ги поучуваат своите следбеници да го прават она што е исправно, но не успеале. Затоа, за сите светски религии Божјата Реч вели: „Во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата“ (Откровение 18:24). Поради пропустот да ги поучи своите членови да го сакаат својот ближен и својот соверник, овие религии се виновни за крвопролевање.
Претстои еден нов свет!
Денот во кој злото ќе биде уништено, конечно е близу (Софонија 2:1—3; Матеј 24:3, 7—14). После тој ден ќе дојде време кога ‚плач, пискот, ниту болка нема да има веќе‘ за среќните жители на Земјата (Откровение 21:3—5). Ѕверствата и масакрите никогаш повторно нема да се случат затоа што владетелството на оваа Земја ќе се одземе од луѓето и ќе му се даде на Божјето небесно Царство во рацете на ‚Кнезот на мирот‘, Исус Христос (Исаија 9:6, 7; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10).
Во тоа време пророштвото од Псалм 45:9 потполно ќе се исполни: ‚[Бог] ќе ги прекрати војните до крајот на земјата‘. Тој мир ќе трае засекогаш бидејќи, како што претскажува Исаија 2:4, „народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“. Затоа Псалм 36:11 претскажува: „Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“. Да, тогаш ќе се рече дека „целата земја здивна, почива, воскликнува од радост“ (Исаија 14:7).
Сето ова значи дека е близу еден праведен нов свет. А во тој нов свет, под владата на Божјето небесно Царство, ќе се случи уште еден прекрасен настан — воскресение на мртвите! Божјата Реч гарантира: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).
Додека бил на Земјата, Исус го докажал тоа враќајќи ги мртвите од смртта. На пример, кога воскреснал едно девојче, извештајот вели: „И девојката одеднаш стана, и почна да оди . . . И сите се зачудија многу“ (Марко 5:42). При воскресението, оние кои биле ѕверски убиени, како и други кои биле мртви долго време, ќе бидат подигнати од мртвите и ќе им биде дадена можност да живеат засекогаш на една рајска Земја (Лука 23:43). А со текот на времето, „поранешните [работи] нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“ (Исаија 65:17).
Ќе постапите мудро ако стекнете точно спознание за Божјата Реч, Библијата, и ако ја извршувате неговата волја. Тогаш Бог ќе Ве запомни по добро кога засекогаш ќе го реши проблемот на ѕверствата и ќе ги врати жртвите во живот. Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3).
[Слики на страници 8 и 9]
Бог ќе ја преобрази Земјата во еден мирољубив рај
[Слики на страница 10]
Бог ќе ги отстрани последиците од минатите ѕверства со тоа што ќе ги воскресне мртвите