Младите прашуваат . . .
Што има лошо во предбрачниот секс?
„Понекогаш се прашувам дали предбрачниот секс е навистина толку лош, посебно кога се чувствувам како нешто да не е во ред со мене затоа што никогаш не сум имал односи“ (Џордан).a
„Чувствувам силен притисок да имам интимни односи. Мислам дека е природно да го посакуваме тоа“, вели Кели. „Каде и да се свртиш,
сѐ се врти околу сексот!“
ДАЛИ и ти се чувствуваш исто како Џордан и Кели? На крајот на краиштата, традиционалните обичаи и вредности кои некогаш беа против предбрачниот секс веќе речиси и не постојат. Една анкета спроведена во една азиска земја откри дека поголем број од машките на возраст од 15 до 24 години сметаат дека не само што е прифатливо да имаат предбрачни односи, туку дека тоа и се очекува од нив. Не е ни чудо што ширум светот повеќето млади веќе имале односи пред да наполнат 19 години.
Од друга страна, пак, има млади што немаат интимни односи, но се впуштаат во некој поинаков облик на сексуално задоволување, како што е заемно милување на половите органи (кое понекогаш се нарекува заемна мастурбација). Еден вознемирувачки извештај објавен во The New York Times открива дека „станало вообичаено младите да го започнуваат својот сексуален живот со практикување на орален секс, кој мнозина од нив го сметаат за помалку интимен и помалку ризичен од половите односи . . . [а воедно и] како начин на кој можат да ја избегнат бременоста и да ја зачуваат својата невиност“.
Но, како треба еден христијанин да гледа на предбрачниот секс? Освен тоа, што е со другите облици на сексуално задоволување? Дали Бог ги одобрува? Дали се безбедни? И дали така навистина може да се зачува невиноста?
Што сѐ вклучува блудот
Еден меродавен одговор на овие прашања може да ни даде само нашиот Творец — Јехова Бог. Во својата Реч тој ни вели да ‚бегаме од блуд‘ (1. Коринќаните 6:18). Но, што значи тоа? Грчкиот збор што е преведен со „блуд“ не се однесува само на половиот однос туку вклучува различни бесрамни постапки. Па така, ако двајца што не се во брак имаат орален секс или заемно си ги милуваат половите органи, тие се виновни за блуд.
Меѓутоа, дали сѐ уште можат да сметаат дека се невини, или девствени, во Божји очи? Во Библијата зборот „девица“ се користи како симбол на морална чистота (2. Коринќаните 11:2—6). Но, се користи и во физичка смисла. Во Библијата се зборува за една девојка по име Ребека. Се вели дека таа била „девица која маж не ја допрел“ (Битие 24:16). Интересно, на оригиналниот хебрејски, зборот за ‚односи‘ очигледно вклучувал и други постапки освен нормалните полови односи меѓу маж и жена (Битие 19:5, NW). Затоа, според Библијата, ако една млада личност се впушти во кој и да било облик на блуд, тој или таа веќе не можат да се сметаат за невини.
Библијата ги поттикнува христијаните да бегаат не само од блуд туку и од сите облици на нечисто однесување што можат да водат до блудb (Колошаните 3:5). Другите можеби ќе те исмејуваат што заземаш таков став. „Во текот на цела средна школа постојано ми велеа: ‚Не знаеш што пропушташ!‘ “, кажува една млада христијанка по име Кели. Меѓутоа, предбрачниот секс не е ништо друго освен ‚привремено уживање на гревот‘ (Евреите 11:25). А може да нанесе трајна физичка, емоционална и духовна штета.
Сериозни опасности
Библијата ни кажува дека цар Соломон во една прилика набљудувал како еден младич бил заведен да има предбрачен секс. Соломон го споредил младичот со ‚вол што оди на кланица‘. Волот што го водат на колење нема поим што го чека. Младите што се впуштаат во предбрачен секс честопати се однесуваат на сличен начин — се чини како воопшто да не се свесни дека за нивните постапки ќе сносат сериозни последици! Во врска со тој младич, Соломон рекол: ‚Не знае дека тоа ќе го чини живот‘ (Пословици 7:22, 23). Да, во прашање е твојот живот.
На пример, секоја година милиони млади се заразени од некоја венерична болест. „Кога дознав дека имам херпес, посакав да ме снема“, вели Лидија. Таа со жалење продолжува: „Тоа е мачна болест за која нема лек“. Повеќе од половина од лицата што секојдневно се заразуваат со ХИВ (6.000 дневно) се на возраст од 15 до 24 години.
Посебно жените се изложени на голем број проблеми поврзани со предбрачниот секс. Всушност, опасноста да се заразат од венерични болести (како и од ХИВ) е поголема кај жените отколку кај мажите. Освен тоа, ако една млада девојка забремени, се доведува себеси и своето неродено дете во уште една опасност. Зошто? Затоа што нејзиното тело можеби сѐ уште не е доволно развиено за да може да се породи без проблеми.
Дури и ако мајката успее да избегне тешки здравствени последици, таа сепак ќе мора да се соочи со сериозните одговорности што ги носи родителството. Многу девојки отпосле сфаќаат дека е многу потешко да се издржуваат себеси и своето бебе отколку што им се чинело пред тоа.
Исто така, тука се и духовните и емоционалните последици. Кога цар Давид направил неморал, тоа го довело во опасност неговото пријателство со Бог и скоро го турнало во духовна пропаст (Псалм 51). Иако закрепнал духовно, до крајот на животот трпел последици поради својот грев.
Младите денес можат да пострадаат на сличен начин. На пример, на само 17 години, Шери имала односи со својот дечко. Мислела дека ја сака. Со години подоцна, сѐ уште се кае за она што го направила. Таа со жалење вели: „Не ѝ обрнав сериозно внимание на вистината од Библијата и морав да се соочам со последиците. Ја изгубив Јеховината милост, и тоа беше страшно“. Нешто слично кажува и една друга девојка по име Триш: „Предбрачниот секс беше најкатастрофалната грешка во мојот живот. Сѐ би дала само да можам пак да бидам невина“. Да, емоционалните рани можат да траат со години и да бидат извор на стрес и на болка во срцето.
Научи да се контролираш
Младата Шанда покренува едно важно прашање: „Зошто Бог всадил сексуална желба кај младите, а во исто време вели дека не смеат да ја задоволат пред да стапат во брак?“ Точно е дека сексуалните желби можат да бидат особено силни во „цветот на младоста“ (1. Коринќаните 7:36). Всушност, тинејџерите можат да почувствуваат ненадејна сексуална возбуда без некоја очигледна причина. Но, ова не е нешто лошо. Тоа е составен дел од развојот на органите за размножување.c
Точно е и тоа дека Јехова имал намера интимните односи да им причинуваат задоволство на луѓето. Ова било во склад со неговата првобитна намера луѓето да ја населат Земјата (Битие 1:28). Меѓутоа, Бог воопшто немал намера да ги злоупотребиме своите репродуктивни способности. „Секој од вас [треба] да знае како да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест“, вели Библијата (1. Солуњаните 4:4). На некој начин, би било исто толку лудо да ја задоволиш сексуалната желба секој пат кога ќе се појави, како и да удриш некого секогаш кога ќе се налутиш.
Интимните односи се дар од Бог, дар во кој треба да се ужива кога за тоа ќе дојде време — во бракот. Како се чувствува Бог кога невенчани лица имаат интимни односи? Па, замисли си дека си купил подарок за некој пријател, а тој, уште пред да можеш да му го дадеш, ти го украде! Зарем нема да се разочараш? Тогаш, замисли само како се чувствува Бог кога некој има секс пред брак, и на тој начин го злоупотребува дарот што Тој му го дал.
Што да правиш со твоите сексуални желби? Со два збора, научи да ги контролираш. Потсетувај се дека „не им ускратува Господ [Јехова, NW] добра на оние што одат во невиност‘ (Псалм 84:11). „Кога ќе се фатам како размислувам дека предбрачниот секс можеби и не е толку лош“, вели еден младич по име Гордон, „помислувам на лошите духовни последици и сфаќам дека не вреди за никаков грев да си го изгубам добриот однос со Јехова.“ Не е секогаш лесно да се покажува самоконтрола. Но, како што нѐ потсетува младиот Адријан, „тоа придонесува за чиста совест и добар однос со Јехова, и ни овозможува да се концентрираме на поважните работи, без да чувствуваме вина или да жалиме за она што сме го направиле во минатото“ (Псалм 16:11).
Постојат многу причини зошто да ‚се воздржуваш од блуд‘ во сите негови облици (1. Солуњаните 4:3). Мора да се признае, ова не е секогаш лесно. Следната статија од оваа рубрика ќе зборува за тоа на кои практични начини можеш да се ‚сочуваш себеси чесен‘ (1. Тимотеј 5:22).
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b За дискусија во врска со блудот, нечистотата и распуштеното однесување, види ја статијата „Младите прашуваат . . . Што значи да се оди „предалеку“?“ која излезе во изданието на Разбудете се! од 8 април 1994.
c Види „Младите прашуваат . . . Што се случува со моето тело?“ во англиското издание на Разбудете се! од 8 февруари 1990.
[Истакната мисла на страница 28]
Ако едно младо лице се впушти во кој и да било облик на блуд, дали Бог ќе го смета за невин?
[Слика на страница 28]
Предбрачниот секс може да ја повреди совеста на една богобојазлива млада личност
[Слика на страница 29]
Оние што имаат секс пред брак ризикуваат да се заразат со некоја венерична болест