Баби и дедовци — нивните радости и предизвици
„Сакам да бидам дедо! Уживаш во своите внуци без да се чувствуваш должен или одговорен за нив. Сфаќаш дека имаш влијание во нивниот живот, но на крајот, ти го немаш последниот збор. Тој им припаѓа на нивните родители“ (Џин, еден дедо).
ШТО е тоа што ја прави улогата на баба или дедо толку радосно искуство? Истражувачите истакнуваат дека вообичаените барања кои родителите им ги поставуваат на своите деца можат да предизвикаат голема напнатост. Бидејќи бабите и дедовците обично не мораат да поставуваат такви барања, односот меѓу нив и внуците може да биде многу поослободен од стрес. Како што се изразува Артур Корнхабер, доктор по медицински науки, тие се чувствуваат слободни да ги сакаат своите внуци едноставно „затоа што тие постојат“. Естер, која и самата е баба, вели: „Со децата, моите емоции секојдневно беа вклучени во сѐ што правеа. Како баба се чувствувам слободна едноставно само да им се радувам и да ги сакам моите внуци“.
Потоа, тука се зголемената мудрост и способност кои доаѓаат со годините (Јов 12:12). Бидејќи повеќе не се млади и неискусни, и бабите и дедовците имаат години искуство како родители. Затоа што научиле од своите грешки, тие можеби се поспособни да се справат со децата отколку кога биле помлади.
Д-р Корнхабер заклучува: „Една здрава врска полна со љубов помеѓу бабите и дедовците и нивните внуци е неопходна за емоционалното здравје и среќа на сите три генерации. Оваа врска е наследно право на децата . . . наследство добиено од постарите кое е од корист на секого во семејството“. Списанието Family Relations (Односи во семејството) забележува нешто слично: „Бабите и дедовците кои учествуваат и се идентификуваат со улогата на баба или дедо, добиваат едно зголемено чувство на благосостојба и елан“.
Улогата на бабата и дедото
Има многу скапоцени улоги кои бабите и дедовците можат да ги исполнат. „Тие можат да им даваат поддршка на своите деца кои се во брак“, вели Џин. „Мислам дека, ако го прават тоа, тие ќе можат да олеснат некои од тешките околности во кои ќе се најдат младите родители.“ Бабите и дедовците можат да направат многу за да им дадат поддршка и на своите внуци. Честопати бабата и дедото се тие кои ги раскажуваат приказните кои му даваат на детето чувство на семејна историја. Бабите и дедовците обично играат клучна улога во пренесувањето на семејното религиозно наследство.
Во многу семејства, бабите и дедовците служат како доверливи советници. „Можеби има некои работи кои децата ќе ги споделат со вас, но не се чувствуваат слободни да им ги кажат на своите родители“, вели Џејн, спомната во првата статија. На родителите обично им е добредојдена таквата дополнителна поддршка. Според едно истражување, „повеќе од 80 проценти од тинејџерите ги сметаат своите баби или дедовци за доверливи лица . . . Голем дел од возрасните внуци одржуваат редовни контакти со своите најблиски баби и дедовци“.
Дедото или бабата кои се полни со љубов, можат да му бидат особено важни на детето на кое му недостига правилна грижа дома. „Баба ми беше најважната личност во моето рано детство“, пишува Селма Васерман. „Баба ми беше таа која презеде чекори и го исполни мојот свет со нега. Нејзиниот скут беше поголем од Мајами Бич и кога ќе ме земеше, знаев дека сум на безбедно . . . Од баба ми ги научив најважните работи за себе — дека сум сакана, и затоа достојна за љубов“ (The Long Distance Grandmother [Баба која живее далеку]).
Напнатост во семејството
Но, да се биде дедо или баба носи и потенцијални напнатости и проблеми. На пример, една жена се сеќава на горката расправија што ја имала со мајка ѝ за исправниот начин на потчукнување на бебето за да ждригне. „Тоа предизвика расцеп помеѓу нас во еден момент кој за мене беше многу болен.“ Се разбира, младите родители сакаат нивните родители да го одобрат начинот на кој ги подигаат своите деца. Затоа, предлозите од нивните добронамерни родители можат да ги доживеат како страшен критицизам.
Во својата книга Between Parents and Grandparents (Помеѓу родителите и бабите и дедовците), д-р Корнхабер зборува за два родитела со еден друг вообичаен проблем. Едната мајка вели: „Моите родители секој ден ме напаѓаа и се вознемируваа ако не сум дома кога ќе дојдат . . . Тие не мислат на мене — на моите чувства и на мојата приватност“. Друг родител се жали: „Моите родители сакаат да ја поседуваат мојата ќеркичка. Тие јадат, спијат и мислат на Сузи дваесет и четири часа на ден . . . Размислуваме да се преселиме“.
Понекогаш, бабите и дедовците се обвинети и за тоа дека ги разгалуваат своите внучиња со тоа што ги опсипуваат со подароци. Се разбира, за бабата и за дедото дарежливоста е исто толку нормална колку што е дишењето, но изгледа дека некои претеруваат во овој поглед. Сепак, понекогаш жалбите на родителите можат да произлезат од љубомора (Изреки 14:30). „Моите родители беа строги и остри со мене“, признава Милдред. „Со моите деца тие се дарежливи и [попустливи]. Љубоморна сум затоа што тие воопшто не го сменија начинот на кој постапуваат со мене.“ Какви и да се мотивите или причината, можат да настанат проблеми ако бабата или дедото не ги почитуваат желбите на родителите кога станува збор за давањето подароци.
Значи, бабите и дедовците ќе покажат мудрост ако бидат претпазливи во својата дарежливост. Библијата покажува дека дури и нешто што е добро, може да биде лошо ако е во претерана мерка (Изреки 25:27). Ако не сте сигурни какви подароци се соодветни, консултирајте се со родителите. На тој начин ќе „умеете да давате добри дарови“ (Лука 11:13).
Љубовта и почитувањето — клуч!
За жал, некои баби и дедовци се жалат дека нивната работа како негуватели и бебиситери се сфаќа како нешто само по себе разбирливо. Други мислат дека не им е даден доволен пристап до внуците. Трети, пак, велат дека нивните возрасни деца ги одбегнуваат без да објаснат зошто. Ваквите болни проблеми честопати можат да се спречат ако членовите на семејството покажуваат меѓусебна љубов и почитување. Библијата вели: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна . . . не гледа на своите сопствени интереси, не се раздразнува . . . Сѐ поднесува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:4, 5, 7, NW).
Можеби Вие сте млад родител и бабата Ви дава добронамерен предлог или забелешка, но Вас тоа Ве лути. Дали навистина имате основа ‚да се раздразните‘? Па, Библијата покажува дека улогата на постарите христијанки е „да ги вразумуваат невестите да ги сакаат мажите свои и децата свои; да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки“ (Тит 2:3—5). А зарем Вие и бабата и дедото не го посакувате истото — најдоброто за Вашите деца? Бидејќи љубовта „не гледа на своите сопствени интереси“, можеби е најдобро да се сосредоточите на потребите на детето — а не само на своите чувства. Тоа може да Ви помогне да избегнете „да се пресметувате“ поради секоја безначајна раздразнетост (Галатјаните 5:26, NW, фуснота).
Точно, можеби се плашите дека преголемата дарежливост ќе го разгали детето. Но, обично бабата или дедото немаат злобни мотиви кога се дарежливи. Повеќето професионалци на полето на грижата за деца се согласуваат со тоа дека начинот на кој Вие го воспитувате и го дисциплинирате своето дете ќе има далеку поголемо влијание отколку повремените посредувања на бабата или дедото. Еден лекар советува: „Корисно е да се задржи добра смисла за хумор“.
Ако имате оправдана причина за загриженост поради некое спорно прашање околу грижата за децата, не го изолирајте својот родител или свекор и свекрва од контактот со Вашите деца. Библијата вели: „Без советување намерите се растураат, а при многу советници тие успеваат“ (Изреки 15:22). Во „право време“ водете сериозна дискусија и откријте ги своите грижи (Изреки 15:23, NW). Честопати може да се најде решение.
Дали Вие сте баба или дедо? Тогаш, неопходно е да покажувате почитување кон родителите на Вашето внуче. Се разбира, ќе се чувствувате присилени да зборувате отворено ако мислите дека Вашето внуче е во опасност. Но, иако е природно да ги љубите и да ги цените своите внуци, родителите — а не бабата или дедото — ја имаат одговорноста да ги подигаат своите деца (Ефесјаните 6:4). Библијата им заповеда на Вашите внуци да ги почитуваат и да ги слушаат своите родители (Ефесјаните 6:1, 2; Евреите 12:9). Затоа, обидете се да избегнете да ги опсипувате нивните родители со совети кои не Ви ги побарале или да го поткопувате родителскиот авторитет. (Споредете 1. Солунјаните 4:11.)
Вистина, не е секогаш лесно да се држите настрана, да го воздржувате Вашиот јазик — а можеби и здив — и да оставите Вашите деца да си ја вршат својата работа како родители. Но, како што кажува Џин, „освен ако не побараат совет, морате да се придржувате за она што тие мислат дека е најдобро за нивните деца“. Џејн вели: „Внимавам да не речам: ‚Вака треба да направиш!‘ Има многу различни начини да се прават работите, а ако сте своеглави, може да дојде до проблеми“.
Што можат да дадат бабата и дедото
Библијата покажува дека внуците се благослов од Бог (Псалм 127:3—6). Со тоа што ќе покажувате интерес за своите внуци, Вие можете да извршите силно влијание врз нивните животи, помагајќи им да ги прифатат божествените принципи. (Споредете 5. Мојсеева 32:7.) Во библиски времиња, една жена по име Лоида одиграла значајна улога во помагањето на својот внук, Тимотеј, да израсне во извонреден Божји човек (2. Тимотеј 1:5). Слично на тоа, можете да искусите радост додека Вашите внуци реагираат на божественото воспитување.
Исто така, можете да бидете извор на потребната љубов и наклоност. Вистина, можеби не сте некој сентиментален тип кој изразува голема наклоност. Сепак, можете да покажете божествена љубов и со искрен, несебичен интерес за Вашите внуци. Писателката Селма Васерман вели: „Покажувањето интерес за она што Ви го кажува детето . . . сигурно ќе биде знак дека се грижите. Ако бидете добар слушател и не прекинувате, ако бидете некритичен — сето тоа ќе открие почит, наклоност, длабоко ценење“. За едно внуче, таквото внимание полно со љубов може да биде еден од најубавите подароци кои може да ги даде еден дедо или баба.
Нашата дискусија досега се сосредоточи на традиционалните улоги на бабата и дедото. Меѓутоа, многу од денешните баби и дедовци, носат еден многу потежок товар.
[Истакната мисла на страница 6]
„Од баба ми ги научив најважните работи за себе — дека сум сакана и затоа достојна за љубов“
[Рамка на страница 6]
Совети за бабите и дедовците кои живеат далеку
• Замолете ги родителите да Ви испратат видео снимки или фотографии од внуците.
• На своите внуци испратете им „писма“ на аудио касети. За малите деца, снимете се како читате библиски приказни или пеете приспивни песни.
• Испраќајте им на внуците разгледници и писма. Ако е можно, редовно допишувајте се со нив.
• Ако можете да си дозволите, контактирајте со своите внуци по телефон. Кога разговарате со мали деца, започнувајте ги разговорите со едноставни прашања, како што е: „Што појадуваше?“
• Ако е можно, правете редовни, кратки посети.
• Договорете се со родителите Вашите внучиња да Ве посетуваат дома. Планирајте забавни активности, како, на пример, одење во зоолошка градина, во музеј и во парк.
[Слика на страница 5]
Многу баби и дедовци помагаат во грижата за нивните внуци
[Слика на страница 7]
Може да се појави напнатост околу методите на воспитувањето на децата
[Слика на страница 7]
Бабите и дедовците честопати играат улога во пренесувањето на семејната историја