Насилство врз жените — проблем од светски размери
ВО 1999 год., Генералното собрание на Обединетите Нации го прогласи 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилството врз жените. Тоа беше направено со цел јавноста да стане посвесна за кршењето на правата на жените. Зошто се чинеше дека е неопходен овој чекор?
Во многу култури на жените се гледа како на граѓани од втор ред. Овие предрасуди се длабоко вкоренети. Дури и во таканаречените развиени земји насилството врз жените, сеедно на кој начин се врши, стана дел од секојдневието. Според поранешниот генерален секретар на ООН Кофи Анан, „насилството врз жените е проблем од светски размери и се појавува во сите општества и култури. Ги погодува жените без разлика на нивната раса, етничка припадност, општествен статус, место на раѓање и слично“.
Радика Кумарасвами, поранешен специјален известувач на Комисијата за човекови права при ООН, по прашањето за насилство врз жените вели дека, за повеќето жени, насилството врз нив е „табу-тема, срамна реалност пред која сите затвораат очи“. Резултатите од истражувањата на еден холандски институт за виктимологија покажаа дека 23 отсто од жените во една јужноамериканска земја, или приближно секоја четврта жена е жртва на некој вид семејно насилство. И Советот на Европа проценува дека секоја четврта Европејка имала период во животот кога трпела насилство од некој член на семејството. Според Министерството за внатрешни работи на Британија, секоја седмица во една од изминатите години просечно по две жени во Англија и Велс биле убиени од моменталниот или од поранешниот партнер. Списанието India Today International известува дека „жените низ цела Индија живеат во постојан страв и, на секој агол, на секоја улица, на секое јавно место и во секое време, ги демне опасноста од силување“. Амнести Интернешнел го опишува насилството што се врши врз жените и девојките како „најчесто повредување на човековите права“.
Дали и Бог има таков став кон жените каков што откриваат овие податоци? На ова прашање ќе добиеме одговор во следната статија.