Пријатен викенд!
РЕЧИСИ сите го очекуваат со радост, а кога ќе дојде, честопати е главен настан во седмицата. Тогаш некои патуваат, некои се рекреаираат, некои обожаваат, а други остануваат дома и спијат.
Зборуваме за временскиот период помеѓу крајот на една работна (или школска) седмица и почетокот на следната — викендот! На Запад, викендот започнува некаде во петок и трае сѐ до недела. Но, од каде потекнува идејата за викенд? И, ако живеете во место каде што е вообичаена седмица со пет работни дена, на кои корисни начини би можеле да го искористите викендот?
Од ден на одмор до викенд
Во сабатните закони што ѝ биле дадени на нацијата Израел пред околу 3.500 години, било пропишано: „Шест дена нека се вршат работите, а седмиот ден нека биде ден на целосен одмор, посветен на Господа. Кој ќе обавува некаква работа во саботен ден, нека биде погубен“ (Излез 31:15). Исто така, сабатот бил прилика израелските родители да се погрижат за духовните потреби на своите семејства.
Еврејскиот сабат траел од зајдисонце во петок до зајдисонце во сабота. Меѓутоа, според The World Book Encyclopedia, „оние што се исповедувале како христијани ја направиле неделата ден за посебно обожавање, затоа што верувале дека Исус воскреснал тој ден. До 3 век н.е., и црквата и државата официјално го признале како ден на одмор во Европа“.
Интересно е тоа што продолжувањето на времето за одмор на повеќе од само еден ден е од прилично понов датум. Најпрво во Британија, во 1870-тите, работната седмица завршувала некаде на ручек во сабота. Попладневниот половина ден „празник“ се споил со неделата и така настанал викендот. Сабота попладне започнувала со семеен оброк по кој, според списанието Atlantic Monthly „честопати следувало седмично капење во блиската јавна бања“.
Во Соединетите Држави, викендот бил продолжен уште повеќе, во „празник“ од два дена. Според еден извор, првата седмица со пет работни дена била прифатена од една фабрика во Нова Англија во 1908. Оваа подготовка била прифатлива и за еврејските и за „христијанските“ работници, бидејќи секоја група имала свој ден на одмор — сабота за Евреите и недела за „христијаните“. Седмицата со пет работни дена брзо станала популарна. За неа се залагал произведувачот на автомобили Хенри Форд, бидејќи остроумно заклучил дека семејните викенд-излети ќе ја зголемат побарувачката на автомобили.
Имате ли планирано нешто за викендов?
Денес, викендот од два дена станал дел од животот на Запад. Ако живеете во тој дел од светот, некаде кон крајот на секоја работна седмица колегите веројатно ќе Ве прашаат: „Што имаш планирано за викендов?“ Тоа прашање отвора некои возбудливи можности.
Бидејќи цела седмица времето Ви го контролирал работодавачот, во текот на викендот имате шанса повторно да стекнете чувство дека имате контрола врз својот живот. Тоа може да Ви овозможи да ја разбиете својата седмична рутина. Може да биде прилика заслужено да се одморите или да бидете заедно со своите сакани. Или, пак, едноставно може да биде прилика за една од најомилените разоноди во текот на викендот — шетање по продавници. „Многу е забавно да се шета низ продавниците“, забележува Бригите, која живее во Германија.
Анкетите откриваат дека многу луѓе повеќе сакаат да го поминат своето слободно време едноставно така што ќе се релаксираат. За викендашите што секогаш остануваат дома има многу можности за разонода: работа околу билките дома и во градината, собирање поштенски марки, свирење или слушање музика, гледање видеокасети, готвење, пишување писма, читање, шиење, плетење, спортување и сликање — ова се само некои од нив. Некои повеќе сакаат активности што им овозможуваат да бидат заедно со своите деца и со брачниот другар, како што се сложувалки или разни игри.a
Дали Библијата осудува таква навидум бескорисна употреба на времето? Не мора да значи. Соломон напишал: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветер“ (Проповедник 4:6, NW). Кога се умерени, играта, одморот и релаксацијата сигурно имаат свое место во животот на еден христијанин.
Одење во крајности
Од друга страна, пак, премногу дури и од нешто што е добро може да има сосема спротивен ефект и да биде штетно. На пример, физичкото вежбање си има свои користи (1. Тимотеј 4:8). Но, некои луѓе што се занимаваат со спорт само во текот на викендот, спортуваат речиси со верски жар. Решени да победат развивајќи ја исправната техника, некои трошат премногу време и пари на тренинг и на скапа спортска опрема.
Исто така, кога човек што нема физичка кондиција го форсира своето тело да направи повеќе отколку што може, тоа носи некои здравствени ризици. Едно списание известило за средовечни „викенд-спортисти кои, решени да си ја вратат младоста, завршуваат со истегнувања на мускулите, исчашувања, исеченици и модрини. Други си го ризикуваат животот во таканаречените возбудливи или екстремни спортови.b Затоа, сосема е на место библискиот совет да бидеме „умерени“ (Тит 2:2). Физичките вежби треба да освежат, а не да исцрпат или да доведат во опасност.
Затоа, некои повеќе сакаат да уживаат во активности што не бараат толку екстремно физичко напрегање. На пример, пешачењето и планинарењето се многу популарни во Германија. Всушност, додека се разонодувате со еден вид пешачење што е многу популарно во Европа, не се натпреварувате против другите туку против часовникот. Замислата е да се помине одреден пат низ предел надвор од градот за одреден временски период. Колку само пријатен начин да се вежба и во исто време да се ужива во прекрасни глетки! Исто така, во тоа може да ужива целото семејство.
Пренатрупани викенди
Понекогаш луѓето планираат премногу активности за викендот така што на крајот уживаат само во една или, пак, не уживаат во ниедна активност. Кога ќе започне новата седмица, не се чувствуваат освежени туку многу уморни. Германското списание Focus известило за една анкета според која 27 проценти од испитаниците утврдиле дека нивните активности во слободното време се со пребрзо темпо и им создаваат премногу стрес.
„Одморот е чувар на ефикасноста“, пишувало во списанието Time. И Исус Христос имал разбирање за потребата од одмор и релаксација. Во Марко 6:31 се известува дека Исус им рекол на своите ученици: „ ,Дојдете, самите вие, насамо на некое осамено место, и одморете се малку‘. Зашто мнозина доаѓаа и заминуваа, па немаа време ни да јадат.“ Затоа, иако физичките вежби, шопингот и слични активности си имаат свое место, тоа што ќе испланирате време и за опуштено читање, одморање или спиење може многу да Ве освежи. Меѓутоа, има уште нешто што може да придонесе за тоа да уживате во викендот.
Духовни потреби
Во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Една од целите на првобитниот сабатен ден за одмор била да им се овозможи на луѓето да се погрижат за своите духовни потреби. Дали и денес викендите можат да се искористат така што ќе послужат за слична цел? Размислете за Јеховините сведоци. Во повеќето од нивните собранија состаноците се одржуваат во сабота или во недела. Исто така, викендите се користат и за поголеми собири, како што се конгресите. Многу Јеховини сведоци честопати одвојуваат време на викендите да одат од врата до врата и да разговараат за Библијата со своите ближни.
Се разбира, како и сите други, Јеховините сведоци имаат вработување, домови и семејства за кои треба да се грижат. Затоа, секогаш кога е можно, тие планираат и слободни активности за себе и за своите семејства. Но, им даваат приоритет на духовните работи. Дали тоа им е тешко? Да размислиме за искуствата на следниве личности.
Пред да станат Сведоци, Јирген и Дорис, брачна двојка од Германија, ги минувале викендите вежбајќи во спортски клубови. Мел и Хелена го минувале времето посетувајќи уметнички галерии. За Хелмут, викендите биле време да оди надвор и да ужива во природата, а Силвија ги минувала викендите во дискотеки. Но, откако станале Јеховини сведоци, нивните навики на користење на слободното време драматично се промениле.
Јирген и Дорис објаснуваат: „Нашите слободни активности порано ја убиваа досадата, но не можеше да се рече дека ни го збогатуваа животот. Денес, тоа што им помагаме на другите луѓе да ја разберат Библијата им дава значење и смисла не само на нивните туку и на нашите животи“. Што е со Мел и Хелена? „Библијата дава упатства како да се води најдобар начин на живот и голема е радоста кога им се зборува на другите за тоа.“ Зошто на Хелмут сега животот му е многу поисполнет? „Знам дека она што го правам во јавната служба му е важно на Јехова“, вели тој. А Силвија коментира: „Проповедањето значи контактирање со луѓе и интересни разговори, а јас уживам и во едното и во другото“.
Зошто не позборувате со Јеховините сведоци следниот пат кога ќе дојдат кај Вас? Кратката дискусија со некој од нив би можела да биде првиот чекор кон тоа да најдете поголема смисла во животот, и тоа не само на викенд туку и во секој ден од седмицата!
Каков и да е Вашиот вкус во поглед на слободните активности, викендот нека Ви биде изградувачки и пријатен. Ако живеете во земја каде што се зборува германски, Ви посакуваме „schönes Wochenende“. Ако мајчин јазик Ви е шпанскиот, тогаш, „¡Buen fin de semana!“ Ако сте од Украина, би можеле да речеме „Бажаю вам приємно провести вихідні“. Каде и да живеете и што и да правите, Ви посакуваме пријатен викенд!
[Фусноти]
a За информации во врска со можните опасности од извесни електронски игри, видете ја статијата „Младите прашуваат . . . Треба ли да играм компјутерски или видеоигри?“ во изданието на Разбудете се! од 8 декември 1996 и серијата „Електронски игри — дали имаат темна страна?“ во изданието од 8 април 2003.
b Видете ги статиите „Младите прашуваат . . . Возбудливи спортови — дали да се обидам?“ во изданието од 8 октомври 1994 и „Трагачи по возбуда — зошто таа фатална привлечност“ во изданието од 8 јануари 2003.
[Истакната мисла на страница 27]
Пријатниот викенд е здрава комбинација на одмор, рекреација и духовна активност