ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/7 стр. 8-11
  • Кога бабата и дедото ќе станат родители

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кога бабата и дедото ќе станат родители
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Стресови и напнатости
  • Гневни деца
  • Справување со притисоците
  • Баби и дедовци — нивните радости и предизвици
    Разбудете се! 1999
  • Зошто да ги запознаам баба ми и дедо ми?
    Разбудете се! 2001
  • Како да се зближам со баба ми и дедо ми?
    Разбудете се! 2001
  • „Новите“ баби и дедовци
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/7 стр. 8-11

Кога бабата и дедото ќе станат родители

„Штотуку си дојдов дома од состанокот во Салата на Царството, кога некој силно затропа на вратата. Надвор стоеја двајца полицајци со две валкани разбушавени деца кои изгледаа како да не биле капени со месеци. Едвај би можело да се рече дека беа деца! Тоа беа моите внуци, а мајка им — наркоманка — ги запоставила. Бев вдовица и веќе имав шест деца. Но, едноставно не можев да речам не“ (Сали).a

„Ќерка ми ме замоли да ги земам децата додека таа не се среди. Не знаев дека се дрогира. Сѐ се заврши со тоа што јас ги подигнав нејзините две деца. После неколку години, ќерка ми имаше уште едно бебе. Не сакав да го земам, но внук ми ме молеше: ‚Бабо, зарем не можеме да примиме уште едно?‘“ (Вили Мае).

ПОЛОЖБАТА на баба и дедо е опишана како „задоволство без одговорност“. Но, повеќе не е така. Некои проценуваат дека само во Соединетите Држави, повеќе од три милиони деца живеат со своите баба и дедо. А тој број брзо се зголемува.

Што стои зад овој вознемирувачки тренд? Децата чии родители се разведени, на крајот можеби ќе останат да живеат со своите баба и дедо. Истото може да биде случај и со децата кои се запоставени или злоупотребени од своите родители. Списанието Child Welfare (За доброто на детето) вели дека, поради парализирачките ефекти врз родителите кои се зависници, ‚крек кокаинот создава една изгубена генерација‘. Постојат и милиони деца кои се „без родители“ како резултат на тоа што биле напуштени, затоа што родителот умрел или затоа што е душевно болен. И децата кои ја изгубиле својата мајка поради СИДА, можат да дојдат под грижата на своите баба и дедо.

Преземањето на одговорноста да се подигаат деца во текот на средните години или во ‚тешките денови‘ на староста, може да биде поразително искуство (Проповедник 12:1—7). Многу луѓе едноставно немаат енергија постојано будно да внимаваат на малите деца. Некои баби и дедовци се грижат и за своите остарени родители. Други, пак, се овдовени или разведени и мораат да живеат без поддршка од брачниот другар. Многумина откриваат дека не се финансиски спремни да прифатат еден таков товар. Според една анкета, 4 од секои 10 баби или дедовци кои се старатели имаат приходи кои се на работ на сиромаштијата. „Децата беа болни“, се сеќава Сали. „Морав да дадам многу пари за лекови. Добивав мала финансиска помош од државата.“ Една постара жена се сеќава: „Морав да ги користам парите кои ги штедев за моето пензионирање за да се грижам за моите внучиња“.

Стресови и напнатости

Не изненадува тоа што едно истражување открило дека „грижата за внуците создала значителен стрес за бабата и дедото, при што 86 проценти од 60 баби и дедовци кои биле вклучени во истражувањето известиле дека се чувствуваат ‚депримирани или вознемирени поголемиот дел од времето‘“. Всушност, многумина се жалат на здравствени проблеми. „Тоа ми влијаеше физички, ментално и духовно“, вели Елизабет, една жена која се грижела за својата внука која била тинејџерка. Вили Мае, која има проблеми со срцето и висок крвен притисок, вели: „Мојата лекарка смета дека тоа е поврзано со стресот од подигањето деца“.

Многумина не се подготвени за промената во начинот на живот што ја бара подигањето внуци. „Понекогаш не можам да одам никаде“, вели еден дедо. „Би се чувствувал виновен . . . кога би ги оставил со некој друг, па затоа, наместо да одам некаде или да правам нешто, јас не го правам тоа.“ Друга баба рекла дека за неа „не постои“ лично време. Изолираноста од друштвото и осаменоста се вообичаени. Една баба рекла: „Повеќето од пријателите од нашата генерација немаат [мали] деца и, како резултат на тоа, многу пати не ги прифаќаме поканите да одиме затоа што нашите деца [внуците] не се поканети“.

И емоционалните притисоци се болни. Една статија во U.S.News & World Report вели: „Многумина од нив [бабите и дедовците] ги измачува срам и вина поради тоа што нивните сопствени деца промашиле како родители — и многумина се обвинуваат себеси, прашувајќи се каде згрешиле како родители. За да им обезбедат на своите внуци безбеден дом кој е полн со љубов, некои мораат емоционално да ги напуштат своите деца кои се насилници или наркомани“.

Една анкета известува: „Повеќе од една четвртина . . . изјавиле дека нивното задоволство од брачната врска се намалило како резултат на тоа што ја презеле грижата“. Особено сопрузите се чувствуваат запоставени додека нивните сопруги го носат поголемиот дел од грижата за детето. Некои сопрузи чувствуваат дека едноставно не можат да го поднесат тој притисок. Една жена вели во врска со својот сопруг: „Нѐ напушти . . . Мислам дека едноставно се чувствуваше како да е фатен во стапица“.

Гневни деца

U.S.News & World Report вели: „Стресовите ги усложнува фактот што некои од децата кои ги наследуваат [бабата и дедото] се меѓу најзагрозените, емоционално најоштетените и најгневните во нацијата“.

Разгледајте го случајот со внуката на Елизабета. Таткото на детето дословно ја оставил на аголот на улицата каде што Елизабета работела како школски сообраќаец. „Таа е гневно дете“, вели Елизабета. „Повредена е.“ Внуците на Сали имаат слични рани. „Мојот внук е огорчен. Тој мисли дека никој не го сака.“ Природно право на детето е да има татко и мајка кои го сакаат. Замислете си само како се чувствува едно дете кога е напуштено, запоставено или отфрлено од нив! Разбирањето на овие чувства може да биде клучот за стрпливо справување со децата кај кои се појавуваат проблеми со однесувањето. Изреки 19:11 (NW) вели: „Увидот на човекот сигурно ја забавува неговата лутина“.

На пример, напуштеното дете може да се спротивставува на Вашите напори да се грижите за него. Разбирањето на стравовите и на тегобната загриженост на детето може да Ви помогне да реагирате со сочувство. Можеби ако ги признаете неговите стравови и ако го уверите дека ќе сторите сѐ што можете за да се грижите за него, тоа многу ќе придонесе за да ги задушите тие стравови.

Справување со притисоците

‚Се чувствував многу повредена и многу се сожалував. Едноставно не е фер ова да ни се случува нам.‘ Така рекла една баба која била старател. Ако се наоѓате во таква ситуација, можеби и Вие имате слични чувства. Но, работата е далеку од безнадежна. Како прво, староста може да ја ограничи Вашата физичка енергија, но таа е предност кога станува збор за мудроста, стрпливоста и вештината. Не изненадува тоа што едно истражување открило дека „децата кои ги подигнале само нивните дедо и баба си поминале сосема добро во споредба со децата во семејствата во кои бил присутен само едниот биолошки родител“.

Библијата нѐ поттикнува ‚сите наши грижи да ги оставиме на Јехова, затоа што тој се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:7). Затоа, постојано молете му се за сила и водство, како што правел псалмистот. (Споредете Псалм 70:18.) Посветете внимание на сопствените духовни потреби (Матеј 5:3). „Христијанските состаноци и проповедањето на другите ми помогна да преживеам“, вели една христијанка. Онаму каде што е можно, потрудете се да ги поучите своите внуци за Божјите патишта (5. Мојсеева 4:9). Бог сигурно ќе ги поткрепи Вашите напори да ги подигате внуците „во науката и стравот Господов“ (Ефесјаните 6:4).b

Не плашете се да побарате помош. Честопати пријателите можат да помогнат, особено оние во христијанското собрание. Сали се потсетува: „Браќата и сестрите во собранието ми дадоа голема поддршка. Кога ќе паднев со духот, тие беа тука за да ме подигнат. Некои ми дадоа дури и финансиска помош“.

Не ја пропуштајте помошта која може да се добие од владата (Римјаните 13:6). Интересно е тоа што, според една анкета спроведена со баби и дедовци, „повеќето не знаат што им стои на располагање или, пак, каде да се обратат за помош“ (За доброто на детето). Можеби социјалните работници и локалните агенции кои им помагаат на постарите, ќе можат да Ве упатат во службите кои ќе Ви помогнат.

Во многу случаи, бабите и дедовците кои имаат старателство се резултат на овие „времиња тешки“ (2. Тимотеј 3:1—5). За среќа, овие тешки времиња се знак дека Бог наскоро ќе преземе нешто и ќе создаде „нова земја“ во која трагичните околности кои измачуваат толку многу семејства денес, ќе бидат минато (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4). Во меѓувреме, бабите и дедовците кои имаат старателство мораат да прават сѐ што можат за да го постигнат најдоброто во нивната ситуација. Многумина имаат голем успех во своите напори! Секогаш имајте на ум дека и покрај фрустрацијата, има и радосни мигови. Би можеле да ја доживеете дури и радоста да ги видите своите внуци како стануваат праведни љубители на Бог! Зарем тоа нема да ја направи исплатлива целата Ваша напорна работа?

[Фусноти]

a Некои имиња се променети.

b Книгата Тајната на семејната среќа (издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.) содржи многу корисни библиски начела кои бабите и дедовците кои имаат старетелство можат да ги применат во подигањето на своите внуци.

[Рамка на страница 10]

Законски спорни прашања

Дали да се добие законско старателство над внуците или не, тоа е многу осетливо и сложено прашање. Мари Фрон, стручњак на таа тема, објаснува: „Од една страна, имате малку законски права без старателство. Во повеќето случаи, биолошките родители можат да го вратат и да го земат детето или децата во секое време. Од друга страна, пак, многу баби и дедовци се двоумат дали да побараат старателство, бидејќи тоа ќе значи да сведочат пред судот дека нивното дете е неспособен родител“ (Good Housekeeping).

Без законско старателство, на бабите и дедовците честопати им е тешко да ги запишат своите внуци на училиште, па дури и да добијат здравствена нега за нив. Сепак, добивањето старателство може да биде скапа процедура која одзема многу време и исцрпува емоционално. Дури и ако се добие, дедото и бабата можат да се најдат исклучени од државната финансиска помош. Списанието За доброто на детето им советува на бабите и дедовците да „бараат законски совет од некој локален адвокат кој има искуство во државниот закон за семејството, во спорови за старателство и во детска социјална помош“.

[Рамка на страница 11]

Да се пресмета трошокот

Глетката на едно дете во неволја — особено сопствено тело и крв — го кине срцето. А Библијата им заповеда на христијаните да се грижат за „своите домашни“ (1. Тимотеј 5:8). Меѓутоа, во многу ситуации бабата или дедото ќе постапат мудро ако размислат сериозно пред да прифатат таква одговорност (Изреки 14:15; 21:5). Човек мора да го пресмета трошокот. (Споредете Лука 14:28.)

Во молитва размислете: Дали навистина сте во состојба физички, емоционално, духовно и финансиски да ги задоволите потребите на тоа дете? Што мисли Вашиот брачен партнер за таа работа? Постои ли некој начин да ги охрабрите или да им помогнете на родителите на детето да можат самите да се грижат за своето дете? За жал, некои родители кои се деликвенти едноставно продолжуваат со неморалниот начин на живот. Една баба со горчина се сеќава: „Зедов неколку нејзини деца. Но, таа продолжи да се дрогира и да раѓа уште бебиња. Дојдов до степен кога морав да речам не!“

Од друга страна, пак, ако не се грижите Вие за своите внуци, што ќе се случи со нив? Можете ли да се справите со притисокот од сознанието дека за нив се грижат други луѓе, можеби дури и непознати? Што е со духовните потреби на децата? Дали другите ќе можат да ги подигнат според Божјите мерила? Некои можеби ќе заклучат дека, и покрај тешкотиите што се вклучени, немаат голем избор освен да ја прифатат таа одговорност.

Ова се тегобни грижи, и секој мора да донесе сопствена одлука.

[Слика на страница 9]

На многу баби и дедовци им е тешко да ги задоволат барањата за подигање мали деца

[Слика на страница 10]

Богобојазливите баба и дедо можат да бидат уверени дека Јехова ќе ги поддржи во нивните напори

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели