ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/10 стр. 11-14
  • Толерантно царство во една нетолерантна ера

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Толерантно царство во една нетолерантна ера
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Нетолеранцијата како правило
  • Обединети со толеранцијата
  • Јавна дебата
  • Победа за единството
  • Преобраќање и смрт
  • Поуки од царот
  • 1. дел — дали Исус и неговите ученици учеле за науката на Тројството?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Дали е тоа јасна библиска наука?
    Дали треба да се верува во Тројство?
  • Религиозна слобода — благослов или проклетство?
    Разбудете се! 1999
  • Како се развила науката за Тројството?
    Дали треба да се верува во Тројство?
Повеќе
Разбудете се! 2002
g02 8/10 стр. 11-14

Толерантно царство во една нетолерантна ера

„СЕКОЈ МОЖЕ ДА ЈА ПРИФАТИ РЕЛИГИЈАТА ШТО ЈА САКА БЕЗ НИКАКВА ПРИСИЛА И МОЖЕ ДА ИМА СЛОБОДА ДА ГИ ПОДДРЖУВА ПРОПОВЕДНИЦИТЕ НА СВОЈАТА ВЕРА“.

КОГА би морале да погодувате кога биле напишани овие зборови, што би рекле? Мнозина би помислиле дека тие се дел од некој денешен устав или повелба за правата.

Меѓутоа, можеби ќе се изненадите кога ќе дознаете дека оваа декларација била издадена пред повеќе од 400 години — и тоа во земја што, во некоја смисла, била како остров на толеранција во едно море на нетолеранција. За која земја станува збор? Прво, да ја разгледаме заднината на таа приказна.

Нетолеранцијата како правило

Религиозната нетолеранција била нешто вообичаено во средниот век и уште повеќе се разгорела во 16 век. Религијата го распалила пламенот на ужасните, крвави војни во земјите како што се Англија, Германија, Франција и Холандија. Помеѓу 1520 и некаде околу 1565, приближно 3.000 луѓе биле погубени како еретици во христијанскиот свет на Запад. Речиси секое оспорување на вредностите и идеите — особено на полето на религијата — веројатно ќе наишло на нетолерантна реакција.

Едно учење на католичката црква што долго време било обвиткано со контроверзија било тројството — верувањето дека Бог се состои од три личности. Всушност, историчарот Ерл Морс Вилбур објаснува дека тоа „било предмет на големи дебати меѓу католичките теолози во средниот век, вклучувајќи ги дури и самите папи“. Меѓутоа, таквата дебата ретко се пробивала и до обичниот човек, од кого се очекувало да ги прифати тие доктрини на верата како „божествени тајни“.

Сепак, некои луѓе во 16 век одлучиле да одат против традицијата и да го испитаат Писмото во обид да ги разјаснат таквите тајни. Нивното мото гласело sola Scriptura (само Писмото). Оние што ја отфрлиле доктрината за тројството — од кои некои подоцна биле наречени унитаријанци, за да се разликуваат од тринитаријанците — честопати станувале предмет на жестоко прогонство како од католиците така и од протестантите. Тие ги печателе своите нашироко читани дела под псевдоними и се криеле за да избегнат прогонство. Исто така, анти-тринитаријанците биле на чело на борбата за толеранција. Некои, како што бил шпанскиот теолог Мигел Сервето, платиле за своите убедувања дури и со своите сопствени животи.a

Обединети со толеранцијата

Наместо да води верски војни или да ги прогонува одметниците, една земја усвоила еден сосема поинаков пристап. Таа земја била Трансилванија, тогаш автономно кнежевство, сега дел од Романија во Источна Европа. Унгарскиот историчар Каталин Петер објаснува дека царицата на Трансилванија, вдовицата Изабела, „настојувала да се држи настрана од верските конфликти и презела улога на заштитник на сите деноминации“. Помеѓу 1544 и 1574, парламентот, односно Собранието на Трансилванија, издал 22 закона со кои се давала слобода на религијата.

На пример, по Собранието во Турда во 1557, царицата, заедно со својот син, издала наредба според која „секој [може] да ја задржи која и да е вера што ја сака, со стари или со нови ритуали, додека во исто време Ние оставаме на неговото просудување да прави што сака во поглед на верата, меѓутоа, само дотогаш додека никому не нанесува штета“. Овој закон бил наречен „првиот закон со кој се гарантира слобода на религијата во која и да е земја“. Религиозната толеранција го достигнала својот зенит во Трансилванија под владеењето на синот на Изабела, Јанош II Сигисмунд, кој стекнал директна власт во 1559.

Јавна дебата

Друга клучна личност во анти-тринитаријанското движење во Трансилванија бил италијанскиот лекар по име Џорџо Бјандрата. Неговите сомневања во врска со тројството веројатно биле поттикнати додека престојувал во Италија и Швајцарија, каде што нашле засолниште многу анти-тринитаријански бегалци. Откако отишол во Полска, Бјандрата сторил многу за да ја унапреди Малата црква, подоцна позната како Полски браќа.b Во 1563 бил наименуван за лекар и советник на Сигисмунд и се преселил во Трансилванија.

Друга образована личност во Трансилванија што го оспорувала тројството била Ференц Давид, управник на Реформираната црква и проповедник на дворот. Во врска со комплексните науки поврзани со тројството, тој напишал: „Ако овие работи се потребни за спасение, сигурно е дека ниеден сиромашен селанец што е христијанин нема да се спаси затоа што нема да може да ги разбере никогаш во текот на целиот свој живот“. Заедно, Давид и Бјандрата издале една книга што содржела некои списи на Сервето, а му ја посветиле на Сигисмунд.

Полемиката во врска со тројството почнала да се вжештува и со неа се појавила потреба за јавна дебата на таа тема. Во склад со начелото sola Scriptura, Бјандрата сметал дека на таквите дебати треба да се користи само библиски, а не филозофски јазик. По една нерешена дебата во 1566, Сигисмунд им дал на анти-тринитаријанците преса за печатење за да ги шират своите идеи.

Бјандрата и Давид ја почнале својата задача со елан, подготвувајќи ја книгата De falsa et vera unius Dei Patris, Filii, et Spiritus Sancti cognitione (Лажното и точното спознание за единството на Бог Отецот, Синот и светиот дух). Оваа книга вклучувала едно историско истражување на оние што одбивале да веруваат во тројство. Едно поглавје содржело слики што очигледно биле неменети да го исмеат начинот на кој било прикажано тројството во уметничките дела во различни цркви. Противниците биле шокирани, велејќи дека сликите биле скандалозни, и се обиделе да ги уништат сите примероци. Дискусиите се намножиле како резултат на оваа контроверзна публикација. Како одговор на тоа, Сигисмунд испланирал втора дебата.

Победа за единството

Дебатата започнала во пет часот наутро на 3 март, 1568. Се одржала на латински јазик и траела десет дена. Тринитаријанската страна ја водел Петар Мелјус, водач на Реформираната црква во Трансилванија. Тој и оние што аргументирале во корист на тројството ги користеле верувањата, Црковните отци, православната теологија и Библијата. Од друга страна, пак, Давид се повикувал само на Библијата. Давид го идентификувал Таткото како Бог, Синот како подложен на Таткото, а духот како сила на Бог. Длабоко заинтересиран за религиозни работи, Сигисмунд учествувал, верувајќи дека дискусијата е најдобриот начин да се изнесе вистината. Неговото присуство помогнало да се обезбеди слободна и отворена, иако малку вжештена дискусија.

Дебатата се сметала за победа на анти-тринитаријанците. Давид бил дочекан како херој во својот град Колошвар (сега Клуж⁠-​Напока, Романија). Традицијата вели дека, кога пристигнал, тој стоел на една голема карпа на еден агол од улицата и зборувал за своите верувања толку уверливо што ги убедил сите да ги прифатат неговите учења.

Преобраќање и смрт

Претходните дебати се одржувале на латински, јазик што го разбирале само образованите. Меѓутоа, Давид сакал да му ја пренесе својата порака на народот. Така, со одобрување на Сигисмунд, следната дебата била одржана на унгарски јазик во Наѓварад (сега Орадеа, Романија) на 20 октомври 1569. Повторно, Сигисмунд дејствувал како посредник помеѓу двете страни.

Тринитаријанецот Петар Мелјус изјавил дека претходната ноќ Господ му ја открил својата вистинска природа преку една визија. Царот одговорил: „Пастор Петар, ако минатата ноќ сте биле поучени за тоа кој е Божјиот Син, тогаш прашувам, што проповедавте претходно? До овој момент сигурно сте ги заведувале луѓето!“ Кога Мелјус вербално го нападнал Давид, Сигисмунд го прекорил, потсетувајќи го тринитаријанецот дека „верата е Божји дар“ и дека „совеста не може да се присилува“. Во еден говор на крајот на дебатата, царот рекол: „Бараме во нашите подрачја на владеење да има слобода на совеста“.

По дебатата, Сигисмунд и повеќето од неговиот двор биле придобиени на страната на унитаријанците. Во 1571 бил издаден царски проглас со кој ѝ се дало законско признание на Унитаријанската црква. Трансилванија била единствена држава во која унитаријанците биле на исто ниво со католиците, лутеранците и калвинистите, а Сигисмунд е познат како единствениот крал што некогаш ја прифатил анти-тринитаријанската вера. Трагично е тоа што кратко потоа, 30-годишниот крал бил ранет додека бил на лов со Давид и Бјандрата и умрел по неколку месеци.

Неговиот наследник, католикот Стефан Батори, го потврдил декретот со кој се заштитуваат признатите религии, но покажал дека нема да толерира натамошни промени. Во почетокот, Стефан велел дека тој е владетел на народот, а не на неговата совест. Но, наскоро го ограничил печатењето книги, кои биле главно средство за споделување на верата. Давид ја изгубил својата положба, а од дворот и од јавните служби биле отстранети и други унитаријанци.

Кога Давид почнал да поучува дека Христос не треба да биде обожаван, била издадена заповед со која му се забранувало да проповеда. И покрај оваа забрана, кога дошло недела, Давид проповедал двапати. Бил уапсен, обвинет за религиозна „иновација“ и осуден на доживотна казна затвор. Умрел во царските зандани во 1579. Пред да умре, Давид напишал на ѕидот од својата ќелија: „Ниту мечот на папите . . . ниту ликот на смртта нема да го запре маршот на вистината . . . Уверен сум дека по мојата смрт, учењата на лажните пророци ќе пропаднат“.

Поуки од царот

Царот Јанош Сигисмунд го унапредувал образованието, музиката и уметноста. Меѓутоа, неговиот живот бил краток и честопати се разболувал. Неговото владеење било вознемирувано со закани однатре — биле направени најмалку девет завери против неговиот живот — и однадвор, бидејќи странските сили охрабрувале на бунтови. Овој толерантен цар честопати бил строго осудуван заради неговите религиозни гледишта. Еден противник подоцна рекол дека царот „несомнено отишол во пеколот“.

Меѓутоа, историчарот Вилбур помага исправно да гледаме на работите: „Годината кога цар Јанош [Сигисмунд] ја издал својата последна повелба, гарантирајќи им целосна религиозна слобода дури и на најжестоко прогонуваните од сите реформирани секти, протестантските теолози сѐ уште го величале Калвин за тоа што го запалил жив Сервето, Инквизицијата во Холандија леела протестантска крв . . . и требало да поминат уште повеќе од 40 години за да престанат да се палат луѓе на колец во Англија затоа што застапувале погрешни религиозни мислења“.

Навистина, како што рекол еден коментатор, „речиси според сите мерила — а особено според мерилото на неговото време — цар Јанош Сигисмунд бил извонреден владетел . . . Ја направил толеранцијата обележје на неговото владеење“. Сфаќајќи дека верскиот мир е во најголем интерес на Државата, тој станал горлив бранител на слободата на совеста и на религиозната слобода.

Во нашево време, кога религиозната нетолеранција сѐ уште ја крева својата грда глава, можеби ќе најдеме теми за размислување во тоа мало царство што постоело многу одамна. Во еден краток период, Трансилванија навистина била толерантно царство во една нетолерантна ера.

[Фусноти]

a Видете го српското издание на Разбудете се! од 8 октомври 1989, страници 20—23.

b Видете Стражарска кула од 1 јануари 2000, страници 21—23.

[Истакната мисла на страница 14]

„Совеста не може да се присилува . . . Бараме во нашите подрачја на владеење да има слобода на совеста“ (Царот Јанош II Сигисмунд).

[Слики на страници 12 и 13]

Џорџо Бјандрата

Страници од книгата на Бјандрата и Давид, на кои има и две слики што ги шокирале тринитаријанците

Ференц Давид пред Собранието во Турда

[Извори на слики]

Два графички цртежа за тројството: © Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris; сите други фотографии: Országos Szèchènyi Könyvtár

[Извор на слика на страница 14]

Страници 2 и 14: Országos Szèchènyi Könyvtár

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели