Младите прашуваат
Дали сексот ќе ја зајакне нашата врска?
Симона излегува со Филип само два месеца, но има чувство дека го знае цел живот. Нон-стоп си праќаат пораки, со часови разговараат по телефон и просто си ги читаат мислите еден на друг! Но, сега, додека седат во паркираниот автомобил под светлината од месечината, Филип сака нешто повеќе од разговор.
Во текот на овие два месеца, нивната врска не отиде подалеку од држење за рака и краток бакнеж. Симона би сакала да останат на тоа. Но, не сака да го загуби Филип. Само тој прави таа да се чувствува толку убава, толку посебна. ‚Освен тоа‘, си вели, ‚ние се сакаме.‘
НАЈВЕРОЈАТНО можеш да претпоставиш како оди приказната понатаму. Но, она што можеби не го помислуваш е колку сексот ќе ги смени работите за Филип и Симона — ама на полошо. Размисли за следново:
Ако постапиш спротивно на некој физички закон, како, на пример, законот за гравитација, ќе има последици. Истото ќе се случи и ако постапиш спротивно на еден морален закон, на пример, законот ‚да се воздржуваме од блуд‘a (1. Солуњаните 4:3). Какви ќе бидат последиците ако не ја послушаме оваа заповед? Библијата вели: „Кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18). Во која смисла? Можеш ли да наброиш три лоши последици од предбрачниот секс? Запиши ги на празните линии.
1. ․․․․․
2. ․․․․․
3. ․․․․․
А сега размисли за она што го напиша. Дали меѓу твоите одговори се најдоа и сексуално преносливите болести, несаканата бременост или губењето на Божјата милост? Несомнено, ова се ужасни последици што може да ги пожнее секој што го прекршува Божјиот морален закон во врска со блудот.
Па сепак, можеби сѐ уште не си на чисто. Можеби си мислиш: ‚Мене нема ништо да ми се случи‘. Па немаат ли сите секс? Твоите врсници на училиште се фалат со своите авантури, и со нив сѐ е во ред. Можеби слично како Симона, што беше спомната во уводот, си мислиш дека сексот уште повеќе ќе те зближи со твојот дечко. Освен тоа, кој сака да биде исмејуван затоа што е невин? Зар не е подобро да се попушти?
Застани малку! Како прво, не е вистина дека сите млади имаат секс. Точно, можеби имаш читано дека бројката на млади што се сексуално активни е алармантна. На пример, една анкета во САД покажала дека 2/3 од младите во таа земја се сексуално активни уште во средно. Но, тоа би значело и дека 1/3, што е прилично голема бројка, не се сексуално активни. И уште нешто за оние кои се — според истражувачите, многу од овие млади се соочуваат со една или повеќе од следниве последици:
1. ДУШЕВНА БОЛКА. Повеќето млади кои имале предбрачни сексуални односи велат дека зажалиле поради тоа.
2. НЕДОВЕРБА. По првиот сексуален однос, и двајцата се прашуваат: ‚Со колку други спиел/а?‘
3. НЕВЕРНОСТ. По сексот, поголема е веројатноста момчето да раскине со девојката и да си фати друга.
4. РАЗОЧАРУВАЊЕ. Длабоко во себе, една девојка посакува некој што ќе ја штити, а не што ќе ја искористува.
Освен овие последици, размисли и за следново: Многу момчиња рекле дека нема да се оженат со девојка со која имале секс. Зошто? Бидејќи повеќе би сакале некоја што е морално чиста!
Дали ова те изненадува, а можеби дури и те лути? Ако е така, сеедно дали си машко или женско, запомни го ова: Во реалноста, предбрачниот секс нема никаква врска со она што се прикажува во филмовите и на ТВ. Индустријата за забава го идеализира сексот меѓу тинејџери и го прикажува како вистинска љубов. Не биди наивен! Оној што те наговара на секс, го прави тоа од себични побуди (1. Коринќаните 13:4, 5). Зар некој што навистина те сака би ги загрозил твоето физичко здравје и емоционална состојба? (Изреки 5:3, 4). И дали некој кому навистина му значиш ќе те тера да го ставиш на коцка твоето пријателство со Бог? (Евреите 13:4).
Факт е дека, ако имаш предбрачен секс, се понижуваш себеси затоа што со тоа се откажуваш од нешто скапоцено (Римјаните 1:24). Не е ни чудо што многумина отпосле се чувствуваат празно и безвредно, како немарно да дозволиле да им биде украдено нешто многу вредно! Не дозволувај тоа да ти се случи тебе. Доколку некој те наведува на секс со зборовите: „Ако ме сакаш, ќе спиеш со мене“, одлучно речи: „Ако ти ме сакаш мене, нема да бараш такво нешто!“
Твоето тело е премногу вредно за да го дадеш тукутака. Покажи дека имаш цврст карактер да ги слушаш Божјите заповеди и да се воздржуваш од блуд. А ако еден ден стапиш во брак, ќе можеш да имаш секс. А ќе можеш и потполно да уживаш во него — без грижите, каењето и чувството на несигурност кои честопати одат рака под рака со предбрачниот секс (Изреки 7:22, 23; 1. Коринќаните 7:3).
[Фуснота]
a Библискиот израз „блуд“ не вклучува само сексуален однос туку и други постапки меѓу лица кои не се во брак, како што е милувањето на половите органи на друго лице, оралниот или аналниот секс. Нешто повеќе можеш да прочиташ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, страници 42-47.
РАЗМИСЛИ
● Зошто предбрачниот секс е неисправен, иако е привлечен за нашето несовршено тело?
● Како ќе реагираш ако некој побара да имате секс?
[Рамка/слики на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
Едно обично ‚не‘ нема да одврати некого да се обиде повторно. Многу е важно како ќе го одбиеш. Ако срамежливо кажеш ‚не‘ и звучиш неодлучно, тоа ќе се види. Мораш да бидеш решителен!
Понекогаш не е доволно само да кажеш ‚не‘. Може да не биде доволно ни да ги објасниш своите верувања. Познавам некои кои се фалат дека успеале да ‚скршат‘ некој христијанин. Во некои ситуации едноставно треба да си заминеш. Тешко е да се направи, но успева.
Како христијанин, имаш особини кои те прават привлечен за другите. Затоа, мораш да бидеш на штрек и да ги одбиваш неморалните понуди. Цени си ги овие особини. Не фрлај ги во вода толку лесно!
[Слики]
Дијана
Џејмс
Џошуа
[Рамка на страница 28]
ПОКАЖИ ДЕКА СИ ПРАВИОТ ИЗБОР!
Ако имаш девојка, дали навистина ти значи многу? Тогаш, покажи дека имаш...
● сила да се држиш за Божјите закони
● мудрост да избегнуваш ситуации што ќе те доведат во искушение
● љубов да се грижиш за нејзиното добро
Ако го правиш ова, најверојатно твојата девојка ќе се чувствува како Суламката, која рекла: „Мојот сакан ми припаѓа мене, а јас нему“ (Песна над песните 2:16). Со други зборови, таа ќе смета дека го направила вистинскиот избор!
Види Изреки 22:3; 1. Коринќаните 6:18; 13:4-8.
[Рамка на страница 28]
ПРЕДЛОГ
Во однесувањето со спротивниот пол, добро правило по кое можеш да се водиш е: Ако нешто не би го правел пред родителите, тогаш немој ни да го правиш.
[Слика на страница 28]
Предбрачниот секс е злоупотреба на еден дар од Бог. Тоа е исто како да ставиш пред вратата убава слика што некој ти ја подарил за да си ги бришеш чевлите од неа.